Вести
Силна експлозија во Истанбул, има мртви и повредени
Силна експлозија одекна денеска попладне во прометна пешачка улица во центарот на Истанбул, пренесуваат турските медиуми, кои додаваат дека има мртви и повредени.
Експлозијата се случила нешто по 16 часот по локално време, кога во таа улица имало многу луѓе, пренесе турската телевизија НТВ.
Гувернерот на Истанбул Али Јерликаја на Твитер напиша дека има мртви и повредени, но засега не се знае точниот број.
Засега не е позната причината на експлозијата.
На видеоснимките на социјалните мрежи се гледа пламен и пешаци кои бегаат, како и возила на итна помош и полиција.
Турскиот огранок на американската телевизија Си Ен Ен во првиот извештај од лице место објави дека има 11 повредени и дека улицата е популарна меѓу туристите и локалното население, зашто во неа има низа продавници и ресторани.
Турција беше мета на бомбашки напади меѓу 2015 и 2017 година од џихадисти од Исламската држава и од забранетите курдски организации.
види ги сите денешни вести
Грузиски дипломати со остра критика до Владата, откако безбедносни сили тепаа демонстранти и новинари
Повеќе од сто грузиски дипломати остро го критикуваа владиното запирање на преговорите за членство во ЕУ, откако безбедносните сили насилно ги растераа демонстрантите и новинарите од протестот во Тбилиси поради потегот.
Повеќе од 30 луѓе беа хоспитализирани рано на 29 ноември, откако полицијата употреби солзавец, водени топови и претепа некои од илјадниците собрани демонстранти кои се противат на најавата на премиерот Иракли Кобахидзе дека неговата влада нема да ги отвори преговорите за пристап во Европската унија (ЕУ) со Брисел до 2028 година, кога завршува мандатот на неговата влада.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека 43 лица биле уапсени „како резултат на незаконски и насилни дејствија“, додека парламентот го подигнал своето безбедносно ниво на максимум.
Како одговор, повеќе од 100 службени грузиски дипломати потпишаа отворено писмо во кое ја критикуваа промената на политиката, велејќи дека таа го прекршува уставот, кој се обврзува на стремежот за членство во ЕУ.
„Застојот на процесот на пристапни преговори ќе доведе до изолација на земјата“, напишаа тие во нивното отворено писмо.
„Без поддршка од западните партнери Грузија останува лице в лице со заканите кои особено се интензивираат во позадината на тековните процеси во меѓународната и безбедносната средина“, се вели во писмото.
Грузија е во политички превирања по парламентарните избори во октомври, на кои партијата „Грузискиот сон“ обезбеди 54 отсто од гласовите, при што опозицијата и западните влади тврдат дека гласањето било нарушено со прекршувања и руско влијание.
На почетокот на 29 ноември, полицијата тргна да ги расчистува мирните демонстранти, при што маскираната полиција пукаше со гумени куршуми и брутално ги претепа демонстрантите и новинарите.
Новинарот на Грузиската служба на РСЕ, Давит Цагарели, беше удрен и фрлен на земја од полицаец додека известуваше во живо од местото на настанот. Претходно РСЕ сними видео на кое се гледа како полицаец постојано го удира по глава новинарот на ТВ Формула Гурам Рогава.
Откако Рогава паднала на земја, полицаецот побегнал од местото. Новинарот е хоспитализиран со повреди на лицето и главата.
"Има скршеници на коските на лицето, како и скршеница на вратот. Во оваа фаза не е потребна хируршка интервенција", изјави за новинарите лекарот кој го лекувал Рогава во болницата.
Кобахиџе ги обвини демонстрантите за насилството, велејќи дека ако не беа нивните постапки, „немаше потреба да се растури собирот“.
Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили, жесток критичар на владејачката партија „Грузиски сон“, се приклучи на протестот во Тбилиси на 28 ноември во знак на солидарност со демонстрантите.
„Јас сум со овие луѓе. Отпорот започна и нема да заврши додека немаме нови избори“, им рече таа на новинарите.
Таа, исто така, се соочи со низа полицајци, велејќи им дека е нивна „должност да го заштитат“ суверенитетот на Грузија и прашувајќи ги дали „и служат на Русија или Грузија“.
Демонстрантите за грузискиот сервис на РСЕ изјавија дека владејачката партија Грузиски сон се оддалечува од ЕУ и ја турка земјата кон Русија.
„Грузиските власти ги прекинаа сите односи со Европската унија, а исто така одбиваат да добијат средства. Ова секако ќе доведе до економски колапс“, изјави за РСЕ Манана Микава, учителка.
Претходно денеска, Европскиот парламент усвои резолуција со која се повикуваат на нови легислативни избори во Грузија и санкции за високи членови на партијата Грузиски сон.
Во својата резолуција, Европскиот парламент рече дека резултатот од изборите „не служел како сигурно претставување на волјата на грузискиот народ“.
Говорејќи во седиштето на Грузискиот сон, Кобахиџе рече дека Тбилиси ги прекинува пристапните преговори, а истовремено ги отфрла сите буџетски грантови од ЕУ до 2028 година.
„Нема да влеземе во Европската унија со молење и стоење на една нога, туку на достоинствен начин со здрав демократски систем и силна економија“, им рече премиерот на новинарите без никакви прашања.
Грузија доби статус кандидат за ЕУ во декември 2023 година, но односите со Брисел се влошија во последниве месеци, почнувајќи со усвојувањето на контроверзниот закон за „странски агенти“ за кој критичарите велат дека се заканува јавно да дискредитира илјадници медиуми и граѓански групи.
Мицкоски: Жестоко ќе одговориме на сите провокации и обиди за дестабилизација
Премиерот Христијан Мицкоски го осуди сквернавењето на државното знаме вчера, очекува дека вакви случувања, чија цел се етнички тензии, да има и во иднина и апелираше до сите граѓани да останат мирни на провокации зашто „во овој момент ни треба трезвеност и мир“. Според него, се работи за „мала, изолирана и манипулирана група од оние кои ги штитат своите милиони“.
Нагласи дека Владата „ќе одговори жестоко на сите провокации и обиди да се дестабилизира мирот и безбедноста во државата“.
„Најостро го осудувам, тоа сепак претставува чин на агресија, нешто за коешто ние предупредувавме дека ќе се случува, дека ваков тип на обиди за ескалација на случувањата и креирање етнички тензии ќе има, и ќе има и во иднина. Нема да биде изолиран случај, очекувајте дека ќе има и во иднина, бидејќи како правдата полека, но сигурно се доближува до криминалците и како правдата ќе затропа на нивните врати, така тие ќе стануваат понервозни, понетрпеливи и единствениот начин да го одбранат криминално стекнатиот капитал е токму вака, со манипулирање и предизвикување ваков тип на инциденти“, изјави Мицкоски.
Тој рече дека имале информации оти „токму ова ќе се случува на вчерашниот ден“ и за тоа ги предупредиле „нашите стратешки партнери и претставници на меѓународната заедница“.
Мицкоски рече дека сторителите во текот на денот се очекува да бидат изведени пред судија и ќе бидат обвинети по член 319 од Кривичниот законик за кривично дело за кое, е запретена затворска казна од една до пет години.
Сите докази, рече, „се доставени до нашите партнери, но истовремено ќе бидат докази и во судските постапки“. Очекува дека „нема да остане само на осум приведени“.
Претходно министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека за инцидентите на прославата на Денот на албанското знаме, се уапсени осум лица, од кои четворица за сквернавење на македонското знаме.
На синоќешната прослава на Денот на албанското знаме, беше палено, кинето и газено македонското знаме. Центарот на градот беше блокиран од прославата, а се слушаше и пукање. На снимки од прославата, објавени на социјалните мрежи, се гледа како се кине и гази македонското знаме.
Почна пребројувањето на гласовите од првиот круг претседателски избори во Романија
Започна процесот на повторно пребројување на гласовите од првиот круг на претседателските избори во Романија, одржан на 24 ноември, изјави претседателот на Постојаната изборна комисија, Тони Гребла.
Гребла изрази надеж дека пребројувањето ќе заврши во поголемиот дел од окрузите во текот на денот, но предупреди дека може да дојде до доцнења во поголемите окрузи и оддалечените области во странство. Се работи за пребројување на над 9,4 милиони гласови.
Дел од западни медиуми јавуваат дека претставник на изборната комисија изјавил дека првиот круг од изборите може да се повтори на 15 декември, а вториот круг би се одржал на 29 декември, доколку Уставниот суд на Романија одлучи да ги поништи резултатите од изборите на 24 ноември.
Уставниот суд денеска (29 ноември) ќе разгледува жалба за поништување на изборите, поднесена од европратеникот Кристијан Терхеш од Романската национално-конзервативна партија.
Терхеш, кој беше кандидат на изборите и заврши на деветтото место, тврди дека претставници на десноцентристичкиот „Сојуз за спас на Романија“ злоупотребиле средства за поддршка на нивната кандидатка Елена Ласкони, која заврши на второ место и ќе се натпреварува во вториот круг против независниот кандидат Калин Георгеску.
Елена Ласкони го надмина актуелниот премиер и лидер на Социјалдемократската партија, Марчел Чолаку, со 3742 гласа, според резултатите објавени од Постојаната изборна комисија.
Кандидатот Лудовик Орбан, недела пред изборите, ја повлече својата кандидатура и ја изрази својата поддршка за Ласкони. Терхеш тврди дека гласовите за Орбан, кои требало да се сметаат за неважечки, биле „префрлани со пенкало“ кон Ласкони.
Одлуката на Уставниот суд за жалбата се очекува во текот на денот.
Белгија подготвува кризен план поради руските закани
Белгиските власти изработуваат кризен план за справување со закани поврзани со Русија, објавија локалните медиуми. Во земјата има само неколку засолништа за случај на воен напад, но повеќето од нив во моментот се неупотребливи.
Поранешниот државен секретар Тео Франкен, кој се очекува да го преземе Министерството за одбрана, изјави дека Белгија треба да преземе мерки слични на оние во Германија, Шведска и Финска и да ги подготви постоечките бункери и да ги информира граѓаните преку брошури за постапките во случај на напад.
Според него, Антверпен има три бункери, од кои еден е неупотреблив, а во Брисел засолништата се предвидени за Федералниот парламент, но тунелите до нив се затворени. Од трите подземни армиски командни пунктови, еден е музеј, а друг е затворен пред три години.
Портпаролката на Националниот кризен центар, Лора Домулие, истакна дека НАТО им доставил насоки за подготовка, вклучувајќи обезбедување на континуитет во работата на државните органи во случај на прекин на струја, снабдување со храна и евакуација на Брисел и Антверпен.
Таа додаде дека засега нема планови за дистрибуција на брошури на граѓаните за да се избегне паника, како што се случи на почетокот на пандемијата со Ковид-19.
Според неа, не се планира изградба на нови бункери, но се размислува метрото и подземните гаражи да се користат како засолништа ако е потребно. На страницата на кризниот центар веќе се објавени препораки за граѓаните. Франкен смета дека веројатноста за конвенционална војна е мала, но реална, при што поголема закана претставуваат хибридните напади.
Израелската армија им забрани на жителите на Либан да се движат кон југ
На жителите на Либан им е забрането да се движат на југ во голем број села и нивната околина до понатамошно известување, изјави во петок (29 ноември) портпаролот на израелската армија Авичај Адраи.
Израел соопшти дека во четвртокот отворил оган кон, како што рече, „осомничените“ кои пристигнале со возила во неколку области во јужната зона, тврдејќи дека тоа е прекршување на прекинот на огнот со вооружената група Хезболах, поддржана од Иран, што стапи на сила во средата.
Пратеникот на Хезболах, Хасан Фадлала, пак го обвини Израел за прекршување на договорот.
„Израелскиот непријател ги напаѓа оние кои се враќаат во пограничните села“, изјави Фадлалах пред новинарите, додавајќи дека Израел го прекршува договорот.
Соединетите Држави го сметаат либанскиот Хезболах за терористичка организација, додека Европската Унија го стави на црната листа само нејзиното вооружено крило, но не и политичката партија што е претставена во либанскиот парламент.
Израелската војска, исто така, соопшти дека нејзините воздушни сили нападнале објект што го користел Хезболах за складирање на ракети со среден дострел во јужен Либан во четвртокот, што е прв таков напад откако прекинот на огнот стапи во сила.
Во објава на платформата X, Адраи ги повика либанските жители да не се враќаат во повеќе од 60 села на југ, велејќи дека секој што се движи по означената јужна линија „се става во ризик“.
Либанската армија исто така го обвини Израел дека неколку пати го прекршил примирјето во средата и четвртокот (27 и 28 ноември)
Размената на обвинувања ја истакна кревкоста на примирјето постигнато со посредство на САД и Франција за да се стави крај на конфликтот, кој се одвива паралелно со војната во Појасот Газа.
Примирјето трае 60 дена со надеж дека ќе има траен прекин на воените дејствија. Договорот стави крај на најсмртоносната конфронтација меѓу Израел и Хезболах во последните години. Меѓутоа, Израел продолжува да се бори во Појасот Газа против својот втор најголем непријател, палестинската милитантна група Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.
Најмалку 3961 лице се убиени, а 16520 се повредени во израелските напади врз Либан од октомври 2023 година, објави на 28 ноември, либанското Министерство за здравство.
Четириесет и пет цивили загинаа во нападите на Хезболах на северот на Израел и на Голанската висорамнина, која е под израелска окупација. Најмалку 73 израелски војници загинаа во северен Израел, Голанската висорамнина и во борбите во јужен Либан, соопштија израелските власти.
Осум уапсени за инцидентите на прославата на Денот на албанското знаме
Mинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на денешната прес-конференција информираше дека за вчерашните инциденти со македонското знаме се уапсени осум лица, меѓу кои и еден малолетник.
„МВР одговори максимално брзо, нема да да дозволиме ваков вид на дејствија и подгорување на меѓуетнички тензии. Во текот на вечерта се целосно расветлени повеќе случаи, а некои делумно. Уапсени се 8 лица од страна на полицијата. Четири лица меѓу кои и малолетник за сквернавење на македонското знаме“, информираше министерот.
Тошкоски вели дека истите по насока на Јавен обвинител, се приведени и ќе бидат изведени по итна постапка пред лицето на правдата, а потоа Судот ќе одлучи во рамки на своите законски надлежности.
Тој упати порака до како што рече, сите кои се на ум да предизвикаат какво било сценарио за дестабилизација на Македонија, дека полицијата жестоко и сурово ќе одговори на тие обиди.
На синоќешната прослава на Денот на албанското знаме, беше палено, кинето и газено македонското знаме. Центарот на градот беше блокиран од прославата, а се слушаше и пукање.
На снимки од прославата, објавени на социјалните мрежи, се гледа како се кине, гази со автомобил и се пали македонското знаме.
Од Јавното обвинителство велат дека се преземаат дејствија за расчистување на настанот.
Уште еден обид на бугарскиот Парламент да избере претседател
Бугарските пратениците денеска (29 ноември) ќе направат нов обид за избор на претседател на 51-то Народно собрание, јави БТА.
„Преминуваме кон нов круг на предлози и нивно гласање според усвоените процедурни правила“, изјави Силви Кирилов, кој како најстар пратеник претседава со седницата.
Вчера пратениците не успеаја да изберат претседател на парламентот ниту по седмиот обид.
Ниту еден од двајцата кандидати што стигнаа до гласањето - Раја Назарјан (ГЕРБ-СДС) и Силви Кирилов (Има таков народ), не доби доволно гласови.
Пред почетокот на денешната седница, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, најави дека ја повлекуваат кандидатурата на Раја Назарјан за претседател на Народното собрание.
На 27 октомври се одржаа седмите предвремени парламентарни избори во последните три години. Победник беше ГЕРБ со 69 пратеници, потоа ПП-ДБ со 37, „Преродба“ со 35, „ДПС - Нов почеток“ со 30, БСП со 20, АПС со 19, „Има таков народ“ (ИТН) со 18 и MECH со 12 пратеници.
ГЕРБ ќе добие мандат од претседателот Румен Радев за формирање влада, а потребни и се уште најмалку два коалициски партнери за да има парламентарно мнозинство.
Обновени комуникациските кабли во Балтичко Море
Финската компанија „Синиа“ денеска (29 ноември) соопшти дека целосно го обновила својот подводен оптички кабел „Си-Лајон 1“, кој беше оштетен на 18 ноември.
Овој кабел овозможува дигитална поврзаност меѓу Финска и Германија.
На почетокот на ноември два подводни кабли, вклучително и „Си-Лајон 1“, беа оштетени во рок од 24 часа. Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, изрази сомнеж дека станува збор за саботажа, а екипажот на кинески товарен брод, кој ја спуштил котвата во близина на местото на инцидентот, е меѓу главните осомничени.
Вториот оштетен кабел, кој ги поврзува Шведска и Литванија, исто така е поправен и повторно е функционален, објави компанијата „Арелион“.
Инцидентите, кои се случија на 17 и 18 ноември во близина на Шведска, предизвикаа Стокхолм да побара од Пекинг да помогне во разјаснувањето на случајот.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека Пекинг е подготвен да соработува со засегнатите страни за утврдување на причините за оштетувањата.
Осуммина повредени во напади со руски беспилотни летала
Во нападите со руски беспилотни летала врз Украина во текот на ноќта повредени се најмалку осум лица и оштетени станбени згради во главниот град Киев и во јужниот дел на регионот Одеса, соопштија украинските власти во петок (29 ноември).
Украинското воено воздухопловство во соопштение наведе дека од 132 дронови кои биле лансирани во текот на ноќта, собориле 88.
Русија ги засили своите ноќни напади со беспилотни летала врз украинските градови додека продолжува да напредува по линијата на источниот фронт.
Службите за итни случаи, во објава на Телеграм, покажаа слики од урнатини расфрлани внатре и надвор од педијатриска клиника во киевскиот кварт Днипровски на источниот брег на реката Днепар.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко рече дека фрагменти од дронот погодиле инфраструктурна локација во областа Свјатошински на западниот брег на реката.
Регионалниот гувернер на Киев, Руслан Кравченко, пријави мала штета на приватна резиденција и на друга зграда, без жртви.
Полицијата насилно ги растера демонстрантите во Тбилиси, нападнати и новинарите на РСЕ
Безбедносните сили употребија солзавец и водени топови за да ги растераат демонстрантите пред грузискиот парламент во Тбилиси рано утрината на 29 ноември, и нападнаа неколку луѓе, вклучително и новинари од Радио Слободна Европа (РСЕ) и други медиуми.
Парламентот го подигна своето безбедносно ниво на највисоко ниво додека илјадници луѓе се собраа да го изразат својот гнев поради најавата на премиерот Иракли Кобахиџе еден ден претходно дека неговата влада ги прекинува преговорите за пристап во Европската Унија (ЕУ) до 2028 година и дека нема да прифати финансирање од Брисел.
Грузија е во политички превирања од парламентарните избори во октомври, на кои владејаќката партија Грузиски сон обезбеди 54 отсто од гласовите, а членовите на опозицијата и западните влади тврдат дека гласањето било нарушено со кршење на законите и руско влијание.
Помали проевропски протести се одржаа и во Батуми, Гори, Кутаиси и Зугдиди.
На почетокот на 29 ноември, полицијата употреби солзавец и водени топови против мирните демонстранти, додека маскираната полиција пукаше со гумени куршуми и брутално ги тепаше демонстрантите и новинарите.
Новинарот на грузискиот сервис на РСЕ, Давит Цагарелиа, беше удрен и фрлен на земја од полицаец додека известуваше во живо од местото на настанот, додека претходно РСЕ сними видео како полициски офицер постојано го удира по глава новинарот на ТВ Формула.
Откако новинарот паднал на земја, полицаецот побегнал од местото. Новинарот е хоспитализиран со повреди на лицето и главата.
Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили, жесток критичар на владејачката партија Грузиски сон, се приклучи на протестот во Тбилиси на 28 ноември во знак на солидарност со демонстрантите.
„Јас сум со овие луѓе. Отпорот започна и нема да престане додека немаме нови избори“, им рече таа на новинарите.
Таа, исто така, се приближи до полицискиот кордон, велејќи им на полицајците дека е нивна „должност да го заштитат“ суверенитетот на Грузија и ги праша дали „и служат на Русија или Грузија“?
Демонстрантите во Зугдиди за грузискиот сервис на РСЕ изјавија дека владејачката партија Грузиски сон се оддалечува од ЕУ и ја турка земјата кон Русија.
„Грузиските власти ги прекинаа сите односи со Европската Унија и одбиваат да добијат средства. Ова сигурно ќе доведе до економски колапс“, изјави наставничката Манана Микава за РСЕ.
Неколку часа пред изјавата на Кобахиџе, Европскиот парламент усвои резолуција со која се повикува на нови парламентарни избори во Грузија и санкции против високи членови на партијата Грузиски сон.
Западните влади ги доведуваат во прашање парламентарните избори во Грузија кои се одржаа во октомври, а на кои Грузиски сон освои 54 отсто од гласовите, тврдејќи дека изборите биле нарушени со кршење на законите и руско влијание.
Во својата резолуција, Европскиот парламент наведе дека изборниот резултат „не ја претставува волјата на грузискиот народ“.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете