Сè повеќе расте бројот на граѓани кои купуваат облека од втора рака, а најредовни купувачи во ваквите продавници се младите, вели вработена во една таква продавница во Скопје, која последниве три години работи во овој сектор.
„Многу млади доаѓаат и тие купуваат најмногу. Дури и странците кои доаѓаат како туристи, многу пазаруваат кај нас, а имаме и многу видни личности од разни сектори. Тие и самите го споделуваат дека кога одат и во Грција, Бугарија, Турција има многу вакви дуќани. Ние овде имаме малку такви“, вели продавачката за РСЕ.
Според нејзиното искуство, јавните личности кои ја посетиле оваа продавница каде главно има парчиња од Данска, а некои од нив се и брендирани, не гледаат лево-десно за да проверат дали некој ќе ги види пред да влезат во продавницата.
„Доаѓаат и пејачи и доктори и политичари и новинари. Ги има од секоја бранша“, додава таа.
Некогаш се случува штом потенцијалниот купувач ќе слушне дека тоа е носена облека да се предомисли иако претходно си го бендисал парчето, а за дел од луѓето пречка е помислата дека облеката претходно можеби ја носел некој кој е сега покоен, додава таа.
„Ќе дојде, ќе се залета за некое парче и кога ќе праша на пример дали има поголем број, а јас ќе му одговорам дека нема бидејќи тука ретко може да се најде два броја од исто парче, претежно се по едно, ќе праша: ‘Како тоа?’ И јас велам: ‘Затоа што ова е носено.’ Тој ќе се изненади и го остава на страна. Но, такви случаи немаме многу често“, вели вработената во оваа продавница.
„Сè ќе биде втора рака во оваа држава“
Купувањето на облека од втора рака веќе не е табу во Македонија, а беспарицата го зголемува бројот на муштерии во ваквите дуќани, смета скопјанецот Мики, кој редовно купува парчиња од втора рака.
„Со оглед на сиромаштијава што ја фаќа Македонија, платите паѓаат, инфлацијата расте секојдневно, нормално дека луѓето ќе побараат нешто посоодветно, а поевтино и поубаво. Во продавницата каде јас купувам, забележувам дека има многу мала разлика со бутиците кои продаваат сосема нова роба. Бидејќи и ваквите продавници не се исти. Во некои има и искината и нечиста облека“, истакна скопјанецот.
Трендот ќе продолжи, предвидува тој.
„Натака одиме, кон втора рака. Сè ќе биде втора рака во оваа држава“, додаде купувачот за РСЕ.
Прв впечаток на младите за купување облека од втора рака
Петнаесетгодишен средношколец од скопската гимназија „Јосип Броз Тито“, кој не сакаше да го сподели името, вели дека носењето половна облека за него и за друштвото не е опција.
„Јас не купувам облека од втора рака. Нема некоја посебна причина, едноставно сум навикнат на нова облека. Ниту моите пријатели не купуваат облека од втора рака“, изјави средношколецот за РСЕ.
Свесен е дека со реупотреба на облеката и продолжување на нејзиниот век се покажува и грижа кон животната средина, но сепак вели дека младите генерално не го имаат тоа на ум кога одат на шопинг.
Средношколката Тамара Ивчевска, пак, вели дека има многу пријатели кои барајќи нешто уникатно, потрагата ја почнуваат токму продавници за носена облека.
„Повеќе млади има по продавниците во моловите, но според мене тоа не е ефикасно, бидејќи штом веќе има нешто кое можеш да го искористиш, зошто да не? За екстра пониска цена... Многу мои другарки строго пазарат од втора рака и многу ми е мило што сè уште се вртат истите работи, односно истиот стил, истата шема во едно“, изјави Ивчевска за РСЕ.
Повеќе купуваат поради стилот, а не толку поради еко свесност, вели таа.
„90 % купуваат бидејќи сега, нели, е ин тој ‘олд скул’ стил и можеби не отишле никогаш до таму со размислувањата, но тоа е добро да се знае“, додаде средношколката.
Врсниците на средношколецот Михаил Миневски без проблем кажуваат дека нашле добро парче од втора рака.
„Од продавниците за втора рака може да се најде нешто кое не само што е поевтино, туку има и подобар квалитет, бидејќи брендовите ги креваат цените за да има поголема побарувачка. Познавам многу деца што купуваат облека од втора рака и секогаш се фалат со тоа и никогаш немале проблем. Јас лично немам купено, но би купил ако имам шанса“, вели младиот Миневски за РСЕ.
Шанса за џепарлак плус
Студентката Симона од Скопје пред една година отворила своја онлајн страница за продажба на половна облека.
„Си реков: 'Леле, многу облека имам дома, што да и правам?' Обично ја подарував на Црвен Крст и на крај решив: 'Еј, зошто да не ја продавам?' Една блуза- 100 денари... Па кој ми ги дава, нели? За едно кафе“, изјави студентката за РСЕ.
Таа има впечаток дека луѓето не сакаат многу да купуваат онлајн плашејќи се да не добијат оштетено парче, независно дали станува збор за нова или половна облека, но сепак е задоволна од интересот.
„Купување на облека од втора рака од една страна е зачувување на животната средина, како еден вид на рециклирање на облека. Моите муштерии се задоволни, па и јас сум многу задоволна како ми тргна“, истакна 19-годишната Симона.
Додаде дека и самата таа претежно носи облека од втора рака, која ја купува онлајн или во продавница за половна облека и задоволна е од понудата и од квалитетот. Планира да продолжи со продавање онлајн, а во игра е опцијата понатаму да отвори и физичка продавница за половна облека.