Средношколките Софија и Јана од средното Уметничко училиште се по стриповите, а забележуваат дека таква пасија имаат и дел од нивните врсници, па според нив, стриповите се враќаат во мода меѓу младите.
„Познавам околу 60-тина млади кои читаат стрипови и тоа е главната причина поради која сме пријатели. Имаме исти интереси и стриповите нѐ поврзуваат“, изјави средношколката Јана Петрушевска за РСЕ.
Некогашниот тренд меѓу родителите, сега е актуелен кај нивните деца.
„Љубовта кон стриповите Дилан Дог, Марти и други италијански стрипови ја добив од татко ми, бидејќи тој е голем фанатик на стриповите од нивно време“, вели средношколката Софија Краевска за РСЕ.
Некои читаат дигитално, но формата не е важна, вели Софија.
„Генерално е општо прифатено веќе дека стриповите ќе бидат повеќе популарни како што минува времето. Повеќето читаат онлајн, на пример на 'Webtoon', но не е важно дали стриповите ќе бидат во хартиена форма или дигитални. Мислам дека во блиска иднина нема да бидат „поминати“. Дефинитивно е кул меѓу младите во денешно време да читаат стрипови“, истакна средношколката Краевска.
Нивната врсничка, Андреа Бранкачо од Џифони, Италија, не е многу по стриповите, ама затоа е по дружбите на „Џифони“, филмскиот фестивал за млади кој деновиве донесе средношколци од седум европски држави, во Скопје.
„Младите тука се прилично пријателски настроени. Мислев дека се посрамежливи. Сите сме тинејџери, па имаме исти проблеми. Можеби мислиш дека само затоа што некој живее на друго место, тој е многу поинаков, но тоа не е точно. Можеме да бидеме многу слични. А стриповите се кул, но јас не ги читам бидејќи читам поинаков тип на книги. Сепак мислам дека се кул. Можеби ако сега почнам разговор со некој кој чита стрипови, би се заинтересирала повеќе“, изјави Бранкачо за РСЕ.
На Денот на италијанскиот стрип, во рамки на фестивалот, во Младинскиот културен центар со средношколците се дружеше и Амбасадорот на Италија во Македонија. Се појави во нестандарден стајлиг и со голема возбуда како огромен љубител на стрипови, за РСЕ сподели дека ги чита, откако знае за себе.
„Почнав да читам стрипови уште пред да читам книги, кога имав околу пет години. И оттогаш не престанав. Голем љубител сум на книги, но исто така и на стрипови. Посебно сум приврзан за италијанските стрипови, но исто така ги сакам и американските, француските, јапонските манга. Имам околу 6 до 7 илјади во мојата колекција. Во мојот дом во Италија имам една цела соба каде чувам само стрипови“, изјави Силвестри за РСЕ.
Дружба со ѕвездите на италијанскиот стрип
Средношколците од Скопје се радуваа на можноста да добијат автограм од Алесандро Билота и Серџо Џерази, автори на култните стрипови како Дилан Дог, Валтер Бујо, Меркурио Лои, кои беа специјални гости на настанот.
„Фасцинантно е да се видат толку млади луѓе заинтересирани за стрипови. Нивниот интерес тука исто како и во нашата земја потекнува од родителите. Убаво е кога ќе се види дека е стигнат до младата генерација. Ме воодушеви тоа што многу италијански стрипови се преведени тука. Најмногу ми се допаѓа Алан Форд кој ми е омилен, но кој во Италија е игнориран веќе 20, ако не и 30 години, а тука пак сѐ уште е популарен“, изјави стрип авторот Билота за РСЕ.
Тој сподели дека стриповите се многу популарни и меѓу младите во Италија, но тие повеќе читаат странски стрипови, како на пример јапонските.
Билота и Џерази дебатираа со автори од македонската стрип сцена, а одржаа и предавање на тема „Фокус на италијанскиот и македонскиот стрип“ пред младите од Македонија, Полска, Ирска, Бугарија, Италија, Србија и Романија.
'Џифонци' имаа изненадување од авторот Серџо Џерази - еден од најактивните средношколци во публика доби можност да му даде насоки за замислен стрип лик, а тој го црташе во истиот момент, па ги подари делата на младите во публика.
Младите ќе разменуваат искуства до 10 октомври кога се затвора десеттото издание на фестивалот. Тие ќе работат со професионалци од повеќе области поврзани со филмот со намера да ја покажат „Невидливата моќ“ што ја имаат, во духот на мотото на фестивалот.