Државниот електропреносен систем МЕПСО троши по повеќе од 600 илјади евра годишно за плати за околу 50 непотребно вработени, според Регулаторната комисија за енергетика. Во МЕПСО велат дека имаат многу работа, па им требаат повеќе вработени. МЕПСО е преносен оператор за струја со најмногу вработени по километар мрежа во регионот. Бројот на вработени со години се зголемува.
Во преносниот оператор велат дека имаат 622 вработени и петмина ангажирани со договор на дело. Според извештајот на Регулаторната комисија за енергетика, тие побарале 660 вработени, но регулаторот им одобрил трошоци за плати за 569, колку што имале во 2018 година, зашто смета дека обемот на работа на компанијата не е во таа мера зголемен за да има потреба за нови вработувања. Имајќи предвид дека просечната бруто плата во МЕПСО е околу 60 илјади денари, тоа значи дека компанијата троши по над 600 илјади евра годишно за плати за овие непотребно вработени.
Во МЕПСО, пак, велат дека сега имаат многу повеќе работа отколку во 2018 и затоа им требаат повеќе луѓе.
„Обемот на работа е значително зголемен имајќи предвид дека се гради нов интерконективен далекувод со кој РС Македонија ќе се поврзе со Албанија, се гради нова трафостаница во близина на Охрид, се шири инфраструктурата и се модернизира преносната мрежа, се врши реконструкција и ревитализација на постојните далекуводни врски и трансформаторски станици со цел на минимум да се сведат ризиците од испади “, велат во МЕПСО.
Во одговорот за РСЕ од МЕПСО велат и дека и натаму е дефицитарен високостручен кадар кој го нема во оваа бројка на вработени.
Според нив, разликата во бројот на вработени во делот на платите не е на товар ниту на граѓаните ниту во било кој случај влијае на динамиката на инвестиции.
Сепак, со оглед на тоа што МЕПСО е државна компанија, секој непотребен трошок се однесува на граѓаните, независно дали преку сметките за струја или на друг начин.
Споредби на вработени со соседните држави
Анализите на Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека МЕПСО е преносен оператор за струја со најмногу вработени по километар мрежа во регионот. На пример, во Македонија има по 30 вработени на 100 километри мрежа, во Хрватска 16, во Босна и Херцеговина 19, додека во Србија има 12 вработени на 100 километри мрежа, односно 2,5 помалку од Македонија.
Извештаите на Регулаторната комисија од изминатите години покажуваат дека бројот на вработени во МЕПСО постојано расте. Во 2007 година, на пример, имале 411 вработени, во 2014 се искачиле на 479, во 2017 веќе надминале 540, за годинава да достигнат 622 вработени.
Во МЕПСО велат дека дигитализација на преносната мрежа и регионалната иницијатива за здружување на енергетските пазари бара ангажирање на дополнителен стручен кадар, но Регулаторната тоа сè уште не им го признава.
Тие се жалат на одлив на високо стручен кадар „кој заминува пред се поради подобра перспектива и животен стандард“.
За роднини и партиски членови
Државните компании, особено оние со повисоки плати, станаа „млечни крави“ за роднини на функционери кои сакаат да се закачат на државно виме. По секоја промена на власта, медиумите се полни со вести чиј син, сестра, баџанак или вујна се вработил во некоја државна компанија.
Последните звучни вработувања во МЕПСО се од 2018 и 2019, кога се вработуваат синот на поранешниот премиер Владо Бучковски од СДСМ, ќерката на поранешниот градоначалник на Гостивар Невзат Бејта од ДУИ и сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши од ДУИ.
За Антикорупциската комисија вработувањата беа спорни, но тогашниот директор на МЕПСО рече дека не смее да ги дискриминира роднините на функционерите.
„Сите тројца се примени на јавен оглас“, одговорија тогаш од МЕПСО за Радио Слободна Европа.
ВМРО-ДПМНЕ во 2019 обвини дека од доаѓањето на СДСМ на власт во 2019, бројот на вработени во МЕПСО е зголемен за 160 луѓе. Меѓу нововработените биле и четворица советници од СДСМ во Општина Аеродром, обвини тогаш ВМРО-ДПМНЕ.
Уште пред 10 години, СДСМ, која тогаш беше во опозиција, обвинуваше дека поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талески го вработил зет му за раководител во МЕПСО.