Достапни линкови

„Бомбите“ вознемируваат, но и се тема за шеги кај учениците


Полицијата пред средно училиште во Скопје по дојава на бомба
Полицијата пред средно училиште во Скопје по дојава на бомба

Психолозите велат дека кај дел од средношколците има вознемиреност поради заканите за бомби, но никој од нив досега не побарал помош. Од Сојузот на средношколци пак, апелираат за што брзо идентификување на сторителот. Како ќе се надополнат загубените часови се уште не познато.

Осомничениот со иницијали Н.Н., кој вчера беше приведен од полицијата во врска со заканите за поставени бомби во училишта во Скопје е ослободен од вина. Од МВР денеска информираа дека со лицето е извршен службен разговор, во координација со јавното обвинителство извршен е претрес во дом, одземени се предмети за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот. Од обвинителството потоа соопштија дека се извршени сите неопходни дејствија со цел да нема дополнително задржување на лицето.

„Со оглед дека првичните вештачења не покажаа поврзаност на лицето со испратените пораки, лицето по извршениот распит е пуштено на слобода“, соопшти ЈОРМ.​

Вчерашните закани кои стигнаа на електронската пошта на девет училишта во главниот град, полицијата утврди дека се лажни. Платформата именувана како Conservative.mk претходно објави дека приведениот e нивниот член и активист Никола Николовски. Оттаму демантираа дека тој има каква било поврзаност со овие настани.

Полиција пред средно училиште по лажна дојава за поставена бомба
Полиција пред средно училиште по лажна дојава за поставена бомба

Гордана Блажевска Спиридонова, која е психологот во средното училиште Никола Карев, кое беше цел на заканите, вели дека дел од учениците ова го сфаќаат на свој детски начин и ќе се израдуваат дека губат часови и ќе си заминат дента порано. Меѓутоа, според неа, се многу дисциплинирани во однос на тоа да се напушти просторот и да е тоа, коректно, внимателно и во брзина без некои отстапувања.

„Кај дел од учениците стигнуваат гласови до нас дека може да се вознемирени и да реагираат со пријавување на вознемиреност во домот. Иако мислам дека тука има влијание и ставот на родителите. Возрасните се повеќе склони да реагираат повознемирено и со повеќе согледување на последиците и може да пренесат на детето да реагира со анксиозност и страв“, вели Блажевска Спиридонова, која додава дека досега ниту еден средношколец од неа не побарал помош.

Претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павичевиќ вели дека кај средношколците можеле да се забележат две реакции како последица од заканите за бомби во нивните училишта.

„Значи едната реакција беше панична и загрижена. Од друга страна пак како што ова траеше со денови некои од учениците почнаа да се шегуваат по ова прашање и на некој начин се опуштија. Што е разбирливо бидејќи досега сите дојави беа лажни. Сепак сериозен е случајот и не знаеме дека можеби некогаш не дај боже може да биде и вистинска дојавата“, вели Павичевиќ.

Полицијата ги пренасочува возилата поради дојава за бомба во средно училиште во Скопје.
Полицијата ги пренасочува возилата поради дојава за бомба во средно училиште во Скопје.

Блажевска Спиридонова додава дека се трудат заканите да не ги сфаќаат како многу застрашувачки и реални и притоа постапуваат по соодветни протоколи.

„Меѓутоа секако дека не става во прашање ако се пролонгира овој период да се држиме до некаков востановен начин на работа. Можеби да се размислува за стратегии да не се губат многу часови и како може да се користат алтернативните начини за децата да ги држиме во некоја проактивна и продуктивна фаза“, додава таа.

Според Павичевиќ, средношколците не треба да паничат, но мора да останат и сериозни и да внимаваат, а училишта кои беа цел на заканите да најдат начин како да ја надополнат загубената настава.

„Клучно е да се идентификува кој го прави ова што побрзо“, смета Павичевиќ.

Од МОН до објавување на текстот не одговорија како ќе се надокнади наставата.

Минатата среда за првпат имаше дојави за поставени бомби во училишта во Скопје. Три дена по ред до училиштата беа упатени такви пријави, по што следеше нивна евакуација, а во сите случаи по преземените проверки се покажа дека заканите се лажни.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG