Достапни линкови

Инциденти на северот на Косово во пресрет на крајниот рок за пререгистрација на возилата


На ѕид во Северна Митровица, пораки „Ова е Србија - НАТО оди дома“ и „Нема предавање - останува КМ“, 10 октомври 2022 година,
На ѕид во Северна Митровица, пораки „Ова е Србија - НАТО оди дома“ и „Нема предавање - останува КМ“, 10 октомври 2022 година,

Косовските институции ги обвинуваат „нелегалните екстремистички групи“ за напади врз припадници на српската заедница за да ги „заплашат“ да не ги пререгистрираат возилата со таблички на РКС. Рокот на Приштина за пререгистрација на возила истекува на 31 октомври. Сандра Цветковиќ, Артон Конушевци

Тоа се претежно таблички КМ (Косовска Митровица), кои се нелегални за Косово, но досега се толерирани во општините со српско мнозинство на северот на Косово - Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток. Од околу 10.000 автомобили со вакви таблички, околу 20 се пререгистрирани во РКС.

Министерството за внатрешни работи (МВР) на Косово оценува дека малиот број на пререгистрирани возила е резултат на „заплашување“ на припадниците на српската заедница.

Лајчак по состанокот со Курти: Важно е да се избегнат тензиите

Во писмената реакција до Радио Слободна Европа (РСЕ), Министерството наведува дека нападите врз припадниците на српската заедница на северот на Косово се резултат на „пропаганда на српските власти, вклучително и претседателот на Србија, Александар Вучиќ“.

Исто така, се наведува дека зад инцидентите за време на процесот на пререгистрација на автомобили со српски таблички на РКС (Република Косово) стојат „нелегални екстремистички структури и криминални групи“.

Во последните два месеца има три случаи на „заплашување на Србите“ кои решиле да ги пререгистрираат возилата.

На еден припадник на косовската полиција, кој српските регистарски таблички ги заменил со косовски, му бил запален дел од куќата, додека на друг припадник на српската заедница му бил запален магацинот откако го пререгистрирал автомобилот на својот син.

Последниот случај на „заплашување“ се случи на 26 октомври, кога беше опожарен автомобил кој бил пререгистриран со регистарски таблички РКС. Од Основното обвинителство во Митровица за РСЕ изјавија дека се истражуваат овие случаи на напади врз припадници на српската заедница.

Претставниците на Српската листа, водечката партија на косовските Срби, која има поддршка од Белград, засега не реагирале на нападите, ниту пак српските власти.

„Србите се плашат да го кажат своето мислење“

Верољуб Петрониќ, експерт за безбедност од Северна Митровица, посочува дека истражувањето спроведено од неговата организација „Хуман центар Митровица“ покажало дека 86 насто од анкетираните граѓани од северот на Косово се плашат јавно да го кажат својот став за пререгистрација на автомобили.

Тој посочува дека мнозинството од населението од редовите на српската заедница на северот на Косово е подготвено да учествува на протести преку барикади или некои други форми на граѓанска непослушност.

„Барикадите се еден од облиците на граѓанска непослушност или социјални протести за изразување незадоволство. Тоа е политичка одлука, но нашето истражување покажува дека населението се уште е подготвено на такво нешто, поради некој внатрешен револт“, вели Петрониќ.

Тој додава дека граѓаните се исплашени и дека дел од нив сметаат дека може да дојде до конфликт по истекот на рокот за пререгистрација на 31 октомври. Во меѓувреме, претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ најави блокада на патиштата доколку Приштина одлучи да одземе возила кои не се регистрирани во РКС.

„Доколку Приштина започне насилно со некоја акција поврзана со одземање возила со таблички КМ, ќе ги блокираме сите премини и влезови од север, влезовите во централно Косово и кон југ“, најави Ракиќ по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Од друга страна, Вучиќ рече дека „Нема предавање, останува КМ“, што се зборовите што се наоѓаат на плакати низ Северна Митровица и другите општини на северот на Косово.

Што се „нелегални криминални групи“?

Министерството за внатрешни работи на Косово наведува дека припадниците на српската заедница на северот на Косово секојдневно се соочуваат со притисок од „илегални екстремистички групи“.

Амбасадорите на ЕУ, САД и Британија му изразија загриженост на Вучиќ за можното нарушување на стабилноста

Овие нелегални екстремистички групи повеќе не застануваат само на кршење на суверенитетот на север (Косово), туку ги угнетуваат граѓаните и влијаат врз нивната волја“, наведуваат од таму и додаваат дека припадниците на српската заедница се соочуваат со секојдневни притисоци, закани и напади доколку одлучат да ги следат косовските прописи.

Тие заклучуваат дека овие „нелегални“ структури се поттикнати од политичката елита во Белград, на чело со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

На 27 октомври, Министерството за внатрешни работи на Косово не прецизираше за кои „нелегални структури“ станува збор, но министерот за полиција претходно изјави за РСЕ дека потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ е на чело на „криминалната структури“.

Радоичиќ е на црната листа на Соединетите Американски Држави за вмешаност во меѓународниот организиран криминал, додека Косово го бара за заплашување на сведоци во случајот Брезовица, кој се однесува на дивоградба. Косовското обвинителство го поврзува и со убиството на српскиот опозициски политичар Оливер Ивановиќ.

Косовската претседател Вјоса Османи исто така изјави дека српските „нелегални паралелни структури“, предводени од „лице од американската црна листа“, стојат зад „заплашувањето“ на припадниците на српската заедница на северот на Косово кои одлучуваат да го почитуваат владеењето на правото и да ги пререгистрираат своите возила со српски таблички на РКС.

„Нападите врз наши граѓани од редовите на српската заедница, но и фактот дека повеќе од 90 отсто од Србите веќе ги пререгистрирале нелегалните регистарски таблички во РКС, е доказ дека оваа акција не е против граѓаните од српската заедница“, изјави Османи на 27 октомври.

Има француско-германски предлог за спорот меѓу Србија и Косово, потврди косовската претседателка

Од друга страна, Милан Радоичиќ слободно се движи во Србија и е присутен на речиси сите средби што политичките претставници на косовските Срби ги одржуваат со претседателот на Србија.

Барањата на меѓународната заедница

Меѓународната заедница побара од косовските власти да го одложат процесот на пререгистрација за уште десет месеци за да се избегнат тензии, но косовскиот премиер Албин Курти рече дека Косово веќе еднаш го продолжил тој рок.

На 31 јули, откако Србите подигнаа барикади на северот, косовските власти го одложија процесот на пререгистрација за еден месец, односно наместо на 1 август, таа започна на 1 септември.

Тоа го бараше тогаш меѓународната заедница од Косово, кое посредуваше да не дојде до ескалација на ситуацијата. Белград бара договор за ова прашање, односно враќање на статусно неутралните таблички КС, што Приштина засега го одбива.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG