Достапни линкови

Лавиринт од српски до косовски документи


Флаери во Северна Митровица против одлуката на Косово за автомобилските таблички
Флаери во Северна Митровица против одлуката на Косово за автомобилските таблички

Граѓаните на српската заедница од северот на Косово од денеска ќе имаат рок од два месеца за да ги пререгистрираат своите автомобили со таблички РКС, односно Република Косово. Сандра Цветковиќ

Косовскиот премиер Албин Курти засега не се откажува од спроведувањето на оваа одлука на неговата Влада, која требаше да стапи на сила на први август, но беше одложена поради барикадите поставени од локалните Србите на север.

Се планираше истовремено да стапи во сила и одлуката за воведување реципрочни мерки кон Србија во однос на личните документи, но со Србија беше постигнат договор во рамките на дијалогот за нормализација на односите.

Сепак, постојат бројни проблеми на терен со кои се соочуваат припадниците на српската заедница при добивање на косовски документи, што може да биде проблем и за пререгистрација на автомобилите.

Стејт департмент: Договорот меѓу Косово и Србија е чекор кон нормализација на односите

Основното нешто што треба да го има граѓанинот кога сака да регистрира автомобил е косовска лична карта.

А за да извади лична карта, прво треба да има доказ за државјанство - документ наречен Екстракт. Овој документ содржи два типа на податоци, оние од изводот на родените и од граѓанскиот регистар. И тука се појавуваат проблемите.

Кои се проблемите?

Милош Суботиќ од Северна Митровица вели дека неговата сопруга, која е родум од Пеќ, не може да извади косовска лична карта бидејќи имала тринаесет години по конфликтот во Косово, па властите и побарале лична карта на нејзината мајка, која нема лични документи пред 1999 година.

„Не можеме ни да ги регистрираме нашите деца и сите патувања ни се комплицирани. Имам документи од Косовска Митровица (издадени од српските власти), тие имаат од Белград, јас имам косовска лична карта, веќе не знам какви документи имам и што давам на која граница. Животот ни стана двојно гетоизиран“, вели тој.

Србите од Косово имаат право на двојно државјанство, па повеќето од нив го користат српското, но доколку сакаат да остварат некое право пред косовските институции, мора да поседуваат и косовски документи.

Од друга страна, косовскиот и српскиот систем не се признаваат меѓусебно, па косовските институции често не ги признаваат документите издадени од српските власти.

Така, граѓани на Косово од редовите на српската заедница, со кои разговараше РСЕ, наведуваат дека не им се признаваат новите изводи од матичната книга на венчаните издадени од властите на Србија, како и изводите од матичната книга на умрените, судски документи и така натаму.

Србите од Косово обично ги добиваат своите лични документи во српскиот систем на полициските оддели, кои беа преместени во градовите во Србија по војната во 1999 година.

Ескобар: Убеден сум дека Србите на северот на Косово нема да видат никаква промена на први септември

На пример, Полициското одделение за Приштина се наоѓа во Нишка Бања, Полициското одделение за Пеќ се наоѓа во Крагуевац, Полициското одделение за Косовска Митровица се наоѓа во Рашка итн.

Косовските власти сметаат дека овие тела се паралелни и нелегални институции, но официјален Белград одбива да ги затвори, бидејќи Србија не ја признава независноста на Косово, која беше прогласена во 2008 година.

И покрај матичниот договор

За да се надминат ваквите проблеми, Косово и Србија постигнаа договор за матичните книги во 2011 година, но граѓанскиот сектор укажува на бројни „дупки“ во тој договор. Според овој договор, двете страни требаше да формираат „целосно доверливи матични канцеларии на Косово“, што значеше дека Србија ќе му предаде на Косово заверени копии од матични книги, кои ги понесе со себе по војната.

Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС) посредуваше во спроведувањето на овој договор и со тоа верификуваше над 12.000 копии од матичните книги, кои содржеа информации за родени, умрени и бракови на граѓани.

Во извештајот на невладината организација „Локална иницијатива Северно Косово“, кој беше објавен во 2018 година под наслов „Граѓанската регистрација на Косово: бирократски кошмар“, се наведува дека Договорот за матични книги требало да пополни „дупки „ во косовскиот граѓански регистар на граѓани, кој во тој момент беше реконструиран, без оригинални податоци за граѓанскиот статус на граѓаните.

„За жал, договорот ги опфати само регистрите помеѓу 1945 и 1999 година, во кои беа изоставени регистрите и податоците за граѓанскиот статус на граѓаните кои српските институции во Косово продолжија да ги евидентираат и по 1999 година“, се наведува понатаму.

Авторот на овој извештај, Милица Андриќ Ракиќ, која со години се занимава со оваа проблематика преку граѓанскиот сектор, во изјава за Радио Слободна Европа објасни дека Србите од Косово сè уште склучуваат бракови пред српските власти без да бидат признати од истите косовски институции.

Што вели законот?

Добивањето косовско државјанство е регулирано со посебен закон, во кој меѓу другото се вели дека се стекнува „со раѓање, или врз основа на член 32“. Овој член предвидува дека за државјани на Косово се сметаат сите лица „кои на 1 јануари 1998 година биле државјани на Сојузна Република Југославија и кои на тој датум имале постојано живеалиште на Косово“.

Командантот на КФОР предупреди дека нема да дозволи поставување барикади во северно Косово

Во истиот член се дефинира дека подзаконските акти ќе ги дефинираат критериумите со кои се докажува државјанството на СР Југославија, како и престојот на Косово до јануари 1998 година.

Некои влади воведоа административни упатства што овозможија „легализација“ на српските документи на Косово, односно правење копија во косовските регистри. Но, проблемот повторно се јавува поради „паралелниот систем“.

Исто така, Законот вели дека секое лице кое е регистрирано „како постојан жител на Република Косово во согласност со Регулативата на УНМИК, се смета за државјанин на Република Косово“.

Сепак, Милица Андриќ Ракиќ посочува дека има и луѓе од северот на Косово кои по војната не сакале да се пријават во администрацијата на УНМИК (Привремена административна мисија на Обединетите нации во Косово), бидејќи ја сметале за „окупациска“.

УНМИК издаде лични карти по војната, но потоа ги префрли одговорностите за граѓанска регистрација на косовските институции.

„За лицата кои не се евидентирани во УНМИК, иако се родени пред 1998 година, им се издава извод од матична книга на родените, но делот каде што пишува државјанство, каде што треба да пишува Косово е прецртано“, вели таа и додава дека тие граѓани треба да го започнат процесот за барање државјанство наместо проверка, за што повторно се потребни документи кои не можат да ги подигнат.

Кои други имаат проблеми?

Граѓаните кои „случајно“ се родени во некој град во Србија, исто така имаат потешкотии со вадење косовски документи, односно од нив се бара да покренат постапка за барање државјанство наместо проверка.

Освен граѓаните на северот, има и такви на југот кои се соочуваат со овие проблеми. Тоа се претежно повратници, а за РСЕ го потврдува и Силвија Рашковиќ од Канцеларијата за заедници при општина Клина во Пеќ.

„Тоа е еден од најголемите проблеми. Тие добиваат извод од матичната книга на родените но не и Екстракт. Никој не може да негира дека се од Косово, но за да добијат државјанство мора да имаат пријавено место на живеење. што тие (раселените лица што се враќаат) го немаат“, вели Рашковиќ.

Радио Слободна Европа (РСЕ) се обрати до Министерството за внатрешни работи на Косово, кое е надлежно за Агенцијата за граѓанска регистрација, со прашање дали се свесни за проблемот со кој се соочуваат косовските Срби при барањето на косовски документи и дали размислуваат за олеснување на процедурите, имајќи предвид дека во наредниот период се очекува да ги пререгистрираат своите автомобили со косовски регистарски таблички.

Меѓутоа, до објавувањето на овој текст, одговорот не пристигнал. Исто така, нема одговор на прашањето дали МВР планира да одреди нов рок во кој граѓаните би можеле да ги заменат своите возачки дозволи, кои ги издаваат властите на Србија.

Косовските Срби генерално имаат возачки дозволи издадени од српските власти, но МВР на Косово во неколку наврати им дозволуваше да ги заменат за косовски. Последниот повик за такво нешто беше објавен пред околу две години.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG