Достапни линкови

Вести

Во изборната ноќ, високиот претставник во БиХ донесе измени во Изборниот закон и Уставот

Избори во БиХ, 2 октомври, 2022
Избори во БиХ, 2 октомври, 2022

Високиот претставник во Босна и Херцеговина (БиХ) Кристијан Шмит донесе ненајавени измени на изборниот закон поврзани со структурата и функционирањето на Домот на народите на Парламентот на Федерацијата БиХ. Со нив се зголемува бројот на делегати во Домот на народите на Парламентот на ентитетот Федерација на БиХ (ФБиХ), со цел да се подобри функционалноста на овој ентитет и за обезбедување навремено спроведување на резултатите од изборите одржани денеска.

Одлуката за Домот на народите на ФБиХ подразбира секој од конститутивните народи на БиХ, Србите, Хрватите и Бошњаците, да има по 23 делегати, наместо досегашните 17.

„Со оваа распределба се коригира претераната застапеност на секој од трите конститутивни народи во кантоните каде што живеат мал број припадници на секоја од трите нации“, се вели во одлуката на Канцеларијата на високиот претставник.

Секој конститутивен народ во секој кантон би ја задржал можноста да има барем еден претставник во Домот на народите. Оваа мерка го зголемува и бројот на места во Клубот на останатите, од 7 на 11. Ова е првпат и Другите од сите кантони да бидат претставени во Домот на народите на Федерацијата на Босна и Херцеговина.

Притоа, од досегашните 58 делегати во Домот на народите на Федерацијата БиХ, бројот се зголемува на вкупно 80.

„Изборниот закон ќе биде изменет во врска со ова прашање и прашањето за примената на последниот попис на населението (2013 година) со цел да се усогласи со Уставот на Федерацијата Босна и Херцеговина“, стои во одлуката на високиот претставник.

Шмит, исто така, обезбедува навремен избор на делегати во Домот на народите во кантоналните собранија давајќи ѝ овластување на Централната изборна комисија (ЦИК) да ги прераспредели мандатите од оние кантони во кои кантонските собранија не ги исполнуваат своите обврски во дадениот рок.

Пакетот мерки содржи измени на Изборниот закон и Уставот на Федерацијата БиХ и исклучиво се однесува на постизборното конституирање на индиректно избраните органи. Шмит во својата изјава истакна дека неговата одлука никако не влијае на спроведувањето на резултатите од гласањето на изборите од 2 октомври, но и дека изборната реформа мора да продолжи.

„Ова не е и не може да биде широка реформа на изборниот закон што допрва треба да се спроведе“, рече Шмит, додавајќи дека останува подготвен лично да учествува во неа во наредниот период.

Пакетот мерки за функционалност е осма одлука на високиот претставник на Босна и Херцеговина откако го презеде мандатот во август 2021 година.

На општите избори во БиХ кои се одржаа денеска право на глас имаат над 3,3 милиони гласачи, кои избираа 518 членови на органите за државно, ентитетско и кантонално ниво на власт.

Според ЦИК, на гласање излегле 50 отсто од гласачите, но како што изјави претседателот на комисијата, Суад Арнаутовиќ недостасуваат бројки од дел од избирачките места. Притоа ЦИК примила 71 приговор за прекршување на избирачкото место во Босна и Херцеговина и 30 приговори за прекршување на изборниот молк. Евидентирани се 52 инциденти и 14 нарушувања на јавниот ред и мир.

види ги сите денешни вести

ССМ бара итно зголемување на платите во приватниот сектор

Сојуз на синдикати на Македонија
Сојуз на синдикати на Македонија

Потпретседателот на Сојузот на синдикати на Македонија за приватен сектор, Иван Пешевски, апелира на подобрување на работничките права во приватниот сектор. Тој ги повика работниците да се приклучат на првомајскиот протест. Клучните барања на синдикатот се повисоки плати, безбедни услови за работа и почитување на законските права.

„Приватниот сектор во Македонија е главен двигател за економската состојба на државата. Приватниот сектор е нешто што мора веднаш да се подобри со квалификуван кадар и млади луѓе. Но, за овие две работи потребни се достоинствени односно безбедни услови за работа и повисоки плати. Повисоки плати не се 500 евра плата туку 500 евра минимална плата која ќе се множи со коефициентот на сложеност за да платите во овој сектор надминат 50 и 60 000 денари. Онолку колку што минимум треба да земаат вработените во приватниот сектор, особено вработените во трудо-интензивните дејности“, рече Пешевски на денешната прес конференција.

Нивното барање, како што дополни, се однесува на сите работодавачи од приватниот сектор.

„Особено оние кои пред некој ден се изјаснија дека недостасува кадар во државата. Уште повеќе ќе недостасува доколку не зголемите плата. Со сета почит кон одредени работодавачи исто од приватниот сектор кој почитуваат и Закон и колективен договор па овие проблеми се одамна надминати но тоа е сосема мал процент од вкупниот број вработени“, дополни Пешевски.

Потсети дека ССМ активно работи на правна заштита на работниците и информираше дека во текот на 2024 година, бесплатна правна помош и заштита добиле над 12 000 работници.

Пешевски истакна дека синдикатот се соочува со притисоци и напади врз своите членови.

„Во меѓувреме, додека се разгледува барањето на ССМ за бројот на членови и репрезентативност на ниво на држава, пријавени се повеќе напади кон членовите на гранките во ССМ и притисоци за отчленување и фаворизирање на друг синдикат кој нажалост не бара зголемување на плати па се сомневаме дека затоа е омилен и на владата. Нашиот апел е да не се наседнува на ваков тип притисок и членовите самоволно и доброволно веќе оддамна се определиле во кој синдикат ќе членуваат“, порача Пешевски.

Првомајскиот потест е закажан за 11 часот пред Собранието на Македонија, а ССМ повикува Владата и работодавачите да преземат одговорност за моменталната состојба и да овозможат итно зголемување на платите во приватниот сектор.

Пет пациенти се враќаат од Србија, на лекување во странство остануваат 33

илустрација
илустрација

Министерството за здравство информира дека денеска (25 април) уште пет пациенти од повредените во трагедијата во Кочани се враќаат од лекување од Србија.

Согласно протоколот, потоа тројца пациенти ќе бидат под опсервација на Клиниката за пластична хирургија, еден пациент во Хируршка клиника „Св. Наум Охридски“, а еден пациент на сопствено барање лекувањето ќе го продолжи во приватната клиника „Жан Митрев“.

Во земјава во моментот се лекуваат вкупно тројца пациенти, од кои во Хируршката клиника „Св.Наум Охридски“ еден, а во приватната болница Систина двајца пациенти.

Во текот на утрешниот ден е најавено враќање на еден пациент од Белгија, кој ќе биде под опсервација на Клиниката за пластична хирургија.

„Министерството за здравство континуирано ја следи состојбата со повредените пациенти со цел обезбедување најдобар можен третман, како и натамошна рехабилитација“, се вели во соопштението.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март.

Во трагедијата животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени.

Виткоф во Москва, Крим на агендата на разговорите со Путин

Руската Црноморска флота го користеше кримското пристаниште Севастопол како свое матично пристаниште, иако украинските напади ја принудија Москва да ги премести повеќето од своите главни бродови на друго место
Руската Црноморска флота го користеше кримското пристаниште Севастопол како свое матично пристаниште, иако украинските напади ја принудија Москва да ги премести повеќето од своите главни бродови на друго место

Специјалниот претставник на Белата куќа за Русија, Стив Виткоф треба да одржи разговори во со претседателот Владимир Путин во Москва, со мировен предлог што би означил голема промена во политиката на САД, а тоа е: признавање на барањето на Москва за украински Крим.

Предлогот, кој првично беше дистрибуиран од американските претставници по разговорите во Париз минатата недела, е еден од неколкуте што се очекува Стив Виткоф да ги покрене со Путин кога двајцата ќе се сретнат подоцна на 25 април.

Со целосната инвазија на Русија во Украина, која е веќе во четвртата година, планот е да се направи пробив во застојот на преговорите за да se зтави крај на она што прерасна во најголемата копнена војна во Европа од Втората светска војна.

Тоа исто така претставува голема промена во политиката, особено во однос на статусот на Крим, кој Москва го окупираше, а потоа тврдеше дека го анектирала во 2014 година.

Освен мал број земји, анексијата не е признаена никаде во светот. И САД од тогаш - вклучително и за време на првата администрација на Трамп го отфрли ова руското барање.

Во врска со Крим, американскиот план предлага „де јуре“ односно во суштина правно признавање на руското право на полуостровот.

Покрај тоа што претставува голема промена за Соединетите Држави, тоа би била голема победа за Путин, чија популарност порасна меѓу Русите по 2014 година, кога тој нареди прикриена инвазија на Крим, а подоцна и негова анексија.

Признавањето од страна на САД би било и голем удар за украинскиот претседател Володимир Зеленски и повеќето Украинци, за кои руското право е дел од поголема кампања за поништување на суверенитетот и независноста на Украина.

Откако американскиот предлог почна да циркулира во Париз минатата недела, Зеленски јасно стави до знаење дека ќе го отфрли признавањето на Крим. Тоа резултираше со тоа што американскиот државен секретар Марко Рубио нагло се повлече од последователните разговори во Лондон на 23 април.

Во објава на социјалните мрежи истиот ден, американскиот претседател Трамп, кој имаше комплициран однос со Зеленски и многу потопол со Путин, посочи дека постои флексибилност за украинската влада доколку американскиот предлог продолжи.

Тој, исто така, тврдеше дека Украинците требало да се борат кога Русија испрати војници во Крим во 2014 година за да го заземе.

Други елементи од американскиот предлог вклучуваат блокирање на аспирациите на Украина за приклучување кон НАТО алијансата и „де факто“ признавање на украинските територии што Русија моментално ги окупира, вклучувајќи делови од регионите Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје.

Исто така, се бара враќање на руски окупираните делови од Харкивскиот регион под украинска контрола, гарантирање на неограничен украински пристап до реката Днепар и враќање на нуклеарната централа Запорожје под украинска контрола, под услов САД потоа да ја работат и да обезбедат енергија и за Украина, како и за регионите окупирани од Русија.

Исклучувањето на членството во НАТО е исто така проблематично за Украина, каде што тоа е политичка цел запишана во нејзиниот устав.

Според европскиот дипломат, еден елемент од американскиот предлог што не е широко распространет е повлекувањето на САД од инсистирањето Зеленски да одржи нови претседателски избори што е можно поскоро.

Зеленски беше избран во 2019 година со убедлива победа.

Но, Кремљ тврди дека неговиот мандат сега е нелегитимен бидејќи воената состојба прогласена по изборите во февруари 2022 година го оневозможи одржувањето на нови украински избори.

Во услови на јавен судир претходно оваа година, Трамп се чини дека ги прифати руските аргументи, нарекувајќи го Зеленски „диктатор“ и барајќи да свика ново гласање.

Трамп оттогаш ја омекна својата реторика по прашањето за изборите. Сепак, украинската влада презеде тивки чекори за да се подготви за можноста за избори подоцна годинава.

Притвор за првоосомничениот во проширената истрага за „Адитив“

Кривичен суд, Скопје
Кривичен суд, Скопје

Мерка притвор во траење од 30 дена за првоосомничениот – вработен во едно од обвинетите правни лица определи Кривичен суд, постапувајќи по предлог на Обвинителството во проширената акција за предметот „Адитив“. Мерки на претпазливост се определени за второосомничениот - едно службено лице вработено во Подружница ТЕЦ Неготино.

Како што веќе е познато мерли за претпазливост има и за актуелната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, која е третоосомничена во проширената истрага.

Судија на претходна постапка, постапувајќи по предлог на Основно јавно обвинителство ГОКК за определување мерки за обезбедување присуство и мерки за претпазливост против три лица, поврзани со продолжување на акцијата, од обвинителството означена како „Адитив“, по нивно произнесување во судот, донесе решенија со кои го прифати предлогот на Јавниот обвинител.

Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.

Обвинителството, вчера (24 април) информираше дека уште три лица се осомничени во случајот Адитив.

„Во рамките на постапката што се води за предметот Адитив, како резултат на екстрахираните електронски докази обезбедени во досегашната постапка, предметните обвинители донесоа Наредба за спроведување на истражна постапка против три лица“, појаснуваат од Обвинителството.

Обезбедените докази, според Обвинителството, укажуваат дека првоосомничениот бил член на групата што имала за цел вршење на кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело. Како вработен во едно од обвинетите правни лица, од месец јули 2022 до октомври 2024, со умисла извршил две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.

Второосомничената, во септември 2024 година, како службено лице вработено во Подружница ТЕЦ Неготино АД ЕСМ Скопје на неповикано лице обвинето во предметот Адитив, на друг начин му сторила достапни податоци што во согласност со чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна.

Третоосомничената со умисла извршила две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело искористувајќи ист траен однос, исти прилики и други слични околности.

„Како службено лице, претседател на ДКСК од месец мај до месец декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот Адитив на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК,“ појаснија од Обвинителството.

Предметот „Адитив“ се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј.

Обвинети се 31 физичко лице и 5 правни лица.

Според обвинителството, осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.

Штафетен маратон на српските студенти до Брисел

Студенти од Србија го започнаа штафетниот маратон до Брисел
Студенти од Србија го започнаа штафетниот маратон до Брисел

На 25 април, повеќе од 20 машки и женски студенти започнаа штафетна трка до Брисел со цел да им ги пренесат на европските претставници барањата од неколкумесечните протести и блокади.

Тие го започнаа маратонот долг речиси две илјади километри од железничката станица во Нови Сад, каде што 16 лица загинаа при падот на настрешницата на 1 ноември 2024 година. Претходно, тие положија венци и одржаа 16-минутен молк на местото на трагедијата во Нови Сад.

Машките и женските ученици ќе трчаат во групи кои ќе се менуваат по одреден број изминати километри.

На првиот ден од маратонот, тие ќе поминат 105 километри до Осијек. Во тој град во Хрватска, колегите и граѓаните ќе ги пречекаат.

На Инстаграм страницата „Студенти за студенти“ беше објавена покана за тркачи од Осијек да им се придружат на српските маратонци во трчањето на последните осум километри.

„Ајде заедно да трчаме кон еден незаборавен момент. Со чекор на поддршка, глас на надеж, тишина на почит“, беше објавено на Инстаграм.

На 18-дневното патување, маратонците од Србија ќе поминат низ Хрватска, Австрија, Германија, Франција, преку Луксембург до Белгија.

Тие треба да пристигнат во Брисел на 12 мај, пред седницата на Европскиот парламент, до чии претставници носат писма со информации за ситуацијата во Србија.

Студентите маратонци го продолжуваат патувањето на своите колеги кои претходно овој месец со велосипеди поминаа 1400 километри до европските институции во Стразбур.

Фокусот на нивните барања е утврдување на кривична и политичка одговорност за несреќата во Нови Сад.

Властите тврдат дека барањата на студентите се исполнети, повикувајќи ги да ги отворат факултетите.

Академиците, од друга страна, велат дека не се и дека блокадите продолжуваат.

Зад барањата на студентите, покрај стотиците илјади граѓани кои со месеци се собираат на протести, застанаа бројни универзитетски професори, едукатори, земјоделци, адвокати и актери.

Педесет шефови на држави ќе присуствуваат на погребот на папата Франциск

Верниците му оддаваат почит на покојниот папа Франциск додека неговото тело е изложено во базиликата „Свети Петар“ пред неговиот погреб, Ватикан, 24 април 2025
Верниците му оддаваат почит на покојниот папа Франциск додека неговото тело е изложено во базиликата „Свети Петар“ пред неговиот погреб, Ватикан, 24 април 2025

Околу 50 шефови на држави го потврдија своето присуство на погребот на папата Франциск во сабота, 26 април, соопшти Протоколната канцеларија на Државниот секретаријат на Ватикан.

Агенцијата АНСА објави дека десет владејачки монарси и вкупно 130 делегации го најавиле присуството на погребот.

Верниците со часови стојат во редици за да му оддадат последна почит на папата Франциск.

Повеќе од 50 000 луѓе поминаа покрај исповедниот олтар во последните 24 часа откако ватиканската базилика се отвори за верниците завчера наутро.

Базиликата „Свети Петар“ остана отворена до 5:30 часот вчера, затворајќи се еден и пол час пред повторно да се отвори во 7 часот наутро.

Инаку телото на папата ќе биде во базиликата до петок вечер (25 април) кога неговиот ковчег ќе биде запечатен за време на литургиската церемонија во 20 часот, објави Ватикан.

Церемонијата ќе ја води кардиналот Кевин Фарел, коморникот на папата, кој управува со Ватикан додека не се избере нов папа.

Папата Франциск, роден како Хорхе Марио Бергољо во Буенос Аирес, Аргентина, почина на Велики Понеделник, 21 април 2025 година, на 88-годишна возраст во неговата резиденција во Ватикан, Каса Санта Марта.

Тој беше 266-тиот папа на Римокатоличката црква, првиот од Америка, првиот језуит и првиот понтиф роден надвор од Европа во повеќе од еден милениум.

Ден на жалост во Киев по смртта на 12 луѓе во рускиот ракетен напад

Станбена зграда во Киев оштетена од руски воздушен напад, 24 април 2025 година
Станбена зграда во Киев оштетена од руски воздушен напад, 24 април 2025 година

Киев го прогласи 25 април за ден на жалост за 12-те лица убиени во рускиот ракетен и беспилотен напад што го погоди украинскиот главен град во четврток наутро, што го поттикна американскиот претседател Доналд Трамп да упати ретка критика кон рускиот лидер Владимир Путин.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека додека граѓаните на Киев жалат за жртвите и ги отстрануваат урнатините, украинските разузнавачки служби ги проверуваат сите детали, вклучително и дали некои од употребените ракети се произведени во Северна Кореја.

Доколку ова се потврди, Зеленски рече дека тоа би бил уште еден доказ за „криминалниот сојуз“ меѓу Москва и Пјонгјанг.

„Тие убиваат луѓе и го исмејуваат животот заедно - тоа е единственото значење на нивната соработка“, рече Зеленски.

Според Зеленски, во замена за помош, Пјонгјанг добива можност да „го направи своето оружје посмртоносно“ во реални воени услови.

„Треба навистина да извршиме притисок врз Русија да го спречи ова. Дури и во екот на меѓународните дипломатски напори за запирање на оваа војна, Русија продолжува да убива цивили. Ова значи дека Путин не се плаши“, рече Зеленски.

Трамп, кој не сакаше да ја критикува Русија, го осуди нападот во објава на социјалните мрежи упатена до Путин.

„Не сум задоволен од руските напади врз Киев. Не се потребни, а времето е многу лошо. Владимир, престани! По 5000 војници умираат неделно. Да го завршиме мировниот договор!“, напиша Трамп.

Зеленски, кој ја прекина посетата на Јужна Африка поради нападот, го повтори својот повик за целосно запирање на воздушните напади и рече дека Украина треба да го зајакне својот воздушен штит за да ја гарантира безбедноста на својот народ.

Зеленски рано наутро на 25 април изјави дека руските сили се обиделе да ги искористат воздушните напади како покритие за засилени копнени напади, но дека биле одбиени.

„Русите всушност се обидоа, под закрилата на нивните масовни воздушни напади, да извршат копнени напади“, напиша Зеленски на Телеграм, осврнувајќи се на извештајот на врховниот командант Олександр Сирски.

„Кога нашите сили беа максимално концентрирани на одбрана од ракети и беспилотни летала, Русите започнаа со засилени копнени напади. Но, тие беа одбиени на достоинствен начин“, додаде Зеленски.

Додека Киев го поднесе најголемиот товар од масовниот напад, властите соопштија дека 90 лица биле повредени во градот покрај 12-те смртни случаи. Погодени биле и регионите Житомир, Днепропетровск, Харкив, Полтава, Хмелницки, Суми и Запорожје.

Украинските службеници за спроведување на законот соопштија дека најмалку 25 станбени згради се сериозно оштетени во Киев, а јавни објекти, вклучувајќи градинка и училиште, исто така биле погодени од воздушните напади.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју за американската телевизија Си-Би-Ес изјави дека Русија ги таргетира само украинската војска или цивилните објекти што ги користи војската.

На прашањето дали нападот бил намерен, Лавров рече дека министерот за одбрана и командантите на терен имаат право да напаѓаат цели што ги користи украинската армија.

Западните напори за решавање на војната во Украина или дури и за обезбедување привремен прекин на огнот, пропаднаа бидејќи Русија не покажува знаци за омекнување на нападите, додека Украина ги отфрла американските предлози.

Кремљ наводно бара мировен договор што би ѝ овозможил на Русија да ја задржи контролата врз Крим, како и врз украинските територии во регионите Луганск, Донецк, Запорожје и Херсон, кои ги зазеде по инвазијата во февруари 2022 година.

Зеленски постојано повторува дека признавањето на окупираната територија како руска е неприфатливо за Украина. Тој на 24 април истакна дека Украина се согласила со американскиот предлог за прекин на огнот пред 44 дена како прв чекор кон мировните преговори, но дека нападите на Москва сè уште траат.

Коментирајќи ги дипломатските напори, Лавров за Си-Би-Ес њуз изјави дека САД и Русија се движат во вистинската насока, но дека сè уште треба да се договорат некои специфични елементи од договорот.

Претседателката на ДКСК, Димитровска доби мерки за претпазливост за предметот „Адитив“

Татјана Димитровска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупција
Татјана Димитровска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупција

Кривичниот суд го прифати предлогот на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција и определи мерки за претпазливост за претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитровска, која е трето-осомничена во рамки на истрагата за предметот „Адитив“.

По распитот во обвинителството, Димитровска беше спроведена во Кривичниот суд, пред судија на претходна постапка заедно со уште две лица, чии имиња засега не се откриваат.

„Во однос на осомничената Т.Д. која доцна попладнево беше изведена пред судија на претходна постапка во однос на продолжување на акцијата во јавноста позната како "Адитив", по нејзино произнесување во однос на предлогот на ЈО за определување мерки за претпазливост, донесено е решение со кое се прифаќа предлогот на ОЈО ГОКК и се опредлуваат мерки за претпазливост, односно Привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова и Забрана за преземање на одредени работни активности поврзани со кривичното дело“, информираа попладнево од Кривичниот суд.

Според Јавното обвинителство, „третоосомничената, како службено лице, претседател на ДКСК од мај до декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот Адитив на друг начин му овозможила да му бидат достапни податоци кои претставуваат службена тајна“.

„Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК“, се наведува во соопштението на Обвинителството објавено доцна попладнево.

Претходно од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопштија дека во рамки на предметот „Адитив“ од прибраните докази е донесена Наредба за спроведување на истрага за уште три лица.

Предметот „Адитив“ се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј.

Во предметот се обвинети 31 физичко лице и 5 правни лица.

Според обвинителството, осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да ги изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.

Истрагата за случајот „Адитив“ беше отворена на 10 декември минатата година.

Меѓу обвинетите во предметот се и ексдиректорот на ЕСМ, Васко Стефанов, како и неговиот претходник на функцијата, Васко Ковачевски, кој се наоѓа надвор од државата и по кого е распишана меѓународна потерница. Обвинет е и поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ.

Под истрага 49 лица кои давале и земале поткуп во замена за инвалидска пензија и туѓа нега

илустрација
илустрација

Дваесет и три лица се уапсени во вчерашната акција на полицијата која следува по повеќемесечна предистражна постапка во рамките на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Едно лице не е достапно на органите на прогонот.

Од ОЈО ГОКК денеска (24 април) информираат дека предметниот обвинител донел Наредба за спроведување на истражна постапка против 49 лица.

Станува збор за основано сомнение за извршени низа кривични дела со кои е направена штета на државниот буџет.

„Во текот на 2023 година првоосомничената порано вработена на универзитетска клиника заедно со други двајца осомничени создале злосторничко здружение-група, која имала за цел вршење на кривични дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“, „Примање поткуп“, „Давање поткуп“, „Примање награда за противзаконито влијание“ и „Давање награда за противзаконито влијание“, се вели во соопштението од ОЈО ГОКК.

Во меѓувреме припадници на групата станале уште деветмина осомничени од кои двајца како лекари специјалисти биле претседатели на Стручната комисија за издавање на наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега од друго лице во рамките на ЈЗУ Општа болница Велес, а останатите лекари специјалисти вработени во ЈЗУ Општа болница Велес, Универзитетска клиника за неврологија Скопје, ПЗУ – ординација за општа медицина и специјалистички ординации од Велес, адвокат од Велес и службено лице во ЈУ Центар за социјална работа – Тетово.

„Заради стекнување со противправна имотна корист, криминалната група од лица баратели на социјалното право помош и нега од друго лице – туѓа нега, барала и примала парични средства – поткуп или награда за противзаконито влијание. За возврат организаторите и припадниците на криминалната група преземале противправни дејствија на директно или индиректно давање или нудење на парични награди, поткуп на службени лица, како и противправни дејствија на директно или индиректно примање на парични награди или поткуп со што на барателите им обезбедувале исполнување на условите за успешно водење на постапката за стекнување со право на туѓа нега. За остварување на право на туѓа нега тие ги пријавувале барателите што давале поткуп кај матични доктори кои вршат дејност во Велес со цел надлежна за постапување да биде Стручната комисија за издавање на наод оцена и мислење при ЈЗУ „Општа болница Велес“ чиј поранешен и актуелен претседател на комисијата се членови на групата“, информира ОЈО ГОКК.

На 3 матични лекарки им се става на товар кривичното дело – Злоупотреба на службената положба и овластување, 16 осомничени кои понудиле и дале поткуп заради обезбедување на медицинска документација со невистинита содржина се осомничени дека сториле кривично дело - Давање награда за противзаконито влијание и кривично дело - Давање поткуп, додека на 9 осомничени кои се согласиле и дале парична награда на товар им се става кривичното дело – Давање награда за противзаконито влијание.

Припадниците на групите освен за кривично дело Злосторничко здружување се осомничени и за други кривични дела и тоа: 5 лица за кривично дело – Давање поткуп, Примање награда за противзаконито влијание, Давање награда за противзаконито влијание и Злоупотреба на службена положба и овластување, 4 лица за кривично дело - Давање поткуп, Примање награда за противзаконито влијание и Давање награда за противзаконито влијание, едно лице за кривично дело-Примање награда за противзаконито влијание, Давање награда за противзаконито влијание и Злоупотреба на службена положба и овластување, две лица за Злоупотреба на службена положба и овластување, Примање поткуп и Примање награда за противзаконито влијание, едно лице за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување, две лица Злоупотреба на службена положба и овластување и Примање награда за противзаконито влијание и две лица за Злоупотреба на службена положба и овластување, три лица за Примање награда за противзаконито влијание и Давање награда за противзаконито влијание и едно лице за Злоупотреба на службена положба и овластување, Примање поткуп, Давање награда за противзаконито влијание и Примање награда за противзаконито влијание.

Осомничените се изведени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд.

За 12 осомничени обвинителството предложи определување на мерка притвор, додека за 3 лица мерка куќен притвор. За останатите лица се предложени мерки на претпазливост.

Седумнаесет општини не аплицирале на вториот повик за пари од унгарскиот кредит

Mинистерот за локална самоуправа, Златко Перински
Mинистерот за локална самоуправа, Златко Перински

Вкупно 450 апликативни формулари од 63 општини се доставени до архивата на Министерството за локална самоуправа на вториот јавен повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти.

Како што информира министерот за локална самоуправа Златко Перински, 36 општини аплицирале со проекти во вредност од максимумот на финансиски средства кои им следуваат согласно формулата по глава на жител, 27 општини имаат можност да аплицираат со уште проекти до максимум предвидената сума, а 17 општини воопшто немаат поднесено апликации.

Воопшто не аплицирале општините Сарај, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Липково, Пробиштип, Валандово, Росоман, Боговиње, Врапчиште, Маврово Ростуше, Теарце, Дебар, Струга, Битола, Крушево и Долнени.

„Апелираме до сите локални самоуправи да ја искористат оваа можност и да го запазат законскиот предвиден рок за пријавување кој истекува на 30 април годинава“, рече Перински.

Тој вели дека во вториот јавен повик биле предвидени и ставени на располагање до 15 милијарди денари за капитални и инфраструктурни проекти.

„Се покажа од првиот повик дека најголем интерес има за подобрување на патната инфраструктура, бидејќи од 288 проекти дури 225 се за подобрување на патната инфраструктура и се реализираат преку Министерството за транспорт. Согласно информациите кои ги имаме и во вториот јавен повик во најголем дел фокусот на локалните самоуправи е во делот на подобрување на патната инфраструктура“, рече Перински во одговор на новинарско прашање.

Од досега пристигнатите 450 апликации на вториот јавен повик, повеќе од 330 се за подобрување на патната инфраструктура.

„Има и проекти кои се за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во делот на животната средина, изградба на училишта, градинки спортски сали“, истакна Перински.

Роковите за изведба на проектите од првиот јавен повик ги одредуваат локалните самоуправи.

Од првиот јавен повик 251 проект е со склучен договор, 140 се веќе воведени во работа, 30 се целосно завршени, 33 се во постапка на тендерирање и само за четири воопшто не е започната постапка, истакна Перински и појасни дека кај дел од овие четири проекти била почната постапка која се поништила заради одредени фактори и сега повторно треба да се обнови.

Сите пари кои им се доделуваат за реализација на проектите на општините се од кредитот кој Северна Македонија го зеде од Унгарија. Вкупно се задолжи за милијарда евра, од кои 250 милиони се предвидени за општински проекти.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG