Планот за справување со енергетската криза за оваа зима ќе нè чини 300 милиони евра, не се планирани рестикции, но постојат провеќе ризици во однос на неговата реализација, најави премиерот Димитар Ковачевски по денешниот состанок на Советот за безбедност каде тема беше енергетската криза.
Со овој план се предвидува раст од 25% на производството на струја во домашните капацитети преку обезбедување јаглен и мазут за РЕК Битола, Осломеј и ТЕЦ Неготино, но и гас за производство на струја во ТЕ-ТО и во централата Когел во сопственост на ЕСМ. Дополнително, истакна Ковачевски, се работи на обезбедување струја од регионот за стопаннството, со цени пониски од берзанските.
„Калкулациите се направени во Министерството за финансии, тој (планот) сигурно дека ќе има потреба за финансиски средства до 300 милиони евра во наредните два квартали, се со цел да обезбедиме електрична енергија по субвенционирани цени за граѓаните и малите потрошувачи, а веќе гледате дека разговараме и со Бугарија за да можеме да обезбедиме базна енергија која доминантно ќе биде за стопанството“, изјави Ковачевски.
Тој рече дека 100 милиони евра како кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) се веќе обезбедени за купување на струја од страна на ЕСМ, но гаранцијата мора да помине преку Собранието.
Како можни ризици по планот тој ги спомена непредвидените испади на термо блоковите во Битола и Осломеј заради апсолутната застареност на опремата, но и светскиот раст на цената на природен гас и струја „до ниво на неиздржливост“.
Како посебен проблем ги наведе и евентуалните забрани за извоз на природен гас и други енергенси за производство на електрична енергија, за што излез бараат во помош од регионот, каде што има електрична енергија.
„Планот за производство на ЕСМ, државната компанија за производство на електрична енергија оваа година ќе го зголемиме за 25 %. И реализацијата на планот ќе ја следиме секојдневно. Ќе го следиме спроведувањето на задачите кои се дадени на ЕСМ компанијата и тоа почнувањето со третиот блок во РЕК Битола, почетокот на работа на вториот котел на резервната ТЕЦ Неготино, работата на хидроцентралите и многу важно користењето на целиот потенцијал и ставање во функција на когенеративната гасна централа ТЕ-ТО во Скопје и пред се и за време и по грејната сезона како и користење на сите обновливи извори на енергија на сонце, ветер и вода“, истакна Ковачевски.
Потсети дека 80% од сметките за струја на домаќинствата ги субвенционира државата, а субвенционирана струја користат и малите компании кои имаат до 50 вработени, а чиј број се пресметува на 72 000. Сепак сериозен проблем има кај големите компании кои струја купуваат на отворениот пазар, а нејзината цена последните месеци достигнува вртоглави суми.
Струја за нив по пониски цени од берзанските вчера беше побарана од Софија, каде владина делегација предводена од Ковачевски имаше работни средби со бугарскиот државен врв и енергетски компании. Од македонска страна било побарано Бугарија да испорачува до 5 гигават часови струја дневно до крајот на март, а разговорите според премиерот Ковачевски минале во „дух на добра волја“.
Сепак, за ова да стане реалност креирани се работни групи кои следните две недели ќе треба да ги договорат сите детали околу идната соработка. Со Бугарија исто така било договорено да се одржуваат меѓународните токови на трансфер струја, бидејќи во минатото во неколку наврати имало прекини меѓу Македонија и Бугарија.
Во делот на гасот пак се разговарало за тоа Бугарија да отстапи дел од своите капацитети да складирање течен гас, како и да се отвори уште еден интерконектор за пренос на гас преку Бугарија во Македонија.
Бугарските резерви на гас се веќе полни до 70%, а земјата е извозничка на струја бидејќи ја има нуклеарната централа Козлодуј. Разговорите се водат со техничката влада, а избори во оваа земја се закажани за 2 октомври бидејќи во јуни беше изгласана недоверба на владата на премиерот Кирил Петков. Како причина беа наведени нејзините економските неуспеси, а важна тема беше и ветото за Македонија.
Цените на струјата на берзите пораснаа поради големите горештини и намалениот хидропотенцијал, како и се поистакнатата неизвесност во снабдувањето со гас предизвикано од руската воена инвазија во Украина. Западните држави воведоа санкции кон Русија поради инвазијата, додека Русија пак се заканува со прекин на гасот и бара тој да се плаќа во рубљи, што е спротивно на одлуката на Европската комисија. Последна најава во низата е прекинот на гас низ гасоводот „Северен тек 1“, што значително ги порасна цените на гасот на берзите.
Македонската влада од 1 септември прогласи кризна состојба во снабдувањето со парно на подрачјето на Град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на национално ниво. Во исто време на сила стапија и мерките за штедење, а јавните институции беа задолжени да ја намалат потрошувачката на струја за 15% во однос на минатиот месец. Истотото ова како препорака важи и за граѓаните и компаниите.