Достапни линкови

Вести

Почина Горбачов, последниот претседател на Советскиот сојуз

Архивска фотографија од Михаил Горбачов од 2017 година
Архивска фотографија од Михаил Горбачов од 2017 година

Повеќе руски медиуми објавија дека поранешниот советски лидер Михаил Горбачов починал на 92-годишна возраст. Тие цитираат официјални лица од Централната клиничка болница во Москва кои велат дека тој починал доцна на 30 август „по тешко и продолжено боледување“.

Последниот советски претседател, Горбачов славно ги воведе „гласност“ и „перестројка“ во обид да го одржи Советскиот Сојуз во живот во последните години на Студената војна во доцните 1980-ти.

Тој се спротивстави на употребата на војници додека продемократските протести ги зафатија земјите од Источниот блок во Источна Европа во 1989 година.

види ги сите денешни вести

Сијарто: Унгарија ќе направи се’ Брисел да не го попречи руско-американскиот договор за Украина

 Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто
Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто

Унгарија ќе направи се за да се осигура дека Брисел и „провоените“ европски претставници не го спречат руско-американскиот договор за постигнување примирје во Украина, изјави шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто.

Сијарто посочи дека Унгарија, денеска, на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, нема да се согласи на нови испораки на оружје за Украина во вредност од неколку десетици милијарди евра, ниту на продолжување на санкциите против руски поединци.

-Три години им пркосевме на притисоците, три години не дозволувавме да не туркаат во нивната воена политика, сега ќе издржиме!“, порача Сијарто во објава на Фејсбук.


Денеска се одбележува третата годишнина од почетокот на војната во Украина, а се очекува наскоро да продолжат руско-американските преговори за завршување на војната, во кои не се вклучени Украина и ЕУ.

Мерц со шанса да го наследи Шолц како канцелар на Германија

Фридрих Мерц, кандидатот на мејнстрим конзервативната партија Христијанско-демократска унија, гестикулира додека им се обраќа на поддржувачите во седиштето на партијата во Берлин, Германија, недела, 23 февруари 2025 година.
Фридрих Мерц, кандидатот на мејнстрим конзервативната партија Христијанско-демократска унија, гестикулира додека им се обраќа на поддржувачите во седиштето на партијата во Берлин, Германија, недела, 23 февруари 2025 година.

Кандидатот за канцелар на конзервативниот блок, Фридрих Мерц има можност да го наследи социјалдемократот Олаф Шолц на таа позиција по денешните парламентарни избори на 23 февруари на коишто опозицискиот блок на Христијанско-демократската унија на Германија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ освоија најмногу гласови, покажаа излезните анкети.

Блокот на Мерц ЦДУ/ЦСУ првото место го освои со 28,5 отсто од гласовите, а по него е Алтернатива за Германија (АфД) со 20 отсто, што е рекорден резултат за екстремно десничарската партија, пренесува Ројтерс.

СПД на Шолц освои 16,5 отсто од гласовите, што е најлошиот резултат досега за партијата на левиот центар, покажа проекцијата.

На предвремените парламентарни избори беа избрани 630 пратеници во новиот Бундестаг.

Право на глас на предвремените парламентарни избори имаа 59,2 милиони граѓани.

Покрај 59,2 милиони гласачи, податоци на здружението за статистика Дестатис, во самата Германија право на глас имаа и над три милиони германски државјани во странство.

На изборите за функцијата канцелар се натпреваруваа петмина партиски кандидати.

Кандидати за канцелар номинираа партиите: Демохристијаните (ЦДУ и ЦСУ), социјалдемократската СПД, Зелените, десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и левичарската популистичка Алијанса на Сахра Вагенкнехт (БСВ).

Зеленски подготвен да ја напушти функцијата за да обезбеди мир во Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска на 23 февруари изјави дека е подготвен да се откаже од својата позиција доколку тоа значи мир во Украина и дека би можел да ја замени својата функција за влез на Украина во НАТО.

Зеленски рече дека сака да го види американскиот претседател Доналд Трамп како партнер на Украина и повеќе од само посредник меѓу Киев и Москва.

„Навистина сакам тоа да биде повеќе од само посредување. Тоа не е доволно“, рече тој на прес-конференција во Киев.

Зеленски додаде дека разговорите за договор со САД за минералните суровини на Украина напредуваат и дека „се е во ред“.

Тој прецизираше дека нацрт-договорот предвидува Украина да ѝ врати на Америка два долари за секој долар што ќе го добие како помош.

Зеленски истакна дека одбил да признае дека Украина ѝ должи на Америка 500 милијарди долари за воената помош што Вашингтон ја обезбеди на Киев, износ што често го наведува Трамп.

Украинскиот претседател рече дека грантовите не треба да се гледаат како заеми.

Неговите коментари доаѓаат во услови на загриженост за пукнатини во трансатлантската алијанса додека Вашингтон одржува директни разговори на високо ниво со Москва.

Додик вели дека нема да присуствува на пресудата, најавува митинг во Бања Лука

Милорад Додик.
Милорад Додик.

Милорад Додик, претседател на ентитетот на Република Српска во Босна и Херцеговина, рече дека нема да присуствува на пресудата закажана за среда, 26 февруари, во Судот на БиХ.

На Додик му се судеше за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.

Додик е обвинет за потпишување на претседателски декрети со кои се прогласени за валидни два неуставни закони на Република Српска - за неприменување на одлуките на Уставниот суд на БиХ и за неприменување на одлуките на високиот претставник на територијата на Република Српска - кои високиот претставник Кристијан Шмит претходно ги поништи.

„Нема да одам и не морам. Никој не ме принудува на тоа“, им рече Додик на новинарите во Бања Лука во неделата, 23-ти февруари.

Тој ги повика граѓаните кои повеќе од една година доаѓаат pred Судот на БиХ да го поддржат, да не одат во среда во Судот, туку да дојдат во Бања Лука.

„Тоа е потребно. Ќе бидам во Бања Лука“, рече Додик.

За објавување на указите на Додик, покрај на Додик, му се судеше и на в.д. директорот на Службенот весник, Милош Лукиќ.

Во своите завршни зборови на 19 февруари, Обвинителството на Босна и Херцеговина побара од Судот на БиХ да го осуди Додик на пет години затвор и да му забрани политичка активност на десет години.

Обвинителството побара иста максимална казна за Милош Лукиќ.

Голем народен митинг за поддршка на институциите на Република Српска, предводен од нејзиниот претседател, ќе се одржи во вторник на 25 февруари во Бања Лука пред Народното собрание на Република Српска, јави СРНА.

Митингот ќе започне во 16 часот и се очекува да трае до среда, 26 февруари, за кога е предвидено да биде изречена пресудата.

Додека се чека исходот од едногодишното судење, притисокот врз Судот на БиХ се зголемува.

Од една страна, раководството на РС се заканува со „радикални одлуки“ и напуштање на сите институции во БиХ доколку Додик биде осуден.

Притисоци вршат и претставници на властите на соседна Србија, но и на Унгарија.

Така, српскиот претседател Александар Вучиќ на 17 февруари во Будимпешта изјави дека се надева оти „во БиХ нема да бидат донесени пресуди кои би можеле да ја загрозат стабилноста“.

Блокади и маршеви во повеќе српски градови

Србија -- Студентски протест во Вршац, 23 февруари 2025 година.
Србија -- Студентски протест во Вршац, 23 февруари 2025 година.

Голем број студенти и граѓани се собраа денеска во Вршац на протестен митинг наречен „Од Банат за инает“ (Iz Banata iz inata").

Студентите кои бараат одговорност за несреќата во Нови Сад, како што најавија, повеќе од пет часа ќе блокираат еден од најфреквентните патишта во овој град во североисточна Србија.

Учениците од Зрењанин пристигнаа во Вршац ден претходно, одејќи пешки до овој град, а ќе им се придружат пешаци од Бела Црква, Алибунар и велосипедисти од Панчево кај Белград.

На прошетката се приклучија и земјоделци на трактори, велосипедисти, членови на иницијативата „Трчам за студентите“.

За време на протестот учесниците ќе им оддадат почит на загинатите во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, а блокадата на патиштата се очекува да заврши во 18 часот.

Неформална група студенти од Универзитетот во Ниш на 23 февруари организира протестна прошетка кон Нишка Бања во јужна Србија.

По пристигнувањето, тие ќе им оддадат почит на жртвите во Нови Сад и ќе ги прочитаат барањата во пресрет на протестот во Ниш, кој го најавија за 1 март.

Колона демонстранти од Бачка Паланка во северозападна Србија тргна пеш кон Бач, патување долго 22 километри, а протестната прошетка е насловена „Пумпај до Бач: две општини, една порака“.

Протестната прошетка се организира со цел поврзување на двете општини.

Собир за поддршка на студентите се организира и во Пожега во западна Србија, а на протестот ќе се приклучат и демонстранти од околните градови.

Најавена е блокада на главната клучка што ги поврзува Белград и планината Златибор.

Српскиот премиер во заминување Милош Вучевиќ на 23 февруари изјави дека дијалогот е единствениот пат за решавање на политичката ситуација и дека се надева дека „ќе надвладее разумот кај студентите и професорите“.

„Очајно ни е потребен разговор со студентите. Ја оставам настрана актуелната опозиција, која сака да ја искористи катастрофата (во Нови Сад) за да дојде на власт против волјата на граѓаните“, изјави Вучевиќ за телевизијата Пинк.

Тој изјави дека во игра се две опции - предвремени избори или формирање нова влада, истакнувајќи дека се залага за нова влада, но дека во секој случај нема да има преодна влада, што го бара опозицијата.

Претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ на 23 февруари изјави дека владата го исполнила четвртото студентско барање, кое се однесува на зголемување на буџетот за високото образование за 20 отсто.

Мицкоски за најавата на Меџити - Додека сум премиер нема вработувања по етнички и партиски клуч

Премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот Изет Меџити за 23-годишнината од Охридскиот рамковен договор.
Премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот Изет Меџити за 23-годишнината од Охридскиот рамковен договор.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска реагираше на изјавата на првиот вицепремиер Изет Меџити дека за една година на власт ќе бидат вработени до 2-3 илјади Албанци во државната и јавната администрација, велејќи дека тоа е апсолутно неприфатливо и дека нема да се случи додека тој е на премиерската функција.

„Нема таква работа, и тоа нема да се случи додека сум јас премиер“, изјави Мицкоски по посетата на Домот на култура „11 Октомври“ во Ченто, Гази Баба.

Тој додаде дека ќе се вработуваат луѓе кои се компетентни и ќе ги исполнуваат работните места, а не врз сонова на етнички или партиски клучеви.

„Ќе направиме закон за да има правична застапеност, етничка, бидејќи овој што го направија претходните Уставен суд го поништи. Бидејќи Баднитерот е уставна категорија, ние мораме да го усогласиме законодавството согласно уставната категорија. Некој може да седи да си прави списоци, јас тоа не го исклучувам, но додека сум јас премиер, таква работа нема да се случи“, рече Мицкоски.

Изјавата на Меџити, кој на настан во Шуто Оризари на 20 февруари рече дека планираат да вработат стотици, а можеби и до 3.000 Албанци, деновиве предизвика реакции во јавноста.

Меџити истакна дека ова ќе ги елиминира проблемите со иселувањето од земјава и дека ќе ја подобри перспективата на Албанците во државата.

Тој рече дека бројот на новите вработувања ќе биде многу поголем од бројот што го постигнале претходните влади во двата мандата.

Претходно, и министерот за јавна администрација, Горан Минчев, реагираше на изјавата на Меџити, нарекувајќи ја „класичен пример на предизборен популизам.“

„Би го замолил г-динот Меџити да не се однесува како Алиса во Земјата на чудата, ветувајќи нешто што ниту е реално, ниту е возможно без кршење на законските процедури и принципите на доброто управување“, рече Минчев.

Минчев рече дека сите вработувања во јавниот сектор се спроведуваат според законот и потребите на институциите и дека не се предмет на политички притисоци или ветувања.

Денеска реагираше и опозициската партија СДСМ, која соопшти дека вицепремиерот Изет Меџити подготвува голема партизација со вработувања во администрацијата, рекоа денеска од СДСМ.

„Оваа најава на Меџити отвора сериозни сомнежи за веќе подготвени списоци со имиња на подобни партиски кадри кои треба да се вдомат во јавниот сектор“, рече портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

Минчев додаде дека вработувањата треба да се засноваат на принципите на компетентност, стручност и професионализам.

Во одговор на Минчев, Меџити потсети дека правичната етничка застапеност на Албанците во институциите е уставна категорија, за која рече дека мора да се почитува, и нагласи дека Владата веќе презела мерки за трансформација на работниот однос на околу 1.500 лица во здравството, од кои 750 се Албанци.

Тунелот Муриз ќе биде пуштен во март – од Дебар до Тирана за еден час

Тунелот Муриз кој кој е дел од автопатот „Патот на Арбр“ од граничниот премин „Блато“ кај Дебар. До Тирана ќе се стигнува за еден час.
Тунелот Муриз кој кој е дел од автопатот „Патот на Арбр“ од граничниот премин „Блато“ кај Дебар. До Тирана ќе се стигнува за еден час.

На 14 март во употреба ќе биде пуштен тунелот Муриз, дел од автопатот „Патот на Арбр“, со што патувањето од Дебар до Тирана ќе се намали на еден час.

Вицепремиерката и министерка за инфраструктура на Албанија, Белинда Балуку, по извршениот увид, изјави дека со отворањето на тунелот ќе стане целосно функционален автопатот долг 74 километри, кој претходно беше над 180 километри.

„Овој автопат ќе биде важен коридор за поврзување Исток-Запад, ќе ги доближи Тирана и цела Албанија до Дебар и Северна Македонија, но и ќе поттикне економски развој и туризам“, рече Балуку, пренесува МИА.

„Со должина од околу 74 километри „Патот на Арбр“ ќе стане важен коридор за поврзување Исток-Запад. Не само што ќе ги доближи граѓаните на Тирана и на цела Албанија со Дебар и Северна Македонија, туку ќе биде и артерија на економскиот развој и туризмот. Исто така, оваа патна оска ќе биде најкратката рута што ќе ја поврзува Тирана со Пешкопеја, како и со Северна Македонија, Дебар, Тетово и Скопје, така што ќе биде меѓународен пат за поврзување“, рече Балуку.

Тунелот Муриз, долг 3,78 километри, започна да се гради во 2019 година, но работите се одвиваа побавно поради сложените геолошки услови. Автопатот има вкупно седум тунели со должина од 8,5 километри, како и четири моста, од кои еден е највисокиот на Балканот со 158 метри.

Со пуштањето на автопатот во ноември 2021 година, значително е зголемена фреквенцијата на патници на граничниот премин „Блато“. Минатата година, според македонското МВР, регистрирани се 834.345 патници, што е за 120.086 повеќе од претходната година.

Трамп решен „да ги врати парите“ преку потенцијалниот договор за минерали со Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп.
Американскиот претседател Доналд Трамп.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 22 февруари рече дека сака Украина да ги врати милијардите долари што Соединетите држави ѝ ги испратија на земјата за да ѝ помогнат да се одбрани од руската инвазија во целосен обем.

„Сакам да ни дадат нешто за сите пари што ги дадовме. Бараме ретка земја и нафта - сè што можеме да добиеме“, рече Трамп на Конференцијата на конзервативната политичка акција (CPAC) во близина на Вашингтон.

Трамп ги даде коментарите на време на преговорите меѓу Вашингтон и Киев за договор што ќе ги вклучи правата на минералните ресурси на Украина, вклучително и оние што се користат за производство на батерии за електрични возила и друга технологија.

Специјалниот пратеник на Трамп за Украина и Русија, Кит Келог, отпатува за Киев претходно оваа недела и се состана со украинскиот претседател Володимир Зеленски, велејќи потоа дека украинскиот претседател разбира дека било „критично“ да се потпише договор со САД. Келог, исто така, го пофали Зеленски како „храбар“ по посетата.

Трамп им рече на приврзаниците на годишниот собир на CPAC дека мисли дека може да се постигне договор.

„Ќе си ги вратиме парите затоа што едноставно не е фер“, рече тој „И ќе видиме, но мислам дека сме прилично блиску до договор и подобро е да бидеме блиску до договор“, рече тој.

Предложениот договор, наводно, ќе им даде на Соединетите Американски Држави права на украинските ретки минерали за да им надоместат на САД за помошта дадена за Киев. Зеленски, наводно, се воздржал од потпишувањето на првичниот договор, но извештаите на 22 февруари, цитирани од неидентификувани украински официјални лица, велат дека тој сега сериозно размислува за ревидирана верзија на договорот.

Некои од условите изгледаат дури и построги од оние од претходниот нацрт, објави „Њујорк тајмс“ на 22 февруари. Последниот предлог, за кој весникот рече дека имал увид, бара Украина да придонесе во приходите од своите ресурси во фондот на САД додека износот на придонесот не достигне 500 милијарди долари, објави Њујорк тајмс.

Руслан Стефанчук, претседател на украинскиот парламент, за украинските медиуми изјави дека група ќе започне да работи на договорот на 24 февруари и дека Украина сака да добие конкретни безбедносни гаранции во замена за пристап до нејзините ресурси, пишува весникот.

Дипломатските чекори на Трамп кон Русија, вклучително и можноста за средба меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, ги вознемири Украина и Европа поради можноста САД да потпишат договор неповолен за нив.

Конфликтот достигна критична фаза непосредно пред третата годишнина од војната на 24 февруари и кога силите на Киев полека отстапуваат од линијата на фронтот.

Руското Министерство за одбрана претходно на 22 февруари тврдеше дека ја заземале Новољубивка во областа Луганск.

Според Серхи Лисак, гувернер на регионот Дњепропетровск, руските војници истрелале проектили кон Кривиј Рих. Еден човек бил повреден во ракетниот напад и починал во болница, а најмалку две други лица се повредени, меѓу кои и една 30-годишна жена, која е хоспитализирана во тешка состојба, рече Лисак.

Најмалку две лица загинаа, а четворица се повредени во градот Константиновка во украинската област Доњецк. Во тек е потрага по луѓе кои би можеле да бидат затрупани под урнатините, изјави регионалниот гувернер на Доњецк, Вадим Филашкин. Според локалните власти, врз градот биле фрлени најмалку седум бомби.

Командата на воздухопловните сили на украинската војска претходно соопшти дека во неколку региони на Украина се огласени воздушни тревоги поради заканата од руски беспилотни летала. Конкретно, војската го снимила движењето на беспилотните летала во правец на Черкаси и Киев.

Украина - Синоќа истрелани рекордни 267 руски дронови

Еден од нападите со руски беспилотни летала врз Киев, февруари 2025 година.
Еден од нападите со руски беспилотни летала врз Киев, февруари 2025 година.

Русија синоќа лансирала 267 беспилотни летала во Украина, што е рекорден број од почетокот на руската инвазија, соопшти украинското воздухопловство.

„На украинското небо се регистрирани 267 непријателски беспилотни летала, што е рекорд за еден напад од почетокот на инвазијата“, напиша на Фејсбук портпаролот на украинската војска Јуриј Игњат.

Според портпаролот, 138 беспилотни летала биле пресретнати од противвоздушната одбрана, а 119 биле „изгубени“ без да се предизвика штета.

Тој не прецизираше што се случило со преостанатите десет дронови.

Ројтерс јавува дека е забележана штета во пет региони на Украина.

Москва со месеци речиси секоја вечер извршува масовни напади со беспилотни летала врз Украина, со цел да ја исцрпи противвоздушната одбрана.

Руската инвазија започна на 24 февруари 2022 година, а во понеделник ќе се одбележи третата годишнина од војната.

Папата Франциск ја поминал ноќта мирно по респираторната криза

Папата Франциск
Папата Франциск

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, кој е во критична состојба поради двострана пневмонија, ноќта ја поминал мирно по респираторната криза и трансфузијата на крв, објави Ватикан на 23 февруари.

Папата беше примен во римската болница Гемели на 14-ти февруари, по неколкудневни тешкотии со дишењето, а потоа му беше дијагностицирано воспаление на двете белодробни крила.

Ватикан во саботата (22 февруари) за прв пат ја опиша неговата состојба како критична, велејќи дека на 88-годишниот папа му била потребна дополнителна терапија со кислород и трансфузија на крв тој ден поради „продолжена респираторна криза слична на астма“.

„Ноќта помина мирно, папата се одмори“, соопшти Ватикан во кусото соопштение утрото на 23 февруари, без да даде дополнителни информации.

Надбискупот Рино Физикела, висок претставник на Ватикан, им порача на собраните на мисата во базиликата Свети Петар дека нивните молитви за папата треба да бидат „уште посилни и поинтензивни“.

Римската епархија, која ја предводи Папата, најави посебна миса за недела навечер за да се моли за папата Франциск и неговото здравје.

Двостраната пневмонија е сериозна инфекција која може да предизвика воспаление и лузни во двете белодробни крила, што го отежнува дишењето.

Ватикан ја опиша инфекцијата на папата како „комплексна“.

Папата Франциск, кој е на чело на Католичката црква од 2013 година, а во последните две години имаше неколку здравствени проблеми.

Тој е особено подложен на инфекции на белите дробови, бидејќи како млад човек боледувал од плеврит, при што му бил отстранет дел од едното белодробно крило.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG