Достапни линкови

Граѓаните дигнаа раце од изборите, Беса победи, сите други изгубија


Избори во Тетово.
Избори во Тетово.

Малата излезност на вонредните локални избори покажа дека луѓето изгубиле доверба во политичарите. Во Тетово на изборите излегле 9000 луѓе помалку од ланското гласање. Сите партии имаат помалку советници, освен Беса која има четири советници повеќе и ДУИ кои имаат плус еден. Да не беше дијаспората Маврово-Ростуше и Центар Жупа немаше да изберат градоначалник.

Оставка на лидер на партија, власта и опозицијата се обвинуваат дека победата на другиот е пирова, Беса славеше, а независните извисија, покажаа резултатите од вонредните локални избори одржани на 20 август во Маврово-Ростуше, Центар Жупа и Тетово.

Од друга страна, пак, имаше мала излезност на вонредните локални извори. Во Тетово има дури околу 9.000 гласови помалку од изборите одржани лани во октомври.

Порака што граѓаните ја испратија на изборите е дека немаат доверба во политичарите, коментира политичкиот аналитичар Алберт Муслиу за РСЕ. Иселениците дојдени во родниот крај за време на летните одмори обезбедија цензус за да се избере градоначалник во двете мали рурални општини. Дијаспората гласаше и во Тетово, но излезноста на овие избори е помала, вели Муслиу.

„Ова треба да биде сериозна порака до политичарите, на некој начин да го сменат и начинот на дејствување и начинот на организирање за да може да повлечат поголем број на граѓани да бидат заинтересирани“, вели Муслиу.

Доколку политичарите не ја слушнат пораката што им ја испратија граѓаните на овие избори, може да се појават нетрадиционални политички партии кои ќе привлечат поголем број на гласачи, вели Муслиу.

Во Маврово -Ростуше и во Центар Жупа, претходните гласања беа неуспешни поради недоволна излезност на гласачите. Во Центар Жупа победи Аријан Ибрам од Демократската партија на Турција, кој беше единствен кандидат за градоначалник. Овојпат беше обезбеден потребниот цензус од една третина од вкупното гласачко тело. Во Маврово-Ростуше, пак, победи Медат Куртовски од СДСМ. И двајцата победија со по нешто повеќе од 3000 гласови. Во Тетово се бираше општински совет.

Премиерот Димитар Ковачевски го победи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на првото изборно соочување, велат од СДСМ. Според нив на изборите граѓаните испратиле силни пораки дека сакаат напредок, европски вредности и не сакаат блокади, деструкции и лаги.

Муслиу - Колку доверба, толку гласови на изборите
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:13 0:00
Директен линк

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека го победиле СДСМ со 2:1 во Тетово и тоа, како што наведуваат, покажува дека власта нема повеќе кредибилитет да продолжи да раководи со институциите.

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски вели дека изборите во малите општини се успешни оти дојде дијаспората. Малата излезност во Тетово, пак, се должи на тоа што се избираа само советници, а не и градоначалник, вели тој.

„Во Тетово имаше намалување кај скоро сите партии, ако споредиме со претходно. Она што беше изненадување е што она што се смета како опозиција кај етничките Албанци, односно Беса и Алијанса против ДУИ, соодносот на вкупните гласови на Беса и Алијанса остана ист, но гласовите од Алијанса отидоа кај Беса, и тоа веројатно беше причината за оставката на Села, затоа што тоа реално е големо потфрлање“, вели Божиновски.

По неповолните резултати од вонредните избори за Совет на Општина Тетово, лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села си поднесе оставка. Тој вели дека Тетово не е само една општина, Тетово не е само еден град, Тетово е повеќе од тоа. Неговата партија не успеа да освои ниту едно советничко место во Тетово, а претходно имаше три. Нема да има ниту независни советници во општинскиот Совет. Сите партии имаат помалку на овие избори, освен Беса, од каде што е и актуелниот градоначалник Биљал Касами, која има четири советници плус, и ДУИ кои имаат еден советник повеќе од изборите во 2021.

На партиите од албанскиот политички блок Тетово им е многу битно, вели Муслиу.

„Тоа е најголема општина за албанските политички партии и секогаш силите се мереле во Тетово. Во овој изборен циклус има сериозно намалување на Алијанса и претседателот си поднесе оставка. Сигурно градоначалникот го искористил овој период да се консолидира во градот и кај него имаше зголемување, а трендовите кај СДСМ и кај ВМРО-ДПМНЕ се исти како на минатите избори“, вели Муслиу.

Во Маврово-Ростуше и во Центар Жупа на локалните избори на 17 октомври 2021 година и на 17 април годинава, немаше доволен одзив, па затоа и се распишаа трети по ред избори. Во Тетово се бираа советници, откако досегашниот Совет, кој беше избран на локалните избори во октомври 2021 година, прекина да функционира во април поради немање мнозинство.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG