Партијата БЕСА освои најмногу гласови по изборите за нов Совет во Општина Тетово, а според досегашните резултати на Државната изборна комисија, ВМРО-ДПМНЕ доби повеќе гласови од СДСМ.
Според последните ажурирани резултати на ДИК, во Советот на Општина Тетово БЕСА има најмногу мандати, вкупно 12 со освоени 9.620 гласа, а потоа следуваат ДУИ со 11 мандати и освоени 8.702 гласа.
ВМРО-ДПМНЕ со четири мандати и освоени 3.332 гласа е пред СДСМ со два мандата и освоени 1.953 гласа. По еден мандат во Советот на Општина Тетово имаат освоено Алтернатива со 1.118 гласа и ДПА со 1058 гласа. На гласањето за Советот на Тетово излезноста била 35,31 отсто и имало 651 неважечко ливче.
Лидерот на БЕСА и градоначалник на Тетово, Биљал Касами по прогласувањето на победата изјави дека тетовци ја заслужуваат неговата бескрајна посветеност до крајот на мандатот и побара да бидат одржани предвремени парламентрани избори.
„За краток период двапати ја победивме ДУИ и секако дека легитимитетот на Албанците во Северна Македонија, кој потекнува од тука, покажува дека веќе не се со ДУИ. Бараме предвремени избори што е можно поскоро, рече Касами“, рече Касами.
Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ, кој е пратеник во Собранието, изјави дека ВМРО-ДПМНЕ го победиле СДСМ во Тетово, a дека БЕСА го победила ДУИ.
„Двојна победа. ВМРО-ДПМНЕ води 2:1 пред СДСМ. БЕСА убедливо води пред ДУИ“, рече Ковачки кој исто така побара одржување на предвремени парламентарни избори.
Од друга страна СДСМ го прогласи за победник нивниот кандидат Медат Куртовски на изборите за градоначалник во Општина Маврово-Ростуше, откако освои повеќе гласови од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Мевмед Џафери.
По гласањето во Општина Центар Жупа, Аријан Ибрам веќе е изрбан за градоначалник бидејќи немаше противкандидат, со што партиски членови и функционери на СДСМ веќе слават.
Во Општина Маврово-Ростуше, Куртовски добил над 60 отсто од гласовите, односно 3266, а за Џафери околу 35 отсто или 1935 гласови, според податоците на ДИК. Излезноста била 54,24 проценти, а имало 195 неважечки ливчиња.
Во Маврово и Ростуше ќе биде избран градоначалник, како и во општина Центар Жупа, откако претходните гласања во овие две општини беа неуспешни поради недоволна излезност на гласачите.
Аријан Ибрам беше единствен кандидат за градоначалник на Центар Жупа, каде овој пат беше обезбеден потребниот цензус од една третина од вкупното гласачко тело.
Партиски членови и функционери на СДСМ вечерта на 20 август славеа во Центар Жупа и во Маврово-Ростуше.
Претседателот на СДСМ и премиер на државата Димитар Ковачевски изјви дека Куртовски во Маврово-Ростуше го победил Џафери со над илјада гласови разлика.
„Сакам да им се заблагодарам на сите граѓани кои денес излегоа и го дадоа својот глас и придонесоа за овој изборен ден да помине демократски и достоинствено“, изјави вечерва Ковачевски.
На Ибрам ова ќе му биде трет мандат на функцијата градоначалник на Општина Центар Жупа. Првпат тој беше избран на изборите во 2013, а реизбран во 2017 година.
Во избрачки список на Општина Центар Жупа беа запишани вкупно 7.154 граѓани со право на глас, од кои според податоците на ДИК до 18 часот гласале 3.312, односно 46,30 отсто.
Во Маврово и Ростуше од запишани 9.948 гласачи гласале 5.090 односно 51,17 отсто, а во Општина Тетово од запишани 84.702 гласачи гласале 27.447, односно 32,68 отсто.
Изборниот ден мина мирно без проблеми, рече Неџип Илјаз претседател на општинската изборна комисија во Центар Жупа.
Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски на денешна прес-конференција исто така рече дека изборниот ден поминал мирно и без инциденти.
Тој додаде дека досега пристигнале вкупно 127 приговори за лично избирачко право, од кои биле прифатени 113, а одбиени биле шест.
„Сметам дека така и ќе заврши изборниот ден и со броењето на гласовите и дека ќе имаме успешни локални избори во овие три општини“, рече Даштевски.
Граѓаните на Тетово гласаа на вонредни избори за советници, откако во мај годинава Владата го разреши тетовскиот Совет.