Долг од 24 милиони евра, дали да се „аминува“ или не со завршната сметка, е темата поради која Советот во Тетово ќе се распушти, велат дел од советниците. Официјално, причините за распишување на избори за нови советници во општината се поминати рокови за донесување на завршна сметка, во која, според зборовите на независните советници, не биле содржани клучните информации за потрошените пари на претходната градоначалничка Теута Арифи и последниот квартал од годината кога за општинската каса е задолжен актуелниот градоначалник Биљал Касами.
Завршната сметка која била доставена до советниците не е објавена на веб страницата на општината, каде што последна усовоена завршна сметка е објавена за буџетската 2018 година.
Формално, расправата во јавноста засега се одвива за поминатите рокови од изготвување на завршната сметка до нејзина достава со советниците, па гласање за неа во Советот на Општината. Дебатата за роковите е меѓу централната и локалната власт од една страна и независните советници од друга страна.
Од Владата тврдат дека тие го испочитувале рокот за донесување одлука за предвремени избори за Совет, нешто со кое не се согласува претседателот на Советот на општината кој доаѓа од политичката партија БЕСА.
„Владата малку доцнеше со донесување на оваа одлука, но важно е дека е донесена. Ние сега ќе чекаме одлука од Претседателот на Собранието, Талат Џафери да ги распише изборите за избор на Совет на Општина Тетово,“ изјави Бесар Дурмиши од БЕСА.
Локалната власт има слух за независните само ако им недостигаат гласови
За независните советници суштината е во, како што велат, сомнителната завршна сметка со која од нив се очекувало без детални информации за потрошените пари да ги „аминуваат “ долговите кои биле претходно направени. Тие во разговор за РСЕ велат дека не сакале да гласаат за завршната сметка затоа што со тоа ќе си погазат зборовите кои ги дале пред граѓаните за транспарентност и отчетност.
„Општината Тетово со години работи со долгови и блокирана сметка, и затоа ние не сакавме да гласаме некоја си сомнителна завршна сметка, бидејќи цело време за нефункционалноста на општината се повикувавме на долгот и на таа блокирна сметка и во овој случај ако нема информации каде отишле тие пари и како биле злоупотребувани, нема логика да се бара тогаш оправдување на долгот што го имаме“, вели независната советничка во општина Тетово Елмедина Абдулаху.
Селективно спроведување на законот според потребите на владејачкото мнозинство ?
Според неа, ова е селективно спроведувањето на законот за финансирање на локална самоуправа. Оваа Влада за прв пат донесе одлука за распуштање на Совет на општина, поради непочитување на законот за финансирање на локална самоуправа со недоставување на завршна сметка до Министерството за финансии.
Според стариот закон за локална самоуправа, опцијата избори не е прва, туку било допуштено пред да се распишат избори да се покрене постапка за финансиска контрола.
Но, кога сме кај спроведувањето на законот за финансирање на локална самоуправа последните податоци од неколку извештаи на државниот завод за ревизија покажуваат дека градоначалниците не го почитуваат овој закон, особено членот кој што се однесува на прогласување на финансиска нестабилност на општината ако повеќе од 6 месеци во континуитет работи со блокирана сметка.
Според последните извештаи на ревизорите, 11 градоначалници требало да бидат казнети според законот со глоба од 5 до 10 илјади евра поради непрогласување на финансиска нестабилност и покрај исполнетите услови.
Според ревизорските извештаи на 31 јануари 2021 година, блокирана сметка имале 11 општини и тоа Тетово, Делчево, Демир Капија, Карпош, Кривогаштани, Охрид, Пехчево, Ресен, Сопиште, Струга и Зрновци.
Колку „тежат“ градоначалниците?
Без прогласување финансиска нестабилност, општините со блокирани сметки продолжуваат речиси непречено да трошат пари, а не ретко и да генерираат нови долгови, иако не ги исплатиле старите.
Од Министерството за финансии до објавувањето на овој текст не одговорија на новинарските прашања на Радио Слободна Европа дали во изминативе две години некој од старите и новите градоначалници на овие општини кои наследија милиони долгови и блокирани сметки ја исполни законската обврска да прогласат „финансиска нестабилност“ и да усвојат, како што е во законот наведено, буџет со кој ќе штеди за да може да ги одблокира сметките.
Државниот завод за ревизија во анализата на „360 степени“ посочи дека ниту еден градоначалник досега не го спровел овој член од законот, иако за тоа ги исполнил условите.
Општината Тетово е задолжена со 24 милиони евра и градоначалникот Билал Касами јавно ја објави оваа бројка на голем билборд кај зелениот пазар.
„Општина Тетово должи 9,4 милиони евра кон приватниот сектор. Долгот кон јавниот сектор изнесува речиси два милиона евра, како и 400.000 евра кон физички лица. Исто така, околу 6 милиони евра се водат како сомнителни договорни обврски кои ги направила претходната власт. Долгот на Јавното комунално претпријатие изнесува 9,7 милиони евра, а на ЈП „Градски паркинг“ 187.000 евра. Заедно со другите неисплатени обврски, Општина Тетово вкупно должи 24 милиони евра“, соопштија новите власти во Општина Тетово по локалните избори кои се одржаа во октомври минатата година.
Мегаломански ветувања, неостварливи со општинските буџети
Во ситуација кога работата на советот ќе се одложи за најмалку три месеци колку што трае цела постапка околу спроведување избори за нови советници, се наметнува прашањето кога ќе се усвои план за штедење со цел враќање на долговите.
Кој политички ќе „ќари“, а кој ќе изгуби од изборите за советници во Тетово?
По минатогодишните локални избори од 31 советник во Тетово, двајца беа од независните листи, 10 од ДУИ, 8 советници на БЕСА, 4 советници на ВМРО-ДПМНЕ, 3 советници на Алијанса за Албанците, 2 на СДСМ и 2 на ДПА. Бројот на советници од коалицијата на власта и коалицијата на опозицијата се изедначи, откако не се успеа да се избере уште еден советник на место на неговиот претходник кој даде оставка. Поради ова, актуелната владејачка коалиција го изгуби мнозинство во Советот, односно силите станаа изедначени. Со ваква партиска поделеност независните советници играат клучна улога во донесувањето на општинските одлуки.
Политичкиот аналитичар Џељал Незири вели дека од минатогодишните избори досега не се направени сериозни промени во општината кои би инспирирале граѓаните да гласаат и да направат сериозни политички поместувања на силите кај поголемите партии. Но, додава дека малата излезност на изборите ќе им го остави одлучувачкиот глас на симпатизерите на големите политички партии и оние кои имаат корист од партиите, па тоа остава ризик независните советници да ги загубат позициите.
„Постои таква опасност, затоа што таа предизборна атмосфера не е лесно пак да се направи, особено кога ќе има избори во една или две општини и граѓанската демотивација може да придонесе независните листи да претпрат пораз“, вели Незири.
Отчет на терен: вода за пиење нема, асфалт селективно
Тој додава дека тоа што може да се очекува е непотребно трошење на јавни пари за избори кои се непотребни.
„Причина за тоа е отсуството на институционален сенс, отсуство на чувство за тоа што е јавно добро и интерес, тие меѓупартиски инаети и игри доведоа до ова да имаме повторно гласање во Тетово кое може да ги донесе и скоро истите резултати“, вели Незири.
Тој додава дека досегашното изборно искуство покажува дека на повторени избори во одредени општини резултираат со многу мала излезност на гласачите. Една од причините за тоа е што ја нема предизборната атмосфера во државата која влијае на покренување на излезноста, додека втора причина е малите видливи резултатите кои досега ги постигнала локалната власт за помалку од 8 месеци по локалните избори.
„Граѓаните се тие кои што ќе ги платат фактурите на овие политички игри, граѓаните се тие кои што ќе трпат во самата општина од недостиг на квалитетни услуги, а во изборниот период општината ќе биде парализирана а за градоначалникот ќе биде алиби дека не можел да ги реализира ветените проекти, но на крај тоа ќе биде голема загуба за самите граѓани“, додава тој.
Можно е изборите да бидат на 20 август кога ќе се гласа за градоначалник на општините Маврово - Ростуше и Центра Жупа. Одлуката треба да ја донесе претседателот на Собранието Талат Џафери.