Вести
Иран и САД во Виена се обидуваат да го спасат нуклеарниот договор од 2015 година

Иран и Соединетите држави денеска во Виена одржаа индиректни разговори во петокот во последниот обид да го вратат нуклеарниот договор од 2015 година, објавија иранските државни медиуми. Малкумина очекуваат пробив. Секоја страна ја повика другата на компромис, додека нуклеарната програма на Техеран напредува. Ројтерс, цитирајќи еден ирански и еден европски функционер, во јуни објави дека Техеран се откажал од барањето за отстранување на нејзината Револуционерна гарда од списокот со санкции на Вашингтон. Во четвртокот, висок ирански функционер изјави за Ројтерс: „Имаме свои предлози за кои ќе се разговара на разговорите во Виена, како што е постепено укинување на санкциите за Гардата“.
Преговарачи на САД и Иран во Виена на нови разговори за нуклеарниот договор од 2015 година
Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби вчера рече дека преговорите се „прилично завршени“. Главниот ирански преговарач за нуклеарно оружје Али Багери Кани ја стави одговорноста на Белата куќа за компромис, велејќи дека САД треба да „покажат зрелост и да се однесуваат одговорно“. Бидејќи Иран одбива да одржи директни разговори со Соединетите држави, Енрике Мора од ЕУ посредува меѓу Багери Кани и специјалниот пратеник на САД за Иран, Роб Мали. Разговорите беа прекинати главно поради барањето на Техеран Вашингтон да ја отстрани Револуционерната гарда од американскиот список на странски терористички организации. САД одбија да го сторат тоа.
Иран: камерите на МААЕ ќе останат исклучени додека не се постигне нов нуклеарен договор
Техеран, исто така, бара Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да се откаже од своите тврдења за нуклеарната активност на Техеран, приговарајќи на минатогодишното тврдење на оваа агенција на ОН дека не успеала целосно да ги објасни трагите од ураниум на непријавени локации.
види ги сите денешни вести
Во протестите низ Турција приведени девет новинари

Турските власти приведоа девет новинари кои во текот на ноќта известуваа за протестите во неколку градови против апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, соопшти денеска Синдикатот на турските новинари.
Засега не е јасно зошто се приведени новинарите. Турскиот суд во неделата го затвори градоначалникот на Истанбул, Имамоглу, главен политички ривал на претседателот Таип Ердоган, до судењето за обвиненија за корупција, потег што ги предизвика најголемите протести во земјата во повеќе од една деценија.
И покрај забраните за улични собири во многу градови, синоќа петта последователна ноќ се одржаа главно мирни антивладини протести.
Главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) повикува на протести против одлуката на судот за Имамоглу, која тие ја опишуваат како политизирана и недемократска.
Владата негира дека истрагите се политички мотивирани и вели дека судовите се независни.
Имамоглу ги отфрли обвиненијата со кои се соочува, отфрлајќи ги како „незамисливи обвинувања и клевети“ и повика на протести низ целата земја.
Обраќајќи им се на демонстрантите во истанбулскиот кварт Сарачане пред зградата на општината, лидерот на ЦХП, Озгур Озел, синоќа (23 март) рече дека ќе продолжат со протестите додека Имамоглу не биде ослободен.
Меѓу приведените новинари е и фотограф од агенцијата Франс прес, соопшти синдикатот на новинарите на плаформата Х.
Осум пациенти треба да се вратат од странство неделава, четири се во критична состојба

Четири од пациентите од пожарот во Кочани кои се лекуваат во странство се во критична состојба, а очекуваме осум да се вратат неделава во државава, изјави денеска (24 март) министерот за здравство Арбен Таравари.
Како што соопшти, денеска се очекува да бидат испишани 16 пациенти од домашните болници, каде се лекуваат вкупно 46.
На Клинички центар се лекуваат 26 пациенти и по 10 во ГОБ 8 Септември и во Свети Наум Охридски, во приватните болници осум пациенти. На лекување во странство се 115 пациенти.
„Во фаза на инфекции сме, можни се компликации. Колегите даваат максимум. Се надевам барем половина од пациентите ќе се вратат за две недели“, изјави Таравари.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени.
Починатите, кои се на возраст од 16 до 48 години беа погребани во Кочани, Штип, Струмица и Скопје.
Украинското обвинителство тврди дека 604 деца загинале во Украина од почетокот на војната

Од избувнувањето на војната со Руската Федерација во Украина, загинаа 604 деца. Повикувајќи се на податоци на Државното обвинителство на Украина, украинските медиуми објавија дека 2.421 дете во Украина биле повредени во вооружени конфликти.
„Повеќе од 2421 дете се повредени во Украина за време на војната со Русија“, се вели во извештајот.
Најголем број жртви и повредени се забележани во Доњецката област- 633 деца, Харков-470, Херсон -202, Днепропетровск-203, Киев-136, Запорожје-170 и Миколаив-118, а петгодишно девојче беше убиено во руски напад со дрон на 23 март оваа година.
Во селото Марине, Сумиската област, на 22 март 2025 година, 17-годишно девојче и млад човек беа повредени во напад со дрон, додека во Запорожје на 21 март, 17-годишно девојче беше убиено, а 10-месечно бебе беше повредено.
Премиерот на Гренланд: Најавената посета на американската делегација е многу агресивен потег

Гренландскиот премиер Муте Б. Егед остро ја осуди најавената посета на американска делегација на земјата во која е и сопругата на потпретседателот на САД, Уша Венс. Егед тоа го нарече „многу агресивен потег“.
Уша Венс, сопруга на американскиот потпретседател Џ. Венс доаѓа на Гренланд оваа недела за да присуствува на националната трка на кучиња и „да ја прослави културата и заедницата на Гренланд“, се вели во соопштението на Белата куќа.
На Гренланд треба да отпатува и советникот за национална безбедност на Трамп, Мајк Волц, потврди извор запознаен со планот на патувањето.
„Што прави советникот за национална безбедност на Гренланд? Единствената цел на неговата посета е да ја демонстрира американската моќ над нас. Неговото присуство дополнително ќе ги охрабри Американците да веруваат во мисијата на Трамп, а притисокот ќе се зголеми, изјави Егед за гренландски весник.
Тензиите меѓу САД и Гренланд се зголемија откако американскиот претседател Доналд Трамп постојано изјавува дека САД имаат намера да ја анектираат автономната територија на Данска, доколку е потребно со сила или економски притисок.
„Мислам дека ќе го добиеме на еден или друг начин“, рече Трамп претходно овој месец во обраќањето пред Конгресот.
Гренланд, најголемиот остров во светот богат со ретки минерали важни за високотехнолошката индустрија, со години е предмет на стратешките интереси на САД, Кина и Русија. Заканите на Трамп дополнително ги влошија односите меѓу САД и Данска, која сè уште има контрола врз одбраната и надворешните работи на Гренланд.
Иако владејачката партија на Егед неодамна доживеа недоверба на парламентарните избори, тој останува на чело на владата до формирањето нова коалиција. Јенс-Фредерик Нилсен, кој се смета за нов премиер, исто така смета дека американскиот потег „покажал недостаток на почит кон Гренланѓаните“.
Данската премиерка Мете Фредериксен рече дека ја сфаќа посетата на американската делегација „сериозно“ и дека соработката со САД мора да се заснова на „фундаменталните принципи на суверенитет“.
Дури 85 отсто од Гренланѓаните се против американска анексија, покажа анкетата објавена во јануари.
Синот на Трамп, Доналд Трамп помладиот, неодамна предизвика контроверзии за време на посетата на Гренланд кога рече дека територијата на островот „ќе има голема корист“ од приклучувањето кон САД, со пораката „Направете го Гренланд повторно голем“.
Уставниот суд на Јужна Кореја го поништи импичментот на актуелниот премиер Хан Дак-Су

Уставниот суд на Јужна Кореја го поништи импичментот на актуелниот премиер Хан Дак-Су и со тоа му ги врати овластувањата на претседателот што ги презеде откако поранешниот претседател прогласи вонредна состојба.
Хан ја презеде функцијата од претседателот Јун Сук Јеол, кој беше отповикан поради кусо прогласување вонредна состојба во декември. Хан веднаш се врати на својата позиција по пресудата.
„Благодарен сум за мудрата одлука на Уставниот суд“, рече Хан по одлуката и им се заблагодари на членовите на владата за нивната напорна работа за време на неговата суспензија.
Прогласувањето на вонредна состојба од страна на Јун во декември доведе до најголемата политичка криза во Јужна Кореја во последните децении и создаде вакуум во власта во четвртата по големина економија во Азија.
Хан првично беше две недели претседател. Тој беше отповикан и суспендиран на 27 декември по судирот со парламентот во кој доминира опозицијата поради неговото одбивање да назначи уште тројца судии во уставниот суд.
Седум судии од тоа тело денеска одлучија да го поништат импичментот, додека еден се спротивстави.
Хан е 75-годишен политичар кој е на лидерски позиции повеќе од три децении, под пет претседатели, конзервативни и либерални.
Во една политички високополаризирана земја, Хан се сметаше за редок пример на функционер чија кариера ги надмина партиските поделби. Сепак, парламентот го обвини дека не направил доволно за да ја спречи одлуката на Јун да прогласи вонредна состојба, што тој го отфрла.
За време на суспензијата на Хан, претседателската функција ја презеде министерот за финансии Чои Санг-мок. Конечната одлука на Уставниот суд за Јун се очекува за неколку дена, а доколку биде потврден неговиот импичмент, во рок од 60 дена ќе се одржат претседателски избори.
Рубио и Нетанјаху разговарале за израелските напади врз Газа

Американскиот државен секретар Марко Рубио и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска телефонски разговарале за израелските операции во Газа, соопшти Стејт департментот.
Во вчерашниот израелски воздушен напад врз болница во Газа загинаа пет лица, меѓу кои и политички лидер на Хамас. Израел тврди дека цел на нападот бил клучен член на милитантната група. САД и ЕУ ја прогласија Хамас за терористичка организација.
Министерството за здравство во Газа соопшти дека е погоден хируршкиот оддел на болницата Насер во Кан Јунис. Израелската војска соопшти дека нападот следел по детални разузнавачки податоци и употреба на прецизна муниција за да се минимизира штетата.
Хамас соопшти дека е убиен член на нејзината политичка канцеларија Исмаил Бархуми.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац потврди дека тоа е Бархуми. Војската не ја именуваше целта, но го опиша како „клучен терорист“ на Хамас.
Израелските напади предизвикаа осуда кај светската јавност, а се проценува дека во последните израелски напади загинале стотици луѓе.
Таравари: Седми ден, а нула починати, очекуваме да оди на подобро

Наредната недела се очекува враќање на повеќе повредени од пожарот во Кочани кои сега се лекуваат во странство, изјави министерот за здравство Арбен Таравари по состанокот на Кризниот штаб.
Протоколот за враќање ќе биде испратен во Министерството за надворешни работи. Таравари соопшти дека во болниците во земјава се лекуваат 55 повредени, а во странство има 115 повредени. Петтемина повредени кои се во критична состојба се на лекување во странство.
„Надвор од државата се 115 пациенти, во критична состојба продолжуваат да бидат пет пациенти, но состојбата на пациентите флуктуира. Седми ден е, нула починати. Нема ниту еден пациент кој починал. Очекуваме да се подобрува состојбата. Следната недела имаме најави за враќање на повеќе пациенти во државава“, рече Таравари на денешната изјава за медиумите, по завршување на редовниот состанок на кризниот штаб.
Во македонските болници пак сите пациенти се во стабилна и добра состојба.
Се планира девет пациенти да бидат испишани на почеток на неделата, откако ќе им бидат направени сите токсиколошки и психолошки испитувања.
Израел соопшти дека го одбил нападот на бунтовниците Хути

Израелската војска на 23 март соопшти дека соборила ракета лансирана од Јемен пред таа да влезе на израелска територија.
Овој напад претставува ескалација на ситуацијата меѓу Израел и јеменските бунтовници, Хути, кои се поддржани од Иран.
Јеменските бунтовници ја презедоа одговорноста за нападот, велејќи дека групата истрелала балистичка ракета кон аеродромот Бен Гурион, во близина на Тел Авив, изјави воениот портпарол Јахја Сари.
Сари рече дека нападот довел до прекин на воздушниот сообраќај на овој аеродром на час и половина.
Сепак, органот кој управува со аеродромите во Израел соопшти дека аеродромот не бил погоден од овој напад.
Портпаролот на бунтовниците Хути - група означена како терористичка група од страна на САД - тврдеше, без да обезбеди никакви докази, дека бунтовниците извршиле напади врз американскиот носач на авиони, УСС Хари С. Труман, во Црвеното Море во неделата.
Бунтовниците Хути неодамна ветија дека ќе ги ескалираат нападите, вклучително и нападите врз Израел, како одговор на американските напади на почетокот на овој месец, кои ја сочинуваат најголемата американска воена операција на Блискиот Исток откако претседателот Доналд Трамп се врати во Белата куќа во јануари.
Во американските напади врз јеменските бунтовници загинаа најмалку 50 луѓе.
Исто така, последниот напад на јеменските бунтовници доаѓа откако тие ветија дека ќе ги прошират своите цели во Израел, како одговор на обновените израелски напади врз Газа, кои оставија стотици мртви во последните денови.
Папата Франциско пуштен од болница

Папата Франциско ја напушти болницата Гемели во Рим на 23 март, откако пет недели се бореше со пневмонија. По излегувањето од болницата, Папата ја поздрави насобраната толпа и автомобилот со кој патуваше се упати кон црквата во Рим, а потоа кон неговиот дом во Ватикан.
Во Ватикан, големи толпи луѓе се собраа на улиците за да го пречекаат 88-годишниот папа.
Во саботата лекарите најавија дека папата ќе биде пуштен од болница, но тој, рекоа лекарите, треба да избегнува средби со големи групи луѓе и да не си предизвикува замор. По некое време, лекарите рекоа дека Светиот Отец може да се врати на сите негови вообичаени активности.
Аргентинскиот папа, кому кога беше млад му беше отстранет дел од белите дробови, беше примен во болницата Гемели на 14 февруари бидејќи состојбата со бронхитис се влоши.
Лекарите првично му дијагностицирале респираторна инфекција, а потоа рекле дека има пневмонија на двете бели дробови. Тестовите на крвта покажаа знаци на анемија и проблеми со бубрезите, но овие компликации се подобрија откако папата беше подложен на два третмани за трансфузија на крв.
На 28 февруари неговата состојба се влошила, бидејќи имал проблеми со дишењето и морал да прима кислород преку маска. Неколку дена подоцна доживеал и два респираторни напади.
Марш за жртвите во Кочани, 60 минутен молк во Охрид

Граѓаните на Кочани денеска организираа 60-минутен Марш со молк, како симболична почит за сите 60 лица кои починаа како последица од пожарот во дискотеката „Пулс“ што се случи минатата недела.
Без транспаренти и тивко, колоната граѓани помина по улиците во централното градско подрачје и стигна пред зградата на Општина Кочани.
Со мотото „Молкот зборува најгласно“, стоејќи мирно, учесниците на маршот испратија симболична порака дека бараат одговорност за трагедијата којашто уништи неколку генерации млади луѓе.И во Охрид во организација на младинската и ученичките заедници, заедно со Студенските собранија и Локалниот младински совет, денеска на пладне на Градскиот плоштад во Охрид се одржа 60-минутен молк во знак на почит кон жртвите од трагедијата во Кочани.
На крајот од 15-минутната почит за загинатите, беше упатена благодарност до сите пријателски држави кои на лекување ги примија повредените од пожарот. Во пораката до институциите беше нагласено дека граѓанските протести и собири не се за менување власт, туку повик за менување на свеста против начинот на кој функционира целиот систем во државата.
„Ние во Кочани секогаш сме биле разумни и рационални луѓе, а проблем е што ова е гнил систем кој не функционира. Ако кренеш глава за правда ќе те избркаат од работа, ќе те наместат, ќе те затворат. Системот не функционира веќе 30 години, но ние немаме намера да рушиме власт. Оваа држава има прекрасни луѓе, но половината се во странство, а другите, нашите најдобри интелектуалци ги ставивме во дупките во земја. Сега ќе имаме и работа и фирми, но немаме деца. Не бараме револуција за промена на власт, туку бараме револуција за менување на нашата свест. Да се свестиме и да прекинеме со партиските поделби, да почнеме од овој момент да создаваме нормално општество. Во сите партии има прекрасни луѓе, но тие се во десеттиот, единаесеттиот ешалон. Што треба да се случи полошо од ова, кога веќе немаме ништо. Ако умре овој град, барем нека се спасат другите градови, рече Влатко Здравко, учесник во маршот.
Граѓани на Охрид на дождливо време одадоа почит на настраданите во кочанската трагедија, искажувајќи поддршка на нивните и на семејствата на сите повредени во најголемата несреќа во историјата на независната македонска држава.
Инаку, Општина Охрид за престојната седмица најави свикување седница на Советот, на која ќе одлучува за доделување финансиска помош за семејствата на починатите и за повредените лица во пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
За утре во 18.59 движењето „Кој е следен“ најави протест на плоштадот „Македонија“ и објави повеќе барања до властите.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете