Никогаш нема да прифатиме предлог кој е ултиматум и диктат за мегаломански барања и историски аспирации кон Македонија, порача денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски откако час претходно Владата го објави францускиот предлог за деблокирање на македонските евроинтеграции на нејзината веб страница. Лидерот на опозицијата вели дека предлогот кој е на маса е всушност истиот кој веќе еднаш беше одбиен и оти истиот ги содржи сите бугарски барања.
Мицкоски вели дека одобрувањето на ваква рамка значи или асимилирани и бугаризирани во ЕУ или засекогаш надвор од ЕУ.
„Прифаќањето на ваквиот предлог значи целосно право на Бугарија да менува учебници и да ги пишува согласно бугарскиот диктат, а нашите деца да учат според бугарскиот диктат или нема европска иднина. Тоа значи дека Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански биле Бугари. Дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Секој кој како Ковачевски, Османи и Маричиќ ќе ви кажува нешто поинаку, Ви кажувам дека не ја говори вистината, Ве лажат. Јас и ВМРО-ДПМНЕ нема да сме соучесници во таков процес и ќе се бориме за вистината и против ваквиот нокаут на македонската дипломатија“, изјави Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повика на сенароден протест за, како што кажа, да се одбрани тоа што се нарекува европска вредност и да се спаси процесот на преговори со Европската Унија.
Мицкоски вели дека измените во францускиот предлог се всушност лингвистичка инверзија.
„Во првиот документ кој би требало да се нарекува прва Меѓувладина конференција на стана 5 точка 3 стои дека во преговарачката рамка и двете страни ќе дадат унилатерални изјави кои ќе кажат како го подразбираат македонскиот јазик. Од наша страна истото претпоставувам ќе биде ќе биде македонски јазик, веројатно до толку не се национално исплакнати, а од страна на Бугарија ќе има еднострана изјава декатие не го признаваат, односно го признаваат согласно Уставот на РМ“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Следната измена вели Мицкоски, е на страна 10, „каде точно во точка 5 се цитира Договорот за добрососедство со Бугарија, каде што делот билатерални протоколи е заменет со годишни извештаи и мерки за ефективната имплементација по чл, 12. Значи тој член ќе биде одлучувачки член врз основа на кој ние или ќе напредуваме или ќе бидеме подложни на вето од источниот сосед. А тој член е делот каде што се регулирани меѓувладините конференции меѓу Македонија и Бугарија“, објаснува Мицкоски.
Тој додава дека измените од вториот документ се однесуваат на страна 7, каде што како што вели, јасно стои дека Македонија нема да го отвори првиот кластер „фундаменталс“ се додека не се случат уставните измени на кои се повикуваат заклучоците од Европскиот совет.
„На страна 8 пак јасно стои дека Македонија не може да го почне процесот на преговори се додека не биде потпишан протоколот од втората средба на заедничката меѓувладина комисија која е основана врз основа на членот 12 од Договорот за добрососедство. Тоа е оној протокол во која се содржани историјата, културата, сето што треба да го направиме како измена и мерка во нашите учебници“, рече Мицкоски.
Претходно премиерот Димитар Ковачевски рече дека францускиот предлог е солидна основа за градење став и дека во него се инкорпорирани нашите забелешки и јасно изразени ставови. Тој уверува дека македонскиот јазик е македонски јазик и сите идентитетски прашања се заштитени и дека во преговарачката рамка не влегува Протоколот за добрососедство. Ковачевски повтори дека следува процес на широки консултации, кој ќе се одвива транспарентно, а јавноста во детали ќе биде запознаена со сите следни чекори.
На прашањето што доколку ВМРО-ДПМНЕ не го прифатат предлогот Ковачевски рече дека обврска на секој политичар е да мисли на генерациите напред, а не само на политичката кариера и изборниот резултат.
„Сметам дека сите политички партии треба консензуално да се борат за подобра иднина на оваа држава. Не смееме да бидеме држава која не сака да се интегрира. Човек може сам да се изолира, може политичка партија да остане изолирана, но не смее да одлучи државата и граѓаните да бидат изолирани.
Ги повикувам ВМРО-ДПМНЕ ако еднаш не подржале членство во НАТО, сега да разговараме, да се погледне предлогот и заедно да одлучиме да одиме напред кон ЕУ,“ рече Ковачевски.
Вчера до Владата преку Министерството за надворешни работи, од француското претседателство пристигна предлог со идеи кои како што соопшт премиерот Ковачевски, се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови.
Францускиот претседателот Емануел Макрон изјави дека е уверен оти е најден добар договор помеѓу Скопје и Софија, а предлогот го поздравија и претставници на Меѓународната заедница.
Францускиот предлог е европски документ кој треба да доведе до укинување на двегодишното бугарското вето за македонските евроинтеграции. Македонија е кандидатка за членство во ЕУ од 2005 година, ама се уште ги нема почнато преговорите за влез во Унијата.