Достапни линкови

Ќотекот е излезен од Охрид


Охрид
Охрид

Охридскиот советник од ДУИ Нефи Усеини повторно тепал сограѓанин, објави порталот А1он. За претходните тепања нема епилог, а тепаните ги менуваат исказите. Граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека ова е пример за функционирање на правната држава.

Охрид е рај на земјата. Нефи Усеини е од Охрид. Значи, ќотекот е излезен од Охрид. Овој силогизам се наметнува откако советникот од ДУИ во Општина Охрид, Нефи Усеини повторно натепа сограѓанин, четврти пат во три години, додека чека пресуда за претходните тепања.

Порталот А1он објави дека овој инцидент се случил во просториите на Општина Охрид. Усеини и 56-годишниот нападнат охриѓанец зеле бројчиња за наддавање за тезгите поставени на кејот, по што дошло до вербална расправија, а потоа и тепачка со боксови.

„На 21.06.2022 година, околу 15:30 часот, на улицата Димитар Влахов во Охрид, нарушен е јавниот ред и мир со физички напад од Н.У. врз Т.В. (56), двајцата од Охрид. Против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат во охридската полиција.

Усеини во охридскиот суд чека пресуда за насилство за тепањето на неговиот сограѓанин Спиро Топалоски. Тепаниот прво ги пријави браќата Усеини дека го тепале со пиштол по глава, па потоа рече дека не бил тепан, иако настанот го има на снимки од камерите, а тој заврши во болница. Подоцна, Топалоски рече дека не се тепале, туку се гушкал со обвинетиот.

На суд е и предметот во кој Усеини се гони за претепувањето на Џемал Мена, советник од Беса во охридскиот совет, но рочиштата се одлагаат.

Во 2019 година, тој го тепаше и професорот Иљал Иљази од Универзитетот на Југоисточна Европа, но наместо кривична доби прекршочна пријава.

Некои граѓани се шегуваат дека Усеини е суперхерој кој ја зел правдата во свои раце.

Против него имаше и пријава за вербален напад врз инспектори од Скопје кои сакале да направат увид во неговата дивоградбата кај стариот Чинар во Охрид, но пријавата беше отфрлена.

Граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека случајот со Усеини е само мал показен пример како функционира правната држава за луѓето со пари, моќ и влијание. Ако никој не му може ништо на еден локален шериф, што ќе им направи на оние со сериозна моќ на ниво на држава, прашуваат тие.

Други, пак, се шегуваат дека Усеини треба да се прати да биде преговарач во спорот со Бугарија. Ако не бива со арно, можеби ќе биде по охридски.

Трети, пак, се шегуваат дека вештините на охридскиот советник може да се искористат за развој на садомазо туризам.

Во фаза на истрага се и два други предмети за дивоградби против Усеини. Еден за бетонска база во градот, а друга за летна тераса на државно земјиште.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG