Достапни линкови

Вести

Русија ја обвини Украина дека цели на нафтени платформи во близина на Крим

илустрација
илустрација

Украинските сили ги гаѓаа платформите за дупчење во Црното Море во сопственост на кримската компанија за нафта и гас, изјави денеска прорускиот шеф на анектираниот полуостров Сергеј Аскионов, без да даде детали за тоа какво оружје е користено.

Три лица се повредени, а потрагата по седум работници на енергетската компанија Черноморнефтегаз е во тек, изјави Аскионов, кој беше назначен од Русија по анексијата на Крим во 2014 година.

Кримските власти соопштија дека работата на три платформи за дупчење била прекината по ударот и пријавиле пожар. Украинската армија одби да коментира.

Тој не прецизираше кои инсталации се погодени, но компанијата Черноморнефтегас експлоатира неколку полиња со гас и нафта во Црното и Азовското Море во близина на Крим, според агенцијата Франс прес.

Ова е прв пријавен напад на офшор енергетската инфраструктура на Крим од почетокот на руската офанзива врз Украина на крајот на февруари.
Властите поддржани од Русија го запленија Черноморнефтегаз од украинскиот национален оператор за гас Нафтогас како дел од анексијата на полуостровот од Москва во 2014 година. Компанијата е под санкции од Соединетите Држави и Европската унија.

Постројките се наоѓаат во близина на јужниот брег на Украина во Црното Море, на 71 километар од Одеса, објави новинската агенција РИА Новости, повикувајќи се на Олга Ковитида, сенаторка која го претставува Крим во Горниот дом на рускиот парламент.

Руските власти изразија загриженост поради изјавите на украинските воени претставници кои ја споменаа можноста за таргетирање на инфраструктурата на Крим, како што е мостот Керч што го поврзува Крим со Русија - како дел од контраофанзивата на Украина на југ, пренесува Ројтерс.

Русија започна инвазија на Украина на 24 февруари, а во 2014 година го анектира Крим и источните делови на земјата.


види ги сите денешни вести

Вооружен маж застрелан во близина на Белата куќа

Архивска фотографија
Архивска фотографија

Тајната служба на Соединетите Американски Држави пукала во вооружен маж во близина на Белата куќа, соопштија властите.

„Никој освен напаѓачот не е повреден во пукањето кое се случи“, се наведува во соопштението на Тајната служба.

Претседателот на САД, Доналд Трамп за време на инцидентот бил во својата резиденција на Флорида.

Тајната служба од локалната полиција добила информации за наводен бомбаш-самоубиец кој патувал од Индијана и во близина нашла автомобил и личност која одговара на неговиот опис.

„Кога се приближиле полицајците, личноста имала огнено оружје и дошло до вооружен судир. Во текот на судирот нашите припадници го застрелале“, се додава во соопштението од Тајната служба.

Напаѓачот е хоспитализиран, а Тајната служба соопшти дека неговата состојба не е позната.

Извор: Бета, АП

Цените во маркетите повторно ги скараа власта и опозицијата

илустрација
илустрација

Цените на производите во маркетите и денеска ги „скараа“ власта и опозицијата.

Од опозициската СДСМ објавија дека направиле контрола на цените низ маркетите и дошле до поразителен заклучок. Лолита Ристова, членка на Извршниот одбор на СДСМ на прес конференција реагираше дека наместо намалување, има покачување на цените.

„Нема ниту има робусна ниту жестока контрола како што вчера изјави премиерот Мицкоски. Тоа е една голема лага“, рече Ристова.

Според неа, јајцата чија цена се движела од 75 до 85 денари, сега чинат околу сто денари.

„Јогуртот со 3,2% масленост е 72 денари и нагоре. Млекото е исто така поскапено и се движи од 70 до 80 денари. Сирењето е поскапено и се продава од 440 до 650 денари“, рече Ристова.

Како што посочи, кашкавалот станува луксуз и речиси и да не може да се најде по цена пониска од 600 денари, а во меѓувреме, според неа, поскапен е и шеќерот.

„И останатите производи се поскапени, грашокот, гравот леќата, сè е поскапено. Додека народот се мачи со високите цени и недоволните плати како да врзат крај со крај, како да го поминат месецот, што ќе имаат на масата семејствата за јадење, Мицкоски и неговата влада се хранат со луксузни храни на грбот на истиот тој народ“, додаде Ристова.

По нејзината прес конференција, од ВМРО-ДПМНЕ реагираа со писмено соопштение. Според владеачката партија, опозицијата „лажно се бори за граѓаните“.

Во партиското соопштение се споменува и вчерашниот марш кој СДСМ го организираше по повод Меѓународниот ден на жената.

„На СДС им текнало да одат по маркети. Тоа го зборуваат и прават луѓе кои за партиска журка наречена како манифестација за Ден на жената трошат околу 100 илјади евра“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Симулација на заложничка криза на скопскиот аеродром

Заедничка симулациска вежба на МВР и ТАВ Македонија, 9 март 2025
Заедничка симулациска вежба на МВР и ТАВ Македонија, 9 март 2025

Симулациска вежба на заложничка криза се одржа денеска на Меѓународниот Аеродром Скопје на Припадници на специјалните сили на Министерството за внатрешни работи во соработка со аеродромските безбедносни служби на ТАВ Македонија.

Вежбата имаше за цел тестирање на капацитетите на институциите на национално ниво како и економскиот оператор ТАВ за справување со вакви ситауции. Преку вежбата исто така, ќе се даде оценка за ефикасноста на плановите за итни ситуации и вонредни состојби на аеродромот, протоколите за комуникација и координацијата меѓу повеќето учесници.

Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев истакна дека ова е дел од сетот на симулациски вежби кои ги имаат во различни области.

Заменик-генералниот директор на ТАВ Македонија задолжен за операција Перо Лупевски посочи дека високото ниво на обука, брзината на реакцијата и соработката меѓу службите се клучни за заштита на аеродромската оперативан безбедност.

„Ова не е само тренинг, ова е залог за сигурност, доверба и успешна превенција“, рече Лупевски.

За време на вежбата беше симулирана вонредна состојба со пратка од висока вредност, заложници и експлозија со импровизирана експлозивна направа, проследена со пожар во затворен простор во приемниот магацин при Карго центарот на ТАВ Македонија.

Вежбата овозможи реална, практична можност за проценка и евалуација на координацијата за брз одговор и ефективноста на меѓуинституционалната координација меѓу одделите на скопскиот аеродром, Министерството за внатрешни работи, локалните и националните служби за итни ситуации и вонредни состојби и другите засегнати страни и чинители.

Согледувањата добиени од вежбата ќе се искористат за усовршување на програмите за обука, ажурирање на процедурите за итни ситуации и вонредни состојби, дополнително подобрување на безбедноста и обезбедувањето на патниците и персоналот и зајакнување на соработката и координацијата со МВР.

Вучиќ очекува насилство на протестите в сабота, најави и апсења

Александар Вучиќ, архивска фотографија
Александар Вучиќ, архивска фотографија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека очекува во сабота на 15 март, опозицијата да организира големо насилство и истакна дека сите кои ќе учествуваат во тоа ќе бидат уапсени и ќе одговараат за тоа.

За 15 март се закажани досега најголемите протести во Белград, а го најавите студентите кои блокираат и кои мирно протестираат подолго од три месеци ширум целата земја. Тие бараат кривична и политичка одговорност за загинувањето на петнаесетте лица, но и на оние кои беа тешко повредени при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад во ноември. Студентите блокираат и повеќе од 60 факултети во Србија.

„Сите кои ќе бидат вмешани во тоа ќе бидат уапсени“, изјави Вучиќ за наводно планираното големо насилство на 15 март.

„Можеби ќе ни бидат потребни 15 минути, можеби еден час, можеби два“, рече Вучиќ одговарајќи на новинарски прашања – пренесе РТС.

„Така што, државата ќе умее да се однесува како држава и тука нема никаква филозофија, а ние ќе повикаме да има мир, да не се обидуваат да бидат насилни, но јас ги знам нив и за жал, секогаш досега сум бил во право“, наведе Вучиќ.

Тој рече дека секој ден се случува насилство бидејќи „сега им е јасно сè и одлично разбираат дека нема ништо од крвава револуција. Тој уште додаде дека тие „знаат дека краен рок им е сабота“ и посочи дека се надева и очекува студентите да се повлечат.

„Тие знаат дека тоа не смее да биде ‘Денот Д’ и дека би требало да излезат од тоа“, истакна Вучиќ.

Студентите бараат кривично да бидат гонети напаѓачите на студентите и професорите за време на протестите, да се објави целата документација за реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, но бараат и суспензија на постапките против уапсените на демонстрациите и зголемување на буџетот за факултетите за 20 проценти.

Белград ги отфрли тврдењата на Курти за вмешаност на Србија во изборите

Петар Петковиќ, архивска фотографија
Петар Петковиќ, архивска фотографија

Директорот на Канцеларијата за Косово, Петар Петковиќ изјави дека косовскиот премиер изнел „низа ноторни лаги, спинови и манипулации“, обвинувајќи ги српските власти за директна вмешаност во косовските избори одржани на 9 февруари.

Петковиќ рече дека Курти, кој денеска (9 март) одржа прес конференција со косовскиот министер Ненад Нешиќ, потврдил дека косовскиот министер „Ненад Рашиќ е негов тројански коњ“, како и дека е очаен поради победата на Српска листа и поддршката на српскиот народ.


„Белград на чело со Александар Вучиќ ќе продолжи да ја поддржува Српска листа и српскиот народ на Косово и Метохија и ќе продолжи тоа да го прави јавно и транспарентно, како што отсекогаш секоја помош од Белград оди по официјални канали и финансиски текови и тоа е она што Курти го боли, што никаков терор и насилство не успеа да ги одвои Србите од нивната единствена држава Србија“, рече Петковиќ.

Тој укажа дека за изборниот инженеринг најдобро сведочи тоа што и по еден месец од завршувањето на изборите, сè уште нема конечни резултати – пренесе агенцијата Бета.

Петковиќ рече дека „Курти е тој кој најдиректно се меша во политичката ситуација во Србија поддржувајќи ја директно обоената револуција, наводните студентски протести и српската опозиција“.

Косовскиот премиер Албин Курти ја обвини Србија дека директно се мешала во парламентарните избори на Косово на 9 февруари. Тој ја обвини Србија и за хибридна интервенција преку финансиски мамки и условувања, уцени и закани со цел да ги натера гласачите да гласаат за Српска листа.

Курти: Имаме докази за директно мешање на Србија во изборите

Албин Курти, 9 февруари 2025
Албин Курти, 9 февруари 2025

Косовскиот премиер, Албин Курти ја обвини Србија за директна вмешаност во парламентарните избори на Косово на 9 февруари и за влијание на изборите на српските пратеници и пратеници од другите малцинства.

„Српскиот државен апарат вложил исклучителни напори за да нанесат штета на ривалските српски ентитети, особено на Партијата за слобода, правда и опстанок и Српската демократска партија, како и на гласачите од ентитетите од други заедници, главно Роми и Ашкали", изјави Курти на 9 март.

Партијата за слобода, правда и опстанок ја предводи Ненад Рашиќ, кој е министер во владата на Курти, именуван по смената на водечката српска партија со поддршка на Белград, Српска листа, од косовските институции.

Говорејќи со Курти на конференција во Приштина, Рашиќ рече властите на Србија ги користат косовските Срби како механизам на владеење, но исто така и како елемент на деструктивност.

„Не сакаат да имаме целосна интеграција и хармоничен живот на Косово, туку сосема спротивното“, изјави Рашиќ.

Одредени претставници на скоро сите останати српски политички субјекти се повлекоа од трката по заканите кои ги добија – наведе Курти. Тој рече дека вакви случаи се забележани во четири општини со српско мнозинство во северниот дел на Косово, но и во останатите шест општини на југот на земјата.

„За повеќето од овие случаи нашите институции имаат докази кои заради приватноста и сигурноста на граѓаните на Србија, не е корисно да се изнесат во јавноста“, рече Курти.

Набљудувачката мисија на ЕУ во претставувањњто на своите прелиминарни наоди за изборите одржани на 9 февруари, истакна дека Србија се вмешала во изборите со вршење притисок врз српските гласачи во Косово.

Германија, исто така, ја обвини Србија за мешање во изборите во Косово.

Според Централната изборна комисија на Косово, Српската листа - која ужива поддршка од официјален Белград - доби над 38.000 гласови, додека партијата на Рашиќ доби околу 4.000 гласови.

Уставот на Косово ѝ гарантира на српската заедница 10 од 120 места во Собранието и 10 други немнозински заедници.

Марта Темидо, шефица на делегацијата на членовите на Европскиот парламент, на крајот на февруари изјави дека набљудувачката мисија утврдила дека српските власти се мешале во изборите во Косово со поддршка на Српската листа - една од шесте српски партии кои учествуваа на изборите.

Курти ја обвинл Србија за хибридна интервенција, преку финансиска мамка и услови, уцена, заплашување и закани за да ги принуди гласачите да гласаат за Српската листа. Тој нагласи дека косовските власти „идентификувале седум државни актери. Првиот е претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вториот е главниот терорист Милан Радоичиќ, шефот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ, Српската разузнавачка агенција (БИА), српските медиуми под контрола на Владата, Српска листа и нелегални српски структури".

„Претседателот на Србија самиот ги повика сите српски државни и недржавни актери да се вклучат во изборите во Косово. За таа цел, главниот терорист Милан Радоичиќ имаше извршна улога", рече Курти.

Премиерот Курти изјави дека Србија користела „најмалку 10 методи" за да се вмеша во изборите, како што се финансиска мамка преку обезбедување на месечна исплата од околу 170 евра за сите полнолетни лица, закани за губење на финансиски придобивки, поделби меѓу ривалите на Српската листа, уцена и притисок да не се поддржат други ентитети освен Српската листа, меѓу другото.

Неколку дена пред денот на изборите, еден од српските кандидати во изјава за Радио Слободна Европа рече дека ја загубил својата работа откако зборувал против Српската листа. Тој изјави дека членот на привремената општинска влада во Србица, Небојша С. Томашевиќ, на 27 јануари му рекол дека „ќе се погрижи повеќе да не прима плата од буџетот на Србија, бидејќи е предавник".

На 7 март, Српска листа тврдеше дека Партијата на Рашиќ за слобода, правда и опстанок обезбедила мандат во Собранието на Косово „благодарение на" гласовите на Албанците во места како што се Подуево, Штимље, Сува Река, Урошевац, Малишево и Качаник.

Во изјава за Радио Слободна Европа, Рашиќ рече дека во изминатите две години тој бил министер за заедници и враќање во Владата на Косово и дека со својата работа ја стекнал довербата на другите немнозински заедници кои живеат во Косово, а не само на српската заедница.

Српскиот претседател Вучиќ по изборите во Косово на 9 февруари изјави дека Српска листа означила „голема и важна победа за Србија, покажувајќи ја силната посветеност на српскиот народ да ја зачува својата татковина и да се потпира на својата Србија".

Од своето основање во 2013 година, Српска листа има освоено повеќе од 90 проценти од гласовите на српската заедница на сите избори на кои учествувала, но набљудувачката мисија на ЕУ укажуваше на „монополот и притисокот" на нејзините функционери.

Во изминатите две години, партијата водеше "политика на бојкот", во согласност со нејзината одлука да се повлече од косовските институции на север.

Се’ уште не е јасно дали во наредниот период активно ќе учествува во косовските институции или ќе продолжи со бојкотот.

Претседателот на Летонија ги повика европските држави да воведат воен рок

Едгарс Ринкевичс, 25 јуни 2024
Едгарс Ринкевичс, 25 јуни 2024

Претседателот на Летонија, Едгарс Ринкевичс ги повика европските земји да „воведат воен рок", признавајќи дека континентот е прилично слаб воено.

Во изјава за Sky News, тој рече дека европските земји треба да ги зголемат трошоците за одбрана, особено во контекст на нестабилните односи со САД.
Во 2023 година, Летонија повторно го воведе задолжителниот воен рок за мажи и го зголеми воениот буџет на 4 проценти од бруто домашниот производ.

„Гледајќи што се случува во светот, мислам дека многу други европски земји треба да го следат нашиот пример", рече Ринкевичс.

Тој додаде дека многу луѓе се загрижени за глобалниот развој, но дека посилната безбедносна политика на европските влади е од клучно значење.

Лидерите на 27-те земји членки на Европската унија дадоа зелено светло за планот на Европската комисија за зајакнување на одбраната на самитот во Брисел на 6 март.

Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен оваа недела предложи план наречен "ReArm Europe", кој има за цел да мобилизира околу 800 милијарди евра, за да ги зајакне одбранбените способности на континентот. Нацрт заклучоците од самитот, до кои Радио Слободна Европа имаше пристап, во голема мера го поздравуваат планот, поставувајќи ги темелите за подетални планови кои ќе бидат одобрени на следниот Европски совет на 20-21 март.

Истакнувајќи ја потребата за „значително зголемување на трошоците за одбрана", текстот повикува на „акција на ниво на ЕУ" за зајакнување на воените капацитети пред „заканите од Русија и Белорусија"Европските политичари во голема мера тоа го отфрлија.

Русија, Кина и Иран ќе одржат заеднички воени вежби

Ирански воен чамец патролира додека воен брод влегува во иранските води пред почетокот на заедничката поморска вежба на Иран, Русија и Кина во Индискиот океан / 12 март 2024 година
Ирански воен чамец патролира додека воен брод влегува во иранските води пред почетокот на заедничката поморска вежба на Иран, Русија и Кина во Индискиот океан / 12 март 2024 година

Русија, Иран и Кина месецов ќе одржат заеднички поморски вежби со цел „продлабочување на меѓусебната воена доверба“, објави денеска (9 март) Министерството за одбрана на Кина.

Како што објави иранската новинска агенција Тасним, вежбите почнуваат на 10 март во во југоисточното иранско пристаниште Чабахар.

Во објавата на Пекинг се наведува дека вежбите ќе вклучуваат обука за напаѓање на морски цели, контрола на оштетувањето на бродовите и заеднички операции за потрага и спасување.

Целта е да се зајакне воената доверба и практичната соработка меѓу вооружените сили на трите земји.

Москва, Пекинг и Техеран одржуваат слични заеднички вежби секоја година, а последната се одржа минатата година во Оманскиот Залив.

Родителите и наставниците со клучна улога за безбедноста на младите на интернет

Илустрација
Илустрација

Социјалните мрежи се дел од секојдневието на младите, но нивното неправилно користење може да предизвика сериозни последици. Ова особено го нарушува процесот на учење, кој во недостиг на соодветни мерки, може да влијае деструктивно на образовниот процес. Родителите и наставниците, со поддршка од институциите, играат клучна улога во едукацијата и заштитата на младите.

Во оваа насока, Министерството за образование и наука и Министерството за дигитална трансформација изработија упатство за употреба на социјални мрежи. Според најавите, упатството ќе им помогне на наставниците и родителите во насочувањето на децата кон правилно и безбедно користење на интернетот и социјалните мрежи, со акцент на едукативните цели и заштитата на личните податоци.

Психотерапевтката, Мирјана Јовановска Стојановска истакнува дека неправилното користење на социјалните мрежи може да предизвика значителна штета. Според неа, штетата се одразува на когнитивните способности, однесувањето, социјализацијата, емоционалната регулација, комуникацијата и контактот со реалноста надвор од виртуелната реалност.

„Штета има на физичкото здравје заради недвижење, неправилна положба на ‘рбетот и вратот настануваат искривувања кои тешко се коригираат. Недвижењето ја намалува мускулната маса и влијае на циркулацијата на крвта, на лимфата и работа на сите внатрешни органи. Особена штета предизвикува на менталното здравје“, вели таа.

Досега, како што споделува, не наишла не некое истражување за поврзаноста на социјалните мрежи со академскиот успех, но, од логично размислување, како што вели, за повисок академски успех потребно е многу време да се посвети на учењето.

Обидувајќи се да ги превенираат последиците од социјалните мрежи врз младите, Министерството за образование и наука (МОН) и Министерството за дигитална трансформација (МТД) изработија упатство за употреба на социјални мрежи. Ова упатство, како што велат, ќе биде од голема помош на наставниците во нивните напори за насочување на децата кон правилно и безбедно користење на интернетот и социјалните мрежи.

„Упатството е веќе споделено со училиштата и цениме дека ќе биде од голема помош на наставниците во нивните напори за насочување на децата кон правилно и безбедно користење на интернетот и социјалните мрежи и тоа најмногу за едукативни цели“, велат од МОН.

Во контекст на превенирање на негативните влијанија на интернетот врз младите, како што дополнуваат, воведена е медиумска писменост во основното образование, како посебна тема во рамки на предметот мајчин јазик, а ќе биде интегрирана и во предмети во средното образование.

Од Министерството за дигитална трансформација велат дека во упатството постојат општи насоки за користење на дигитални платформи и совети до родителите за алатки со кои можат да го контролираат времето што нивните деца го поминуваат пред екран.

Главните цели вклучуваат заштита на личните податоци на учениците, спречување на сајбер-малтретирање и поттикнување на користење на социјалните мрежи за едукативни цели.

„Преку проектот MKSafeNet ќе се работи директно на градење механизми за заштита на приватноста на учениците и спроведување на општи мерки за подобра онлајн безбедност“, велат од Министерството за дигитална трансформација.

Оттаму потенцираат дека упатството има информативен и советодавен карактер, со цел да обезбеди насоки за безбедно користење на дигиталните платформи и социјалните мрежи.

Обвинение за обид за убиство близу Скопје

Јавно обвинителство, Скопје / архивска фотографија
Јавно обвинителство, Скопје / архивска фотографија

По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело -Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик. Во врска со истиот настан, поднесен е и Обвинителен предлог против уште едно лице за – Помагање на сторителот по извршено кривично дело според член 365 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот 37-годишник, поради нерасчистени претходни должничко-доверителски односи, на 10.12.2024 година во селото Мирковци сo умисла се обидел да лиши од живот едно лице.

Пред куќата на таткото на жртвата двајцата обвинети дошле заедно со такси и го повикале oштетениот да излезе. Кога тој се појавил на влезната врата, првообвинетиот извадил пиштол и истрелал еден проектил директно кон оштетениот.

Тој го забележал оружјето навреме и веднаш се повлекол зад вратата која автоматски се заклучува, а куршумот завршил во ѕидот, веднаш до рамката од влезната врата - соопшти Обвинителството денеска (9 март).

Обвинетиот почнал да тропа и удира со нога по вратата, обидувајќи се насилно да влезе во куќата, но не успеал, по што двајцата обвинети заедно избегале.

Вториот обвинет, за да му помогне на првообвинетиот по извршеното кривично дело, го зел кај себе пиштолот. На 23.12.2024 година со истиот пиштол сторил кривично дело – Предизвикување општа опасност за што врз основа на признание на вина е осуден на 22.01.2025 година.

Надлежниот јавен обвинител, заедно со обвинението, поднесе и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за првообвинетиот. Вториот обвинет, пак, се наоѓа во притвор до правосилност на пресудата за предизвикување општа опасност која му е изречена, додаваат од Обвинителството.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG