Достапни линкови

Украинските бегалци да ги напуштат бугарските хотели на Црното Море пред туристичката сезона


Украински бегалци чекаат транспорт во Сани бич
Украински бегалци чекаат транспорт во Сани бич

Украинските бегалци во Бугарија, кои досега беа сместени во хотели во бугарските одморалишта на Црното Море, сега треба да ги напуштат пред да почне туристичката сезона. Се жалат дека бугарските власти не им кажуваат каде ќе ги сместат. Минатата недела околу 16 илјади Украинци ја напуштиле Бугарија.

Анастасија Зајцева чека со своите две мали деца пред хотел во одморалиште на Црното Море, кое го нарекуваше дом од март, да се качи на автобус на ново патување до непозната дестинација, откако избега од војната во Украина, пишува Ројтерс.

Таа е една од десетиците илјади бегалци кои бугарските власти се надеваа дека ќе ги преселат до крајот на мај поради намалувањето на субвенциите и почетокот на летната туристичка сезона, период кога бизнисите на црноморскиот брег заработуваат најголем дел од приходите.

Зајцева нема свои пари, па оваа 35-годишна жена и многу како неа се потпираат на бугарските власти да ги преселат, дури и ако немаат поим каде ќе завршат.

„Ги проверуваме нашите емаилови цел ден и чекаме некаква информација“, рече Заицева од Кременчук во централна Украина, додека стои пред хотелот Мелиа Сани бич во срцето на најголемото бугарско црноморско одморалиште.

„Имам малку пари, но не се доволни за целосно да ги обезбедам децата. Загрижена сум каде ќе нè пратат. Ми треба градинка, училиште, услови за децата и некоја болница“, рече Зајцева, чиј сопруг останал во Украина да се бори.

Украински бегалци чекаат транспорт во Сани бич
Украински бегалци чекаат транспорт во Сани бич

Скоро 7 милиони луѓе ја напуштија Украина, откако Русија ја нападна на 24 февруари, создавајќи ја најголемата бегалска криза во Европа од Втората светска војна. Борбите продолжуваат со несмалено темпо и нема знаци за прекин на огнот.

Повеќе од 100 илјади украински бегалци, главно жени и деца, избегаа во Бугарија од почетокот на војната.

Владата смести околу 60 илјади бегалци во приморските одморалишта вон туристичката сезона, на места како што е хотелот Мелиа Сани бич.

Директорот на хотелот Христо Караилиев вели дека во одреден момент во хотелот имало 2500 украински бегалци.

По владиниот притисок за празнење на хотелите, Караилиев вели дека најголем дел од бегалците заминале, а 175 ќе останат како сезонски работници во одморалиштето со поглед на море, базени и спортски терени во околината.

„Тие се под стрес од непознатото, бидејќи до последен момент не им било кажано каде ќе бидат сместени“, вели Караилиев, чиј хотел со четири ѕвезди со капацитет од 3200 гости е популарен кај туристите оф Велика Британија, Германија и Полска.

Бугарија нема граница со Украина, но многу бегалци дојдоа во земјата преку соседна Романија, која се граничи со Украина, сакајќи да останат релативно блиску до дома, со надеж за брзо враќање.

Но, со оглед на тоа што се приближува летната туристичка сезона, а владата ги намали субвенциите од 40 лева (20 евра) кои хотелите ги добиваа за секој бегалец дневно, Украинците се соочуваат со тежок избор: да се вратат дома, да најдат сопствено сместување или да се преселат каде што државата ќе им најде место.

„Во изминатите три месеци обезбедивме невидена поддршка во многу добри хотели“, рече премиерот Кирил Петков во мај.

„Бугарија не може бесконечно да обезбедува таков луксузен престој“, додаде тој.

Првичните планови за транспорт на најголем дел од бегалците директно од хотелите на Црното Море до државните одморалишта, често далеку од градовите, пропаднаа поради немање интерес, соопштија владини претставници. Волонтерските организации оценија дека имало недостиг на информации и слаба комуникација за тој план.

Украински бегалци чекаат транспорт во Сани бич
Украински бегалци чекаат транспорт во Сани бич

Додека официјалните податоци покажуваат дека само минатата недела околу 16 илјади бегалци се вратиле во Украина, владата го смени пристапот и отвори два привремени бегалски кампа во близина на Бургас на Црното Море и во Елхово во близина на границата со Турција.

Тоа наиде на критики од опозицијата и од волонтерските организации во најсиромашната членка на ЕУ.

Од 2 јуни, владата смести околу 3000 илјади бегалци во државни објекти, а други 12 илјади се сместиле во помали хотели кои прифатиле пониски државни субвенции.

Многу бегалци, како 25-годишната Надежда Кузменко, додека со родителите чекаше да автобус да ги однесе до новото сместување, изразија благодарност до Бугарија што ги примила, но исто така се пожалија на недостигот на информации.

„Тие молчат за тоа каде ќе одиме понатаму“, рече Кузменко, која пристигнала во Варна на 17 март, откако избегала од Миколаив во јужна Украина.

„Тргнуваме за 5 минути и сè уште не знаеме каде одиме. Не знам зошто го чуваат во тајност“, вели таа.

XS
SM
MD
LG