Додека Европа зависноста од руските енергенси ќе ја намалува со инвестиции во обновливи извори на енергија, Македонија се враќа на употреба на старите извори, веќе докажано штетни за животната средина како јагленот и мазутот.
Соочена со зголемените цени на енергијата, планот на ЕУ е континетот да биде независен од руските фосилни горива до крајот на 2030 година. Таа цел во моментов не е диктирана само од намалувањето на штетите врз животната средина и климатските промени, туку и од новата геоплитичка реалност по руската инвазија на Украина.
Во ваква ситуација, кога Македонија сопствени извори за производство на енергија има само од јаглен, државата преку ЕСМ треба да вложи пари во сопствени обновливи капацитети, вели професор Константин Димитров.
„Во системот доаѓаат и вложуваат приватни луѓе во приватни сончеви колектори. Доаѓаат приватни странски компании вложуваат во ветерни централи. Македонија од тоа нема никаква полза“, вели Димитров.
Тој објаснува дека приватните компании нивната произведена струја ја продаваат на берза и со тоа државата енергијата ќе ја плаќа по берзанска цена“, вели Димитров.
Македонија е дел од европскатса Зелена агенда – Декларација со која земјите од Западен Балкан се обврзаа да спроведат мерки за загадувањето и климатската криза како земјите ЕУ. Целта е да биде постигната климатска неутралност на целиот европски континент до 2050 година.
Европа донесе Економски инвестициски план од девет милијарди евра за замјите од регионот да можат да ги применат предвидените мерки на Зелената агенда.
Периодов поради енергетската криза државата беше принудена да набави илјадници тони јаглен од Косово, главно за најголемиот производствен капацитет РЕК Битола, а ќе плати и десетици милиони евра за увезената струја од минатата зима. Политиките за Зелената агенда засега се главно на хартија.
Потребен е голем проект
Според Димитров, во Македонија е потребно да се направи голем проект како Чебрен – Галиште кој ќе го гради државата и ќе биде во нејзина сопственост, посочувајќи дека „погрешна и штетна“ политика е земјава да вложува во проекти како што е платформата за гас во Александрополис.
„Треба да се направи Зелена агенда и за тоа требаат пари, но парите не се вложуваат таму каде што треба, тие истекуваат на други места. Ќе купуваме колку што можеме јаглен... се задолжуваме со 100 милиони евра за да ја покриеме дупката со увозот на електричната енергија од овие неколку месеци“, вели Димитров.
„Црно ни е напред тоа што не чека, не е зелено“, вели Димитров.
Зелена транзиција, но и енергетска безбедност
ЕУ на 18 мај ќе претстави Акционен план со насоки за тоа како да ги спроведе целите од Заедничка европска акција „REPowerEU“ за попристапна, безбедна и одржлива енергија.
Само во Бугарија според плановите на Унијата ќе бидат инвестирани 1,3 милијарди евра преку Тразицискиот фонд, како земја која ќе има големи социо-економски поселдици од енергетската транзиција кон обновливи извори на енергија, како што соопшти Европската комисија.
Бугарија дополнително ќе добие уште 16 милјарди евра од други два инструменти на ЕУ, со што инвестициите ќе изнесуваат по околу 2.500 евра за секој жирел на Бугарија.
„Нашата цел е да им помогнеме на луѓето да развијат нови вештини, да го диверзифицираат локалното вработување и економската активност, вклучително и енергетската диверзификација и обновливите извори на енергија“, наведува Европската комисија.
Европските земји и покрај тоа што приоритет ќе ѝ дадат на зелената транзиција, сепак велат дека во исто време внимание ќе посветат и на енергетската безбедност.
Потебно е паметно планирање
Од граѓанската организација „Еко-свест“ сметаат дека обновливите извори како сонцето и ветерот се решение за енергетската криза.
Сепак, од оваа еколошка организација посочуваат дека е важно проектите за поставување на фотоволтици и ветерници да бидат поставени на соодветни локации, бидејќи во спротивно и тие може да имаат негативно влијание врз луѓето или природата.
„При планирањето на фотоволтаиците и ветерниците, исклучително е важно да се води сметка тие да не се поставуваат на плодна почва, да не се загрозуваат природните ресурси, како водата или шумите, пасиштата, заштитените подрачја“, велат од „Еко-свест“.
„Оттаму, потребно е паметно планирање“, велат од Еко-свет“, посочувајќи дека е важно капацитетите да бидат доволно блиску до корисниците за да се намалат загубите при пренос на електрична енергија, а нивното поставување да не го загрозува дивиот жив свет.
Иако во ЕУ во 2022 и 2023 година ќе бидат пуштени дополнителни обновливи енергетски капацитети кои ќе имаат потенцијал значително да ја намалат зависноста од рускиот гас во енергетскиот сектор, сепак Меѓународната енергетска заедница предупредува дека доколку не се спроведат нови и уште посилни политики во следните шест месеци, можно е растот да го загуби моментумот во 2023.
Во истражување на Блумберг се наведува дека Европа би можела да се ослободи од фосилните горива до 2050 година, но дека трошоците за транзицијата кон чиста енергија во тој период ќе изнесуваат 5,3 трилиони долари.