Достапни линкови

Предвремени избори за добро на граѓаните или на партиите?


Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски
Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски

Предвремените избори се нужно зло, а не посакувана опција зa граѓаните, коментираат политичките аналитичари Петар Арсовски и Џељал Незири по инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ за нивно одржување. Според нив, дури и да има договор за лидерска средба, таа ќе заврши без резултат.

Одржување политичка динамика по добрите резултати на локалните избори и поволните анкети на јавното мислење во корист на опозицијата. Овие ,според домашните аналитичари, се причините поради кои опозициската ВМРО-ДПМНЕ инсистира на предвремени парламентарни избори токму сега.

Од денеска пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ ја започнаа таканаречената активна блокада на македонското собрание. До ова доаѓа откако истече рокот од десет дена кои лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски му ги даде на премиерот Димитар Ковачевски за одржување лидерска средба.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски најави активна блокада за, како што рече, штетните закони за граѓаните. Блокадата вели ќе трае до пад на Владата и организирање на предвремени избори.

„Ова е процес којшто ќе трае и ние сме подготвени да одиме до крај“, категоричен е Мицевски.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ на предвремени избори сега, е легитимна партиска стратегија.

„Мислам дека главната причина поради која ВМРО ДПМНЕ инсистира на предвремени избори е за да ја одржат политичката динамика која ја добија со резултатот на локалните избори, сметајќи дека на тој бран на условно речено, добра политичка аура“ би можеле да направат добар резултат на евентуални предвемени парламентарни избори, вели Арсовски.

И аналитичарот Џељал Незири се согласува дека ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена сака да го искористи актуелниот момент и предноста која во моментот ја има во своја полза при евентуалните избори.

„Најверојатно се работи за резултати од анкети кои покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ има пораст на поддршката и дека на тие предвремени избори оваа партија би издвојувала победа. Се работи за партиски математики преку кои ВМРО ДПМНЕ сака да се врати на власт. По оставката на Заев и внатрешните поделби СДСМ е ослабнат и го нема рејтингот од порано. Така што за секоја партија во опозиција, ова би бил најпогоден моментум за да се иницираат тие предвремени избори“, вели Незири.

И двајцата наши соговорници се согласуваат дека предвремени избори се организираат само тогаш кога тие не можат да се избегнат.

„Доколку опозицијата успее да го блокира системот дотаму што единствен излез би биле предвремени парламентарни избори, да тогаш ќе биде неопходно тие да се одржат. Инаку за поголемиот дел од граѓаните предвремени избори се нужно зло, а не посакувана опција“, категоричен е Арсовски.

И Незири вели дека конечно после неколку предвремени изборни циклуси, би требало да се почека и да се остави една партија да истера цел мандат од четири години, за да се процени што од она што го ветила и го исполнила.

„Мислам дека земјата конечно треба да се врати на нормален колосек после 4 или 5 изборни циклуси кои беа предвремени, ние од 2008 немаме регуларни парламентарни избори, А токму тие се индикатор дела нешто не функционира во државата, дека има политичка криза или друга криза која ја прави политичката ситуација нестабилна, а изборите некакво решение за излез од тоа“, вели Незири.

Ковачевски не прифаќа лидерска со уцени, Мицкоски се заканува со блокада

За премиерот Димитар Ковачевски лидерска средба е прифатлива, но само за прашања кои се стратешки и кои значат подобар живот на граѓаните и кои значат справување со енергетската криза. Тој во неколку наврати повтори дека нема да прифати лидерска заснована на уцени и закани. Најавената блокада на Собранието за Ковачевски е неодговорно однесување на политичка партија.

„Барањето на опозицијата за лидерска средба за предвремени избори е неодговорно затоа што со блокирање на Собранието, во време на војна и во време кога цените на енергенсите и храната постојано растат, во време кога не може да се обезбеди транспорт на жито од Украина, каде што силосите во Украина се преполни, но поради тоа што се неупотребливите пристаништа во делот на Одеса и не може да се изнесе од Украина, во такви услови да барате предвремени избори е неодговорно и е за политички цели“, изјави деновиве Ковачевски.

Мицкоски најави дека активната блокада на Собранието ќе се спроведува се додека актуелната власт не седне и не се постигне договор за одржување предвремени парламентарни избори. Изјавата на СДСМ дека во време на криза не треба да се блокира Собранието, ја оцени како признание на владејачката партија дека државата е во криза.

„Два месеца буквално ги молевме и секој наш чекор е реакција на нивната акција. За се понатаму единствената одговорност ќе биде врз Ковачевски и врз СДСM. Сакам да ја потенцирам нашата сериозност, ова нема, ќе повторам, да трае 1,2,3,5 дена, ова ќе трае со недели, а можеби и со месеци се додека оваа Влада конечно не се вразуми, не седне со опозицијата и не организираме предвремени парламентарни избори“, рече неодамна Мицкоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ напоменуваат дека понудата се однесувала за разговор за датум за предвремени избори, но и понуда на 4 тимови од партијата за реформи и решенија во клучните области како економија, здравство, образование и надворешна политика со примат на прашањето и спорот со Бугарија. Тие му забележуваат на Ковачевски и на Владата дека го одбиваат и тој дијалог.

Аналитичарите сметаат дека би било добро доколку опозицијата и власта во државата може се договорат за стратешки планови и стратегии по кои ќе се постапува со децении, но се сомневаат дека може да се оствари тоа.

Блокирано собрание-ништо ново

Дури и да дојде до одржување на лидерска средба, таа нема да има позитивен исход, убедени се аналитичарите, повикувајќи се на изјавите на двајцата лидери. Да потсетиме дека Мицкоски изјави дека прифаќа лидерска само доколку таа резултира со договор за предвремени избори и дека таа понуда не е пакет кој може да се цепка. Ковачевски пак одговори дека средба прифаќа, но услов за истата не може да бидат предвремени избори.

Арсовски и Незири велат дека најавената блокада на Собранието нема да предизвика поголеми политички последици.

„Не знам како изгледа кај нас неблокирано собрание. Гледам дека собранието не се „претгрна“ од носење закони во полза на граѓаните во претходниот период, така што не знам која ќе биде реалната разлика. И пак и така двете партии се во постојан клинч и секој закон е постојана борба и блокада. Ќе видиме како граѓаните ќе се однесуваат кон блокадата“, вели Арсовски.

„Не дека собранието и претходно беше ефикасно. Над 30 закони и одредби долго чекаат да се спроведат и да се усвојат од собранието, но тоа еве е нефункционално веќе подолго време. Така што таа блокада веќе ја има и истата се должи на тенкото владејачко мнозинство и неконструктивниот однос на опозицијата“, заклучува Незири.

Инаку, блокадите на Собранието не се ништо ново. Речиси и да нема собраниски состав без некоја партија да го напушти Парламентот, да се одолговлекуваат дебати, да се заструпува собранието со амандмани.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG