Првата сезона од јубилејното 45-то издание на фестивалот „Денови на македонска музика“ успешно продолжува да ја распостила својата славеничка програма. По одличниот концерт на ансамблот на Филхармонија под диригентсво на маестро Борјан Цанев со бројни домашни солисти, извонредни музичари, следува нова покана за уште една возбудлива перформативна средба. Овој вторник, на 19 април во 20 часот, во Музеј на македонската борба во Скопје е предвидено одржувањето на концертот „По избор на уметникот“ на кој оперската певица Весна Ѓиновска Илкова и пијанистката Кристина Светиева ќе исполнат вокални бисери од македонското музичко творештво на автори постарата и поновата генерација – творци како Ристо Аврамовски, Трајко Прокопиев, Стојан Стојков, Томислав Зографски, Тодор Скаловски, Сотир Голабовски, Александар Џамбазов, Јана Андреевска и Борис Светиев.
И, по најавата благо посегање по податоците од успешните кариери на овие наши уметници и долгогодишни соработнички.
За Весна Ѓиновска Илкова ќе биде забележано дека е водечки македонски оперски драмски сопран, певица чии што изведби се карактеризираат со софистицирано пијано, беспрекорна вокална техника, огромна музикалност, харизма и изразено сценско присуство.
Ѓиновска студирала на ФМУ во Скопје (класа на проф. Милка Ефтимова), додека магистерските студии ги завршила во класата на проф. емеритус Радмила Бакочевиќ. Нејзиното деби на сцената на Македонската опера и балет во 1996 година во улогата на Михаела во „Кармен“ добива одлични оцени, а критичарите ја истакнуваат нејзината извонредна легато техника.
Таа ужива богата домашна и меѓународна кариера, а досега настапувала во Данска, Хрватска, Словенија и во други земји во постановките на „Аида“, „Отело“, „Турандот“, „Мадам Батерфлај“, „Симон Боканегра“, „Атила“, „Моќта на судбината“, „Бал под маски“, „Лидија од Македонија“ и други големи оперски дела.
Македонската критика ја нарекува „мајстор на патосот и драмата“ и ја поцртува сензибилноста и емоционалноста која Илкова им ја дава на улогите што ги толкува. Има реализирано повеќе од дваесет оперски креации, соработувајќи со бројни реномирани режисери и диригенти.
Освен на оперската, Илкова е редовно присутна и на концертната сцена, со релизирани концерти и рецитали во Бољшој салата во Москва, на отворената сцена на театарот „Театро ди Марчело“ во Рим, концертната сцена на „Аула симфонија“ во Џакарта, отворената сцена на амфитеатарот во Аспендос, отворената сцена на Античкиот театар во Охрид, изведувајќи капитални дела од вокално-инструменталниот репероар („Реквиемот“ од Верди, „Стабат Матер“ од Перголези, „Те Деум“ од Брукнер, ораториумот „Создавањето на светот“ до Ха и е добитничка на голем број значајни награди и признанија меѓу кои се вбројуваат наградите „13 ноември“ на Град Скопје, наградата „Виртуоз“ во категоријата уметник на годината доделена од СОКОМ, државната награда „Св. Климент Охридски“, наградата „Златна лира“ од СМУМ.
Конечно, Ѓиновска Илкова е редовен професор на Катедрата за соло пеење при ФМУ Скопје, од чија што класа произлегле повеќе генерации студенти кои денес успешно чекорат на европските музички сцени.
Јас имам мои студенти коишто се веќе во Европа. „Деца“ кои се на сцените во Германија, во Австрија. Тоа е вистинскиот пат за младиот кадар. Се лутам кога ќе речеме „ете и Македонија е дел од светот“. Дел од светот да, но моментот го живееме сега и овде, знае да каже певицата.
Од друга страна Кристина Светиева се истакнува како една од најталентираните македонски пијанистки од помладата генерација која низ годините наназад разви широка концертна дејност. Пијано започнува да учи и да настапува на шест годишна возраст. Дипломираше во 2006 год. со одлика cum laude на Факултетот за музичка уметност во Скопје (класа на проф. Тодор Светиев), а магистрираше две години подоцна под менторство на проф. Жени Захариева.
Во 2010 година ја заврши својата двегодишна специјализација на реномираната музичка академија во Париз „Schola Cantorum, а во април 2014 година докторираше на ФМУ во Скопје, под менторство повторно на Захариева.
Кристина Светиева успешно настапува на подиумите низ Македонија (фестивалите „Охридско Лето”, „Скопско Лето”, „Денови на Македонска Музика”) и надвор од земјата (Турција, Италија, Франција, Бугарија, Шведска, Холандија, Хрватска, Чешка, САД), а за своите врвни изведби носителка е на повеќе високи државни и меѓународни награди и признанија.