Врвна изведба и фантастични дела со АНСАМБЛОТ МЕИТАР на Денови на македонска музика. Контрасти и сличности, звук и тишина, минимализам и пост-експресионизам, лирика и драматика... Ова се само дел од карактеристиките коишто ги обоија делата изведени во вторникот вечерта во Камерната сала на Македонската филхармонија, од страна на врвното клавирско трио на АНСАМБЛОТ МЕИТАР од Израел. Шест нови композиции прозвучеа во рамките на фестивалот „Денови на македонска музика“ - три од македонски автори и три од израелски композитори, кои донесоа и шест различни видувања и навистина ја освежија нашата современа музичка сцена.
Ова, ќе го забележи музиколот Тина Иванова по впечатливиот концерт на израелскиот АНСАМБЛ МЕИТАР одржан во април 2018 на 41-то издание на фестивалот „Денови на македонска музика“, зад кое со својот габарит стои Сојузот на композиторите на Македонија.
Четири години подоцна, на јубилејните 45-ти ДММ еве ги повторно пијанистот Амит Долберг и дружината со нова програма. И, ако минатиот пат посегнаа по делата на нашите Михаило Трандафиловски, Ангел Спироски и Валентина Велковска-Трајановска, како и на израелските композитори Ари Бен-Шабетаи, Ајал Адлер и Рубен Серуси, притоа правејќи интересна „звучна фузија од различни културолошки хоризонти, навидум неспоиви, но во суштина, и тоа како зборуваа со заеднички јазик“, овојпат тие се фокусираа на творци како Сотир Голабовски ( Структура 6 за пијано трио – композиција од 1975), Мирослав Спасов ( SABDA VIDUA за виолина и виолончело 2013/2022), Михаило Трандафиловски (ОПАЛ за виолина – 2020), како и на делата на композитори како Арик Шапира, Ели Корман и Јари Клартаг.
За нас, македонските творци, е многу значајно тоа што АНСАМБЛ МЕИТАР повторно ќе свират израелски и македонски композитори и на некој начин така ќе можеме да се споредиме и да слушнеме и да видиме точно како се движи мислата, што се случува на музичко поле, каде оди творештвото. Посебно нашето современо творештво. Од друга страна членовите на ансамблот МЕИТАР се навистина врвни во светски рамки и задоволството е огромно кога имате пред себе изведувачи кои ја носат со себе сета суштина на замислата што ја имаат композиторите, авторите на композициите што ќе бидат на програмата на концертот кој овојпат се одржува во рамките на јубилејното издание на „Денови на македонска музика“, вели Валентина Велковска – Трајановска, претседателка на СОКОМ и еден од авторите на годинешната програма на Фестивалот.
И, по сево ова неколку збора за АНСАМБЛ МЕИТАР.
Формиран во 2004 година од страна на Долберг и неговите музички собеседници, МЕИТАР набрзо се етаблира во еден од водечките ансамбли специјализирани за изведба на нова музика во Израел, чии членови се истакнати виртуози и музички професионалци.
Од резидентниот Тел Авив, ансамблот набрзо го почнува својот уметнички поход по светот. Настапувал во некои од најпрестижните концертни сали и фестивали како Центарот Помпиду во Париз, Собата на Персел во Лондон, Московскиот конзерваториум, Биеналето за современа музика во Венеција, Фестивалот Фруелинг во Хајделберг, 92Y во Њујорк, Фестивалот „Звучни бранови“ во Санкт Петербург и многу други. А за неговите изведби во весникот „Њујорк тајмс“ ќе биде почестен со епитети како „извонредност, грациозност и прецизност“ во музицирањето.
Во изминатата декада, ансамблот премиерно има изведено преку 200 нови дела, а редовно соработува со композитори како Фабијан Панисело, Марк Андре, Валтер Зимерман, Филип Леру, Матијас Пинчер, Даниел Питер Биро, Иван Феделе, Чаја Черновин, Владимир Тарнополски и други. Бележита е и нивната релација со издавачките куќи VERSO од Шпанија, ALBANY од САД, музичкото издаваштво при Израелскиот институт за музика и други.
За своето творештво МЕИТАР се закитил со бројни признанија за особен придонес во развојот на израелската музика и култура, меѓу кои наградите „Бинијами“ (2006), „Партош“ (2008) и „Ландау“ (2010).
Во 2010 година составот заедно со одбрани германски музичари бил дел од историски настан - изведба на дела од еврејски композитори во сабота во која 67 години претходно се одржувала озлогласената Ванси конференција, изведба од која произлегол документарниот филм „Снимките од Ванси“ во режија на Емре Амрам Сонмез, кој потем ја добива наградата „Сребрена палма“ на Интернационалниот фестивал во Мексико.
Згора на ова ансамблот е иницијатор на уникатна образовна програма за млади, наречена „Проект Тедарим“ што им овозможува на музичари од различни полиња на уметничко делување (интерпретација, диригирање и композиција) да се едуцираат и да истражуваат нови хоризонти на современа музика.
Од друга страна, пијанистот Амит Долберг, пак, е еден од водечките изведувачи на современа музика од Израел. Бројни композитори напишале и му посветиле свои композиции токму нему, кои тој премиерно ги извел на повеќе концертни сцени ширум светот. Долберг освен што е основач и директор на камерниот музички ансамбл МЕИТАР, со својот творечки габарит стои и зад Центарот за нова музика во Тел Авив, конкурсот за композитори „Матан Гивол“, Меѓународниот фестивал за нова музика CEME, како и на мастер програмата за современа музика „Тедарим“ на Академијата за музика и танц во Ерусалим. Тој е еден од основачите на ансамблот ТЕМПЕРА со кого во 2017 година ја има добиено државната награда „Бинијами“ за ансамбл на годината.