Вести
Зеленски и Бајден разговарале за одбранбена поддршка на Украина и нови санкции
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер соопшти дека со американскиот претседател Џо Бајден разговарал за специфичната одбранбена поддршка од САД за Украина. На едночасовниот телефонски разговор, како што наведе Зеленски, станало збор и за нов пакет засилени санкции против Русија, како и за финансиска и хуманитарна помош за Украина.
„Бајден ја сподели својата проценка за ситуацијата на бојното поле и на преговарачката маса“, напиша Зеленски на Твитер.
Во соопштението на Белата куќа се вели дека Бајден го искористил повикот за разгледување на санкциите и хуманитарната помош што беа најавени минатата недела, додека Зеленски го информирал Бајден за статусот на преговорите со Русија.
Белата куќа соопшти дека Бајден и Зеленски разговарале и за тоа како САД работат „деноноќно за да ги исполнат главните барања за безбедносна помош од Украина“.
Тие, исто така, како што се наведува, разговарале и за критичните ефекти кои испораките на оружје ги имале врз конфликтот и континуираните напори за идентификување на дополнителните можности за да и се помогне на војската на Украина да ја одбрани земјата.
САД, според соопшетнието, имаат намера да ѝ дадат на Украина 500 милиони долари директна буџетска помош, а Бајден тоа му го пренел на Зеленски за време на разговорот.
Нивниот повик е во услови кога руските сили продолжија со бомбардирањето во близина на Киев и градот Чернихив во северна Украина, еден ден откако ветија дека ќе ги намалат воените операции по речиси пет недели по инвазијата на нивниот сосед. Западните земји го отфрлија ветувањето на Москва како трик за прегрупирање.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Фејсбук напиша дека меѓународните санкции кон Русија мора да се засилат и Украина мора дополнително да се вооружи.
„Логиката е исклучително едноставна - колку е посилна Украина, толку подобар ќе биде секој иден договор“, рече тој.
Делегациите на Украина и Русија вчера одржаа разговори во Истанбул, додека Русија продолжи да наидува на силен отпор од украинските сили кои постигнаа напредок во некои области и со преземање на теренот во предградието на главниот град.
види ги сите денешни вести
ЕУ со раст од најмалку 1,5 отсто во следните две години
По подолг период на стагнација, економијата на ЕУ остварува скромен раст, а во исто време продолжува намалувањето на стапката на инфлација, се наведува во есенската прогноза на Европската комисија за економските перспективи во блокот.
ЕК во извештајот предвидува раст на БДП во 2024 година на 0,9 отсто на ниво на цела ЕУ и од 0,8 во Еврозоната. За следната година се прогнозира економски раст од 1,5 проценти во ЕУ и 1,3 отсто во Еврозоната, додека за 2026 година се проценува зголемување на БДП од 1,8 отсто на ниво на целиот блок и од 1,6 проценти во еврозоната во 2026 година.
Во однос на стапката на инфлација се предвидува нејзино намалување на ниво на ЕУ на крајот на годинава од ланските 6,4 на 2,6 проценти, а во следните две години се прогнозира нејзино натамошно намалување на 2,4 отсто во 2025 и 2,0 проценти во 2026 година.
Извршен потпретседател на Европската комисија за економија во интерес на луѓето, Валдис Домбровскис оцени дека постојаното закрепнување на економијата на ЕУ, ќе придонесе за забрзување на економскиот раст во следната година со зголемената потрошувачка, благодарение на зајакнувањето на куповната моќ, рекордно ниската невработеност и очекуваниот раст на инвестиции.
„Сепак, со оглед на актуелната геополитичка несигурност и многуте ризици, не можеме да си дозволиме да бидеме самозадоволни. Треба да се справиме со долготрајните структурни предизвици, да ја зголемиме продуктивноста и да се погрижиме економија на ЕУ да остане глобално конкурентна“, изјави Домбровскис.
Според него, од витално значење е земјите членки на ЕУ да ги спроведат сите реформи и инвестициски планови за закрепнување и отпорност и да ги намалат нивоата на јавниот долг во согласност со новите фискални правила.
Еврокомесарот за економија Паоло Џентилони, пак, порача дека европската економија полека закрепнува, со намалување на инфлацијата, растот на домашната потрошувачка и инвестициите и со намалување на невработеноста на рекордно ниско ниво.
„Сепак, структурните предизвици и геополитичката неизвесност влијаат на нашите идни перспективи. Земјите членки ќе мора да работат на намалување на нивото на долгот и истовремено поддржувајќи го растот“, оцени Џентилони.
Тој порача дека зајакнувањето на конкурентност на ЕУ преку инвестиции и структурни реформи е од клучно значење за поттикнување на потенцијалниот економски раст и за надминување на растечките геополитички ризици.
Мемеди: Се води кампања против мене и Клиниката за детски болести
Директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди смета дека периодов имало кампања против Универзитетската клиника за детски болести и лично против него, иницирана од поединци кои имале лични интереси и болна намера за власт и позиција, а тоа како што вели, го правеле преку злоупотреба на детски судбини.
„Имаше тенденција да се прикаже дека за време на моето директорување, што беше само три месеци во октомври, сега четири месеци, има голема стапка на смртност на Детската клиника, но фактите го говорат спротивното, рече Мемеди на денешната прес-конференција (15 неомври).
Во однос на смртноста на Детската клиника, Мемеди рече дека сега има двапати помала стапка на смртност во споредба од пред пет години.
Во четирите месеци откако е директор рече дека наишол на многу наталожени проблеми, нерешени со години. Кујната е во амортизирана состојба, а надвор од употреба е и хидрофорот од кој се напојуваат со вода хидрантите, вели директорот.
„Кујната каде се подготвува храната за децата и за бебињата е во комплетна амортизирана состојба, со инвентар што е над 20 години стар, што е многу тешко да се одржува по стандарди како што треба, со простории што се руинирани. Во вакви простории на Детската клиника, со години се подготвува храната за деца. Има неколку пумпи за вода што секојдневно прават дефекти, секоја недела имаме проблем и недостиг на вода. Една од тие пумпи е хидрофор што обезбедува висок притисок за хидрантите што ни се по спратови во случај на пожар и тој хидрофор од 2018 година е надвор од употреба. Замислете, денеска да имаме пожар по спратови, ние немаме притисок, односно немаме вода за гасење пожар. Лифтовите се над 40 години стари, значи и двата лифта се вон функција и пред да дојдам јас на оваа функција. И никој не се нафатил да го решава овој проблем, а нашите пациенти се качуваат по скали“, рече Мемеди.
Мемеди информираше дека кога стапил на функцијата, имал десетици барања, немало апарати за мерење притисок, монитори и друго, а на прашање дали специјализанти сами се оставаат на дежурство, тој одговори дека специјалистите биле секое време присутни, бидејќи и тие дежурале.
„Недостигот на кадар е системски проблем што се провлекува со години. На нашата клиника, да, дежураат и специјализанти, меѓутоа во секое време тука се достапни специјалистите, кои исто така дежураат. Значи, не дека немаме специјалисти дежурни кои апсолутно дежураат. Меѓутоа, секако дека имаме сериозен недостаток на кадар. Во последните 14-15 години од нашата клиника заминале 40 специјалисти, половина од нив во пензија, а половина во приватното здравство и се поставува прашањето, зошто се случил ваков егзодус на стручен кадар од Детската клиника? Тоа прашање треба да се анализира“, смета Мемеди.
Тој нагласи дека во однос на забелешките од надзорните комисии за трите починати деца изминатиов период, само во едниот случај имало стручни забелешки. Околу преземените мерки за двајца лекари за смртта на 14-месечното бебе, директорот појасни дека согласно законските задолженија, тој формирал комисија за утврдување одговорност за дисциплински престап врз основа на извештаи официјални од Комисијата за стручен надзор и истакна дека постапката е во тек.
Комисијата има законски рок од 60 дена да одлучи за мерките за одговорност за конкретните лекари.
Орбан: ЕУ треба да ги преиспита санкциите против Русија, за да ги намали цените на енергијата
Европската Унија треба да ги преиспита санкциите против Русија бидејќи тие ги одржуваат високи цените на енергијата, попречувајќи ја економската конкурентност на ЕУ, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Водачите на ЕУ потпишаа декларација за конкурентност минатата недела на неформален самит.
„Цените на енергијата треба да се намалат со сите средства. Тоа значи дека санкциите треба да се преиспитаат бидејќи според сегашната политика на санкции, цените на енергијата нема да паднат“, изјави Орбан во интервју за унгарското јавно радио, а пренесе Ројтерс.
Орбан рече дека американските компании плаќаат четвртина од она што нивните европски колеги го трошат за гас и електрична енергија, недостиг што не може да се надмине со други средства.
Откако Русија ја нападна Украина на почетокот на 2022 година, Орбан се појави како гласен критичар на санкциите на ЕУ против Москва.
Додека западноевропските земји вложија сериозни напори да се оддалечат од руската енергија, Унгарија која излегува на море добива 80-85 отсто од својот гас од Русија, а 80 отсто од суровата нафта исто така доаѓа од поранешниот комунистички сојузник.
Епл ги отстранува објавите на независните руски медиуми
Американскиот технолошки гигант Епл (Apple) наводно отстранил или сокрил неколку подкасти на руски јазик продуцирани од независни медиуми.
Новинската куќа „Медиазона“ на 14 ноември објави дека новите епизоди од онлајн радио станицата „Ехо Москва“ и истражувачкиот медиум „Инсајдер“ повеќе не се достапни во Русија. Најверојатно е отстранет и рускиот сервис на БиБиСи.
Достапни се постари епизоди кои датираат од пред повеќе од една недела, објави Медиазона, а корисниците надвор од Русија сè уште можеа да пристапат до сите епизоди.
Засега нема коментар од Епл, кој исто така го отстрани или блокираше пристапот до некои VPN адреси и некои апликации во Русија. И апликацијата Current Time на РСЕ беше меѓу отстранетите, а Епл тоа го направи на барање на рускиот медиумски регулатор, Роскомнадзор.
Во последниве години, руските власти ги забрзаа напорите за построго регулирање и контрола на содржината на интернетот на руски јазик, неформално познат како RuNet.
Веб-страниците како X или Facebook беа „задушувани“ во минатото во, како што велат експертите, тестови од регулаторите за филтрирање на содржината или пренасочување на руските корисници.
Платформата за видео стриминг YouTube во сопственост на Google, која беше во голема мера недопрена од регулаторите, имаше големо забавување почнувајќи од ова лето.
Некои официјални лица ја обвинија застарената опрема во Русија, опремата што Google не можеше да ја одржува поради санкциите од Западот. Но, според други „деградацијата“ е намерна, со цел да ја забави платформата и да ги фрустрира гледачите, во обид да ги поттикне кон домашните руски алтернативи кои се построго контролирани.
На 14 ноември, интернет-мониторите известија дека платформата YouTube во Русија е вратена во нормална брзина и дека е целосно достапна низ земјата.
Други напори на регулаторите да го контролираат RuNet вклучуваат инсталирање софистициран хардвер за следење, вршење притисок врз големите интернет компании додека не се продадат на попустливи сопственици како и нарачување на глобалните технолошки гиганти за да се осигураат дека нивните сервери се достапни за регулаторите.
Вучевиќ: Подготвен сум за мојата одговорност, ќе има уште оставки за несреќата во Нови Сад
За мојата одговорност ќе се разговара во Парламентот и подготвен сум за тоа, изјави денеска српскиот премиер Милош Вучевиќ, наведувајќи дека опозицијата има право да бара импичмент на власта по несреќата во Нови Сад, но дека „мора да бидат свесни дека состојбата на настрешницата на железничката станица не е политичко прашање, тоа е прашање на експерти од струката“.
Вучевиќ за белградски медиуми утрово изјави дека е сигурен дека повеќе министри ќе поднесат оставки, но дека е важно да се направи разлика помеѓу политичка и кривична одговорност.
Тој смета дека мора да се донесе рационална одлука за оставки и дека таквите одлуки не се носат под притисок на јавноста и социјалните мрежи.
„Тоа е сосема природен процес по сè што ни се случи на 1 ноември, ќе има уште оставки. Но, политичката одговорност нема врска со кривичната одговорност. Утврдувањето на кривичната одговорност е на Обвинителството кое си ја врши работата“, додаде Вучевиќ.
Речиси две недели откако се урна бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад и загинаа 14 лица, а тешко се повредени три - сè уште нема уапсени. Во Нови Сад речиси секој ден има протести и акции - а се најавуваат нови, јавија српски медиуми.
Додека опозицијата најавува стопирање на Нови Сад в петок (15 ноември), младите најавуваат прекин на сообраќајот в недела на шест часа и бараат - одговорност.
Хрватскиот министер за здравство Берош, уапсен, па разрешен
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ го разреши министерот за здравство Вили Берош, кој беше уапсен на 15 ноември во рамките на операцијата на Канцеларијата за сузбивање на корупција и организиран криминал (УСКОК) поради сомневање за корупција, соопштено е во Загреб.
Во владиното соопштение се наведува дека до изборот на нов министер со министерството ќе раководи државниот секретар Ирена Хрстиќ.
УСКОК соопшти дека во Загреб и Скрадин се преземаат апсења и итни доказни дејствија против повеќе лица, од кои едното е висок државен функционер, а се осомничени дека сториле коруптивни кривични дела.
Хрватските медиуми јавуваат дека рано на 15 ноември истражителите упаднале во куќата на министерот Берош од Хрватската демократска заедница (ХДЗ), како и кај неколку други високопозиционирани лекари.
Спорна е набавката на двојни микроскопи за неврохирургија, кои биле преплатени.
Некои медиуми објавија дека меѓу уапсените е и Крешимир Ротим, шеф на Клиниката за неврохирургија на КБ „Сестри на милосрдието“, јавуваат хрватските медиуми.
Берош е вториот министер во владата на Пленковиќ кој беше уапсен додека беше на функцијата. Пред него, во 2022 година, беше уапсен тогашниот министер Дарко Хорват под сомнение дека незаконски давал државни стимулации, а во таа истрага беше опфатен и тогашниот вицепремиер Борис Милошевиќ, како и некои други функционери.
Украина изврши голем напад со дронoви врз руски Краснодар
Рано на 15 ноември, Украина изврши голем напад со беспилотни летала врз јужниот руски регион Краснодар, објави регионалниот гувернер Вениамин Кондратиев, додека каналите на Телеграм објавија дека веројатната цел на нападот била руска воздушна база во близина на градот Крим.
Украина, чија цивилна и енергетска инфраструктура е под постојан оган од руски ракети и беспилотни летала од почетокот на инвазијата на Москва во февруари 2022 година, за возврат ги напаѓа руските воени објекти како што се складишта за гориво и аеродромите што Русија ги користи за напади на украинска територија.
Кондратиев рече дека украинскиот напад биле насочени кон две области, Кримск и Красноармејск, и предизвикале штета, но немало жртви.
Телеграмскиот канал Астра објави дека нападот бил насочен кон воздухопловната база Кримск, северно од градот Кримск, кој руските сили го користат за напади на југот на Украина.
Во моментов не е можно независно да се проверат информациите, а и Киев не ги коментираше овие наводи.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните системи за противвоздушна одбрана собориле 51 украински беспилотно летало рано на 15 ноември над руска територија и на украинскиот полуостров Крим илегално анектиран од Москва, додавајќи дека 36 беспилотни летала биле уништени над регионот Краснодар.
Инаку во август, Украина го изведе најголемиот напад со беспилотни летала со долг дострел, насочен кон четири руски аеродроми во регионите Воронеж, Курск и Нижни Новгород.
Извештаите за украинскиот напад на Крим на 15 ноември доаѓаат по големиот руски комбиниран напад врз Одеса, најголемиот пристанишен град во Украина на Црното Море и важен извозен центар за жито и други земјоделски производи.
Една жена загина, а најмалку десет луѓе се ранети во напад со дрон и ракетен напад врз Одеса.
„Илјадници луѓе останаа без парно греење“, изјави регионалниот гувернер Олех Кипер.
Кипер рече дека една станбена зграда во центарот на градот е целосно уништена, а биле оштетени и неколку високи станбени згради и десетици автомобили, додека цел на нападот бил и главниот цевковод кој снабдувал греење на околу 40 000 луѓе.
„Без греење останаа породилиштето, четири училишта и седум градинки“, рече Кипер.
Во меѓувреме, системите за противвоздушна одбрана соборија 25 од 29 беспилотни летала и една крстосувачка ракета лансирана од Русија во три украински региони: Миколаев, Кировохрад и Тернопил, објави украинското воздухопловство.
Почина јапонската принцеза Јурико
Јапонската принцеза Јурико почина на 101-годишна возраст, соопшти Управата на Јапонскиот царски двор.
Во соопштението се вели дека Јурико, сопругата на братот на поранешниот император Хирохито и најстариот член на царското семејство, починала во петок (15 ноември) во болница во Токио откако неодамна и се влошила здравствената состојба.
Управата не ја прецизираше причината за смртта, но јапонските медиуми објавија дека Јурико починал од пневмонија, пренесе агенцијата АП.
Јурико е родена во 1923 година.
На 18-годишна возраст, неколку месеци пред почетокот на Втората светска војна, се омажила за принцот Микаса, помладиот брат на поранешниот император Хирохито и вујко на сегашниот јапонски император Нарухито.
Илјадници луѓе останаа без греење по напад на Одеса
Русија изврши масовен напад врз украинскиот пристанишен град Одеса на Црното Море, при што една жена загина, а ранети се 10 други лица, меѓу кои и едно 9-годишно момче, изјави регионалниот гувернер Олех Кипер рано утрината на 15 ноември.
Тој додаде дека илјадници луѓе останале без централизирано греење.
Кипер рече дека една станбена зграда во центарот на градот е целосно уништена, неколку високи станбени згради и десетици автомобили се оштетени, како и главниот цевковод што го снабдува беше погодено греењето на околу 40.000 луѓе, поради што беше исклучено.
„Без греење останаа и породилиште, четири училишта и седум детски градинки, рече Кипер.
Градоначалникот на Одеса, Хенадиј Труханов, рече дека градот бил цел на „масовен комбиниран удар“.
Зеленски подготвува план од 10 точки за внатрешна безбедност
Украинскиот претседател Володимир Зеленски има намера следната недела да претстави план од 10 точки за обезбедување внатрешна безбедност, кој, меѓу другите прашања, се однесува на снабдувањето со енергија и производството на оружје, јави ДПА.
Ова го соопшти Зеленски во своето вечерно видео обраќање.
„Продолжуваме да работиме на нашиот внатрешен план за отпорност - се што е потребно за да се осигураме дека Украина е силна. Денес се осврнавме на неколку точки, вклучувајќи го и културниот суверенитет, кој го опфаќа културното наследство на Украина, модерната култура и културната дипломатија, производството на украински содржини и за оваа цел - промовирање на вистинско и ефективно единство во културната заедница на Украина“, рече Зеленски.
Според претседателот, ова е елемент за гарантирање на врските на Украина со глобалниот свет.
Претходно Зеленски го претстави таканаречениот План за победа, кој имаше пет точки. Едно од главните барања на Зеленски е повикување на партнерските земји да „ги укинат ограничувањата за употреба на оружје со долг дострел на целата територија на Украина окупирана од Русија и на руска територија и на непријателската воена инфраструктура“, како и помош во „опремувањето на украинските резервни бригади.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете