Достапни линкови

По „Тројанскиот коњ на Димитров“: Кој е поблизок до Москва - Скопје или Софија?


Ангел Димитров и Драги Георгиев од комисијата за историски прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија
Ангел Димитров и Драги Георгиев од комисијата за историски прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија

Копретседателот на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања Ангел Димитров деновиве во колумна ги повика ЕУ и САД да не ја критикуваат само Бугарија, бидејќи Македонија можела да биде „тројански коњ“ на Москва. Која држава е повеќе поврзана историски и во сегашноста со Русија?

Ваквите тврдења на копретседателот на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања Ангел Димитров изнесени за бугарскиот портал БГНЕС доаѓаат во период на руската инвазија врз Украина која ги обедини сите западни земји против Москва.

Историчарот Димитар Љоровски од Институтот за национална историја, чија специјалност меѓудругото се националните движења на Балканот во 19 и почетокот на 20 век, вели дека оваа анализа на Димитров единствено води кон актуализација на историјата, а поврзано со моменталните случувања во Украина. Целта е, вели историчарот, да се стекнат подобри позиции за Бугарија пред европските и западните сојузници. Тој гледа нелогичности и од историска гледна точка во врска со поврзана на Македонија со Русија.

„Ако се земе периодот за време на Илинденското востание и подоцна најчесто позади македонското движење секогаш застануваше британската политика на Балканот, додека во текот на Втората светска војна најголема соработката беше меѓу англиските и американските мисии со партизанското движење“, вели Љоровски за Радио Слободна Европа.

Инаку, во својот долг текст Димитров историски ја поврзува Македонија со Сталин, Тито и српските интереси, наведувајќи дека „ова е држава која е генетски поврзана со Србија и Русија“.

„Во овој контекст, апсурдни се навестувањата дека позицијата на Бугарија им е на услуга, бидејќи Бугарија силно ја поддржа евроатлантската интеграција на Република Северна Македонија за да ѝ помогне да излезе од старата југословенска комунистичка орбита. Инаку, Москва нема ништо против евроинтеграциите на Белград и Скопје, бидејќи – со оглед на нивното политичко наследство – тие ќе бидат толку потребните „тројански коњи“ во Европската унија“, напиша Димитров.

Љоровски вели дека историски Бугарија била многу повеќе поврзана со Русија, а тоа го покажуваат случувањата во втората половина на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, кога бугарскиот народ ја води својата борба за создавање на сопствена држава и ослободување од Османлиската доминација. Тогаш, вели Љоровски, меѓусебната симбиоза за копнежот за слобода бугарскиот народ скоро секогаш ја гледал во царска Русија.

„Од тука создавањето на бугарското кнежество е директно поврзано со руската политика на Балканот која во наследство на Софија и остави Санстефанска Бугарија како темел на нејзината национална иридентистичка политика кон балканските територии и народи“, вели Љоровски.

Инаку Санстефанска Бугарија следува по склучувањето на Санстефанскиот мировен договор меѓу Руското Царство и Отоманското Царство на трети март 1878 година. Со него, меѓудругите, под Бугарија била и целата територија на денешна Македонија. Од 1991 година трети март е и национален празник во Бугарија и се прославува како ден на ослободувањето.

Какви се денешните влијанија?

Кај источниот сосед разногласијата за тоа како треба да се позиционира државната политика во однос на руската инвазија врз Украина остануваат и сега и се посилни споредено со македонската официјална политика.

На пример Бугарската влада остро ја осуди „агресијата на Руската Федерација“, но на тамошниот парламентот му беа потребни часови дебата за да го осуди „грубото кршење на меѓународното право од страна на Руската Федерација и нарушувањето на територијалниот интегритет преку воена интервенција против Украина“.

Бугарската социјалистичка партија БСП, која е дел од владината коалиција, беше против повиците за санкции кон Русија, а опозициската Преродба пак беше против каква било осуда на Русија. Воздржани гласаа 18 пратеници од БСП и двајца од партијата на Кирил Петков, Продолжуваме со промената.

Македонското собрание, пак, гласаше поединствено. За декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина гласаа 104 пратеници, еден беше „воздржан“ и „против“ гласаа двајцата пратеници на Левица и Иван Стоилковиќ од Демократската партија на Србите.

Од почетокот на руската инвазија имаше и разрешување во бугарската влада, откако Стефан Јанев, поранешниот технички премиер, тогаш од позиција на бугарски министер за одбрана одбегна да го каже зборот војна, туку го употреби терминот операција, како што ја нарекува официјална Москва нивната инвазија врз Украина.

Бугарскиот претседател Румен Радев во предизборна дебата за претседателските избори лани рече дека полуостровот Крим е руски. На ова реагираше амбасадата на Соединетите Американски Држави во Бугарија наведувајќи дека се длабоко загрижени од изјавата на Радев. Инаку Москва изврши нелегална анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година и предизвика конфликт во источна Украина. Како резултат на тоа односите на Русија со Западот сериозно се влошија. И во бугарските структури државата досега се откриваа руски соработници.

Бугарското воено обвинителство лани поднесе обвинение против шест воени претставници за шпионирање во корист за Русија. Меѓу обвинетите се и поранешен висок функционер на бугарското Воено разузнавање, високи претставници на Министерството за одбрана и поранешен воен аташе кој ги надгледувал доверливите информации во бугарскиот Парламент.

Слични тврдења на Софија и Москва

Во неодамнешното интервју за Радио Слободна Европа американскиот филозоф, политичко-економски аналитичар и автор на едно од најпознатите политиколошки дела во минатиот век „Крајот на историјата и последниот човек“, Френсис Фукујама пак препозна сличности во актуелните тврдења на Софија во однос на македонската историја и на Москва за украинската историја.

„Мислам дека има многу сличности бидејќи во случајот со Северна Македонија, една земја, поголема земја, се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет на поинаков начин, со поинаков историски наратив од оној во Бугарија и тоа навистина е иста работа со руските тврдења во однос на Украина. Јас мислам дека основниот принцип на двете демократии и меѓународните односи е дека сите луѓе треба да бидат слободни да си го одредат својот сопствен наратив и тоа да не биде диктирано од други земји, од други поголеми земји кои сакаат да им кажат различни приказни. И мислам дека од таа перспектива е доста слично“, вели Фукујама.

Фукујама - Ако западот не го сопре Путин во Украина, тоа ќе се прелее на Балканот
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:49 0:00

Инаку на 21 февруари годинава, три дена пред почетокот на руската инвазија врз Украина, рускиот претседател Владимир Путин рече дека Украина никогаш не постоела пред советското време, го критикуваше поранешниот комунистички лидер Владимир Ленин, нарекувајќи го „автор и архитект“ на таа земја, која како што нагласи, „никогаш немала традиција на вистинска државност“. Бугарија пак од 2020 година вели дека македонскиот јазик е творба по 1944 година од тогашниот комунистички лидер Јосип Броз Тито а создаден врз бугарска основа. Слично и Москва и Софија тврдат дека украинскиот и македонскиот јазик не постојат, првите дека тој бил руски, а вторите дека македонскиот е бугарски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG