На првата станица од регионалната турнеја, овде од Скопје, високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел не сакаше да лицитира со датум за почеток на преговори на Северна Македонија со Европската Унија. И покрај обидите да каже што конкретно Унијата ќе направи за да почнат преговорите и да се одржи долгоочекуваната меѓувладина конференција во јуни, Борел не вети ништо прецизно. Рече дека го разбира разочарувањето на македонските граѓани од блокадата на македонските евроинтеграци и ја потврди интеграцијата на Северна Македонија и Албанија како стратешки приоритет на Унијата.
„Кога велам дека преговорите за пристапување со Албанија и Северна Македонија е висок приоритет за ЕУ и постојано проценувам дека земјата е подготвена да започне со преговорите, тоа не е реторичка изјава, тоа е цврста проценка и заложба, изјава за намера, која вели дека ова е наш приоритет. Меѓутоа постои проблем и знаете кој е тој. Се обидуваме да го решиме со помош на сите наши капацитети за убедување. Ние разговаравме, разговараме и ќе продолжиме да разговараме и со Бугарија додека не се реши ова прашање. Билатералните прашања не смеат да загрозуваат процес на пристапување, дури ни ако се засновани на етничко-лингвистички согледувања. Не можам да ви ветам датум, но можам да ви ветам волја, а каде што има волја, има и начин“, порача Борел на заедничката конференција со премиерот Димитар Ковачевски.
Борел се осврна и на последните случувања во Украина, осудувајќи ја руската инвазија, како варварски чин на претседателот Владимир Путин. Тој ја поздрави позицијата на Северна Македонија во однос на руско-украинскиот спор, застанувајќи зад санкциите за Русија.
„Одлуката да се усогласите со рестриктивните мерки, јасно ја покажува вашата посветеност кон вредностите на ЕУ и ве става на патот кон Европа не само како кандидатка за членство, туку и како одговорен член на меѓународната заедница зашто ова за што зборуваме е морален избор, а не избор поради калкулации. Јас сум сигурен дека ова го решавате врз основа на моралните принципи“, истакна Борел.
Потврдување на европската визија и солидарност од страна на сите земји членки на ЕУ побара премиерот Димитар Ковачевски. Тој апелираше што поскоро да се обезбеди датум за одржување на меѓувладина конференција за Северна Македонија, бидејќи сегашната статус-кво ситуација никому не му оди во прилог.
„Во период на нестабилност, како никогаш досега се јавува потреба Европа да биде обединета и силна. Војната која се случува е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот за што сите треба да бидеме исклучително внимателни и подготвени. Оставањето геостратешка празнина во нашиот дел од Европа не е опција, брзата интеграција на Северна Македонија и на регионот во ЕУ ќе обезбеди стабилност во Европа. Потребни ни се предвидливи, забрзани и засилени процеси на интеграција во ЕУ“, потенцираше премиерот Ковачевски.
Во однос на руско-украинскиот спор, тој потсети дека Северна Македонија како членка на НАТО и земја кадидат ја постави својата позиција во линија на своите сојузници, САД и НАТО. Тој додаде дека со неговиот бугарски колега воспоставиле нов принцип на соработка, кој како што рече е вистинскиот пат за да се дојде до решение на заедничкиот проблем.
Борел, кој од вчера престојува во посета на Скопје утрово се сретна со претседателот Стево Пендаровски. Во соопштението од Кабинетот на претседателот се наведува дека претседателот Пендаровски ја оценува посетата на Високиот претставник Борел на Северна Македонија и на регионот како потврда за посветеноста и поддршката на ЕУ за Западниот Балкан, особено во светло на новата геополитичка реалност во Европа.
„Дискутирајќи за руската воена инвазија на Украина и нејзиното влијание врз безбедноста на европскиот континент како целина, соговорниците ја реафирмираа потребата од итно стопирање на руските воени дејствија во Украина, враќање на поредокот на меѓународното право и што е можно поскоро целисходно зацелување од девастирачкиот напад врз Украина“, се вели меѓудругото во соопштението од претседателскиот кабинет.
Борел се среќава и со шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска, како и со претседателот на Собранието Талат Џафери и лидерите на парламентарните партии.
Скопје е првата станица од неговата посета на регионот, при што освен Северна Македонија, ќе ги посети и Албанија и Босна и Херцеговина. Од Скопје, високиот претставник на ЕУ ќе отпатува за Тирана, каде што ќе се сретне со албанскиот премиер Еди Рама, како и со други претставници на власта и граѓанското општество.
Борел во среда заминува за Сараево, каде што прво ќе ја посети операцијата на ЕУФОР Алтеа, а потоа ќе се сретне со властите на БиХ и со претставници на политички опозициски партии, како и на граѓанското општество.