Достапни линкови

Преговорите на пауза, цивили го напуштаат Мариупол преку хуманитарен коридор


Мариупол, 14 март, 2022.
Мариупол, 14 март, 2022.

Четвртата рунда разговори меѓу Украина и Русија е прекината и разговорите ќе продолжат на 15 март, рече еден од преговарачите за Украина. Во меѓувреме има информации дека цивили го напуштаат украинскиот град Маирупол преку хуманитарен коридор. ЕУ најави нови санкции кон Русија.

Михајло Подољак, висок советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, рече дека паузата е дадена за да се овозможи дополнителна работа во работните подгрупи и да се разјаснат поединечните дефиниции.

Не е јасно дали за време на денешните разговори е постигнат напредок.

Подолјак пред разговорите рече дека очекува „тешка дискусија“ за постигнување прекин на огнот, итно повлекување на војниците и безбедносни гаранции.

Денешната четврта рунда преговори се одвиваше преку видео врска, за разлика од претходните три состаноци кои беа во живо. Четвртата рунда се одвиваше во време додека Русија ги засилува нападите ширум Украина. Двете страни преговараат за да се најде начин да се стави крај на инвазијата на Москва.

Рускиот делегат на разговорите, Леонид Слуцки, пред почетокот на денешната рунда за РИА Новости изјавил дека претходните разговори постигнале значителен напредок и дека е можно делегациите наскоро да постигнат нацрт-договори.

Дипломатските напори ги зголемија надежите дека Москва би можела да го отвори патот за евакуација на повеќе цивили, дури и кога руските сили го продолжуваат притисокот врз главниот град.

Претходните разговори не доведоа до решение за добивање помош или конвои за евакуација од стратешкиот пристаништен град Мариупол, каде што стотици илјади луѓе се соочија со екстремен недостиг на храна, вода и лекови.

Последните информации кои доаѓаат од локалните власти од Мариупол се дека конвој од над 160 автомобили го напушти градот. Ова може да биде прв успешен обид за воспоставување „хуманитарен коридор“ за евакуација на цивили од опколениот украински град.

По неколкудневни неуспешни обиди да се достават залихи до Мариупол и да се обезбеди безбеден премин за заробените цивили, градскиот совет соопшти дека е во тек локален прекин на огнот и дека конвојот се движи кон градот Запорожје.

„Познато е дека од 13:00 часот повеќе од 160 автомобили успеале да заминат“, пренесува Ројтерс.

Се наведува и дека во моментов е во тек прекин на огнот долж воспоставениот хуманитарен коридор.

Советникот на украинскиот претседател Олексиј Арестович претходно во понеделникот изјави дека повеќе од 2.500 жители на Мариупол биле убиени од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари.

Градот има околу 400.000 жители.

Русија на 14 март соопшти дека создала услови за отворање на хуманитарни коридори и дека почнала масовна евакуација на луѓе.

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук рече дека конвој се обидувал да стигне до градот за да достави помош и да помогне во евакуацијата на жените и децата, но, како и со слични обиди во текот на изминатата недела, дека од рано попладне, не бил во можност да стигнe до градот.

Продолжуваат борбите во близина на Киев

Борбите во близина на Киев продолжуваат, а руските сили со артилерија пукаат кон северозападните и источните предградија на Киев, изјави регионалниот шеф на администрацијата Олексиј Кулеба, зборувајќи на украинската телевизија. Имало борби и гранатирања во Бровари, Ирпин, Буча и Хостомел.

Руските сили исто така пукаа и кон аеродромот во западниот град Ивано-Франковск, кој е на помалку од 150 километри северно од Романија и 250 километри од Унгарија.

Нуклеарната централа во Чернобил повторно остана без струја откако руските сили по вторпат го оштетија високонапонскиот далновод на електраната, соопшти украинската национална енергетска компанија Укренерго.

Оштетувањето настанало кратко откако тимот на Укренерго го вратил снабдувањето со електрична енергија во објектот.

Електраната во Чернобил, местото на една од најтешките нуклеарни катастрофи во светот, беше целосно исклучена од мрежата минатата недела, а електраната остана без струја откако за прв пат беше исклучен далноводот. Руските сили ја окупираа локацијата веднаш по инвазијата на Украина на 24-ти февруари.

ЕУ најави четврти круг санкции кон Русија

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, потврди дека Унијата е подготвена да воведе четврти круг санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Говорејќи од Скопје за време на посетата на Македонија на 14 март, највисокиот дипломат на ЕУ ја обвини Москва дека цели на цивили во војната против Украина, истакнувајќи дека повеќе од 2.400 цивили загинале само во опколениот пристанишен град Мариупол.

„Војната на Путин не е само за Украина, туку и за безбедноста и стабилноста на нашиот европски континент. Тоа влијае на сите нас“, рече Борел.

Тој најави уште еден пакет санкции кои ќе бидат насочени кон рускиот челик, јаглен и енергетскиот сектор, како и кон пристапот на Москва до пазари и меѓународни финансиски институции.

„Ова ќе биде уште еден голем удар врз економската и логистичката база врз која Кремљ ја гради инвазијата и ги зема ресурсите за да ја финансира“, рече Борел.

Тој не даде повеќе детали.

Зеленски на 16 март ќе се обрати пред американскиот Конгрес

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се обрати пред американскиот Конгрес преку видео врска на 16 март. Лидерот на мнозинството во Советот, Чак Шумер и претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси преку писмо денеска соопштија дека Зеленски ќе се обрати во Конгресот во 9:00 часот во Вашингтон, (14:00 часот според средноевропско време).

„Конгресот останува непоколеблив во нашата посветеност да ја поддржиме Украина додека тие се соочуваат со Путиновата сурова и ѓаволска агресија и во носењето закони за осакатување и изолирање на руската економија, како и доставување хуманитарна, безбедносна и економска помош за Украина“, напишаа Пелоси и Шумер во писмото.

Додека американските пратениците ја поддржаа Украина со строги санкции против Русија и милијарди долари помош и оружје за Киев, Зеленски постојано ги повикува Вашингтон и неговите сојузници во НАТО да воспостават и да спроведат зона на забранети летови над Украина.

Најголем дел од американските пратениците и Белата куќа се противат на таквиот потег, велејќи дека тоа ќе го доведе НАТО во директен контакт со војската, а со тоа ќе ризикува ескалација на војната.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG