Достапни линкови

Бајден: Забраната за увоз на руски енергенси - моќен удар врз Путин


Претседателот на САД - Џо Бајден
Претседателот на САД - Џо Бајден

Моќен удар за војната на рускиот претседател Владимир Путин е американската забрана за увоз на руска нафта, гас и јаглен, рече денеска претседателот Џо Бајден. Тој во своето обраќање изјави дека САД може да го преземе тој чекор, за разлика од земјите членки на ЕУ.

САД воведе забрана на увоз на руски енергенси, соопшти пред малку американскиот претседател Џо Бајден во неговото обраќање до нацијата. Забраната вклучува употреба и увоз на руска нафта, природен течен гас и јаглен. Тој изјави дека е свесен оти ЕУ не може да ги следи САД до крај во овој чекор, но американските компании имаат поголемо домашно производство на нафта од сите европски земји заедно.

„Ние можеме да го преземеме овој чекор, додека другите земји не можат“, изјави Бајден.

Тој додаде дека во меѓувреме САД ќе продолжат да работат блиску со своите европски сојузници за стратегија за побрза транзиција кон чиста енергија добиена од обновливи извори.

Неговата изјава доаѓа во 13-тиот ден од воениот конфликт по руската инвазија врз Украина. Бајден изјави дека забраната за користење на руска нафта во САД е „моќен удар“ за војната на рускиот претседател Владимир Путин и ги предупреди Американците дека „одбраната на слободата ќе ги чини и нив скапо“. Овој потег е поддржан и од американскиот Конгрес, вели Бајден.

„Русија може да продолжи да го меле својот напредок по ужасна цена, но тоа е веќе јасно - Украина никогаш нема да биде победа за Путин“, изјави Бајден.

Тој додаде дека голем дел од американските и светските компании на своја рака одлучиле да ги повлечат своите производи и услуги од Русија, како што се Епл, Најки и други.

„Сега не е време за профитерство, ова е време во кое мора да ја одиграме нашата улога. Ние нема да бидеме дел од субвенционирањето на војната на Путин “ изјави Бајден во неговото обраќање.

Бајден додаде дека светската транзиција кон чиста енергија во иднина ќе ги намали трошоците за енергија. Околу 8 отсто од увозот на нафта од САД доаѓа од Русија, но САД и досега не не увезуваше руски природен гас.

Бајден претходно се спротистави на насочувањето на енергијата со санкции велејќи дека не сака да им наштети на американските потрошувачи со потег што веројатно ќе предизвика повисоки трошоци за гориво.

Но, најавата за забраната дојде денеска утрово, а во исчекување на потврдата од Бајден, цената на суровата нафта порасна за околу 5 отсто, односно на 150 долари за барел.

Европа увезува околу 25 отсто од потребите за нафта од Русија.

Лидерите на ЕУ треба да се сретнат во Версај на дводневен самит што ќе започне на 10 март за да договорат начини за намалување на нивната зависност од Москва од фосилни горива.

Европската комисија веќе има предлози да го оствари тоа, вклучително и диверзификација на снабдувањето со природен гас и забрзување на развојот на обновливата енергија.

Денеска неколку часа пред говорот на Бајден Европската комисија соопшти дека планира да „ги ослободи“ земјите од ЕУ од зависноста од руските енергенси до пред 2030-тата година. Европската комисија ги претстави главните точки на планот за независност на Европа од руските фосилни горива почнувајќи од гасот. Оваа информација е објавена во услови на сериозни тензии откако рускиот претседател Владимир Путин одлучи да ја нападне Украина.

Европскиот план предвидува да се забрза работата на ЕУ за обновливите извори на енергија, да се замени рускиот гас со нови добавувачи, особено со течен природен гас и да се намали потрошувачката на енергија во блокот. Комисијата соопшти дека мерките може да ја намалат побарувачката на ЕУ за руски гас за две третини пред крајот на 2022 година.

Имено, Енергетскиот гигант Шел денеска објави дека ќе ги запре сите купувања на руска нафта и гас и ќе ги затвори другите операции во земјата, придружувајќи им се на десетици други компании во прекинувањето на врските со Москва поради нејзината неиспровоцирана инвазија врз Украина.

Компанијата веќе објави дека има намера да го прекине своето учество во проектот за гасоводот Северен тек 2 и да го напушти партнерството со рускиот Гаспром.

Украинскиот претседател Володмир Зеленски неколкупати апелираше до Западот да престане да увезува енергенси од Русија, главниот извор на приходи на Москва.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG