Достапни линкови

Зеленски - Нападот на нуклеарната централа е „терористички чин“


Нуклеарната централа Запорожје
Нуклеарната централа Запорожје

За украинските власти и експерти, заземањето на нуклеарната централа Запорожјe е „нуклеарен тероризам“. Тие предупредија дека опасноста во централата не е завршена. Рускиот претседател Владимир Путин вели дека Москва е подготвена за разговори со Украина, но инсистира на тоа дека мора да бидат исполнети руските барања. По пожарот во украинската нуклеарка, Советот за безбедност на ОН закажа итен состанок за денеска.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека нападот врз нуклеарната централа во Запорожје е „терористички чин на неверојатно ниво“.

„Само оваа централа може да биде како шест [трагедии] во Чернобил“, предупреди украинскиот претседател.

Руските сили првин ја гранатираа нуклеарната централа, која е најголема во Украина, по што во текот на минатата ноќ избувнал пожар, а потоа ја зазедоа.

Пожарникарите го изгаснаа пожарот до утрото, а нуклеарните претставници од целиот свет изјавија дека не е откриено истекување од централата.

Русија започна инвазија на Украина на 24 февруари.

Освен нападот на централата, на уште неколку места во Украина имаше напади. Гранатирања имаше и во главниот град Киев, иако се вели дека руските сили се далеку од центарот на градот.

Тешките борби продолжија на периферијата на стратешкото пристаниште, Мариупол, при што дошло до прекин во снабдувањето со струја, топлина и вода, а имало прекин и на телефонските услуги.

Американската Амбасада во Украина го нарече рускиот напад врз централата „воено злосторство“, а портпаролот на Пентагон Џон Кирби рече дека тоа покажува колку е непромислена руската инвазија.

„Тоа само го подигнува нивото на потенцијална катастрофа на ниво што никој не сака да го види“, изјави тој за Си-Ен-Ен.

Руските единици предизвикаа тревога минатата недела кога ја зазедоа деактивираната нуклеарна централа Чернобил неколку дена откако рускиот претседател Владимир Путин нареди инвазија на Украина.

Поранешниот министер за нуклеарна безбедност на Украина, Јуриј Костенко, рече дека она што руските сили го прават во Чернобил и Запорожје е „нуклеарен тероризам“. Тој вели дека меѓународното право бара од сите земји да застанат против тоа. Тој вели дека затоа Украина треба да бара од НАТО зона на забранети летови.

„Тоа би било одбрана на Украина и Европа, во целина, од меѓународниот нуклеарен тероризам“, рече тој.

По пожарот во украинската нуклеарка, Советот за безбедност на ОН закажа итен состанок за денеска. Претставничката на САД во Советот, Линда Томас- Гринфилд на состанокот рече дека акциите на Русија врз нуклеарната централа се непромислени и опасни. Таа рече дека руските сили се оддалечени 32 километри од другиот нуклеарен објект, и дека непосредната опасност продолжува.

Нуклеарната централа во Запорожје е најголема во Европа и произведува повеќе од една петтина од домашната електрична енергија во Украина.
Генералниот директор на МААЕ Рафаел Гроси го пофали украинскиот персонал на централата за нивната храброст и издржливост под „многу тешки околности“. Тој рече дека само еден од шесте реактори работи, со капацитет од околу 60 отсто.

Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конешников, без за наведе докази, тврди дека украинска „диверзантска група“ ја запалила зградата.

Но, градоначалникот на Запорожје, Дмитро Орлов, изјави дека руските сили отвориле оган врз контролен пункт на неколку километри од нуклеарната централа врз тамошните цивили, гранатирајќи ја областа најмалку еден час. Тој рече дека градот нема водоснабдување и има прекин на електричната енергија.

Регионалната украинска администрација во Запорожје подоцна соопшти дека руските војници ја зазеле централата и „оперативниот персонал ја следи состојбата на енергетските единици“.

Рускиот претседател Владимир Путин вели дека Москва е подготвена за разговори со Украина, но инсистира на тоа дека мора да бидат исполнети руските барања, пренесува агенцијата Асошиејтед прес.

Путин му рекол на германскиот канцелар Олаф Шолц дека Украина мора да прифати демилитаризација, да го прифати суверенитетот на Москва над Крим и да ја предаде територијата на истокот, која е под сепаратистите кои се поддржани од Русија, наведува Кремљ во соопштение по телефонскиот разговор меѓу Путин и Шолц.

Русија го анектираше Кримскиот Полуостров во 2014 и ги поддржува сепаратистите во источна Украина. Путин ги призна сепаратистичките „народни републики“ Доњецк и Луганск како независни држави непосредно пред да изврши инвазија на Украина на 24 февруари.

Преговарачи од Русија и од Украина во четвртокот одржаа втора рунда преговори постигнувајќи привремен договор за воспоставување сигурни коридори преку кои цивилите ќе можат да ги напуштат опколените украински градови и преку кои ќе може да се испорачува хуманитарна помош.

Се очекува преговорите да продолжат за време на викендот.
„Третата рунда би можела да се одржи утре или задутре, ние сме во постојан контакт“, изјави Михаил Подољак, советник на украинскиот претседател.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG