Достапни линкови

Столтенберг: НАТО нема воено да се инволвира во Украина


НАТО нема да биде дел од конфликтот меѓу Русија и Украина изјави генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг по вонредниот состанок во Брисел. Тој најави дека се очекува влошување на воената криза во Украина по руската инвазија.

Војната во Украина ќе донесе се повеќе жртви и уништувања во наредните денови, деновите што следуваат ќе бидат се полоши, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенбер по денешниот вонреден состанок во Брисел. Тој го повика рускиот претседател Владимир Путин да ги повлече сите војници од Украина без услови. Столтенберг посочи дека сите земји членки и партнери на Алијансата ја осудуваат руската агресија врз Украина и додаде дека ова е „војна на рускиот претседател Владимир Путин кој сам ја планираше и предизвика“.

Столтенберг додаде дека сојузниците се согласни дека не треба да има авиони на НАТО во украинскиот воздушен простор, како и дека војска на алијансата не треба да има на украинска почва. Одговорноста на Алијансата е да осигура дека воениот конфликт во Украина нема да се прошири надвор од нејзината територија.

„Затоа ние јасно застанавме на ставот дека нема да се поместиме кон Украина, ниту преку земја, ниту преку украинскиот воздушен простор. Единствен начин да воведеме зона на забранети летови е да испратиме воени авиони на НАТО во украинскиот воздушен простор со тоа што ќе ја спроведеме таквата одлука со соборување на руски авиони. Нашата проценка е дека го разбираме очајот, но ако го направиме тоа веруваме дека ќе завршиме во војна во Европа во која ќе бидат инволвирани многу повеќе земји и ќе предизвикаме многу поголемо човечко страдање. Тоа е причината поради која ја донесовме оваа болна одлука, да воведеме строги санкции, да дадеме поддршка но не и да го инволвираме НАТО повеќе“ изјави Столтенберг.

Русија користи касетни бомби во Украина, вели Столтенберг.

„Видовме употреба на касетни бомби и видовме извештаи за употреба на други видови оружје што би било во спротивност со меѓународното право“, изјави тој за новинарите во Брисел.

Столтенберг побара од руските власти да ги прекинат нападите кон Украина и додaде дека НАТО и натаму ја остава отворена опцијата за дипломатско решение на воената криза.

Состанокот во Брисел се оддржа неколку часа по заземањето на најголемата нуклеарна централа во Европа од руските сили

На денешниот вонреден состанок во НАТО присуствуваа министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, како и на Финска, Шведска и ЕУ. Министрите за надворешни работи на НАТО се собрани во Брисел на вонреден состанок, додека руската војна против Украина се интензивира и се зголемуваат повиците во Киев за зона на забранети летови. Дел од земјите членки на алијансата ја сигнализираат нивната подготвеност да ги истражат сите опции за ограничување или ставање крај на конфликтот кој веќе влегува во втората недела. По нападот на руските сили врз украинската нуклеарка Запорожје, шефот на НАТО, Јенс Столтенберг и државниот сектерат на САД Ентони Блинкен, заедно дадоа изјави.

Блинкен повтори дека иако Алијансата „не бара конфликт“, таа е „подготвена за тоа“ и дека ќе ја брани територијата на своите членки среде руската војна против соседна Украина.

НАТО не сака конфликт, но ќе ја брани секоја педа од својата територија
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:47 0:00

Дипломатскиот јазик како и финансиските и другите санкции се засилија во услови на зголемени цивилни и други жртви, како и огромни бегалски бранови од втората недела од инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин врз Украина.

Вонредниот состанок во Брисел се одржа денеска, неколку часа по руското гранатирање како и заземањето на украинската нуклеарна централа во Запорожје од руските воени сили во текот на ноќта.


Локалните власти во Запорожје изутрината соопштија дека руските сили ја зазеле локалната нуклеарна централа неколку часа откако се запалила поради едночасовното гранатирање врз објектот во текот на ноќта од страна на руските воени сили. Нуклеарната централа во Запорожје, која се наоѓа во близина на реката Дњепар, е најголема во Европа и произведува повеќе од една петтина од домашната електрична енергија во Украина.

Зеленски бара спас за нуклеарната инфраструктура во Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди од Киев дека само зоната на забранети летови ќе „гарантира дека Русија нема да ја бомбардира“ нуклеарната инфраструктура на Украина.

Земјите членки на НАТО и партнерите на алијансата денеска повторно го одбија барањето на Украина за воведување на зона за забрана на летови.

Зеленски повлече паралели со катастрофата во нуклеарната централа во Чернобил во 1986 година, најлошата нуклеарна несреќа во светот досега, но нема индикации дека некој од реакторите во Запорожје бил погоден од гранатирањето.

Претходно нуклеарните меѓународни и украински институции соопштија дека не забележале никакво истекување ниту зголемување на радијација во Запорожје.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан рече дека сојузниците „силно го осудуваат“ нападот и ја повика Русија да ја прекине својата „агресија“.

Стравувањата околу заземањето на најголемата нуклеарна централа во Европа од страна на руските сили во Запорожје, додадоа нова итност на низата состаноци што треба да го покажат единството на Западот во обидот да се соочи со рускиот претседател Владимир Путин.

Блинкен денеска разговарал за дополнителна безбедносна, економска и хуманитарна поддршка за Украина со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, соопшти Стејт департментот.

Пред состанокот на НАТО германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок изјави дека се солидаризира со украинскиот народ и рече дека војната на Путин „исто така ја носи во пропаст и неговата земја“. Таа на состанокот на НАТО вети дека Европа „ќе преземе дополнителни мерки кои конкретно го таргетираат центарот на моќ на Путин“.

Бегството на Вероника и Стефан од Одеса до Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:27 0:00

Над еден милион луѓе ја напуштија Украина од почетокот на руската инвазија, објавија вчера Обединетите Нации и предупредија дека уште милиони ќе ја напуштат земјата, ако војната не заврши брзо. Путин ја започна инвазијата врз Украина на 24 февруари, а украинскиот претседател Володимир Зеленски прогласи воена состојба во земјата и нареди општа мобилизација.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG