Достапни линкови

Вистината или преживување: Бирај


Марија Лазарова, уметница
Марија Лазарова, уметница

Луѓето со кои знам дека сум се родила на исто тло, го освојуваат своето поле на интерес и успеваат со многу жар во нив, само посакувам тоа повеќе да се случува во овие граници пишува во младинската колумна уметницата Марија Лазарова.

Македонија е земја која има две страни, од една страна има богата природа и историја, легендарна географска позиција, плодно тло, невиден талент кај луѓето во секоја свера на општеството, а од друга страна сиромаштија, разединетост, свиткана кичма, немање храброст и ужасно општествено менаџирање. Ваквата состојба трае со децении, а нашите карактери се развиени или до екстреми или сме комплетно апатични и неми во однос на оваа борба.

Животот за просечниот млад човек во Македонија веќе со децении е исполнет со битка и војување. Не за некаква кариера, не за надоградба на личноста, не за унапредување на општеството, не за култура, не за љубов, туку за вистината и за преживување. Не знам од каде да ја почнам темата, бидејќи почетокот одамна е изгубен во магла.

Кратко ќе појаснам што сакам да кажам во овој вовед - секоја битка и војна носи кон некакво унапредување, само нашата застана во основата на секое битствување.

Сметајќи се себе дел од прогресивната младина, освен со личните амбиции секојдневно се борам со фрустрираност во однос на бескрајните неправди со кои се соочувам јас или народот околу мене. Фрустрацијата, секако, е резултат на сочувство и одбивање да преќутам, замижам или да пуштам од раце се’ што мислам дека можам да променам. Најмалку што можам е да фрлам по некој искрен збор на оваа виртуелна хартија.

Живеејќи во ера на неограничен пристап на информации и знаење, низ ,,прозорорец’’ дознавме за светови во кои сфативме дека припаѓаме а ни се далеку од досег. Без доволна поткрепеност од еден од најважните столбови во општеството – образованието, лутаме и ризикуваме обидувајќи се да ја употребиме секоја добра информација во наша корист.

Неодамна сите бевме сведок на крупни неправди со кои се соочија наши сограѓани, пред се’ млади луѓе кои се свесни за себе и чесно се борат за опстанок. Случајот со неправдата со која се соочи таткото на Стефан Петровски, или немањето разврска за грозоморното злодело чија жртва беше младата родилка Јилдиз Веапоска се само капки од морето болна реалност во која живееме.

Борбата за правда директно претставува борба за помош на Стефан, Јилдиз, Амила (девојче оставено во церебрална парализа од истиот доктор), a правдата е единствената вредност која кај нас е мисловна именка, притоа клучна за функционирање на било каков систем.

Некаде таму во институциите, кои ги плаќаме и одржуваме, постојат луѓе кои молчат на сето ова, ги пикаат папките во фиока и продолжуваат да допринесуваат во нефункционалниот систем, чија жртва се и самите тие.

Последните 15 години во економијата, образованието и здравството беа донесени голем број погрешно спроведени закони, а 80% од нив се само начин како одредени индивидуи и цели организации под нив се здобија со средства кои можеа многу лесно да го исправат патот на ова општество. Сега поради тоа нам ќе ни требаат уште толку години, ако успееме да кренеме глас, да пробаме да го прекинеме овој синџир.

Надеж во цела оваа констатација ми дава природата на карактерите во чие име зборувам. Неуморната борбеност, истрајноста и гладта за подобро утре се сепак главни карактеристики на младите луѓе кои ги запознавам околу мене. Луѓето со кои знам дека сум се родила на исто тло, го освојуваат своето поле на интерес и успеваат со многу жар во нив, само посакувам тоа повеќе да се случува во овие граници. Во име на народот кој живее во овие простори сакам да изнесам два цитати од ,,Пиреј’’ на големиот Петре М. Андреевски.

,,Племето наше е пиреј, вели Лазор Ночески, и не го ништи ниедна војска и ниедна болест. Пиреј е троскотна трева, вели, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, вели, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата, вели, и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева, вели.’’

Знам дека оваа борба ќе ја добие тој кој е на страна на вистината, само се плашам дека цената на преголемо доцнење може да е прескапа.

,,Не знам како е поарно да се умре: Намерно, како јунак, или ненамерно, како згазена бубачка.’’

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG