На 17 километри од центарот на Скопје се наоѓа село Брњарци, административно дел од скопската општина Гази Баба. Околу 400 жители на селото со години се жалат дека немаат чиста вода за пиење. По сто дена владеење на градоначалникот Бобан Стефковски- ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение се пофали- Брњарци доби чиста вода за пиење. Ден по него, во селото не дочека мештанинот Ѓорѓија Трипуновски.
„За пиење вода нема. Поминаа после поплавите во 2016 година, рекоа нечини бунарот, не чини оваа вода, не чини онаа вода и никој не дојде да не праша како живееме, што живееме...лут сум на државата неверојатно. И уште немаме чиста вода за пиење“
Поплавата што ја споменува Ѓорѓија се случи пред пет и пол години. Во почетокот на август таа година од поројните дождови беа зафатени повеќе села, а загинаа и 22 лица. Идната, 2017 година, на локалните избори победи градоначалник од СДСМ, а од октомври лани прв човек е градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ.
„И не знам што да ви кажам. Што треба уште овие жителиве на Брњарци да направат? Само за гласање, дојди гласај го, а ние овде раце во вис“, вели Трипуновски.
Тој 68 години живее во селото. Зад камерата и другите жители едногласни дека ова ветување им е давано со години и од секоја оштинска власт. Но, исто така едногласни дека чиста вода за пиење, се уште нема.
Колонија- асфалтирана улица, но и обвинувања
Од Брњарци заминавме за Колонија. Скопска населба, исто така под општина Гази Баба за која ВМРО-ДПМНЕ наведоа дека се асфалтираа улици.
На улицата која е асфалтирана има околу едесетина жители. Сретнавме двајца од нив.
„Претходно улицава беше со земја, со кал...сега пред два месеца ни ја направија, оваква како што треба“ вели Добре Илиевски.
„Потребен ни е на сите патот. Носиме дрва тука, коли идат, немаме друг, сега ни е добро, асфалтирано“, вели Митре Данаиловски.
Но, соседот чија што куќа се наоѓа на иста таква уличка од спротивната страна не е задоволен. Има и свој сомнеж зошто е тоа така.
„Улицата е направена околу Нова година, но жалосно е што е партиска работа. На оваа улица, кај што го снимавте асфалтот, живее советникот во општина Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на месниот комитет. Затоа е тоа направено, а ние ќе чекаме уште којзнае колку време за другите улици“, вели Драги Михалјов.
Тој тврди дека цела населба не се задоволни воопшто и не само, како што вели од оваа власт туку и од сите во последните 27 години.
Кој ги реализирал проектите во Битола?
Покрај за овие скопски општини по викенд настанот во македонската филхармонија партијата која на последните октомвриски локални избори е победник наведе и дека „во Битола се спроведува огромен проект за реконструкција на 23 улици“. Во тој град од 2017 година до 2021 година градоначалничка беше Наташа Петровска од СДСМ, а сега локалната власт премина кај Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Радио Слободна Европа праша во општината- кои од овие улици се отпочнати со реконструкција или завршени и ако не се почнати кога ќе започне реализацијата. Од општината набројувајќи одговорија за 23 како што напишаа „завршени претходно отпочнати улици“, а наведоа четири проекти во „ во фаза на подготовка на документација: проектна документација за улица Индустриска – во постапка на јавна набавка, проектна документација за патна мрежа во село Лажец – во тек, проектна документација за патна мрежа во село Егри – во тек, проектна документација за улично осветлување на улица Студентска“.
Инаку ВМРО-ДПМНЕ во својот отчет наведоа дека во изминатите 100 дена реализирани се 1.090 проекти од кои 166 проекти се капитални, реализирани се 68 проекти во областа на образовната инфраструктура, 33 проекти во градинки, изградени и реконструирани се 206 улици во должина од приближно 100 километри, се инвестира во градба на 111 водоводи и канализации, 96 игралишта и паркови, а расчистени се 200 диви депонии.