Достапни линкови

Битола врие од улични кучиња - Општината плаќа годишно над еден милион денари отштета


Улични кучиња во Битола.
Улични кучиња во Битола.

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски рече дека по тужби на граѓани каснати или нападнати од кучиња во 2021 година Општината исплатила над милион денари. Општината за годинава одвоила пари за подготовка на проектна документација за решавање на проблемот со бездомните животни.

Битола е преполна со кучиња скитници. Можат да се сретнат во чопор на Широк Сокак, старата чаршија, по градските паркови, во тревниците на државни институции и низ улици. Има повеќе граѓани кои биле каснати, а останатиот дел од битолчани мака мачат да изберат улица кога се движат пеш, а да не налетаат на кучиња.

„Опасни се, мене ме имаат каснато.“

„Ова е голем проблем, посебно кога се збираат во глутници можат да ве нападнат“, велат битолчани.

За проблемот се дискутираше и на седница на Совет.

„Колку тужби од лица кои биле каснати од кучиња имало за Општина Битола во 2021 година? И колку пари по тој основ биле исплатени во 2021 година?, праша советникот Ѓорги Ѓоргиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Советничката Жаклина Наумовска од СДСМ, пак праша:

„Колку ќе чини одржувањето на годишно ниво на стационар за кучиња и дали буџетот на Општина Битола би можел да го издржи тој товар“.

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски рече дека по тужби на граѓани каснати или нападнати од кучиња во 2021 година Општината исплатила над милион денари.

„Во однос на тужбите од каснати граѓани или нападнати, Општината Битола платила отштета 1. 129 000 денари во 2021 година, а се водат уште десетина премети кои не се дојдени до завршна фаза. Ова е горлив проблем на сите нас, кој во изминатиот период нашите претходници воопшто не се обидоа или не најдоа решение“, рече Коњановски.

Тој оствари средба со здруженијата за заштита на животните на која ги информира дека во буџетот на Општина Битола за 2022 година предвидени се средства за подготовка на проектна документација за решавање на проблемот со бездомните животни и дека тоа ќе биде институционално.

За да се реши проблемот најпрво треба да се започне со примена на стратегија за масовна стерилизација, како и да се воведе одговорно сопствеништво на миленици и контролирана трговија со истите, спроведување на кампања за заштита на животни, ограничување и контрола на слободната продажба на високотоксични материи, кои се злоупотребуваат за труење на животни и поголем инспекциски надзор низ градот во откривањето на мачењето на животни.

„Веднаш ќе почнеме да работиме барајќи некаков преоден модел. Понатаму и системски преку стационар за згрижување на бездомни животни. Тоа мора да го сработиме зашто сите сме сведоци дека градот од Широк Сокак, па понатаму е преплавен со кучиња ,а побарувањата се огромни од луѓето кои претрпеле штета“, рече Коњановски.

Троши илјадници долари за да храни улични кучиња
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

До пред неколку години кучињата ги заловуваше шинтер и се ставаа во кафези во склоп на зоолошката градина во Битола. Здруженијата за заштита на животните реагираа дека таму условите се нехумани, па бездомниците останаа по улиците. Дел од нив беа кастрирани, чипирани и вакцинирани преку проект на Фондација на доктори со македонско потекло кои живеат во САД, но дел од уличните кучиња не беа опфатени со ваквите активности.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG