Достапни линкови

Афери за политички маркетинг или истраги и одговорност


И Обвинителство и ДКСК апелираа партиите доколку имаат докази за сторени кривични дела, да ги достават до институциите, наместо тоа да го прават на прес-конференции. Опозициските партии речиси секојдневно објавуваат сомнежи за афери, местени тендери, злоупотреби на службената положба. Поранешниот обвинител Константин Кизов вели доколку има докази уверен е дека Обвинителството ќе ги гони сторителите, но вели дека е тешко да се постапува по функционери додека нивните партии се на власт.

Основното јавно обвинителство и Државната антикорупциска комисија ги следат секојдневните информации кои се пласираат во јасноста за неправилности во работењето и наводни кривични дела, кои се пласираат преку прес-конференции. Реакции од надлежните побаравме откако партијата во опозиција ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати обвини за местени тендери и злоупотреби на народни пари, направени од, како што наведуваат, функционери на власта.

Од Обвинителството во одговор за РСЕ велат дека сакат да укажат оти прес - конференциите не се облик за пријавување на кривично дело.

„Секој што има докази или смета дека е сторено кривично дело, треба да поднесе кривична пријава, по што Обвинителството ќе постапи во рамките на своите надлежности“, се наведува во писмениот одговор.

ОД ДКСК велат дека постапуваат каде сметаат дека има основ и сè што ќе допре до нив гледаат да гo завршат како предмет.

„Знаете дека ДКСК си постапува во рамките на своите надлежности, неселективно ги разгледува сите предмети, така што мислам дека треба да го бараме посоодветниот пат, отколку постојано само да се обвинуваме значи конкретно со документи, докази се доставуваат се прегледуваат и се преземаат понатаму чекори“, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.

Според податоците на Комисијата, пласирани кон крајот на јануари, Антикорупциската комисија во изминатите 20 години до Јавното обвинителство поднела 165 иницијативи, но само три завршиле на суд.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува за местење тендери

ВМРО ДПМНЕ обвини дека Министерството за внатрешни работи спровело тендери во вредност од околу милион евра со мала фирма за камионски транспорт која требало да изврши монтажа на соларни панели и да изврши водоинсталатерски услуги. Од МВР негираат дека има нешто сомнително во тендерите.

ВМРО-ДПМНЕ на друга прес конференција обвини и дека за време на мандатот на поранешниот градоначалник на Бутел од редовите на СДСМ, Велимир Смилевски преку тендер за улично осветлување се испумпувале пари од општината.

Мерко ја продал зградата на струшки Водовод и сега плаќа по 3000 евра за кирија

Државната антикорупциската комисија соопшти дека ќе го проверува случајот со јавното претпријатие „Водовод“ од Струга. Тие ќе го проверуваат случајот во кој градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, пред две години го продал земјиштето и објектот во кој било сместено комунално претпријатие, а кое се наоѓа на атрактивна локација на Кејот на реката Дрим и сега Водовод плаќа месечна кирија од 3000 евра, а претпријатието работи со загуба. Во извештаите за работата на јавните претпријатија што го разгледуваат градските советници во Струга е наведено дека освен високи сметки за кирија на Водовод, се плаќале и високи сметки за струја од по 33 илјади евра месечно.

Стотици договори на дело во Општина Тетово, а има превработеност

Една од посочените сомнежи за афери од страна на сегашниот градоначалник на Тетово, Билал Касами од Движењето Беса, партија во опозиција на централно ниво, е дека неговата претходничка Теута Арифи во 2021 склучила дури 811 договори на дело, а во Општината има превработеност. Тие што ќе достават извештај за сработеното Општината ќе им плати тоа што е заостанато, но на тие што не доставиле ќе треба да ги вратат парите, а во спротивно Општината ќе поднесе кривични пријави. Касами јавно ја објави листата, а едно од посочените имиња е Ненад Јовановиќ, по што имаше бранувања на социјалните мрежи. Според списокот човек со такво име од август до декември 2021 од Општина Тетово примал по 200 евра месечно. Колумнистот со исто име, кој е поддржувач на СДСМ и поранешниот премиер Зоран Заев, негираше дека земал пари и бил во некаков ангажман со Општина Тетово.

Кривична за Шилегов и Јанчева

Град Скопје поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов и поранешната претседателка на советот Љубица Јанчева. Според пријавата од новите градски власти, Јанчева со пари од општинскиот буџет организирала предновогодишна забава во ресторан во Скопје, а Шилегов без да се склучи договор преку тендер дозволил парите да бидат искористени. Со тоа, како што велат од Град Скопје, пријавените прибавиле имотна корист и нанеле штета на буџетот на Град Скопје. ВМРО-ДПМНЕ измислува непостоечки афери, поднесува пријави со една цел – да се обиде да го прикрие неработењето на градоначалничката Данела Арсовска.

Кизов - Тешко е да се постапува по функционери додека нивните партии се на власт

Поранешниот јавен обвинител Константин Кизов вели дека секое објавување на афери треба да биде поткрепено со докази, а како што вели, Обвинителство има доволно кадар за да ги провери наводите.

„Јавното обвинителство по службена должност треба сите наводи кои ќе бидат објавени во јасноста, дали преку печатени медиуми, телевизија, да ги проверат дали се има случено некои делото и ако има да постапуваат. Ако утврди дека има основ за гонење сигурно дека ќе ги гони. Јас сум уверен дека ќе ги гони ако има докази“, вели тој за РСЕ.

Тоа што станува пракса наводите за афери да се соопштуваат на прес-конференции и по медиуми, според Кизов, се должи повеќе на политички маркетинг. Тоа што ќе го достават како докази останува пишано и документирано и ако потоа институциите не постапуваат, партиите ќе имаат зошто да фрлаат дрва и камење по нив, вели Кизов.

Тој вели дека не е лесно да се постапува по функционери додека нивните партии се на власт.

„Тешко е. Тешко е за постапување затоа што тие наводи треба да се проверуваат, да се достават до тие институции, а дали тие институции ќе ги достават или ќе ги прикријат тие докази, затоа е многу тешко“, вели поранешниот обвинител Константин Кизов.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG