Достапни линкови

Опозицијата бара документи на увид, а Османи тврди дека не се преговара за јазикот и идентитетот


Обраќање на министерот за надворешни работи Бујар Османи пред собраниската Комисија за надворешни работи на која тој поднесе извештај во врска со одговорите од планот 5+1 во однос на македонско-бугарските односи
Обраќање на министерот за надворешни работи Бујар Османи пред собраниската Комисија за надворешни работи на која тој поднесе извештај во врска со одговорите од планот 5+1 во однос на македонско-бугарските односи

Не преговараме за идентитетот и јазикот со Бугарија, но не можам да пред Собранието да доставам работни документи за што се разговара за да не го нарушам процесот. Ако има можен договор, тој ќе биде доставен до пратениците, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи. Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ бара на затворена седница да се разгледаат работните документи.

Ниту преговараме, ниту ќе преговараме за идентитетски прашања со Бугарија, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи пред собраниската Комисија за надворешна политика, на која тој поднесе извештај во врска со одговорите од планот 5+1 во однос на македонско-бугарските односи.

„Никој не преговара за идентитетски прашања. Јазикот и другите идентитетски атрибути се прашања кои произлегуваат од правото на самоопределување на секој човек, на секој народ, на секоја етничка заедница, на секоја држава и тоа е неприкосновено право посилно од кое било друго право. За овие прашања ниту сме преговарале, ниту имаме право да го направиме тоа, ниту некој некогаш ќе преговара“, рече Османи.

Тој сепак признава дека имало обиди од поединци и политички групации во Бугарија да наметнат таков пристап во разговорите, но оти успеале да покажат дека се ретроградни појави.

Османи рече во пакетот 5+1 нема ништо спектакуларно и оти разговорите со Бугарија се во фаза на размена на идеи, нон пејпери и работни документи, кои не може да ги претстави пред пратениците затоа што со претставувањето на нецелосни документи може да се нарушат преговорите.

„Во првиот момент кога ќе стигнеме до ситуација тие работни верзии да станат прифатливи за двете страни, пред истите да бидат одобрени или ставени во функција, тие писмено ќе бидат доставени до оваа комисија и воопшто до пратениците“, рече Османи.

Тој рече дека се шири хистерија дека за вакви чувствителни прашања е можни ад хок решенија на штета на државните интереси, но оти можните решенија поминуваат многу филтри.

Османи вели дека во пакетот 5+1 има прашања важни за двете страни.

„За нас најважното прашање во тој пакет е токму Имплементацијата на одлуката на Европскиот совет од март 2020-та година, преку одржување на првата Меѓувладина конференција, и притоа, нашата клучна државна позиција е дека во самата преговарачка рамка, македонскиот јазик да биде третиран како официјален јазик на Европската унија без никакви додатни квалификации и прашања поставени од Бугарија“, истакна Османи.

Претседателот на комисијата, пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој исто така е поранешен министер за надворешни работи, праша како да имаат доверба во процесот, кога владата не сака со нив да го сподели нон пејперот, кој во декември бил испратен во Софија и побара тој да биде разгледан на затворена седница на Собранието.

„Нас државата ни дала полна доверба со тоа што ни дала државни сертификати да имаме пристап до секоја државна тајна, колку и да е класифициран тој документ. И ако државата ни дала доверба, тогаш зошто еден политичар којшто води државна институција да не ни дава доверба. Да ги разгледаме на затворена седница каде што ќе ви дадеме добронамерни укажувања. Нашите цели се заеднички, исти, да отпочнеме преговори, затоа што, со право кажавте, ги заслужуваме од 2009 година“, рече Милошоски.

Османи одговори дека секој заинтересиран пратеник може да дојде во МНР и тој лично ќе му го прочита одговорот на бугарските предлози, што наиде на реакција од пратениците на Комисијата. Милошоски рече дека политичкиот систем во Македонија е таков што министрите доаѓаат да дадат отчет пред пратениците, а не обратно.

Османи рече дека земјава има поддршка за почеток на преговорите од сите останати членки на ЕУ и оти за прашањето е создадено единство меѓу сите етнички заедници во Македонија.

Бугарија од 2020 година ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и оти македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

Османи рече дека сега има нов пристап во односите меѓу двете земји, со кој повеќе ќе се посветат на иднината, отколку на минатото.

Бугарскиот премиер Кирил Петков, пак, денеска пред бугарските пратеници рече дека со македонската страна е договорено заедничко чествување на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари годинава.

Новиот бугарски премиер Кирил Петков на 18 јануари дојде во посета на Македонија, што беше негова прва посета на странство по стапувањето на функцијата. Една недела подоцна, во Софија се одржа заедничка седница на бугарската и македонската влада. Беа потпишани три меморандуми за соработка и формирани заеднички работни групи за засилување на соработката за низа економски, инфраструктурни и културни прашања.

Бугарската страна сега бара вметнување на македонските Бугари во уставот, но негираат постоење на македонско малцинство во Бугарија.

Претседателот Стево Пендаровски, пак, денеска се среќава со претставници на здруженијата на Македонците од Бугарија.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG