Достапни линкови

Кој ќе ги лекува пациентите ако младите лекари заминуваат од земјава?


Илустративна фотографија - Протест на лекари и медицински персонал поради насилството врз нив во здравствените установи.
Илустративна фотографија - Протест на лекари и медицински персонал поради насилството врз нив во здравствените установи.

Германија, Словенија, Хрватска и САД се некои од најпривлечните понуди за младите лекари кои го напуштаат македонскиот здравствен систем. Поради проблемите, значителен број млади лекари одлучуваат професионално да напредуваат во некои од поразвиените странски земји, но има и ентузијасти кои се решаваат да останат.

Кронизам, непотизам, несоодвени услови за работа и ниски плати се дел од проблемите со кои се соочуваат младите доктори по нивната специјализација. Да се вработи тазе дипломиран студент по медицина во државна здравствена установа е тешка задача. И приватното здравство за младите и не многу искусни доктори не е баш примамливо. Поради овие причини, голем дел од младите доктори својата иднина и професионален развој го барат во западните земји.

Имено, во период од 2017 до 2022 година вкупно 568 доктори побарале потврда од Лекарската комора дека се членови дека против нив не се води постапка пред Судот на честа. Овие потврди им се неопходни на докторите за едукација во странство, стручен или студиски престој во странство, обука и доусовршување, меѓународни проекти како и на оние кои заминуваат да живеат и работат надвор од Република Северна Македонија.

Графика- поднесени барања на лекари за потврди за странство
Графика- поднесени барања на лекари за потврди за странство

„Во наведените податоци околу 25 доктори секоја година повторно бараат да им се издаде потврда ( good standing)“ се вели во одговорот на Лекарската комора за Радио Слободна Европа.

Во периодот од 2012 до 2016 година според истиве податоци такви поврди добиле над 600 лекари. Но, прецизни податоци за тоа колку лекари се иселиле од земјава нема.

Доктор Никола Брзанов е млад лекар, кој како специјалист по општа Хирургија работи во Универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ во Скопје. Тој остана во земјава, но вели дека често го мачела дилемата дали да ја напушти Македонија и да си ја проба среќата на друго место.

Брзанов, кој е и претседател на Клубот на млади лекари, во разговор за Радио Слободна Европа, вели дека моментите на разочарување во земјава ги доживеал главно за време на студирањето и при процесот на неговата специјализација.

„Но, ете тука сум. Борбата сѐ уште трае и преку Клубот на младите лекари се обидуваме да ја смениме иднината на нашите студенти и идните млади лекари“, вели Брзанов.

Неговите незадоволства се јавиле на патот до добивањето на лекарската лиценца и при специјализацијата, пат кој, како што вели, е доста тежок.

Брзанов раскажува дека откако ги завршил студиите на Медиционскиот факултет во Скопје, стажирал шест месеци се до добивањето на неговата лиценца во Лекарската комора, со која го добил и правото за специјализација.

Специјализацијата по хирургија ја започнал со приватно финансирање и траела три години. Како што вели, од една страна немал никаков финансиски надомест за неговата работа како специјализант, а од друга страна се соочувал со притисокот да се докаже и да биде примен на работа.

„Во сегашноста морам да признаам дека условите на специјализантите се подобрени, во смисла на тоа дека примаат месечен надоместок од една просечна плата. Но, условите за вработување, сигурната едукација, иднината, како и тогаш, така и сега се разочаруавчки. Клучни критериуми при изборот сѐ уште се кронизмот и непотизмот“, вели Брзанов.

Д-р Никола Брзанов - млад лекар, специјалист по општа Хирургија на Универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ во Скопје.
Д-р Никола Брзанов - млад лекар, специјалист по општа Хирургија на Универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ во Скопје.

Инаку, според него, најчести дестинации за заминување на младите лекари се Германија, Словенија и Хрватска, но вели дека значителен број на млади доктори успеваат и во американскиот здравствен систем.

„И на тие што заминале не им е лесно. Не само што треба да го остават семејството и пријателите со кои растеле, треба да влезат и во туѓите здравствени системи. Таму, освен што мораат да ја докажат својата стручност, мораат да поминат и низ еден куп на тестови и администрација“, вели Брзанов кој посочува дека миграцијата на лекари е присутна и во поразвиените соседни земји кои се веќе дел од ЕУ, како Бугарија, Хрватска и Романија.

Долгогодишните проблеми во здравството се присутни, за нив сведочат бројни здравствени работници и пациенти. Од друга страна политичарите се обидуваат да ја уверат јавноста дека работат и носат одлуки во интерес на здравството.

Досегашниот министер за здравство Венко Филипче, кој овој месец ја напушти функцијата, рече дека и покрај сите предизвици со глобалната криза на КОВИД-19, во изминатите четири години успеале да направат темелни промени во здравството и да реализираат дел од инвестициите.

Тој рече дека го вратиле достоинството и мотивацијата на здравствените работници со тоа што им ги покачиле платите од 25 до 40 проценти; дека платите на лекарите специјалисти се зголемени за два ипол пати, а специјализантите за прв пат земаат плата додека специјализираат.

„За четири години реновиравме и изградивме здравствени капацитети повеќе од било кога во минатото. Реновирани се 50 здравствени установи, клиники и хируршки сали кои се опремени по највисоките светски стандарди. Отворени се нови центри и оддели во рамки на болниците и пациентите сега ги добиваат услугите онаму каде што живеат“, рече Филипче по заминувањето од функцијата.

Болестите на здравството - од ходниците до операционите сали
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:17 0:00

Експерти и лекари се согласуваат дека одредени чекори се направени, но според нив и покрај тоа не може да се очекува дека македонското здравство во иднина нема да доживее значителни промени, како и условите во кои ќе работат младите лекари.

Ваков е ставот на пензионираниот професор д-р Мирко Спироски – имунолог и основач на Институтот за имунобиологија и хумана генетика при Медицинскиот факултет во Скопје.

Спироски, кој е еден од основачите и прв претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Македонија, вели дека состојбата во македонското здравство во иднина ќе биде слична како и во сите други посткомунистички земји. Според него, еден од главните предизвици е создадената разлика меѓу државното и приватното здравство.

„Здравството и понатаму ќе напредува, но поради либералниот капитализам во којшто ние уставно навлеговме, не е можно да се промени системот. Ако не се промени системот, и понатаму ќе има државно и приватно здравство и овие разлики кои сега постојат, ќе мора на некој начин во иднина да се решаваат“, вели Спироски.

Според него, можни се промени само ако проблемите се решаваат на начин со кој квалитетот меѓу приватното и државното здравство ќе стане приближно ист, како и цените.

Тој смета дека треба да се направи и подобар распоред на здравствените установи во целата држава, но да има и промени во финансирањето преку Фондот за здравство: „на пример секој да има право да се лекува во приватно или во државно здравство.“

„Доколку настапат вакви промени, ќе имаме подобрување. Мое лично мислење е дека притисокот од неповолната здравствена состојба на нашето население е сигнал за сите влади, сегашни и идни, и како што направи оваа влада за зголемување на вложувањата, на интересот и другите елементи во здравството, останатите исто така ќе мораат тоа да го продолжат и дури и да го зголемат. Јас очекувам дека нема да има некое значајно подобрување, но не би требало да има ниту влошување“, вели Спироски.

Собранието на средината на јануари ја избра новата Влада, со што Министерството за здравство сега ќе го води новиот министер Беким Сали.

Според Брзанов, главен проблем во моментов е тоа што во државата не постои долгорочна здравствена стратегија во која ќе бидат лоцирани сите проблеми и која за нив ќе нуди суштински решенија.

„Стратегија која ќе постави една 10-20 годишна рамка, а која нема да се менува со менувањето на власта и која нема да зависи од суетата на министерот“, вели Брзанов.

Според него, неминовно и клучно во една ваква стратегија е да бидат вклучени и граѓанските асоцијации и младите лекари, а како што вели, само така таа стратегија ќе биде национална и надпартиска.

„Му порачуваме на новиот министер за здравство да покаже интерес за предлозите на здруженијата од фелата на младите лекари, кои и тоа како имаат добри предлози“, вели Брзанов.

Сепак, Брзанов е свесен дека здравството е многу сложен систем во секоја држава и дека „инстант решенија“ за наталожените проблеми не постојат. „Инстант решенија можеби нешто ќе подобрат, но тоа ќе биде на краток рок“, заклучува Брзанов.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG