Достапни линкови

Дигитализацијата во образованието-приоритет и за новиот министер


илустрација
илустрација

Иако образованието е ресор кој често ги менува своите министри, од ова министерство велат дека дигитализацијата во образованието која ја почна претходната министерка, ќе биде продолжена. Од МОН остануваат отворени и за сугестии за Законот за учебници кој веќе неколку месеци е повлечен од Собрание

Дигитализацијата на образованието останува еден од повисоките приоритети во работењето на Министерството за образование и наука и во следниот период, информираат од ресорното министерство кое од неодамна има нов министер.

На прашањето на РСЕ дали реформата која ја започна претходната министерка Мила Царовска ќе продолжи и со каква динамика ќе се спроведува, од министерството велат дека дигитализацијата е процес кој не е прашање дали треба или не треба да се спроведе, туку глобален тренд и стандард чие следење директно влијае на квалитетот на воспитно - образовниот процес и придобивка за граѓаните, или како што додаваат, овозможува поквалитетно и поедноставно обезбедување на образовни услуги.

Дел од процесот на дигитализација е и донесување на Законот за учебници кој предвидува воведување дигитални учебници, прво во четврто одделение, а во наредните години и во погорните одделенија, како и во средното образование. Токму тој закон беше повлечен од Владата и вратен на повторно разгледување, откако Собранието го прифати предлогот на Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ да се иницира референдум за граѓаните да се изјаснат за истиот. Од јули минатата година, овој закон е повлечен и нема информации до каде е постапката за негово носење.

„По однос на новиот Закон за учебници и други материјали за учење во основното и средното образование, како што и беше најавено, истиот повторно ќе биде предмет на јавна дебата, за да се даде можност на сите оние субјекти и општествени чинители, кои претходно не успеале да земат учество, а сакаат да дадат придонес преку своја сугестија или предлог во креирањето на најдобрата верзија на законот. За целиот процес, за секој чекор, јавноста навремено ќе биде известувана“, одговорија од Министерството за образование.

Од Младинскиот образовен форум велат дека нивни претставници досега не биле вклучени во консултации или поширока расправа во врска со конкретниот закон.

„Сепак ние како организација се стремиме за квалитетно образование и се залагаме сите содржини кои се неадекватни, застарени, хомофобни и сл. да се тргнат од учебниците. Во однос на дигитализацијата, ние ја подршуваме и сметаме дека треба да се следат современите трендови. Проблем е што истата беше избрзана, од аспект на тоа дека самите професори и учебници и родителите не беа доволно подготвени за спроведување на истата. Можеби треба да се направи еден процес на транзиција каде што ќе бидеме сигурни дека полека со тек на време самите ученици, професори и родители ќе може да се најдат и да се прилагодат на дигиталниот свет, вели Петар Брлаковски од МОФ.

Дигиталните учебници кои во септември лани беа воведени кај учениците од четврто одделение предизвикаа низа реакции во јавноста. Најпрво немаше доволен број на таблети по училиштата, дел од наставниците работеа со печатени учебници, а учениците и родителите беа збунети. Набрзо потоа се забрани фотокопирање на учебници, а просветните инспектори беа постојано на терен за да контролираат дали се користат фотокопирани учебници за четвртоодделенците. Реагираа и од СОНК порачувајќи дека државата, локалната самоуправа и училиштата се тие кои мора да обезбедат соодветни услови за непречено одвивање на наставата со дигитални учебници, а потоа да ги ловат „продавачите на учебници“ .

Планови и дилеми

И покрај бројните дилеми и отворени прашања кои се појавија при спроведување на овој процес, сега од ресорното министерство велат дека веќе работат на креирање на дигитални учебници за учениците кои од септември ќе бидат петто одделение.

„Тоа подразбира дека и натаму ќе работиме на креирање и воведување на нови дигитални материјали за учење, од следниот септември за учениците од петто одделение, а ќе се набавуваат и ИТ уреди, односно интерактивни табли и компјутерска опрема онаму каде е потребно. Исто така, ќе работиме и на дигитализација на нови услуги кои ги нуди министерството или другите образовни институции, како што беше случај со овозможувањето на електронско пријавување за упис во прво одделение, електронско аплицирање за ученички и студентски стипендии, електронско аплицирање за сместување во ученички и студентски домови и така натаму“, велат од Министерството за образование.

Едно столче, многу министри

Во изминатите неколку години во овој ресор се сменија неколку министри. Просечниот мандат на секој од нив е околу 2 години, а некои од нив на министерското столче останаа само една година. Тоа, вели Брлаковски, се одразува на квалитетот на образованието.

„Можеби самата смена не е толку голем проблем колку што е проблемот што секој нов министер има нова идеја за реформа, што придонесува реформата на претходниот министер да се стави на пауза или погрешно да се имплементира. Доколку актуелниот минситер продолжи со истата динамика на реформите на неговата претходничка, во ред, но доколку имаме нови реформи постојано ќе тапкаме во место или ќе имаме времени реформи додека трае мандатот, и после тоа пак ќе почнуваме од почеток“, заклучува Брлаковски.

Откако на власт дојде СДСМ во 2017 година, во овој ресор се сменија четири министри. Рената Десковска беше првиот избор на таа влада, но се задржа на функцијата само една година. Подоцна на министерското столче седна Арбр Адеми, а по реконструкцијата на владата, местото и го отстапи на Мила Царовска. Во новата Влада неа ја замени сегашниот министер Јетон Шаќири, кој на ова место доаѓа од Министерството за информатичко општество и администрација.

Честа смена на министри во образованието имаше и за време на претходната власт. На оваа функција беа и Панче Кралев, Никола Тодоров, Спиро Ристовски, Абдулаќим Адеми кои на позицијата се задржаа од една до две години во просек.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG