Достапни линкови

Напредок од 24 места на Индексот за перцепција на корупцијата


Илустрација
Илустрација

По ланскиот најлош резултат и 111 место на листата за перцепција на корупцијата, годинава Македонија напредува за 24 места. Изборите, судењата за висока корупција и Антикорупциската комисија придонеле за подобрување, но има уште работа, вели Слаѓана Тасева од Транспаренси интернејшнал Македонија.

Македонија забележа напредок од 4 индексни поени, односно се искачи 24 места погоре на листата на Индексот на перцепција на корупцијата што годишно го изготвува Транспанренси интернејшнал. Оваа година, Македонија е рангирана на 87-место од 180 држави во светот со 39 индексни поени. Индексот користи скала на бодови од нула (многу корумпирана земја) до 100 (некорумпирана земја).

Минатата година, Македонија го оствари својот најлош резултат и беше рангирана на 111-то место со 35 индексни поени. Најдобар резултат во изминатата деценија Македонија имаше во 2014 година, кога со 45 индексни поени беше рангирана на 64 место во светот.

Најголем скок во рангирањето во регионот бележат Македонија и Косово, кои годинава го делат 87-место, рече Слаѓана Тасева од Транспаренси интернејшнал Македонија.

„Оваа година имаме сериозен исчекор, односно сериозен напредок на скалата на Индексот за перцепција на корупцијата. Значи, имаме резултат од 39 поенти и сега сме на 87 место од вкупно 180. Значи, имаме подобрување, но тоа не значи дека е многу добро. Резултатот е сè уште многу низок, сè уште е под половина, под 50 поени и сè уште сме многу пониско од таму каде што сме биле во 2015 година кога сме биле на 66 место“, рече Слаѓана Тасева од Транспаренси интернејшнал Македонија.

Тасева вели дека подобрувањето на состојбата на човековите права, начинот на спроведување на изборите, судските случаи за високи случаи на корупција, работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, како и акцискиот план на владата за борба против корупцијата го подобрува резултатот на Македонија.

Тасева: Корупција - има напредок, но резултатот е низок
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:05 0:00
Директен линк


„Иако имаме многу што да зборуваме дека не се направени исчекори, вклучително и на реформата во судството којашто сè уште стагнира, и тоа се гледа и во резултатите на истражувањата, и други реформи коишто треба дополнително да се спроведуваат, сепак овие активности коишто се преземени во последните две години веќе го покажуваат своето влијание и затоа имаме подобрување на Индексот за перцепција на корупцијата“, вели Тасева.

Во регионот, полошо од Македонија стојат Србија на 96-то и Албанија и Босна и Херцеговина, кои со 35 индексни поени го делат 110-то место.

Најдобро рангирана земја од регионот е Словенија на 41 место, па потоа следуваат Грција на 58, Хрватска на 63, Црна Гора на 64 и Бугарија на 78 место.


Тасева вели дека постои корелација меѓу индексот на перцепција на корупцијата и заштитата на човековите права, односно државите во кои има поголема заштита на човековите права проблемот со корупцијата е многу помал.

Индексот на перцепција на корупцијата за 2021 година покажува дека нивоата на корупција стагнираат ширум светот, при што 86 отсто од земјите постигнале мал или никаков напредок во последните 10 години.

Глобалниот просек на Индексот за перцепција на корупцијата останува непроменет на оценката 43 што е десетта година по ред, а две третини од земјите имаат резултат под 50. Најдобро рангирани земји се Данска, Финска и Нов Зеланд со индекс 88. Овие земји исто така се рангирани во првите 10 во светот според резултатот за граѓански слободи на Демократскиот индекс.

На дното на табелата остануваат Сомалија и Сирија со 13 и Јужен Судан со 11 бодови. Сирија е исто така рангирана на последно место по граѓански слободи.

27 земји - меѓу нив Кипар (53), Либан (24) и Хондурас (23) - се на историски најниски нивоа оваа година.

Во последната деценија, 154 земји или опаднаа или не постигнаа значителен напредок. Од 2012 година, 23 земји значително го намалија индексот - вклучувајќи ги и напредните економии како Австралија (73), Канада (74) и Соединетите Американски Држави (67). 25 земји значително ги подобрија своите резултати, вклучувајќи ги Естонија (74), Сејшели (70) и Ерменија (49).

Додека антикорупциските напори стагнираат и се влошуваат, човековите права и демократијата се на удар. Ова не е случајно. Континуираната употреба од страна на владите на пандемијата на ковид-19 за еродирање на човековите права и демократијата, исто така, може да доведе до поостри опаѓања ширум светот во иднина.

Од 23 земји чијшто резултат значително се намалува од 2012 година, во 19 е намалена и оценката за граѓански слободи. Покрај тоа, од 331 регистриран случај на убиени бранители на човекови права во 2020 година, 98 отсто се случиле во земји со оценка за Индексот за корупција под 45.

Од своето основање во 1995 година, Индексот на перцепција на корупцијата стана водечки глобален показател за корупција во јавниот сектор. Индексот оценува 180 земји и територии ширум светот врз основа на перцепциите за корупција во јавниот сектор, користејќи податоци од 13 надворешни извори, вклучително и Светската банка, Светскиот економски форум, приватни ризични и консултантски компании, тинк-тенкови и други. Резултатите ги одразуваат ставовите и на експертите и на бизнисмените.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG