Вести
Барсак: Македонија и Албанија не треба да се одвојуваат на патот кон ЕУ

Албанија и Северна Македонија не треба да се одвојуваат на нивниот пат кон интреграцијата во Европската унија (ЕУ), изјави француската амбасадорка во Албанија, Елизабет Барсак. Во интервју за Еуроњуз Албанија, таа вели дека желбата за раздвојување на двете земји доаѓа од фрустрацијата поради ветото на Бугарија за Северна Македонија, јави МИА.
„Во однос на ова прашање, верувам дека треба да ја надминеме идејата дека овие два народа можат да се разделат. Знам дека многумина велат дека овие две земји биле третирани како една и бидејќи работите не одат толку добро меѓу Северна Македонија и Бугарија, тогаш тие треба да се раздвојат. Ова треба да се надмине и треба да дадеме се од себе за да може двете меѓувладини конференции да се одржат во исто време“, изјави Барсак, пренесе МИА.
Албанскиот премиер Еди Рама, за време на неговото последно обраќање до нацијата во 2021 година, на 31 декември, рече дека ќе се обиде да го одвои патот на Албанија од Северна Македонија, доколку Бугарија опстои на своето вето. Европските дипломати и политичари, меѓутоа, континуирано се изразуваат против овој предлог.
Иако и Албанија и Северна Македонија формално ги исполнија сите барања, во јуни, лани, Советот за општи работи на ЕУ не успеа да постигне договор за почеток на пристапните преговори со ЕУ, поради бугарското вето за Северна Македонија
види ги сите денешни вести
Украина и Русија разменија речиси 800 затвореници

Русија и Украина ја започнаа најголемата размена на затвореници од почетокот на руската инвазија, разменувајќи стотици војници и цивили во процес што се очекува да продолжи во текот на викендот, соопштија официјални лица од двете земји на 23 мај.
„Ги враќаме нашите луѓе дома. Првиот дел од договорот за размена од 1000 за 1000 е имплементиран“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на Телеграм.
Зеленски рече дека се разменети 390 лица од секоја страна и дека се очекува размената да продолжи на 24-25 мај. Според руското Министерство за одбрана, тој број вклучува 270 воени заробеници и 120 цивили.
Неколку часа претходно, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Украина и Русија „штотуку ја завршија“ размената, која беше во тек уште од мировните преговори во Истанбул пред една недела и дека таа „наскоро ќе стапи на сила“.
„Честитки до двете страни за овие преговори.Ова може да доведе до нешто големо?“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Еден ден претходно, Зеленски рече дека договорот е „можеби единствениот вистински резултат“ од 90-минутната средба меѓу украинските и руските преговарачи во Истанбул на 16 мај - првите директни мировни преговори меѓу украинските и руските претставници откако Москва започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Зеленски рече дека страните размениле списоци на затвореници кои би можеле да бидат разменети.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека меѓу 120-те Руси кои се враќаат во Русија има жители на Курската област, која Украина ја нападна минатиот август.
Размената на 1000 луѓе од секоја страна би била најголемата од неколкуте размени на затвореници од почетокот на целосната инвазија. Претходните размени не доведоа до опиплив напредок во завршувањето на војната.
Русија ги отфрли повиците од Украина, САД и европските земји за 30-дневен прекин на огнот, а по разговорите во Истанбул не е закажана нова средба.
Во објава на Truth Social по телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин на 19 мај, Трамп рече дека Русија и Украина „веднаш ќе започнат преговори“ за прекин на огнот и крај на војната. Тој го предложи Ватикан како можно место за понатамошни преговори.
На 23 мај, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја отфрли идејата и нагласи дека датумот за новата средба сè уште не е одреден.
„Многу луѓе фантазираат за тоа кога и каде ќе се одржи. Во моментов немаме идеи“, рече Лавров во говорот на Дипломатската академија во Москва, додавајќи дека би било „малку невкусно“ ако Русија и Украина, кои се претежно православни земји, „користат католичка платформа“ за преговори.
„Мислам дека не би било многу пријатно за самиот Ватикан да биде домаќин на делегации од две православни земји под овие околности“, рече Лавров.
Украина и европските влади ја обвинија Русија дека го условува прекинот на огнот со неприфатливи барања и дека не преговара со добра намера. Многу аналитичари велат дека Путин не се откажал од својата цел да ја покори Украина.
Една од неколкуте главни точки на спор е барањето на Кремљ Украина да ги повлече своите сили од четири делумно руско окупирани региони за кои Москва неосновано тврди дека ѝ припаѓаат на Русија. Зеленски нагласи дека Украина нема да ги повлече трупите од својата територија.
Седумнаесет повредени во напад со нож во Хамбург, четворица се во животна опасност

Седумнаесет лица биле повредени, од кои четворица се во животна опасност, во синоќешниот напад (23 мај) во Хамбург кога 39-годшина Германка со нож се нафрлила врз луѓето кои чекале на главната железничка станица, јави ДПА.
Жената напаѓач е уапсена, а при асењето не давала отпор. Полицијата верува дека таа дејствувала сама и не била политички мотивирана.
Од 2023 година ножевите се забранети на главната станица во Хамбург и во јавниот превоз во вториот најнаселен град во Германија.
Ова е последен од серијата напади на јавни места во Германија што се случија годинава, особено во пресрет на парламентарните избори во февруари.
Македонија го одбележува Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј

Со повеќе настани денеска (24 мај) во земјава се одбележува Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.
Државно-црковната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во Рим и во Ватикан на поконение на гробот на Свети Кирил, во рамки на манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј“.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Охрид ќе присуствува на одбележувањето на Денот на сесловенските просветители. Мицкоски ќе се обрати на свечената академија „Светилник низ векови и за иднината“ што ќе се одржи во црквата Св. Софија.
Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, во Охрид се празнува и со низа други манифестации и настани. Чествувањата започнаа вчера со научна трибина, продолжуваат денеска со Меѓународен хорски фестивал на сцената на Античкиот театар, положување цвеќе пред монументалниот споменик во Градскиот парк и детски поетски фестивал, а ќе бидат заокружени вечер во црквата „Св. Софија“ со концертот „Уметниците во чест на Свети Кирил и Методиј“.
Во храмовите на МПЦ-ОА, пак, се одржуваат празнични богослужби во чест на светите браќа.
Светите Кирил и Методиј иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, Црквата одредила и заедничко празнување на 24/11 мај. На почетокот Црквата одделно го празнувала споменот на двајцата браќа, на деновите на нивното упокојување Св. Кирил на 27/14 февруари и на Св. Методиј на 19/6 април, но подоцна се увидела потреба за нивен заеднички празник.
За двајцата браќа најважна е Моравската мисија, којашто е важна и за иднината на сите Словени и за ширењето на христијанството на словенски јазик.
Тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.
Кирил починал во Рим на 27/14 февруари 869 година и денес неговите мошти почиваат во римската црква „Свети Климент“. Методиј починал на 19/6 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград. По смртта на Методиј неговите ученици останале без заштита.
Светите Климент и Наум, делото на своите учители го продолжиле на брегот на Охридското Езеро во древниот град Охрид.
Се бара притвор и мерки на претпазливост за обвинетите во „Онкологија“

Основното јавно обвинителство Скопје, заедно со поднесените обвиненија во предметот „Онкологија“, до Основниот кривичен суд Скопје вчера (22 мај) поднесе и предлог за определување мерка притвор за двајца обвинети – медицинскиот и организацискиот директор на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје.
„На обвинетите им се ставаат на товар повеќе кривични дела за кои се запретени високи затворски казни, а последицата од сторените кривични дела опфаќа и нанесување на значителна имотна штета на Буџетот на Република Северна Македонија, што може да влијае врз мотивот на обвинетите да се дадат во бегство“, соопштија од Обвинителството.
Во фазата на истрага за овие лица на сила беа мерки на претпазливост, но со поднесување на обвинението подигнат е степенот на сомнение за обвинетите, како и извесноста од кривично правна одговорност и од санкционирање за нивните противправни дејствија.
„Поради опасност од бегство како резултат на природата и тежината на предметните кривични дела за кои им се поднесени обвиненија, за тројца обвинети лекари – онколози предложени се мерки на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање“, велат од Обвинителство.
Ваквите мерки според обвинителството се неопходни за непречено водење на кривичната постапка.
Вчера Основното јавно обвинителство поднесе две обвиненија за случајот „Онкологија“. Првото се однесува на финансиски злоупотреби, а второто за третманот на пациентите. Двајцата поранешни директори, медицинскиот и економскиот се гонат за злоупотреба на службената положба, измама и проневера во службата, а во второто обвинение се опфатени четворица онколози кои се товарат дека извршил тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување на болни.
Турција уапси 65 војници и полицајци поради врски со Фетула Ѓулен

Турција уапси 65 војници и полицајци поради наводни врски со починатиот проповедник Фетула Ѓулен, кој е обвинет за организирање на неуспешниот државен удар во 2016 година.
Државната новинска агенција Анадолија објави дека се уапсени 56 активни војници на турските вооружени сили, а дека по уште седуммина сè уште се трага.
Ердоган ветува дека ќе продолжи со прогонот на следбениците на покојниот Ѓулен.
Во меѓувреме, ТВ Халк објави дека се уапсени девет полицајци, „повеќето од нив во Истанбул“.
„Во операцијата против терористичката организација ФЕТО во 36 провинции со центар во Истанбул, заробени се 56 од 63 активни војници за кои беа издадени наредби за притвор“, објави Анадолија.
ФЕТО, или „Терористичка организација на Фетула“, е името што Турција го дава на движењето Хизмет на Ѓулен, кое некогаш имаше широко влијание од сенка.
Ѓулен, кој почина минатиот октомври, некогаш беше близок сојузник на претседателот Реџеп Таип Ердоган пред двајцата да станат лути непријатели. Тој избега во Соединетите Држави во 1999 година и никогаш не се врати.
Дури и по неговата смрт, Турција се заколна дека ќе ги прогонува неговите следбеници низ целиот свет.
Повикувајќи се на соопштение од обвинителството, ТВ Халк објави дека операцијата за апсење започнала во Истанбул во раните утрински часови на 23 мај и дека во неа учествувале припадници на воздухопловните сили, жандармеријата, копнените и поморските сили.
Два случаи на мајмунски сипаници во нашата држава

Институт за јавно здравје информира дека за прв пат во нашата држава лабораториски се потврдени два случаи на мајмунски сипаници.
Од ЈЗУ Институт за јавно здравје, информираат дека од Клиниката за кожни болести им биле упатени два пациенти суспектни за мајмунски сипаници и воедно беше упатно назначено да се направи испитување и за ХИВ, сифилис и херпес.
„Институтот за јавно здравје изврши лабораториски испитувања на 3 различни начини со што лабораториски се потврдија два случаи на мајмунски сипаници. Бидејки за прв пат во нашата држава се лабораториски потврдени мајмунски сипаници, после добиените резултати, веднаш се реагираше брзо, се превземаа соодветни мерки и се известија надлежните институции, Министерство за здравство, Клиниката за кожни болести, Инфективна клиника и др“, се вели во соопштението.
Согласно протоколите по добиеното известување, докторот кој ги примил пациентите ги информира пациентите за добиените резултати. Потоа следи епидемиолошка анкета од страна на епидемиолози од Институтот за јавно здравје.
„Стручни лица епидемиолози од ИЈЗ се вратени на работа и пристапија кон епидемиолошко анкетирање на двете лица, како би се добиле податоци кои би биле исклучително важни за понатамошно постапување. Анкетата е се уште во тек. Ќе биде препорачано на позитивните пациенти да се јават на Инфективна клиника“, информираат од ИЈЗ.
Институтот за јавно здравје ќе продолжи да ја следи состојбата и информира дека во моментов нема простор за паника, бидејќи брзо и навремено институционално се превземаат сите потребни мерки.
Мајмунските сипаници се пренесуваат преку близок контакт како што се сексуален однос, контакт кожа со кожа и зборување или дишење во близина на друго лице. Предизвикува симптоми слични на грип, потоа кожна болест и може да биде фатална.
Случај „Онкологија“: Обвинети онколози за несовесно лекување на пациенти и финансиски злоупотреби

Дваесет и девет болни од канцер примиле несоодветни дози терапија и биле несоодветно лекувани на Клиниката за радиотерапија и онологија, утврдено е со медицинските вештачења во истрагата за случајот „Онкологија“.
Се набавувале лекови на реверс без да постои правна основа за тоа, се правеле постапки за јавни набавки, кои биле беспредметни, бидејќи добавувачите ги фактурирале претходно добавените лекови, нанесувајќи му на тој начин штета на Буџетот.
Основното јавно обвинителство денеска (22 мај) поднесе две обвиненија за случајот „Онкологија“. Првото се однесува на финансиски злоупотреби, а второто за третманот на пациентите.
„Предметот е поделен на два дела, првото обвинение се однесува на економското работење на клиниката – опфаќа две лица. Првиот медицински директор, вториот економски директор. Тие се гонат за злоупотреба на службената положба, измама и проневера во службата. Делата ги сториле од 2018 до 2022 година. Тие со дејствијата прибавиле значителна имотна корист за друг и нанеле штета на Буџетот. Исто така, двата се обвинети за измама, па во вршење на службена должност, го довеле до заблуда Фондот за здравствено осигурување да изврши незаконита исплата. Набавувале лекови на реверс, без да постои правен основ на тоа. Потоа правеле постапки за јавни набавки, кои биле беспредметни, бидејќи добавувачите ги фактурирале претходно добавените лекови. Со вакви противзаконити дејствија, креирале противправни обврски на Фондот“, образложи Ана Гоговска-Јакимовска, обвинителка во случајот „Онкологија“.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев е обвинет дека прибавил имотна корист од 13 милиони денари со присвојување на дел од лековите.
„Откако со свој потпис ќе го потпишел и одобрел лековите, фиктивно ги раздолжувал, не ги аплицирал на пациентите во чие име биле требувани. И така постои разлика помеѓу требована разлика и раздолжена количина на пациенти од 2 милиони денари. Ова е констатирано кај девет пациенти. Медицинскиот директор користејќи ја неусогласеноста на издадените лекови од аптека и примени лекови во организационите едници на клиниката, каде бил одговорен организацискиот директор – присвоил дел од лековите кои Клиниката требало да ги има на залиха. Станува збор за девет лекови – авастин, херцептин ербитукс, фубрестан… Прибавил противправна имотна корист од најмалку 13 милиони денари“, рече Гоговска-Јакимовска.
Второто обвинение се однесува на третманот на пациентите. Опфаќа четворица лекари онколози. Прв обвинет е поранешниот директор на Клиниката, се товари дека извршил тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување на болни. Другите се товарат за несовесно лекување на болни.
„Со медицинските вештачења е утврдено дека кај 29 пациенти првообвинетиот применил неподобен начин на лекување, со што, тешко го нарушил здравјето на пациентите. Во дел од случаите му било ова овозможено од вториот обвинет кој му дал факсимил и податоци за влез во системот. Другите двајца лекари се обвинети за несовесно лекување болни, бидејќи врз основа на медицинските истории, се утврдува дека одредувале лекови од новите генерации, во фаза кога било очигледно дека пациентот нема да има корист поради лошиот статус, без да се наведе висината и тежината на пациентот, со отстапување од дозирањето, со што дополнително ја влошиле нивната состојба“, образложи обвинителката Гоговска-Јакимовска.
Инаку истрагата за случајот „Онкологија“ започна по медиумските написи за злоупотреби во лекувањето на пациентите болни од рак, а меѓудругото беше објавено и дека скапа биолошка терапија завршувала на црн пазар во Косово.
Информациите предизвикаа остри реакции во јавноста, како и протести пред Владата и Јавното обвинителство со барања случајот веднаш да биде расчистен.
Поранешните директори на Клиниката за онкологија, но и ексминистри и други функционери во здравството, за случувањата во оваа здравствена установа зборуваа јавно пред пратениците на седници на Анкетната комисија- ад хок тело кое беше формирано за овој случај.
Со него претседаваше пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи. Комисијата заврши неславно на крајот на ноември лани, со изнесување заклучоци од страна на Мизрахи и од пратеници од владејачкото мнозинство, без да се изгласаат некои од нив.
Заклучоците се однесуваа на имиња од кои треба да се бара одговорност, но пратениците од СДСМ не се согласија со тие заклучоци кои, како што рекоа, се заклучоци само од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, а бараа и оставка од Мизрахи.
Финска „се подготвува за најлошото“ додека Русија го проширува военото присуство во близина на границата

По извештаите дека Москва ги зајакнала своите воени бази во близина на границата на НАТО алијансата, Финска изјави дека очекува Русија дополнително да го зголеми бројот на војници по должината на нивната заедничка граница откако ќе заврши војната во Украина.
Генерал-мајор Сами Нурми, шеф на стратегијата на финските одбранбени сили, изјави дека војската ги следи маневрите на Москва „многу внимателно“ и дека нивната работа, како дел од НАТО алијансата, е да се „подготват за најлошото“.
Финската гранична стража во среда (21 мај) објави дека ги завршила првите 35 километри од планираната ограда од 200 километри на нејзината источна граница со Русија, која е затворена повеќе од една година, откако Хелсинки ја обвини Москва за пренасочување на баратели на азил во Финска во „хибридна операција“. Оградата, исто така, користи камери и сензори за да прави разлика помеѓу луѓето и животните што ја преминуваат границата.
Се чини дека сателитските снимки, објавени од „Њујорк тајмс“, ја покажуваат експанзијата на руската воена инфраструктура во близина на финската граница, вклучувајќи редови шатори, воени возила, реновирање на засолништа за борбени авиони и изградба на претходно неискористен хелиодром.
„Тие ги менуваат структурите и гледаме умерени подготовки кога станува збор за изградба на инфраструктура во близина на нашите граници, што значи дека кога војната во Украина, се надеваме, ќе заврши, тие ќе почнат да ги враќаат силите што се бореа во Украина, особено копнените сили“, рече Нуми.
Иако ова не беше неочекувано, бидејќи Финска се приклучи на НАТО со рекордно темпо во 2023 година по руската инвазија на Украина, Нурми рече дека тие „многу внимателно ги следат подготовките“.
„Тие го прават тоа во фази. Би рекол дека бројот на војници е сè уште умерен. Не е голема градба, но на одредени места се гради нова инфраструктура и се прават подготовки, се внесува нова опрема. Исто така, треба да процените дали се подготвуваат да испратат повеќе војници во Украина или се подготвуваат да ги зголемат своите сили во близина на нашата граница. Но, претпоставувам дека ги прават и двете“, истакна тој.
Реагирајќи на промената во активностите на Русија, американскиот претседател Доналд Трамп на новинарите им рече дека „воопшто не е загрижен за тоа“, додавајќи дека Финска и Норвешка „ќе бидат многу безбедни“.
Повторувајќи го мислењето на претседателот, Нурми рече дека „нема непосредна воена закана за Финска или НАТО од таа насока“ додавајќи:
„Она што се случи веднаш по нападот врз Украина беше дека аплициравме за членство во НАТО, а потоа, кога бевме примени, Русија објави дека ќе почне да го менува својот воен став преку границата“.
Финските граѓани се навикнаа на заканата од нивниот источен сосед, но стотици сè уште се запишуваат на курсеви за обука за да се подготват за вонредни ситуации.
Романскиот суд ја отфрли жалбата на ултранационалистичкиот кандидат на изборите

Уставниот суд на Романија денеска (22 мај) објави дека ја отфрлил жалбата на ултранационалистичкиот кандидат Ѓеорѓе Симион по неговиот пораз на претседателските избори во вториот круг за време на викендот.
Симион, кој загуби од центристичкиот градоначалник на Букурешт, Никусор Дан, поднесе жалба до Уставниот суд за поништување на гласањето, наведувајќи странско мешање, вклучително и од Франција.
„На крајот од своите размислувања“, судот „едногласно го отфрли барањето за поништување на изборите, сметајќи го за неосновано“, се вели во соопштението.
Гласањето во недела се случи пет месеци откако Уставниот суд на Романија ги поништи изборите поради наводи за руско мешање и масовната промоција на социјалните медиуми на крајнодесничарскиот фаворит, на кој не му беше дозволено повторно да се кандидира.
„Судот продолжува со својот државен удар. Сè што можеме да направиме е да се бориме! Ве поканувам да ми се придружите, денес и во наредните недели“, реагираше неуспешниот кандидат на Фејсбук.
Претседателот на Романија назначува клучни функции, како што е премиерот и има значително влијание во надворешната политика, вклучително и во претставувањето на земјата на самитите на НАТО и ЕУ.
Изборните превирања ја зголемија економската неизвесност во најзадолжената земја во ЕУ, која се бори со висока инфлација.
Вучиќ по средбата со Калас: Србија останува доверлив партнер на сите кои се стремат кон соработка

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, доцна синоќа (21 мај) во разговор со високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, во Белград изјави дека Србија останува сигурен партнер за сите кои искрено се стремат кон соработка, напредок и заедничка европска иднина.
Во објава на Инстаграм, Вучиќ изјави дека со Калас разговарале за клучни геополитички теми, безбедносната состојба во регионот, европскиот пат на Србија, како и дијалогот меѓу Белград и Приштина.
„Нагласив дека Србија е посветена на конструктивен дијалог, под покровителство на ЕУ, како начин за решавање на отворените прашања, и дека заштитата на српскиот народ на Косово и Метохија е наш апсолутен приоритет. Потсетив дека формирањето на Заедницата на српски општини не е само договорена обврска, туку и предуслов за понатамошен напредок на дијалогот и секоја нормализација на односите“, напиша Вучиќ на Инстаграм.
Тој истакна дека со Калас разговарал за процесот на ускладување на Србија со надворешната и безбедносна политика на ЕУ.
„Убеден сум дека Србија, како земја која се стреми кон членство во Европската Унија, има капацитет да придонесе за зачувување на мирот, стабилноста и заедничките европски вредности, а воедно да ги зачува своите витални национални интереси. Србија останува сигурен партнер на сите кои искрено се стремат кон соработка, напредок и заедничка европска иднина“, нагласи Вучиќ.
Ова е втора посета на Каја Калас на Западен Балкан, во текот на која таа ќе ги посети и Косово и Северна Македонија до 23 мај.
По Белград, таа оди во Косово. Претходно беше најавено дека во Приштина ќе разговара со претставници на политичките партии и граѓанското општество, како и со претставници на ЕУЛЕКС и КФОР.
Во петок во Скопје, Калас ќе се сретне со премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски.
За време на нејзината прва посета на регионот на Западен Балкан, на почетокот на април, Каја Калас беше во Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете