Достапни линкови

Бендевска - Граѓаните најмногу се жалат на дискриминација на работа


Комисија за спречување и заштита од дискриминација
Комисија за спречување и заштита од дискриминација

Над 170 решени претставки, од кои неколку завршиле пред надлежен суд, бележи Комисијата за спречување и заштитата од дискриминација во првата година од нејзиното формирање. Оттаму се жалат на малиот буџет за работа и бараат да се исправи оваа неправда.

Граѓаните најмногу се жалат на дискриминација на работа и пристапот до добра и услуги, а најзасегнати се маргинализираните заедници, вели Весна Бендевска, претседателка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Таа укажува дека дел од судиите не се доволно сензибилизирани за проблемот со дискриминацијата, па смета дека е неопходна поголема соработка со нив. Од над 170 решени предмети во текот на изминатата година, само неколку завршиле на суд.

По две години пауза, на почетокот на 2021 година се формираше новата Kомисија за спречување и заштита од дискриминација. Колку претставки добивте во текот на изминатата година и кои се најбројни?

Во текот на 2021 година, веднаш по формирањето, а согласно нашиот закон, имавме да ги преземеме заостанатите предмети што граѓаните ги поднесуваа барајќи заштита од дискриминација во периодот кога не постоеше Kкомисијата за спречување и заштита од дискриминација. Тоа беа 78 предмети. До моментов можам да кажам дека Комисијата обработи над 170 предмети, вклучително и старите и презеде голем број самоиницијативни постапувања согласно одредбите под нашиот закон.

Кои се најбројни, што е она на што граѓаните најмногу се жалат?

Ако правиме ретроспектива, сепак се уште најголеми се притужбите за извршена дискриминација во областа работа и работни односи, како и пристапот до добра и услуги- тука спаѓаат образовни услуги, социјална заштита, здравствена заштита и слично. И понатаму во претставките очигледно дека маргинализираните заедници како што се припадниците на ромската популација, лицата со попреченост се уште остануваат најмаргинализираниот дел на нашето општество.

Каков е одговорот од другата страна, кога комсијата ќе увиди дека постоела дискриминација во конкретен случај?

Кога комисијата ќе утврди дискриминација, должна е да препорача начин на отстранување на повредата на правото на еднаквост. Законските рокови велат дека утврдениот веќе дискриминатор мора да постапи да ја отстрани повредата во рок од најмалку 30 дена, до максимум 6 месеци, се разбира зависно од видот на сторената повреда.

Определен број на субјекти ги прифаќаат нашите препораки и известуваат дека ги извршиле, бидејќи бараме писмен доказ дека ја извршиле препораката. Но, одреден број субјекти веднаш не известуваат дека немаат намера да извршат нашата препорака и тогаш јасно е, ние веднаш ја започнуваме прекршочната постапка, односно ја префрламе на надлежност на граѓанскиот суд.

Колку вакви постапки пред прекршочен суд имате поведено?

Комисијата утврди голем број случаи на дискриминација. Увидовме при примена на законот дека потребни се итни измени на законското решение со оглед што водењето на прекршочната постапка не е докрај усогласено со новиот Закон за прекршоци донесен пред 1,5 година. Досега упативме 4-5 барања за прекршочна постапка, а судовите сè уште не нè имаат известено до која фаза стигнало ова наше барање.

Каква ви е соработката со судовите значи и колку тие го препознаваат проблемот со дискриминација?

Не мислам дека е доволна сензибилизираноста на дел од судиите за оваа проблематика. Во тек се промени и измени во судскиот деловник, бидејќи предметите што судовите ги водеа за заштита од дискриминација не беа согласно судскиот деловник одбележувани соодветно за да се креира вистинска база на податоци за бројот на случаи на водени судски постапки за дискриминација или типот на дискриминација за кои се жалеле граѓаните. Тоа и самото покажува дека судовите увиделе дека оваа проблематика мора да се реши и финализира, но мој личен впечаток е дека се уште ќе треба да работиме заеднички да можеме ние како комисија и судовите кои ја работат истата проблематика, да го подигнеме нивото на соработка, се во интерес граѓаните да добиваа посоодветна, поцврста, посилна заштита.

Извештајот на Европската Комисија за 2021 година го поздравува формирањето на Комисијата, но има критики за недостатокот на жени, вие сте единствената жена во комисијата, и отсуство на лица со попречност во нејзиниот состав. Како одговарате на овие критики?

Критиките не се претпоставувам упатени кон нас, со оглед на тоа што право на избор на членови на комисијата има само Собранието. На почетокот бевме избрани седум члена на оваа Комисија, две жени и пет мажи. За жал колешката по 20 дена избор одлучи поради лични причини да поднесе оставка пред Собранието, а Собранието се уште не го има избрано седмиот член или членка. Во поглед на етничкиот состав сме избалансирани, но се согласувам дека родовата компонента во составот на комисијата не е запазен и навистина посакувам при изборот на идните состави да се внимава и на родовата компонента бидејќи е многу важен показател до каде сме стигнале со родовата еднаквост.

Од Мрежата за заштита од дискриминација укажаа дека предвидениот буџет за работа не соодвестува со потребите на комисијата и го нарекоа „ манифестација на една системската негрижа за најранливите групи граѓани“. Колку буџетот за 2022 година, ќе биде проблем за вашата работа?

Кога го креиравме предлог буџетот, предвидовме дека 45 милиони денари ќе бидат доволно да ги остваруваме сите законски надлежности-промотивната, превентивната и заштитната улога. За жал, не бевме повикани ниту од Министерството за финансии, ниту од Собранието, да го браниме овој наш предлог, така што бевме практично само известени дека за 2022 повторно ќе имаме на располагање 15 милони денари буџет, од кои значителен дел отпаѓа на платите за стручната служба и за членовите, и навистина нема доволно средства за другите потреби. Заради оваа неправда, а претпоставувам и заради овие забелешки кои дојдоа во рамки на извештајот од Европската комисија, ветено ни беше дека во рамките на првиот ребаланс, што обично се случува во јуни 2022, дека ќе се обидат да ја исправат оваа неправда.

Која е вашата цел за 2022 година, што е она што сакате да го постигнете?

Доекипирање на стручната служба која де факто ќе биде Комисија за спречување и заштита од дискриминација, со оглед на тоа што членовите што ги избира Собранието имаат свој мандат. Ние како членови ќе доаѓаме и ќе си одиме, вистинскиот столб на оваа нова институција на ова тело за еднаквост ќе бидат вработените во стручната служба. Се надевам и посакувам, дека ќе добиеме доволно разбирање од институциите да ни овозможат да вработиме стручни, компетентни луѓе кои знаат да ја работат оваа проблематика, и искрено се надевам дека граѓаните во нас ќе препознаат вистински партнер кој ќе се грижи за заштита на нивното право да бидат еднакви граѓани на ова општество без оглед на степенот и видот на нивната различност или маргинализираност.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG