Достапни линкови

Вести

ЕУ до Москва - Ако има акција кон Украина ќе има и санкции

Лидерите на земјите членки на ЕУ на денешниот состанок во Брисел се очекува да ја предупредат Москва дека непријателската акција против Украина ќе предизвика санкции без преседан. Во последните недели порасна загриженоста кај западните сили дека руското воено засилување во близина на украинската граница би можело да биде вовед во можна инвазија, но руските власти тоа го негираат.

На самитот во Брисел освен за ситуацијата на границата меѓу Украина и Русија, треба да се разговара и за мигрантска криза долж границата на Унијата со Белорусија, како и за пандемијата на коронавирус и за цените на енергијата.

Пред да влезе на состанокот, литванскиот претседател Гитанас Науседа пред новинарите изјави дека ЕУ не треба да ја потценува руската закана и мора „да направи сè за да го спречи најлошото сценарио“.

Новиот германски канцелар Олаф Шолц, рече дека лидерите на ЕУ повторно ќе нагласат дека неповредливоста на границите е важна основа за мирот во Европа. Тој вели дека заедно ќе направат сè за да се одржи таа неповредливост на границите.

Во последниве недели, Киев и неговите западни поддржувачи ја обвинија Русија дека распоредува десетици илјади војници во близина на нејзината граница со Украина како можна најава за инвазија.

Русија негира дека има планови да започне офанзива.

Тензиите меѓу Украина и Русија веќе беа во фокусот на самитот кој се одржа вчера, на 15 декември, меѓу лидерите на ЕУ и земјите од Источното партнерство, меѓу кои е и Украина.

види ги сите денешни вести

Вонредна седница на Владата - четири заклучоци за погребот на жртвите во пожарот

Марија Митева - портпарол на Владата (архива)
Марија Митева - портпарол на Владата (архива)

Владата вечерва на 19 март одржа вонредна онлајн седница и донесе четири заклучоци што се однесуваат на деновите на жалост и на погребот на настраданите во пожарот во Кочани, кој ќе се одржи утре.

Се задолжуваат државните институции, а се препорачува на локалната самоуправа и на работадавачите од приватниот сектор да ги ослободат од работа и работни обврски сите вработени на територија на Кочани, изјави портпаролката на Владата Марија Митева.

Таа појасни дека здравствените установи, образовните установи и градинките треба да организираат вршење услуги согласно потребите.

„Се задолжува МВР да ги преземе потребните безбедносни и сообраќајни мерки. Се задолжува Министерството за здравство во соработка со Ценатрот за управување со кризи и Црвениот крст да обезбеди амбулантни возила. ТППЕ Кочани да ги преземе мерките и активностите согласно своите надлежности“, изјави Митева.

Таа информираше и за безбедносниот протокол и насоки за етичко известување од погребот на жртвите од Кочани.

„Во координација со МВР и во консултација со Здружението на новинари на Македонија и со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници изготвија протокол за безбедност при известување од погребот на жртвите. За претставниците на медиумите кои ќе известуваат за настанот, полициските службеници ќе обезбедат посебна зона од патот на поворката, на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР со цел да се гарантира ред и безбедност во означената област. На оваа зона исто така ќе важи забраната за управување со дронови, појасни Митева.

Овој медиумски протокол, како што рече, има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите, додека истовремено овозможува новинарите и снимателите безбедно да го следат настанот од соодветна дистанца.

Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари ги повикува сите новинари и медиуми да се придржуваат кон следниве етички принципи: почитување на личната болка и достоинството, избегнување на сензационализам, објавување на проверени информации и медиумите да се осигураат дека нивното известување не придонесува за дополнителна јавна вознемиреност, рече Митева.

Со цел да се обезбеди непречено движење и идентификација, медиумските работници треба да поседуваат со себе и прес обележја и новинарски легитимации издадени од нивните матични медиумски куќи.

Определен 30-дневен притвор за седуммината полицајци поврзани со пожарот во Кочани

N.Macedonia - Fire at the "Pulse" disco in Kocani, March 16, 2025
N.Macedonia - Fire at the "Pulse" disco in Kocani, March 16, 2025

Основниот кривичен суд Скопје определи притвор во траење од 30 дена за седумте службени лица во СВР Штип и ПСОН Кочани, осомничени за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“, поврзано со издавање согласности за функционирање на диско клубот во Кочани каде се случи пожарот во кој 59 лица го загубија животот, а над 180 луѓе се здобија со тешки телесни повреди.

Судии на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство го прифати предлогот за определување мерки за обезбедување присуство против седум службени лица кои доцна попладнево беа спроведени во судот.

„Се прифаќа предлогот на ОЈО и на сите седум осомничени, им определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т. 1, 2 и точка 3 кај одредени осомничени, односно Опасност од бегство, Околности кои укажуваат дека ќе ја попречат истрагата со влијание врз сведоци и Околности кои укажуваат дека може да го повторат делото“, велат од Кривичниот суд Скопје.

Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди дека осомничените констатирале дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај. Освен овие седуммина, пред судија на претходна постапка ќе биде изведено уште едно лице поврзано со кривично правен настан, кое притоа и во овој момент е едно од раководните лица во Министерството за економија.

„Предметен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, донел наредба за спроведување на истражна постапка против седум полициски службеници. Според дејствијата опишани во наредбата, постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност“, рече Тошковски на прес-конференција во МВР.

Како што дополни, како службени лица вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани како соизвршители, осомничените изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.

Тој потенцира дека првиот, како главен инспектор за сообраќајни работи во Одделението за полиција при СВР Штип, и вториот како самостоен инспектор за планирање резервен состав, превенција и справување со кризни состојби, констатирале дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај.

Третиот, како началник на Одделението за полиција во СВР Штип и четвртиот како началник на СВР Штип, одобриле и потпишале известување до Министерството за економија во која е констатирано дека кабарето ги исполнува законските услови и со тоа што не извршиле целосна проверка пред да ја издадат и одобрат позитивната согласност за издавање на лиценца за кабаре, сториле незаконитост.

„Петтиот, како документарист во ПСО на Кочани, изработил телеграма во која не навел точни и целосни податоци, дека во и близина на кабарето има пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела. Додека шестиот, во својство на заменик командир и седмиот како началник на Одделение за внатрешни работи Кочани, иако знаеле дека има повеќе пријавени нарушувања на јавен ред и мир во и близина на кабарето, истите вака изготвената телеграма ја одобриле и потпишале, со што како службени лица, не постапиле согласно прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за кабарето“, појасни Тошковски.

Истражни постапки за 26 лица за пожарот во Кочани, МВР најави дека тоа не е конечна бројка

Панче Тошковски - министер за внатрешни работи
Панче Тошковски - министер за внатрешни работи

Со истражната постапка што МВР ја спроведува во врска со несреќата во Кочани досега се опфатени вкупно 26 лица. Но, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска пред медиумите истакна дека тоа не е конечна бројка, односно дека како ќе тече истрагата ќе биде покрената истражна постапка против секое лице за кое ќе биде утврдено дека со постапување односно непостапување придонело да биде сторено кривично дело.

„За секој еден за кој ќе биде утврдено било какво дејствие со кое е сторено какво било кривично дело, без оглед дали за дејствие на презвземање или пропуштање, ќе бидат преземени соодветни постапки од МВР, во соработка и координација со надлежното Јавно обвинителство“, рече Тошковски.

Министерот кажа дека во врска со конкретниот кривичен настан што се случи во Кочани се разгледува огромна документација, во истрагата се вклучени голем број експерти, како од Обвинителството така и од истражните тимови на МВР.

„Списокот нема да биде затворен, согласно инидициите што секојдневно ги отвораме. Јавноста мора да знае дека уништувањето поврзано со корупција, непрофесионалност, незаконитост, во континуитет не има доведено каде и да копнеме, излегуваат трули работи“, рече министерот Тошковски.

Тој истакна дека со темелна истрага, со максимална посветеност ќе се работи за да се дојде до нормализирање на состојбите во сите области на општеството, со повикување на директна одговорност за секој субјект за кој биде утврдено дека е исполнител на кривично дело, независно дали до истото дошло со сторување или несторување, од аспект на дејствие.

МВР и ОЈО денеска соопштија дека седум полициски службеници од Кочани и Штип се осомничени за тешки дела против општата сигурност, во врска со пожарот во Кочани. За нив е доставен предлог за определување на мерка притвор. Осомничените констатирале дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај. Тие веќе се спроведени во Основниот кривичен суд Скопје.

Од Кривичен потврдуваат дека во тек е нивниот распит по кој судија на претходна постапка треба да одлучи дали ќе го прифати предлогот на Обвинителството да им биде определен притвор.

Освен овие седуммина, пред судија на претходна постапка ќе биде изведено уште едно лице поврзано со кривично правен настан, кое притоа и во овој момент е едно од раководните лица во Министерството за економија.

Вечерта на 15 спрема 16 март во пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 59 млади луѓе, а над 180 се повредени.

МВР забрани снимање со дрон, Владата изготви безбедносен протокол за известување од погребот на жртвите

Влада на Северна Македонија
Влада на Северна Македонија

Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните и сите корисници на воздухоплови без екипаж (дронови) дека од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство е поставена забрана за вршење на било какви операции со воздухоплови без екипаж (дронови) на територијата на осум општини.

Тоа се: Кочани, вклучувајќи ги и селата Оризари, Тркање и Зрновци, Штип со околните места, Општина Чешиново-Облешево, вклучувајќи ги селата Соколарци и Чифлик,Струмица со околните места, Пробиштип со околните места, Македонска Каменица со околните места, Виница, вклучувајќи го село Митец и Скопје – гробиштата во Бутел, во Ѓорче Петров, гробиштата во село Горно Лисиче и во село Горно Нерези.

„Неовластеното, некоординирано оперирање на овие воздухоплови не само што го загрозува воздушниот сообраќај, туку може да предизвика сериозни последици по животот и имотот на трети лица на земја. Оперирање со воздухоплови без екипаж во забранети зони е основ за поведување постапка за санкционирање согласно Законот за воздухопловство“, се вели во соопштението.

Од МВР посочуваат во денови на неизмерна тага и болка, собирањето и одржувањето протести да биде во мирна атмосфера, да се почитуваат веќе донесените одлуки од страна на државните институции и да се почитуваат наредбите и насоките од страна на полициските службеници, во насока на обезбедување на мирот, безбедноста и сигурноста на сите граѓани.

Владата на Северна Македонија, пак, попладнето објави безбедносен протокол и насоки за етичко известување од погребот на жртвите од Кочани. Тој е изготвен во координација со Министерството за внатрешни работи и во консултација со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

„За претставниците на медиумите кои ќе известуваат за настанот, полициските службеници ќе обезбедат посебна зона од патот на поворката, на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР со цел да се гарантира ред и безбедност во означената област. На оваа зона исто така ќе важи забраната за управување со дронови. Овој медиумски протокол има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите, додека истовремено овозможува новинарите и снимателите безбедно да го следат настанот од соодветна дистанца“, се вели во владиното соопштение.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги повикува сите новинари и медиуми да се придржуваат кон етичките принципи - да ја почитуваат личната болка и достоинство, да избегнуваат сензационализам, да објавуваат проверени информации и да обезбедат баланс и непристрасност.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во неделата рано наутро загинаа 59 лица, додека над 150 се повредени.

Наредена финансиска компензација за родители на децата убиени во училиштето „Владислав Рибникар“

Родителите на децата убиени во масовното пукање во училиштето „Владислав Рибникар“ пристигнуваат во судот, 30 јануари 2024 година
Родителите на децата убиени во масовното пукање во училиштето „Владислав Рибникар“ пристигнуваат во судот, 30 јануари 2024 година

Вишиот суд во Белград донесе одлука на родителите на децата убиени во масовното убиство во училиштето „Владислав Рибникар“ да им биде исплатена отштета за нематеријална штета за душевната болка претрпена поради смртта на близок.

Судот на својата веб-страница наведе дека на тоа се должни малолетникот кој го изврши масовното убиство на 3 мај 2023 година и неговите родители Миљана и Владимир Кечмановиќ, како и белградското основно училиште „Владислав Рибникар“.

Во образложението на пресудата, меѓу другото, се наведува дека малолетниот К.К. „одговорен за претрпената штета на тужителите, со оглед на тоа што во моментот на преземање на штетните дејствија бил способен да пресуди“.

Неговите родители се, според пресудата, одговорни „со оглед на тоа што во текот на постапката е утврдено дека штетата е предизвикана од лошото воспитување, лошите примери и порочните навики што му ги дале“.

Кога станува збор за постоењето на одговорност на училиштето „Владислав Рибникар“, судот констатира дека „во периодот пред настанот од 3 мај имало пропусти во постапувањето на вработените“.

Во пресудата се наведува дека пропустите „се состојат од непреземање на оние дејствија што ги бара стандардот на соодветна професионална грижа во конкретниот случај“.

Утврдено е и дека училиштето одговара по основа на одговорност на правното лице за штета настаната од неговиот орган.

Против оваа пресуда е дозволена жалба.

Малолетниот К.К, кој тогаш имал тринаесет години, со пиштолот на неговиот татко застрелал девет ученици и еден обезбедувач и ранил уште пет ученици и еден наставник.

Таткото на момчето, Владимир Кечмановиќ, беше осуден на 14,5 години затвор на 30 декември 2024 година.

Мајката Миљана Кецмановиќ е осудена на три години затвор.

На една година и три месеци затвор е осуден и Немања Маринковиќ, инструктор на стрелиштето каде, според обвинението, Владимир Кечмановиќ го однел својот син на вежбање стрелање.

Македонски државјанин баран со меѓународна потерница уапсен на албанско-црногорската граница

Илустрација
Илустрација

Албанската гранична полиција во соработка со Интерпол Тирана, на преминот на албанско-црногорската граница Муриќан, на излез од Албанија привела македонски државјанин баран со меѓународна потерница.

„За Н.А.(51), жител на Северна Македонија, Интерпол Скопје имаше распишано меѓународна потерница по барање на судот во Скопје, издадена на 1 јуни 2023 година, откако му одредил мерка „затворски притвор“ за кривично дело „разбојништво“. Интерпол Тирана соработува со Интерпол Скопје и другите надлежни органи на двете земји со цел екстрадиција на приведениот во Северна Македонија“, стои во полициското соопштение.

Полицијата додава дека приведување е резултат на интензивните проверки на Граничната полиција, со цел спречување и сузбивање на прекуграничен криминал и за приведување граѓани барани со меѓународна потерница.

Таравари го разреши директорот на Кумановската болница

Арбен Таравари - министер за здравство
Арбен Таравари - министер за здравство

Министерот за здравство, Арбен Таравари, денеска изјави дека е разрешен директорот на Кумановската општа болница, Стефан Трајановски.

Таравари кажа дека ја разгледал документацијата на државната санитарна инспекција и во министерството констатирале дека има предуслови да се разреши директорот на Кумановската болница.

Таравари денеска го посетил семејството на младиот кумановец кој почина на 17 март во болницата во Куманово по примена терапија. Утре, на 20 март, како што најави, ќе биде назначен нов директор на болницата. Министерството разгледува две до три имиња од редовите на јавната здравствена установа од Куманово.

„Бев во семејството да изразам сочувство на починатиот 32-годишен Ведат Адеми пред да дојдам тука. Го прочитав извештајот што беше подготвен од државниот републички санитарен инспекторат и во него може да се констатира многу лесно дека веќе има предуслови да речам за да се разреши директорот на Општата болница во Куманово. И веќе директорот е разрешен од таа позиција. Се надевам дека утре по консултации со колегите во министерството ќе назначиме нов директор на Општа болница во Куманово“, изјави Таравари.

Таравари информира дека професионален тим од Министерството за здравство детално ќе ја разгледа целата документација која потоа ќе биде предадена на обвинителството. Таравари кажа дека сите кои водат институции и лекарите треба да одговараат ако има некакви пропусти.

„Сега треба професионалниот тим којшто е направен од Министерството за здравство да дојдат и да ги разгледаат сите документи уште еднаш и потоа сите ќе бидат предадени на обвинителство, се надевам дека судството ќе донесе правична одлука доколку постои лекарска грешка. Меѓутоа треба да бидеме свесни дека и тие што водиме институции, па и тие што лекуваме пациенти, доколку има некакви пропусти мора да одговараат“, рече Таравари.

Одговарајќи на новинарски прашања за конкретните пропусти утврдени од Инспекторатот, министерот за здравство Таравари рече дека не е коректно јавноста да дознае информации пред официјалните институции.

Министерот смета дека „има одредени работи коишто се неправилни, не се како што треба, затоа веќе постојат и услови за да се разреши тој што ја води институцијата“.

Во однос на статусот на лекарот кој го третираше младиот кумановец, Таравари рече дека не може да биде обвинител, судија и полицаец.

„Јас тоа што можам да го направам како министер е да го разрешам тој што ја организира здравствената установа, додека има професионална комисија потоа се дава во обвинителство“, рече Таравари.

Тошковски: За седумте полицајци е доставен предлог за притвор

Панче Тошковски - министер за внатрешни работи
Панче Тошковски - министер за внатрешни работи

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ги потврди информациите на Обвинителството дека седум полициски службеници од Кочани и Штип се осомничени за тешки дела против општата сигурност, во врска со пожарот во Кочани.

За нив е доставен предлог за определување на мерка притвор. Осомничените констатирале дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај.

Освен овие седуммина, пред судија на претходна постапка ќе биде изведено уште едно лице поврзано со кривично правен настан, кое притоа и во овој момент е едно од раководните лица во Министерството за економија.

Како што рече Тошковски, службените лица вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани како соизвршители, осомничените изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.

„Осомничените сите заедно предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето, овозможувајќи кабарето да работи во супстандардни услови при што починале 59, а 196 се здобиле со тешки телесни повреди, изјави министерот.

Тошковски соопшти дека првиот, како главен инспектор за сообраќајни работи во Одделението за полиција при СВР Штип, и вториот како самостоен инспектор за планирање резервен состав, превенција и справување со кризни состојби, констатирале дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај.

Третиот, како началник на Одделението за полиција во СВР Штип и четвртиот како началник на СВР Штип, одобриле и потпишале известување до Министерството за економија во која е констатирано дека кабарето ги исполнува законските услови и со тоа што не извршиле целосна проверка пред да ја издадат и одобрат позитивната согласност за издавање на лиценца за кабаре, сториле незаконитост.

„Петтиот, како документарист во ПСО на Кочани, изработил телеграма во која не навел точни и целосни податоци, дека во и близина на кабарето има пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела, додека шестиот, во својство на заменик командир и седмиот како началник на Одделение за внатрешни работи Кочани, иако знаеле дека има повеќе пријавени нарушувања на јавен ред и мир во и близина на кабарето, истите вака изготвената телеграма ја одобриле и потпишале, со што како службени лица, не постапиле согласно прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за кабарето и со тоа предизвикале опасност за животот на луѓето“, појасни Тошковски.

Соопшти дека осомничените се обезбедени од страна на МВР и се носат во рамки на надлежниот суд, пред надлежен судија, во рамки на претходна постапка.

До сега има определено мерка притвор за 18 лица, освен овие седуммина кои ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка. Ќе биде изведено пред судија на претходна постапка уште едно лице по наредба на надлежен јавен обвинител, кое што е поврзано со овој кривично правен настан, а притоа е едно од раководните лица и во овој момент во Министерството за економија, додаде Тошковски.

Во пожарот во дискотеката, која работела на диво, ноќта помеѓу 15 и 16 март, настрадаа најмалку 59 лица, а околу 180 се повредени, според последните официјални информации.

Најголемиот број од жртвите се од Кочани – триесетина, а погреби на 20 март ќе има и во другите градови и општини од каде потекнуваат останатите загинати – Скопје, Штип, Пробиштип, Чешиново-Облешево, Македонска Каменица.

ОН известуваат за смртта на двајца работници во Газа, Израел продолжува со воздушните напади

Странски работник, ранет во израелски воздушен напад врз седиштето на ОН, е донесен во болницата Деир ел-Балаху, централен појас Газа, 19 март 2025 година, според Министерството за здравство на Газа.
Странски работник, ранет во израелски воздушен напад врз седиштето на ОН, е донесен во болницата Деир ел-Балаху, централен појас Газа, 19 март 2025 година, според Министерството за здравство на Газа.

Обединетите нации (ОН) објавија дека двајца нивни работници загинале, а други се повредени откако комплекс во Газа беше погоден во средата.

Министерството за здравство на палестинските територии под контрола на Хамас го обвини Израел за нападот и соопшти дека пет странски работници, тешко повредени, пристигнале во болницата по нападот. Израелската војска негираше дека го нападнала комплексот на Обединетите Нации во Деир ел Балах.

Ова доаѓа откако Израел соопшти дека ги продолжува борбите во Појасот Газа по двомесечен прекин на огнот - што предизвика бран напади во кои загинаа 970 луѓе во изминатите 48 часа, соопшти Министерството за здравство на Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот изјави дека „целосно ги продолжил борбите“ и дека „ова е само почеток“.

Обединетите нации соопштија дека околностите за инцидентот во комплексот Деир ел Балах остануваат нејасни. Организацијата не го обвини Израел за смртните случаи.

Најмалку 13 лица загинаа во вториот воздушен напад врз Газа во текот на ноќта, откако Израел соопшти дека продолжува со борбите „со полна сила“ на палестинските територии.

Двајца цивили загинаа, а пет други се ранети кога израелско беспилотно летало погоди шатор во близина на хуманитарната зона Ал-Маваси, јави палестинската новинска агенција Вафа, повикувајќи се на медицински работници од Црвената полумесечина.

Израелската војска соопшти дека цели на, како што рече, воена локација на Хамас, која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка организација, од каде палестинската група подготвувала напади врз Израел. Тие, исто така, беа насочени кон бродови под контрола на Хамас, додаде војската.

Израел и Хамас меѓусебно се обвинуваат за прекршување на примирјето. Прекинот на огнот главно се одржува од јануари и понуди одмор од војната за 2,3 милиони жители на Појасот Газа, кој е претворен во урнатини.

Хамас, кој сè уште држи 59 од околу 250 заложници што ги зароби во нападот на 7 октомври 2023 година, го обвини Израел дека ги поткопува напорите на посредниците да преговараат за траен договор за прекин на борбите, но не се закани со одмазда.

Клековски: Згрижувањето на пациентите од пожарот во „Пулс“ е завршено

Пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани - архива
Пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани - архива

Во моментов на Клиниката за пластична хирургија во Скопје се прават плановите во која фаза колку пациенти треба да бидат опфатени со хируршка интервенција за реконструкција на изгореното ткиво од пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани, информира денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.

„Такви зафати и во минатото се правени на Клиниката од каде ќе не информираат за темпото и во согласност со тоа ќе почнеме да работиме. Денеска би требало да заврши фазата на транспорт на пациентите во странство што ќе овозможи целосна концентрација на планирање на следните чекори во земјава, кои не се само трансплантација на кожа, туку ќе има и други постапки кои се неопходни, бидејќи дел од лекувањата ќе бидат подолготрајни. Мора да се подготвиме дел од пациентите да ги вратиме во земјата и да бидеме способни да го продолжиме нивното лекување“, рече Клековски.

Од утре Клековски рече дека фокусот ќе биде на планирањето на следните чекори, бидејќи згрижувањето на овие пациенти е завршено.

„Веќе почнаа првите отписи од клиниките и можеме да ги планираме следните чекори кои можеби ќе траат една или две години. За да нема застој во здравствените услуги за останатите граѓани во моментов сакаме повредните пациенти од клубот „Пулс“ да ги повлечеме во две болници“, посочи Клековски.

Прашан дали се планира повторно да се отвори Центарот за изгореници во клиниката за хируршки болести Свети Наум Охридски во Скопје што беше згаснат во 2016 година, рече дека ќе го направат тоа ако стручната фела каже дека има потреба.

„Хирург што редовно не работи со изгореници не е специјалиста за тоа подрачје. Токму затоа многу поголеми држави од нашата имаат еден или два центри за изгореници за да се сконцентрира знаењето. Не треба да имате само специјални кревети, туку и хирурзи кои го практикуваат тоа релативно често. Не велам дека не ни треба, но во 10 години имаме пет тешки случаи со изгореници што сме ги испратиле во странство и уште 10-тина што се третирани во Македонија. Треба да направиме проценка дали ни е потребен тој центар тука или е поедноставно да имаме договор за соработка со Пирогов во Софија или Папаниколау во Солун. Не треба да имате само техника и кревети, туку и доктори кои тоа го работат секојдневно“, појасни Клековски.

Директорот на Фондот рече дека со несреќи како пожарот во Кочани никој не може да се справи сам, дури ни поголеми и поорганизирани држави од нашата и додаде дека токму затоа постојат европски механизми за солидарност кои се активираат и ги распоредуваат повредените.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во неделата рано наутро загинаа 59 лица, додека над 150 се повредени.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG