Достапни линкови

Хиперреалистичката уметност на Башески во Националната галерија на Косово


Плакатот за изложбата на скулптури „Рефлексија“ на македонскиот уметник Жарко Башески во Националната галерија на Косово во Приштина
Плакатот за изложбата на скулптури „Рефлексија“ на македонскиот уметник Жарко Башески во Националната галерија на Косово во Приштина

„Рефлексија“ е насловена изложбата на скулптури на македонскиот уметник Жарко Башески, што од 12 ноември до 12 декември, се одржува во Националната галерија на Косово, во Приштина. Проектот е во рамките на меѓународната соработка на Националната галерија на РСМ со сродните институции во регионот.

Жарко Башески доаѓа во Националната галерија на Косово со своите дела настанати во последните две години. Проектите како што се: „Безнадежност“, „Отменост“, „Одвој момент“, „Само-јадење“, „Нуркање во минатото“ и „Издржување“ се хиперреалистични и концептуални дела, замислени и тесно поврзани со животот и надвор од животот на човекот.

Ова во пресрет на претстојното отворање на изложбата „Рефлексија“ на македонскиот уметник Жарко Башески во Националната галерија на Косово, во Приштина, ќе го напише тамошниот историчар на уметност и куратор Зени Балажи.

Балажи појаснува дека во творештвото на Башески од посебен интерес е човекот, па оттука како што вели „произлегува неговиот интерес за хипер-реализмот како концепт“. Истакнува дека за реализација на делата македонскиот уметник користи посебни елементи, кои од теоретски аспект се повеќе од хиперреалистични во однос на традиционалните скулптури. Споредувајќи го животот кој го живееме со изразен интензитет, тој ги користи најсовремените технички методи за конструирање концепти. Моделирањето со нови технички материјали (полиестер, полимер, силикон и природни влакна), како и димензиите на делата во филозофска и концептуална смисла бараат поголема концентрација за да можат да се сфатат, пишува тој во својата анализа.

„Очајност“ - Жарко Башески , фото Роберт Јанкулоски

За хиперреалистичката уметност на Жарко Башевски и понатаму, целиот живот претставува материјал, збир на факти и околности што треба да се соберат во уметничките облици само како општи симптоми на животот. Обработката на скулптурниот обем од овој творец најавува чекор понатаму, додавајќи ги димензиите на изразот на хиперреалистичката и концептуалната скулптура во современиот контекст.

Тој е посебен уметник кој со своите дела предизвикува и упорно раскажува човечка и лична приказна од животен аспект. Приказна која припаѓа на еден човечки систем, констатира Зени Балажи.

Горанчо Ѓорѓиевски, историчарот на уметност и куратор на изложбата во Национална галерија, пак, забележува дека актуелниот циклус на скулптури „Рефлексија“ на Жарко Башески од 2021 година „праволиниски го следи хиперреалистичкиот скулпторски израз, но дека фокусот е ставен на нови и актуелни моменти од рецентниот историски контекст на денешнината“. Тој истакнува дека Човекот како и досега е во центарот на интересот на Башески, но во овој циклус на скулптури човекот примарно е соочен со себеси, а секундарно со реминисценциите на општествените случувања и окружувањето, погледот и влијанието на „другиот“ што примарно го довеле човекот до состојбата и ситуацијата во која се наоѓа. Притоа смета дека толкувањето на делото на Башески поставува нова насока во перцепцијата на редоследот на условно примарниот и секундарниот елемент, при што и двата елемента стануваат примарни во „инверзијата“ на улогата на човекот во општеството.

„Одвојте еден момент“ - скулптура на Жарко Башески, фото Роберт Јанкулоски

Жарко Башески е автор отворен за експерименти кон барањето нов пластичен израз и личен печат. Во провокацијата како за себеси, така и за другите, во своите експериментални бранувања концизно инсистира да се раскаже една животна приказна во делови, да ја раскаже приказната за обичниот човек и од неа да се постигне една нова и заокружена целина. Во тој склоп на околности, делата повеќе сугерираат нивно исчитување отколку набљудување. И на крај, базично во делото на Башески е да се изразат слободата на авторот во мисловниот превод на личното доживување за светот во кој живееме и неговото естетско визуелно оформување како чин на себеспознанието, вели Горанчо Ѓорѓиевски.

Творештвото на Жарко Башески е изложувано во повеќе галерии и музеи во земјава, во регионот, во Европа и во светот. Тој беше претставник на Македонскиот павилјон на 54-тото Меѓународно уметничко биенале во Венеција во 2011 година. Со учеството на изложбите 50 Years of Hyperrealistic Sculpture, која е презентирана на сите континенти во светот, и Corpus Domini (Pelazze Realto, Milano, 2021), на кои изложуваат влијателни уметници како што се Рон Муек, Маурицио Кателан, Дјуен Хансон, Кристиан Болтански... и други, тој го привлекува вниманието на галериите и музеите и постојано е присутен на значајни изложби во репрезентативни изложбени простори.

Жарко Башески

Притоа она што е особено значајно е тоа што Башески со своето дело жестоко ги коментира рецентните општествени, политички и културни превирања, како на локално така и на глобално ниво. Во контекст на неговиот интерес за реакција на социо-општествено-политичките идеологии од далечното и блиското минато, иронично и интеррогативно, понекогаш и саркастично реагира со транспонирање и редефинирање на актуелните состојби, при што го соголува системот во кој главен збор водат организации на водечките светски сили што под превезот на „подобрување на животот“ го преструктуираат глобалниот поредок, сè заради зачувување на сопствениот интерес. Според него „луѓето се современи сведоци на драматичните мали и големи промени што општествата ги доживеале во историјата која постојано се повторува“.

И, кон ова само уште малку фактографија.

Роден во Прилеп 1957 година, Жарко Башески е македонски вајар и професор на Факултетот за Ликовни Уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломирал на ФЛУ во Скопје на Катедрата за вајарство во 1988 година, а постдипломските студии ги завршил една декада подоцна на истиот Факултет. Тој е редовен професор на ФЛУ и автор на повеќе од дваесетина споменици и јавни скулптури кои се поставени во централното градско подрачје во Скопје и во уште неколку градови во државата.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG