Достапни линкови

Русија вели дека не го користи извозот на гас како оружје. Навистина?


последната фаза од изградбата на гасоводот Северен тек 2 во Балтичкото Море.
последната фаза од изградбата на гасоводот Северен тек 2 во Балтичкото Море.

Гасоводи кои ги менуваат тековите. Тешки договори за енергија. Високи цени. Зимата на прагот. Сомнежите за намерите на најголемиот снабдувач на гас на континентот - Русија, се зголемуваат. Мајк Екел

На карактеристично отворен начин, рускиот претседател Владимир Путин кога беше запрашан во минатиот месец дали Русија повторно ги користи своите енергетски ресурси како политичко оружје изјави: „Ова е целосна глупост и политички мотивирано бладање“.

Две недели подоцна, комесарот за надворешна политика на Европската унија беше некарактеристично остар говорејќи за руското намалување на испораките на гас за Молдавија, одлука што ја натера оваа аспирантка за членка на ЕУ да прогласи вонредна состојба: „Снабдувањето со гас се користи како оружје“, рече Борел.

ЕУ ќе ѝ даде на Молдавија 60 милиони евра за справување со енергетската криза

Со цените на природниот гас кои достигнуваат рекорди, незадоволството во Европа расте пред зимата која претстои. Ова е поттикнато и од сомневањата за енергетските политики на самата Унијата, но и од сомнежите за намерите на единствениот најголем снабдувач на гас на континентот - Русија.

Тие сомнежи се подгреани од самите руски официјални лица и од конкретните намери на рускиот државен монопол Гаспром. 27-те земји членки на ЕУ добиваат повеќе од 40 отсто од нивниот увоз на гас од Русија.

Гаспром, компанија со јавно тргување од 120 милијарди долари, во која руската влада има контролен пакет, наводно се обидува да го максимизира профитот преку извозот.

Сепак, со зголемувањето на цените, компанијата одлучи да не ја задоволи зголемената побарувачка од европските потрошувачи, нешто за кое некои европски законодавци тврдат дека е манипулација на пазарот.

За Гаспром, поголем извоз значи повеќе гасоводи: на пример, преку јужен Сибир во Кина или Турски тек, под Црното Море до Турција и јужна Европа. Тоа значи и дополнителен гасовод директно во срцето на Европа: Северен тек 2.

Блинкен го предупредува Берлин за можни санкции поради „Северен тек 2“

Речиси комплетниот гасовод чека конечна сертификација од германските регулатори, кои велат дека процесот би можел да биде завршен до новата година.

Руските власти, вклучително и вицепремиерот Александар Новак и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го поврзаа брзото одобрување на гасоводот со стабилизирање на европските пазари.

Тие коментари беа сфатени од некои аналитичари и критичари како напор да ги поттикнат германските регулатори да работат побрзо.

Неколку дена пред говорот на Путин во Москва, рускиот претставник во ЕУ Владимир Чижов сугерираше дека политиката на Унијата е виновна за сегашната ситуација.

ЕП: Европа да ја запре изградбата на руски гасовод поради апсењето на Навални

„Сржта на работата е само прашање на фразеологија. Сменете го противникот во партнер и работите ќе се решат полесно кога ЕУ ќе најде доволно политичка волја да го стори тоа, тие ќе знаат каде да не најдат“, изјави Владимир Чижов за Фајненшл Тајмс.

Стивен Сестанович, амбасадор на САД во поранешниот Советски Сојуз е на слично мислење: „Само Москва тешко може да се обвини за високите цени и недостигот. Сепак, превирањата ја потврдуваат подготвеноста на Русија да ги искористи ранливостите на своите клиенти - како што беше во претходните спорови со Украина и Естонија“.

Цените скокаат, Европа страхува

Само пет дена по говорот на Путин, на 18 октомври, пазарните аналитичари и трговците го следеа важниот рок за тргување - кога компаниите резервираат договори за испорака за претстојниот месец.

Со расположливиот капацитет во примарната рута на гасоводот за рускиот гас – Украина – и секундарната рута преку Полска, би било лесно да се користи постоечката мрежа, а Москва да ја задоволи зголемената побарувачка и да оствари добар профит, велат експертите.

Глобалната енергетска криза ќе го успори економското закрепнување од ковид-19

Во она што некои го гледаа како директен удар врз Русија, Меѓународната агенција за енергетика рече дека Москва може да испорача најмалку 15 насто повеќе гас отколку што веќе испорачува. „Газпром“ не одговори веднаш на е-поштата од РСЕ во која се бараше коментар.

Слабо складирање

Во текот на летото аналитичарите предупредуваа дека зимата во Европа би можела да биде турбулентна: цените на струјата да растат во согласност со високите цени на бензинот.

Проверка на мерната опрема на компресорската станица Славјанскаја (управувана од Гаспром), почетна точка на морскиот гасовод Северен тек 2
Проверка на мерната опрема на компресорската станица Славјанскаја (управувана од Гаспром), почетна точка на морскиот гасовод Северен тек 2

Меѓу убедливите објаснувања за незаинтересираноста на Гаспром за зголемување на испораките беше потребата да се надополнат сопствените складишни единици на Русија во текот на студените месеци. Откако тоа ќе биде завршено, Гаспром може да ги зголеми своите испораки во Европа, каде што складираниот гас исто така е невообичаено мал.

На состанокот на 28 октомври со извршниот директор на Гаспром, Алексеј Милер, Путин му наложи да снабдува складишни единици во Австрија и Германија, но по 8 ноември - кога се очекува да се наполни складиштето во Русија. До следниот ден, цените паднаа за речиси 29 насто на клучниот европски трговски центар, според Independent Commodity Intelligence Services.

Отворен интерконектор за руски гас од Србија до Унгарија

Соединетите држави беа во голема мера нејасни во врска со прашањето за зависноста на Европа од рускиот гас, а особено за потенцијалните опасности од вториот гасовод во Балтичкото Море. Сепак, администрацијата на претседателот Џо Бајден претходно оваа година одлучи да не ја блокира изградбата на крајната фаза на речиси комплетниот гасовод.

Користењето на енергијата како оружје „е една од оние работи што ја препознавате кога ќе ја видите. Мислам дека се приближуваме до таа линија. Ако Русија навистина има гас да испорачува таа може да одлучи да не го испорача и ќе го стори тоа“, им рече на новинарите во минатиот месец Амос Хохштајн, главен функционер за енергија во Стејт департментот на САД.

Украина, која заработува стотици милиони долари од такси од рускиот гас кој транзитира преку нејзините гасоводни мрежи, исто така се спротивстави на одлуката на САД.

„Отсекогаш знаевме дека одлуката на Гаспром да не испорачува гас преку Украина беше геополитичка во нејзината основа. И сега имаме огромни докази“, рече Серхи Макогон, шеф на операторот на системот за пренос на гас на Украина.

Обратен тек

За скептиците за намерите на Русија, историјата е водич. Москва двапати го прекина снабдувањето со гас за Украина и нејзината влада наклонета кон Запад во 2000-тите. Исклучувањата, кои се случија во јануари резултираа со незагреани станови во некои земји.

Еден ден по средбата на Путин со Милер, друг настан го привлече вниманието на аналитичарите: гасот што течеше на запад кон Германија преку цевководи во Полска се врати на исток. Немаше официјално објаснување за пресвртот.

Гаспром издаде соопштение во кое вели дека сè уште ги исполнува своите договорни обврски. Том Марзек-Мансер, аналитичар во Independent Commodity Intelligence Services, го нарече пресвртот „необичен“, но не сосема невиден. „Недостигот на проток на гасоводот: вие можете сами да процените, вашите читатели можат, дали има некој политички елемент во тоа“, рече тој за РСЕ.

Лесли Палти-Гусман, претседател на енергетската консултантска компанија Гас Виста ДОО вели дека покрај притисокот врз германските регулатори да ја забрзаат сертификацијата на Северен тек 2, Русија можеби се обидува да ја поткопа привлечноста на американските испораки на течен природен гас во Европа и, исто така, да ги притисне европските клиенти да потпишат долгорочни договори. Повисоките цени на гасот и електричната енергија, исто така, го поттикнуваат популистичкото незадоволство, рече таа.

Молдавија

Со новата влада која поддржува поблиски врски со ЕУ, Молдавија се соочи со завршување на долгорочниот договор со Гаспром. Компанијата бараше драстично повисоки стапки, а кога Молдавија се откажа, Гаспром ги намали испораките за една третина. Тоа ја натера молдавската претседателка Маја Санду да прогласи вонредна состојба.

На 28 октомври, по состанокот во Брисел со премиерот на Молдавија, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, го обвини Гаспром дека користи „политички притисок“.

Компанијата „Русаин“, во меѓувреме, негираше дека политиката играла каква било улога во разговорите, велејќи дека тие се воделе „исклучиво од комерцијалните услови“. Ден подоцна владата се согласи на нов, петгодишен договор со значително повисоки цени.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG