Тишина. Тоа е првото нешто што го чувствувате кога влегувате во струмичкото село Мокрино. Едно е од шеснаесетте села во општина Ново село. Сместено во падините на планината Беласица, на надморска височина од 370 метри, селото изобилува со прекрасна природа, зелени површини, чист воздух и три извори од кои истекуваат 40 литри вода во секунда.
Во селото е празно. Одвреме навреме ќе се слушне звук на трактор управуван од постар земјоделец кој се упатил кон нивата на работа. Ретко се среќаваат млади луѓе.
Само пет деца од прво до петто одделение учат во основното училиште „Видое Подгорец“ во селото. Училиштето постои од 1957 година, но училниците никогаш не биле толку празни како денеска. Одделенската наставничка Лина Стојчева-Китанова вели дека ова училиште не било секогаш така празно, но дека секоја секоја година бројот на ученици драстично се намалува.
„Загрижува фактот што во последните години бројот на ученици драстично се намалува, што не е случај само во нашето училиште. Причината е тоа што помладата популација се повеќе се иселува во западноевропските држави, посебно од овде се иселуваат во Швајцарија“, раскажува Стојчева-Китанова.
Иако со малку ученици, во училиштето се реализира современа настава, адаптирана според бројот на учениците.
„Активностите ги адаптираме според бројот на ученици. Часовите ни се секогаш исполнети и предност е што имаме доволно време да им посветиме на секој од учениците, бидејќи се малку“, вели Стојчева-Китанова.
Сликата не е поразлична и во соседните села. Малку ученици има и во подрачните училишта во Мокриево, Смолари, Бориево, Дражево и Габрово.
Во Мокрино и куќите се празни. Ги има околу 270, но повеќе од 60 проценти од нив се без луѓе.
„Во селото има повеќе кучиња, отколку луѓе. Сите си одат. На прсти може да се избројат младите луѓе кои решиле да останат во селото. Еве јас сум еден од тие. Имам две деца и со сопругата заедно работиме во продавницата. Не можеме да си дозволиме да вработиме друг работник, зошто одвај вадиме за плата за нас двајцата“, ни раскажа продавачот во локалното дуќанче на сред село, обидувајќи се да ни ја долови тажната реалност во ова село.
Во селото живеат претежно стари лица. Нивниот живот не е лесен, бидејќи немаат ниту лекар, ниту канализација, а нивните деца не се тука за да им помагаат.
Блажо Јованов од ова село го сретнавме пред куќата на своите родители. Тој доаѓа за да им донесе јадење и да им ги даде потребните лекови. И неговите деца се во Швајцарија.
„Порано тука имаше бурен живот, од секој двор се слушаа детски гласови, џагор, се собираа сите играа заедно, пишуваа домашни. Сега не можеш повозрасен човек да сретнеш, а не пак деца. Куќите се речиси празни. Тука и таму има понекои стари жители. Младите бараат подобра егзистенција низ цела Европа, најчесто Италија, Швајцарија и прекуокеанските земји. И нашите деца се таму за жал. Тоа е болна тема, не сакам ни да зборувам. Некои со причина, некои без причина, ама сите бегаат“, раскажува Јованов.
Жителите на ова село се пожалија дека немаат канализација. Иако сите им ја ветуваат пред секои избори, канализација се уште нема.
„Нема канализација, нема ништо не е направено. Сите се ветуваат пред избори, ама после тоа ништо. Ако се направи нешто пред избори, арно, ако не потоа нема ништо, изјави Ванчо Трајков, земјоделец.
Но немаат ни лекар. Кога имаат потреба од лекарска помош мора да отидат во некое од соседните села, зошто своја амбуланта немаат.
„Нема лекар, преку ден има во Мокриево, ама само до пет часот. Ако ти се случи нешто после 5 часот мора да одите или до Ново село или дури до Струмица.
Овој крај е земјоделски и е познат по црвената пиперка, лубеницата, кикириките. Обработливи површини има, ама мештаните велат дека има се помалку работници за да ги обработуваат.
„Јас и сопругата сами си работиме. Тешко е, ама ако ангажираш и помошници, нема ништо да остане за нас. Мора да работиме, еве и стока гледаме добиток кози, прасиња и сл. и така си живееме,“ објаснува Трајков.
И тоа што се сади, тешко се продава или нема добра цена. Со порастот на трошоците за одгледување на земјоделските култури, земјоделската професија станува неисплатлива велат селаните. Во меѓувреме, реални се стравувањата за некоја година, училиштето да остане без ниту еден ученик.