Вести
Северна Кореја истрела „неидентификуван проектил“ во морето
Северна Кореја истрела најмалку еден „неидентификуван проектил“ кон морето во близина на нејзиниот источен брег, соопшти денеска јужнокорејската војска. Јапонското министерство за одбрана пак, соопшти дека Северна Кореја можеби истрелала балистичка ракета, но не даде повеќе детали. До ова дојде кога амбасадорот на Северна Кореја во ОН на Генералното собрание во Њујорк изјави дека „никој не може да ѝ го ускрати правото на нуклеарно вооружената земја да тестира оружје„.
МААЕ - Северна Кореја „со полна пареа“ напредува со својата нуклеарна програма
„Ние само ја градиме нашата национална одбрана со цел да се одбраниме и сигурно да ги заштитиме безбедноста и мирот во земјата“, рече Ким Сонг. На Северна Кореја ѝ е забрането со резолуции на Советот за безбедност на ОН да развива или тестира балистички ракети. Доколку се потврди дека најновиот тест е балистичка ракета, тоа би било трето вакво лансирање оваа година.
види ги сите денешни вести
Ердоган: Курдските милитанти да се збогуваат со оружјето или „ќе бидат погребани“
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека курдските милитанти во Сирија ќе го остават оружјето или „ќе бидат погребани“, бидејќи борбите меѓу сириските борци поддржани од Турција и курдските групи продолжуваат по падот на сирискиот претседател Башар ал Асад.
По падот на Асад, Анкара постојано инсистираше на распуштање на курдските Единици за заштита на народот (ЕЗШ), тврдејќи дека групата нема место во иднината на Сирија.
„Сепаратистичките убијци или ќе се збогуваат со оружјето или ќе бидат закопани во сириска земја заедно со нивното оружје“, им рече Ердоган пред пратениците од неговата владејачка АК Партија во парламентот.
„Ќе ја искорениме терористичката организација која се обидува да исплете ѕид од крв меѓу нас и нашите браќа и сестри Курди“, додаде Ердоган.
Турција ја гледа курдската милиција ЈПГ, која е главна компонента на Сириските демократски сили (СДС) поддржани од САД за време на граѓанската војна во Сирија, како продолжување на забранетата Курдска работничка партија (ПКК), која го предводеше бунтот против турската држава од 1984 година.
Турција, САД и ЕУ ја прогласија ПКК за терористичка организација. Анкара постојано го повикува Вашингтон и другите да престанат да ја поддржуваат курдската милиција.
Новите лидери на Сирија во вторникот објавија дека постигнале договор со бунтовничките групи за нивно распуштање и интеграција во Министерството за одбрана. Сепак, претставниците на силите предводени од Курдите не присуствуваа на состанокот.
За време на 13-годишната граѓанска војна во Сирија, во која загинаа повеќе од половина милион луѓе, земјата беше распарчена на делови под контрола на различни милитантни групи поддржани од регионалните и светските сили.
Портпаролот на СДС Фархад Шами рече дека за прашањето за интегрирање на неговата група во националните вооружени сили „треба директно да се разговара“, додавајќи дека тоа ќе ја зајакне „цела Сирија“.
Турција е поврзана и со групата Хајат Тахрир ал Шам (ХТШ) која го предводеше соборувањето на Асад и има шпекулации дека Анкара би сакала ХТШ да ги нападне курдските сили, но дека ХТШ не сака да се вклучи во тој конфликт.
Од крајот на ноември, СДС се бори во северна Сирија против борците поддржани од Турција кои започнаа офанзива врз областите под контрола на Курдите во исто време кога ХТШ започна кампања против Асад.
Во вторникот, беа пријавени борби во северна Сирија меѓу групите поддржани од Турција и курдските сили. Турското Министерство за одбрана соопшти дека вооружените сили убиле 21 милитант од курдската милиција и ПКК во северна Сирија и Ирак.
Во изјава за Ројтерс минатата недела, командантот на СДС Мазлум Абди за прв пат го призна присуството на борците на ПКК во Сирија, наведувајќи дека тие помогнале во борбата против таканаречената „Исламска држава“ и дека ќе се вратат дома доколку се договори целосен прекин на огнот, што е основно барање на Анкара.
Тој негираше дека СДС има организациски врски со ПКК.
Надлежните најавуваат мерки против „алчните“ трговци
Институциите од денеска (25 декември) ќе реагираат во однос на цените во маркетите, а доколку трговците продолжат со зголемување на цените на одредени производи реакцијата ќе биде уште поробустна во периодот што следува, најави премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарски прашања по отпочнувањето на проектот за реконструкција на коловозот на патот кон Манастирот „Пеленица“ во Општина Кисела Вода, Мицкоски не откри со какви мерки ќе се соочат трговците, туку нагласи дека граѓаните ќе бидат сведоци на тоа во периодот што следи.
Премиерот посочи дека вчера во Владата разговарале со сопствениците на сите големи супермаркети и оти оставиле добра волја да не биде со пристап кој ќе значи ограничување на цени, за кои тие велеле дека е непопуларна мерка.
„Сакавме да слушнеме од нив, да се поразговара и да се донесе заедничко решение, кое ќе биде прифатено. И тоа се случи. Тоа што некој од нив се служат со трикови, тоа е друга работа. За тоа ќе има соодветни процедури, трае анализата и тие процедури деновиве ќе бидат аплицирани,“ рече Мицкоски.
Тој повтори дека во периодот пред празниците на одредени производи цените биле зголемени и за 25 отсто.
Од 15 декември почнаа да важат цените од таканаречената „новогодишна кошничка“ во која производите би требало да се со пониски цени од минимум 10 проценти.
Бројката на производи кои влегуваат во кошничката се очекува да достигне до 1000, опфатени се околу 80 компании, но во неа не влегуваат маслото шеќерот, кафето и какаото за, како што беше кажено, да не им се направеле големи штети на компаниите.
Големо намалување на бројот на земјоделци во земјава
Бројот на регистрирани земјоделци во земјава денес е околу 65 000, за разлика од пред десетина години кога имало 90 000. Покрај тоа, лозарството е во сериозен пад, а сточарството брои 140 000 грла крупен добиток, иако пред речиси една деценија имаше 260 000. Ова денеска го констатираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, кој сепак изрази надеж дека со правилни мерки насочени за помош на овој сектор, може да се види промена по една година.
Трипуновски на прес-конференција, рече дека Владата ги исплаќа заостанатите субвенции кои требало да бидат тековно исплатени кон сите земјоделци. Според министерот, идната година приоритет ќе бидат стратешките култури, пченицата, јачменот, пченката, градинарството, како и сточарското и млекопроизводството.
„Од наредната година ќе имаме сериозни показатели дека навистина имаме зголемено земјоделско производство. Сега, практично, исплаќаме заостанати субвенции што требало да бидат тековно исплатени и тоа е една од причините зошто нашето земјоделство има сериозен пад. Затоа и повеќе увезуваме од што произведуваме, а ги имаме сите предиспозиции за квантитетно и квалитетно земјоделско производство. Она што изминатите шест месеци Владата и Министерството го покажаа кон земјоделците е враќање на нивната доверба кон институциите. Со новите програми што ги проектираме за 2025-та и со оваа историска исплата што ја правиме годинава, праќаме сигнал дека навистина сакаме и ќе бидеме сериозен партнер на земјоделците“, рече Трипуновски.
Тој додава дека Владата со ребалансот и со пренамена на други програми, со префрлање средства на сметката на Платежната агенција, ги затворила сите заостанати обврски наследени од претходната власт.
„Имаше заостанати обврски за 2023, 2022, 2021, па дури и за 2020 година. Сега ја затвораме календарската 2023-та и имаме сериозна исплата на субвенции од тековната 2024 година. Вкупно 1 700 000 денари се за исплата за 2024 година. Ова никогаш не се случило во македонското земјоделство, покажуваме дека навистина и премиерот и Владата и Министерството со оваа финансиска инјекција за македонските земјоделци сакаме да го вратиме секторот таму каде што некогаш беше“, истакна министерот Трипуновски.
Трипуновски порача дека фокус во Програмата за 2025 година ќе биде производството на производи што ги дозволуваат климатските услови во земјава.
Израелски воздушен напад во источен Либан
Либанските државни медиуми објавија дека израелски воздушен напад го погодил регионот Баалбек во источниот дел на земјата, со што бил „прекршен“ кревкиот прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах.
Примирјето стапи на сила на 27 ноември, по повеќе од една година непријателства што започнаа со избувнувањето на војната во Појасот Газа.
Оттогаш и двете страни меѓусебно се обвинуваат за прекршување на примирјето.
Нападот во среда(25 декември) во близина на градот Тарја не резултираше со жртви, соопшти државната Национална новинска агенција, нарекувајќи го нападот „прво прекршување на договорот за прекин на огнот“ во областа Баалбек.
Извор од либанските безбедносни сили, кој сакаше да остане анонимен, рече дека нападот биле насочен кон „магацини за кои се верува дека му припаѓаат на Хезболах“.
Хезболах со децении владее во јужниот дел на Бејрут, и на југот и на истокот на земјата. Таа е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.
Соединетите Држави, Франција, Либан, Израел и мировници на Обединетите Нации имаат задача да го надгледуваат прекинот на огнот.
Либан побара од страните, особено од САД и Франција да го притиснат Израел да го забрза неговото повлекување од југот на земјата според условите на договорот.
Како дел од примирјето, либанската армија и мировниците ќе се распоредат во јужен Либан додека израелската армија се повлекува во период од 60 дена, кои треба да истечат во јануари 2025 година.
Израелската армија во понеделник (23 декември) соопшти дека ги продолжува своите „одбранбени активности“ на југ „во согласност со договорот“.
Курти ја обвини Српската листа дека го претставува Белград
Косовскиот премиер Албин Курти ја обвини најголемата партија на косовските Срби „Српска листа“ дека е под команда на Белград, додека властите ја разгледуваат нејзината жалба против забраната за учество на претстојните парламентарни избори.
„Српската листа, за жал, го претставува широкиот опсег и високиот степен на мешање на Србија во внатрешните работи на Косово“, изјави синоќа Курти на новинарите.
Централната изборна комисија на Косово во понеделникот (23 декември) и забрани на Српска листа да учествува на изборите на 9 февруари, наведувајќи го „националистичкиот став на партијата и блиските врски со Србија“.
Партијата вчера поднесе претставка до надлежните органи во Приштина.
Член на Државната изборна комисија рече дека не може да одобри „структура која отворено не ја признава државата Косово“.
Доколку повторно биде одбиено учеството на изборите, „Српска листа“ ќе има право на жалба по втор пат до Врховниот суд. Одлуките на Врховниот суд се конечни.
Курти додаде дека Србија му дава азил на поранешниот потпретседател на партијата Милан Радојчиќ, а Приштина бара негова екстрадиција, откако тој ја презеде одговорноста за вооружениот напад врз косовската полиција во близина на манастирот во Бањска, северно Косово, во септември 2023 година.
Инциденти пред белградското Собрание, активисти протестираат против буџетот
Активистите на иницијативата „Мостот останува“ и граѓани на 25 декември се собраа пред Собранието на град Белград на протест на кој, како што велат, сакаат да го спречат донесувањето на „коруптивниот буџет“ на главниот град.
Во еден момент дојде до туркање меѓу дел од толпата и обезбедувањето на собранието. Дел од активистите успеаја да го пробијат безбедносниот кордон и влегоа во градскиот парламент. Набрзо на влезот биле распоредени припадници на жандармеријата и ситуацијата се смирила.
Најголемиот дел од насобраните се пред зградата на улицата, каде што поставија голем транспарент „Корупцијата убива“.
Меѓу нив има и пратеници од опозициските партии. Мила Поповиќ, пратеничка од опозициската Партија на слободата и правдата, за медиумите изјави дека некои граѓани се обиделе да влезат во Градското собрание и да го спречат донесувањето на буџетот за кој сметаат дека е корумпиран.
„Овој буџет е само рамка за збогатување на новокомпонираната прогресивна елита и за натамошно уништување на Белград. Од него се гледа дека сите капитални инвестиции стојат во место, а се е направено во интерес на инвеститорите блиски до српската Прогресивна партија“, рече Поповиќ.
Инаку во Градското собрание се одржува седница на која меѓу другото ќе се расправа за буџетот на Белград, како и за укинување на давачките за јавниот превоз од 1 јануари 2025 година и формирање на Служба за безбедност во Белград.
Граѓански активисти се собраа еден час пред почетокот на седницата и истурија црвена боја на влезот во зградата на Собранието. Набрзо дојдоа општинските служби кои почнаа да го чистат асфалтот пред влезот.
Како што јавија репортерите на Радио Слободна Европа, толпата скандирала „Оставка, Шапиќ“, алудирајќи на белградскиот градоначалник Александар Шапиќ.
Отпечатоци со црвена боја на рацете станаа симбол на борбата против корупцијата во Србија и на протестите што се одржаа низ целата земја по падот на бетонската настрешница од Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 лица.
Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, на 18 декември најави дека ќе се формира белградска Служба за безбедност, и дека една од главните задачи на членовите на службата ќе биде да патролираат низ училиштата и градинките преку ден и по улиците на населените места во текот на ноќта.
Идејата, рече Шапиќ на прес-конференцијата, е да се олесни работата на белградската полиција.
Се урна патнички авион во Казахстан, има преживеани
Патнички авион се урнал во близина на градот Актау во казахстанската област Мангистау, соопшти на 25 декември казахстанското Министерство за вонредни состојби.
Имаше спротивставени извештаи за бројот на преживеани во несреќата, но казахстанските здравствени власти соопштија дека 14 лица биле примени во болница.
„Во моментов, 14 преживеани се пренесени во регионалната болница, од кои пет на интензивна нега“, се вели во соопштението на регионалниот оддел на Министерството за здравство.
Светските агенции јавија дека авионот на „Азербејџан ерлајнс“ летал од Баку за градот Грозни во Чеченија, но поради магла бил пренасочен во Грозни.
Засега нема коментар од авиокомпанијата „Азербејџан ерлајнс“.
Извештаите велат дека во авионот имало најмалку 67 патници и пет членови на екипажот.
Патниците се државјани на Азербејџан, Казахстан, Киргистан и Русија, објавија локалните новински агенции.
Казахстанското Министерство за вонредни ситуации соопшти дека спасувачките екипи се на местото на несреќата и дека противпожарните служби го изгаснале пожарот.
Голем воздушен напад врз енергетската инфраструктура на Украина
Едно лице е убиено во најновиот руски напад со дронови низ Украина. Нападот предизвикал оштетувања на енергетската инфраструктура, соопштија украинските власти.
Сирените за воздушен напад одекнаа над Украина во средата наутро (25 декември), додека воздухопловните сили објавија дека руски крстосувачки ракети Калибр биле лансирани од Црното Море.
Украина се соочува со најтешката зима од речиси тригодишната војна, додека Москва го засилува воздушното бомбардирање и нејзините трупи напредуваат на линијата на фронтот на исток.
Во средата наутро, гувернерот на регионот Херсон извести дека едно лице загинало, а тројца се повредени во нападите во последните 24 часа.
Во регионот Днепропетровск, каде зимските температури се движат околу точката на смрзнување, гувернерот Сергеј Лисак рече дека Русија ја гаѓала електричната мрежа.
„Непријателот се обидува да го уништи електроенергетскиот систем во регионот. Останете на безбедно место додека не се укине предупредувањето за воздушен напад. Грижете се за себе“, напиша Лисак на Телеграм.
Според градоначалникот Игор Терехов, „масовен ракетен напад“ го погодил и североисточниот украински град Харкив рано во средата.
„Харкив е под масивен ракетен напад. Во градот се слушнаа серија експлозии и сè уште има балистички проектили кои се насочени кон градот“, напиша Терехов на Телеграм.
Регионалниот гувернер рече дека имало седум руски напади и дека најмалку три лица биле повредени.
Од почетокот на војната во февруари 2022 година, Русија сериозно ја оштети електричната мрежа на Украина со постојано бомбардирање, предизвикувајќи редовни прекини на струјата.
Украина редовно апелира до своите сојузници за поцврсти системи за противвоздушна одбрана за да се спречат руските напади врз електроенергетскиот систем на земјата.
Минатиот месец Вашингтон и дозволи на Украина да користи американски ракети со долг дострел против воени цели во Русија, што поттикна жестока реторика и ветувања за одмазда од Москва.
Во ноември, Русија лансираше речиси 200 проектили и беспилотни летала насочени кон енергетската мрежа на Украина, при што претседателот Володимир Зеленски тврдеше дека била истрелана „касетна муниција“ во војната.
Двете страни се борат да добијат предност пред Доналд Трамп да биде инаугуриран за претседател на САД во јануари, кој вети дека ќе донесе брз крај на конфликтот, без да предложи конкретни услови за прекин на огнот или мировен договор.
Армијата на Москва тврди дека оваа година запленила повеќе од 190 украински населби, при што Киев се бори да ја одржи линијата поради недостигот на работна сила и муниција.
Руското Министерство за одбрана во средата (25 декември) соопшти дека нивните сили собориле 59 украински беспилотни летала во текот на ноќта.
Годишно обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска напладне (25 декември) ќе има годишно обраќање во Собранието. Ова е прво годишно обраќање во нејзиниот мандат.
Се очекува претседателката да говори за актуелните и случувањата во изминатиот период, како и за очекувањата во следната година во внатрешната и надворешната политика, состојбата во економијата и друго.
Обраќањето на шефицата на државата е во рамки на 25. собраниска седница.
Иран ги укинува забраните за Ватсап и Гугл плеј
Иранскиот совет за сајбер простор гласаше за укинување на забраните за апликациите Ватсап и Гугл плеј, објавија државните медиуми.
На состанокот на 24 декември Врховниот совет за сајбер простор едногласно гласаше за укинување на ограничувањата за некои апликации во странска сопственост, вклучително Ватсап и Гугл плеј, објави државната новинска агенција ИРНА.
Не е јасно кога одлуката ќе стапи на сила. Советот ги одржува седниците зад затворени врати и не се објавува јавно како гласале членовите поединечно.
ИРНА извести дека членовите гласале за укинување на ограничувањата, но и дека истовремено „ја нагласуваат и важноста од управувањето со владеењето на правото во сајбер просторот“.
Овие две апликации беа ограничени во 2022 година, по избивањето на протестите под слоганот „Жени, живот, слобода“, кои потоа беа задушени.
Советот за сајбер простор, кој беше формиран по налог на иранскиот лидер Али Хамнеи, исто така ја нагласува и „поддршката за домашните платформи“.
Додека забраните за Ватсап и Гугл плеј се укинуваат, останатите платформи и социјални мрежи како што се Фејсбук, Икс, Телеграм и Јутјуб, остануваат блокирани во Иран.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете