Штетите од пожарите кои се уште се активни низ земјата ќе се знаат откако тие ќе бидат локализирани, но ако се земат предвид бројките од претходните години се работи за милионски суми. Илјадници хектари шума се уништија во изминатиот период, а надлежните се уште се борат со огнената стихија. Од 3 август се воведе забрана за движење во шумските предели низ земјата.
Директорката на Јавното претпријатие Национални шуми Јулиана Николова вели дека во моментот не може да се утврдат штетите бидејќи треба да заврши процесот за да може истата да се пресмета.
„По завршувањето на стихијата ние имаме екипи коишто излегуваат на терен кои што утврдуваат штетата која што е направена и материјална и финансиска и пошироко. Тука зависи од видот на дрвата и на каква површина се така што ние ќе ги направиме сите проценки после завршувањето на огнената стихија“, вели Николова.
За две години штети од 14 милиони евра
Во 2020, според годишниот извештај на Македонски шуми во земјата имало имало 102 пожари. Вкупно била опожарена површина од 1.233 хектари. Oпожарената дрвна маса изнесувала 8.138 м3. Додека пак била причинета штета од околу 1 милион и 300 илjaди евра.
„Што е значителна бројка која што е штета не само за претпријатијата и за државата она што може да се измери во материјални средства. Штетата што е многу поширока во смисла на екосистемски штети е огромна и ненадоместлива“ истакнува Николова.
Во 2019, според годишниот извештај на Македонски шуми во земјата имало имало 402 пожари или четири пати повеќе од лани. Загубите се далеку поголеми, односно биле опожарени 15.675 хектари. Oпожарената дрвна маса изнесувала 95.938 м3. Штетата која ја нанеле пожарите била околу 13 милиони евра.
Колку чини пошумувањето зависи од површината, од видот на почвата и какво дрво каде успева, додава Николова. Според неа, потребни се неколку децении за обнова на опожарените површини.
„Во консултација со колегите кои се експерти во оваа област околу 50 години треба да дојде во некоја првобитна состојба, што е навистина многу“, истакнува таа.
Владата на 5 август поради пожарите прогласи кризна состојба во траење од 30 дена.
„Одлуката за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради зголемена појава на пожари и спречување од нивно ширење во траење од 30 дена е донесена со оглед на потребата од рационално користење на националните ресурси и координираното дејствување на сите засегнати институции, заради зголемената појава на пожари и спречување на нивно ширење“, се наведува во соопштението на Владата.
Во 2020 вкупно имало пошумување од 569 хектари, според податоците на Државниот завод за статистика. Поголема е бројката во 2019 и 2018 година кога по речиси илјада хектари биле насадаени. За трите години било извршено пошумување со 2493 хектари. Вкупната површина на шума лани, како што наведува статистика изнесувала 910.552 хектари.