Достапни линкови

Вести

Во изгорената куќа во Челопек не се пронајдени остатоци на опожарено лице

Изгорени куќи во селото Челопек, Старо Нагоричане
Изгорени куќи во селото Челопек, Старо Нагоричане

Откако е извршен детален увид на местото на опожарената куќа во Челопек, Старо Нагоричане, не се пронајдени остатоци кои укажуваат на опожарено лице. Распишана е потрага по лицето, информираа денеска надлежните од МВР.

Инаку, во текот на вчерашниот ден на терен со машина од комуналното претпријатие темелно се расчистуваше просторот околу куќата која претходно, со уште две соседни беше зафатена од пожар во Челопек, Старо Нагоричане.

Сопственикот на куќата изјави дека неговата сопатничка, 60 годишна жена, не успеала да му избега на пожарот и тој се сомнева дека изгорела.

види ги сите денешни вести

Новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева ја прими Меѓународната награда за слобода на печатот

Алсу Курмашева
Алсу Курмашева

Алсу Курмашева, новинарка на Татарско-башкирскиот сервис на Радио Слободна Европа, ја прими Меѓународната награда за слобода на печатот од страна на Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) на церемонијата одржана во Њујорк на 21 ноември.

Курмашева, која неодамна беше ослободена откако помина 288 дена во притвор во Русија, се заблагодари на Комитетот за напорите да биде ослободена.

„Новинарството не е кривично дело“, рече таа, истакнувајќи дека во моментов во Русија се затворени повеќе од 20 новинари.

Курмашева додаде дека наградата им ја посветува на нејзините колеги кои сè уште се затворени, вклучувајќи ги новинарите на РСЕ Ихар Лосик и Андреј Кузнечик во Белорусија, Владислав Јесипенко на Крим и Фарид Мехрализада во Азербејџан.

„Моите колеги не се само статистика. И тие како и мене се вистински луѓе со семејства на кои им недостасуваат и ги сакаат. Има десетици други новинари во руските затвори. Тие треба веднаш да бидат ослободени“, рече Курмашева.

Меѓу другите добитници на наградата оваа година беа палестинскиот новинар Шорук ал-Аила, новинарот од Гватемала Кими де Леон и нигериската истражувачка новинарка Самира Сабу.

Приведена од властите во јуни 2023 година додека била во посета на роднините во централниот руски град Казан, Курмашева првично беше обвинета дека не го пријавила американскиот пасош. Прво беше ослободена, но и беше забрането да ја напушти земјата.

Во октомври Курмашева беше уапсена, затворена и обвинета дека е непријавен „странски агент“ - според спорниот руски закон насочен против новинари, активисти на граѓанското општество и други.

Нејзиното обвинение подоцна беше дополнето со дистрибуирање на, како што тврди владата, лажни информации за руската војска, обвинение што произлегува од нејзината работа како уредник на книга за Русите кои се противат на тековната инвазија на Украина.

РСЕ, како и владата на САД, ги нарекоа обвиненијата апсурдни.

Размената на затвореници, која се реализираше на 1-ви август, опфати вкупно 24 лица, вклучувајќи ги Курмашева, новинарот на Вол Стрит Џурнал, Еван Гершкович и рускиот политички активист Владимир Кара-Мурза.

Украинскиот парламент ја откажа седницата поради закана од ракетен напад

Зградата на украинскиот парламент во Киев, Украина
Зградата на украинскиот парламент во Киев, Украина

На украинските пратеници им беше препорачано да ја избегнуваат областа околу парламентот на 22 ноември, а парламентот ја откажа закажаната седница поради предупредувањата за потенцијален ракетен напад.

„Ние бевме информирани за ризикот од ракетен напад врз Врховната Рада во Киев во наредните денови. Путин значително го зголеми влогот. Утрешната парламентарна седница е откажана“, објави вчера пратеникот Тарас Батенко.

Другите пратеници за Радио Слободна Европа го потврдија откажувањето на седницата, а пратеникот Олексеј Хончаренко на Телеграм рече дека следната седница сега е планирана за декември.

Лидерите на парламентот официјално не ги коментираа предупредувањата. Кабинетот на претседателот ја увери јавноста дека ќе продолжи да работи „како и обично“ на 22 ноември.

Овој потег доаѓа еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин го објави „успешното борбено тестирање“ на новата балистичка ракета со среден дострел „Орешник“ во Украина.

Путин тврди дека проектилот бил употребен во нападот врз источниот украински град Днипро, тврдејќи дека тоа е одговор на „агресивните дејствија“ на НАТО и тоа што Украина користи ракети испорачани од Западот за цели на руска територија.

Воздухопловните сили на Украина известија за повеќекратни ракетни напади врз Днипро на 21 ноември, вклучително и употреба на, како што рече, интерконтинентална балистичка ракета. Локалните власти потврдија штети на индустриски капацитети, два пожари и три повредени.

Киев веќе неколку дена е цел на интензивните напади околу Украина од страна на Русија.

Амбасадата на САД во Украина предупреди на значителен руски воздушен напад на 20 ноември, што доведе до привремено затворање на нејзините операции. Амбасадите на Шпанија, Италија и Грција, исто така, ги прекинаа услугите за тој ден.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи кружеа шпекулации за потенцијални напади со балистички ракети РС-26 Рубеж од рускиот регион Астрахан, иако на 20 ноември информациите не беа потврдени.

ОН: Рекорден број загинати хуманитарни работници во 2024 година

Член на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) по израелскиот напад врз конвојот управуван од таа организација во Појасот Газа, 14 мај 2024 година
Член на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) по израелскиот напад врз конвојот управуван од таа организација во Појасот Газа, 14 мај 2024 година

Годинава се убиени повеќе хуманитарни работници отколку во било која година досега, соопшти во петок (22 ноември) хуманитарната канцеларија на Обединетите Нации, наведувајќи дека мнозинството биле убиени во конфликтот во Појасот Газа.

Според базата на податоци за безбедност на хуманитарните работници, која евидентира вакви инциденти од 1997 година, досега оваа година загинале 281 хуманитарен работник.

Претходниот рекорден број на смртни случаи на хуманитарни работници беше минатата година кога беа убиени 280 лица.

Базата на податоци покажува дека 178 хуманитарни работници биле убиени на окупираните палестински територии, вклучувајќи го и Појасот Газа. Во Судан загинаа 25 хуманитарни работници.

Повеќето од загинатите се локални вработени во хуманитарни организации, додека 13 од нив се хуманитарни работници кои дошле од други земји, соопштија од ООН.

„Ова насилство е несовесно и уништувачко за хуманитарните операции. Државите и страните во конфликтот мора да ги заштитат хуманитарците, да го почитуваат меѓународното право, да ги гонат одговорните и да стават крај на оваа ера на неказнивост“, изјави портпаролот на Канцеларијата за хуманитарна помош на ОН (OCHA), на прес-конференција во Женева.

Хуманитарните работници уживаат заштита според меѓународното хуманитарно право, но експертите велат дека има мал преседан таквите случаи да одат на суд, бидејќи бариерите за тоа вклучуваат загриженост за обезбедување иден пристап за хуманитарните организации и тешкотии во докажувањето на намерата.

Ден по налогот за апсење на Нетанјаху, Орбан го покани израелскиот премиер во Унгарија

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и унгарскиот колега Виктор Орбан (архивска фотографија)
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и унгарскиот колега Виктор Орбан (архивска фотографија)

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го покани својот израелски колега да ја посети Унгарија, пркосејќи му на налогот за апсење за Бенјамин Нетанјаху, издаден од Меѓународниот кривичен суд (МКС).

Орбан, говорејќи за време на неговото редовно неделно интервју за унгарското државно радио, на 22 ноември рече дека одлуката на МКС еден ден претходно да издаде налог со кој се обвинува Нетанјаху за „злосторства против човештвото и воени злосторства“ извршени за време на војната во Газа е „безобразно дрска“ и „цинична“.

МКС издаде слични налози за апсење на поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант и воениот водач на Хамас за кој Израел тврди дека го убил, но чија смрт групата која е прогласена за терористичка од САД и ЕУ официјално не ја признаа.

МКС соопшти дека Нетанјаху и Галант се осомничени дека користеле „гладување како метод на војување“ со ограничување на хуманитарната помош додека гаѓале цивили во израелската војна во Газа - обвиненијата што израелските власти ги негираат.

Орбан рече дека потегот на МКС против Нетанјаху „интервенира во тековен конфликт... обликуван како правна одлука, но всушност за политички цели“.

„Подоцна денеска ќе го поканам израелскиот премиер г-дин Нетанјаху да ја посети Унгарија, каде што ќе му гарантирам, доколку дојде, дека пресудата на МКС нема да има ефект во Унгарија и дека нема да ги следиме нивните услови“, додаде тој.

„Овде нема избор, мораме да и пркосиме на оваа одлука“, рече Орбан.

Набргу по објавувањето на одлуката на МКС, првиот човек на Европската Унија, Жозеп Борел, рече дека одлуките на МКС „се обврзувачки за сите земји-членки на Римскиот статут, кој ги вклучува сите земји-членки на ЕУ“.

Унгарија, земја членка на НАТО и Европската Унија, го потпиша и ратификуваше документот од 1999 година. Сепак, таа не ја објави поврзаната конвенција на статутот и затоа тврди дека не е обврзана да се придржува кон одлуките на МКС.

Како десничарски националист на власт од 2010 година, Орбан одржува блиски односи со рускиот претседател Владимир Путин и изрази противење на санкциите на ЕУ наметнати на Москва по нејзината неиспровоцирана инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Орбан претходно изјави дека ниту Унгарија нема да го уапси Путин, и покрај налогот за апсење на МКС издаден по името на рускиот лидер за воени злосторства за неговата улога во депортирањето на украинските деца.

Понатаму, тој отпатува за Москва во јули веднаш откако Унгарија го презеде ротирачкото шестмесечно претседавање со ЕУ за да се сретне со Путин.

Oд 30 ноември Македонците ќе патуваат во Кина без визи

илустрација
илустрација

Кинеското Министерство за надворешни работи денеска (22 ноември) соопшти дека ќе ја прошири политиката на безвизен режим за уште девет земји, меѓу кои и Северна Македонија.

„Помеѓу 30 ноември 2024 година и 31 декември 2025 година, политиката за ослободување од визи ќе се применува за обичните носители на пасоши и од Бугарија, Романија, Хрватска, Црна Гора, Малта, Естонија, Летонија и Јапонија“, соопшти на прес-конференција во Пекинг портпаролот на МНР на НР Кина, Лин Џијан.

Покрај тоа, Кина ќе го продолжи и периодот на безвизен престој од сегашните 15 на 30 дена, пренесе државната телевизија ЦЦТВ.

Почнувајќи од 30 ноември 2024 година, имателите на обични пасоши од 38 земји, вклучувајќи ги и дополнително додадените девет земји, ќе можат без виза да влезат во Кина за бизнис, туризам, посета на роднини и пријатели, размена на посети и транзит, не подолго од 30 дена.

Се одбележува Денот на албанската азбука

Северна Македонија - Свечена академија во Владата по повод одбележувањето на Денот на албанската азбука, Скопје, 22.11.2024 година.
Северна Македонија - Свечена академија во Владата по повод одбележувањето на Денот на албанската азбука, Скопје, 22.11.2024 година.

Денот на албанската азбука е потсетник за тоа како писменоста и образованието можат да бидат мостови меѓу луѓето, рече премиерот Христија Мицкоски на свечената академија во Владата по повод одбележувањето на 22 ноември, Денот на албанската азбука.

„Не темите што нѐ разделуваат, не политичките барања на поединци кои многу години претходно се криеја зад народот кого го крадеа. Јасното фокусирање кон приоритетите, кон реалните потреби за образование, економија и напредок ни помагаат да ги надминеме разликите, да ги споделиме нашите вредности и да изградиме посилна, поединствена заедница“, рече Мицкоски во обраќањето.

Вицепремиерот Изет Меџити рече дека одбележувањето на овој ден е во време на жестока дебата „која предизвикува непотребни тензии“.

Уставниот суд оформи предмет Законот за употреба на јазиците, поради што реагираше опозициската ДУИ.

„Ниту едно добиено или спроведено право не може да се укине или ограничи бидејќи ако сакаме луѓето да бидат третирани еднакво во мултиетнички општества тогаш наша должност е да им обезбедиме или гарантираме уживање и остварување на стекнатите права и слободи“, рече Меџити.

ДУИ организира посебна дебата насловена „Службен албански јазик - столб на Охридскиот договор“.

„Сметаме дека овој важен ден не треба да се посвети само од историски контекст, туку и од аспект на предизвиците што денеска ги има албанскиот јазик. А, посебно поради фактот што се предизвикува официјалноста на јазикот преку иницијативите поднесени пред Уставен суд од политичари и политички партии. Ние сметаме дека официјалниот албански јазик е еден од најважните елементи на Рамковниот договор“, рече Бујар Османи, потпретседател на ДУИ.

Државниот врв претходно упати честитки до албанската заедница по повод празникот.

На 22 ноември се одбележува годишнината од Битолскиот конгрес на кој десетици албански научници од 14 до 22 ноември 1908 година се состанале за да ја создадат албанската азбука. На Конгресот била усвоена одлуката да се прифати латиницата со извесни промени на буквите адаптирани на особеностите на албанскиот јазик.

Платформа за родова еднаквост: Разочарувачка е пресудата против 13 лица за трговија со дете

Северна Македонија - Пресуда против 13 лица за трговија со дете, полов напад и силување, Кривичен суд - Скопје 20.11.2024
Северна Македонија - Пресуда против 13 лица за трговија со дете, полов напад и силување, Кривичен суд - Скопје 20.11.2024

Огромно разочарување е пресудата што Кривичниот суд во Скопје ја донесе против 13 лица за трговија со дете, полов напад и силување, и производство и дистрибуција на детска порнографија, соопшти Платформа за родова еднаквост.

Кривичниот суд на 20 ноември осуди 13 велешани на возраст од 22 до 32 години дека сексуално злоупотребиле малолетничка, ја снимале и ги препраќале снимките. Највисоката казна е пет и пол години затвор, а најниската е условна осуда.

„Изречените затворски казни под законски утврдениот минимум за вакви сериозни дела од организиран криминал, ја минимизираат правата тежина на овие дела и со тоа ја амнестираат кривичната одговорност на сторителите. Ваквите ублажени казни, наместо да ги одвратат од сторување на исти или слични дела може да ги охрабрат мажите во иднина повторно да вршат вакви форми на родово базирано и сексуално насилство“, велат од Платформата за родова еднаквост.

Според нив, овој случај ја нагласува итната потреба од системски реформи, вклучително и построги казни за злосторства против девојчиња и жени.

Според соопштението на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција кое беше објавено во јануари 2023 година, првообвинетиот, 25-годишен велешанец, започнал комуникација со девојчето кое се уште немало наполнето 14 години преку апликацијата „Инстаграм“.

Ѝ ветил љубовна врска, но уште на првата средба ја снимал со телефон.

„На првата средба бил направен порнографски материјал што првоосомничениот го користел како закана за да го присили девојчето да доаѓа и на други средби, заканувајќи се дека доколку не дојде, материјалите со интимна содржина ќе ги објави и ќе ги сподели на социјалните мрежи, со што ќе и наштети на нејзината чест и углед“, пишуваше во соопштението.

По ова во периодот од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 со употреба на закана над детето поврзани со снимките кои ги поседувал, им овозможил на другите обвинети и на други непознати луѓе да вршат полови дејствија со што таа станала и жртва на трговија со луѓе, по пат на сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија.

Иран планира да инсталира „нови напредни“ центрифуги како одговор на резолуцијата на МААЕ

Состанок на Бордот на гувернери на МААЕ во Виена
Состанок на Бордот на гувернери на МААЕ во Виена

Иран на 22 ноември соопшти дека ќе започне со инсталирање на голем број „нови и напредни“ центрифуги како одговор на резолуцијата усвоена од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на Обединетите Нации, која ја критикува Исламската република за, како што вели, лошата соработка.

Резолуцијата, која доаѓа веднаш по враќањето на шефот на МААЕ, Рафаел Гроси од патувањето во Иран, наводно апелира дека е „суштинско и итно“ Техеран „да дејствува за да ги исполни своите законски обврски“.

Во заедничкото соопштение на иранското Министерство за надворешни работи и Агенцијата за атомска енергија се вели дека шефот за нуклеарна енергија Мохамад Ислами „издал наредба за преземање ефективни мерки, вклучително и лансирање на значителна серија нови и напредни центрифуги од различни типови“.

Иранското соопштение доаѓа откако одборот на МААЕ на 21 ноември издаде втора резолуција со која се осудува соработката на Техеран со агенцијата по слично предупредување во јуни.

Резолуцијата на МААЕ, поднесена од Франција, Германија и Велика Британија и поддржана од Соединетите Држави, доаѓа во критичен момент кога новоизбраниот претседател Доналд Трамп се подготвува да се врати во Белата куќа во јануари.

Трамп за време на неговиот прв мандат започна кампања за „максимален притисок“ за засилени санкции врз Иран и еднострано ги повлече Соединетите Држави во 2018 година од историскиот договор од 2015 година со кој беа укнати некои санкции кон Иран во замена за ограничување на неговата нуклеарна програма, за која Западот се сомнева дека е насочена кон развивање на нуклеарно оружје. Иран тврди дека неговата нуклеарна програма е мирна.

Резолуцијата донесена на 21 ноември, исто така, го повика Иран да соработува во истрагата која започна откако беа пронајдени честички од ураниум на две локации кои иранските власти не ги прогласија за нуклеарни локации.

За резолуцијата гласаа 19 од 35-те членки на одборот на МААЕ. Русија, Кина и Буркина Фасо се спротивставија, 12 членки беа воздржани, додека еден не гласаше, изјавија за АП дипломати кои сакаа да останат анонимни.

Исто така, Резолуцијата ја повикува МААЕ да излезе со „сеопфатен извештај“ за иранските нуклеарни активности до пролет.

За време на посетата на Гроси, Иран се согласи со барањето на МААЕ да ги ограничи залихите на ураниум. Сепак, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, кој беше главен преговарач на Техеран за договорот од 2015 година, предупреди дека Иран нема да преговара „под притисок“.

Двајца загинати, 12 ранети во руските напади на Суми

Суми, Украина
Суми, Украина

Две лица загинаа, а 12 се ранети во руските напади врз Суми рано утрината на 22 ноември, објави Артем Кобзар, градоначалник на градот во североисточна Украина во видео изјава на каналот Телеграм.

„Во Суми се слушнаа неколку силни експлозии“, вели тој на видеото, додавајќи дека на местото на експлозиите работат спасувачки екипи, полиција и брза помош.

Кобзар ги повика жителите да се засолнат.

Украинското воено воздухопловство соопшти дека во тек се напади со руски беспилотни летала во четири региони - Суми, Киев, Чернихив и Житомир.

Трамп ја номинираше Пем Бонди за јавна обвинителка

Пем Бонди
Пем Бонди

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ја номинираше ветеранската обвинителка Пем Бонди за нов јавен обвинител, неколку часа откако Мет Геjц се повлече од можен кандидат.

Бонди има долгогодишно искуство во спроведувањето на законот и претходно служеше како јавен обвинител на Флорида, јавија американските медиуми.

Долгогодишниот сојузник на Трамп, Бонди беше дел од неговиот правен тим за време на неговото прво судење за импичмент во Сенатот, а исто така јавно го поддржа појавувајќи се на суд за време на неговото судење за давање мито во Њујорк.

„Пем беше обвинителка скоро 20 години, беше многу строга кон насилните криминалци и ги направи улиците безбедни за семејствата од Флорида“, рече Трамп во објава на социјалните мрежи сооштувајќи го својот избор.

Бонди е блиска со Трамп од неговата кампања во 2016 година, а пред гласачите на неодамнешниот митинг на Трамп рече дека го смета за „пријател“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG