Достапни линкови

Вести

Русија и Кина предлагаат укинување на високиот претставник во БиХ

Валентин Инцко, поранешен висок претставник за Босна и Херцеговина (л) и Кристијан Шмит, новоназначен висок претставник за Босна и Херцеговина, комбинирана фотографија, 27 мај 2021 година
Валентин Инцко, поранешен висок претставник за Босна и Херцеговина (л) и Кристијан Шмит, новоназначен висок претставник за Босна и Херцеговина, комбинирана фотографија, 27 мај 2021 година

Русија и Кина пред Советот за безбедност на Обединетите нации претставија нацрт-резолуција со која на меѓународниот висок претставник во Босна и Херцеговина веднаш ќе му се одземе овластувањето да го надгледува спроведувањето на мировниот договор од 1995 година со кој се стави крај на војната, а оваа позиција да се укине во рок од две години. Во кратката нацрт-резолуција, до којашто дојде Асошиејтед прес, се вели дека овластувањата дадени на високиот претставник „повеќе не се потребни со оглед на напредокот постигнат од босанските страни“. Нацртот го поддржува назначувањето на високиот претставник Кристијан Шмит од Германија „до 31 јули 2022 година, кога се очекува затворање на Кабинетот на високиот претставник (ОХР)“.

Додик: Не го прифаќаме Шмит за нов Висок претставник за БиХ


Управниот одбор на Амбасадорите на Советот за имплементација на мирот на 27 мај официјално го назначи Шмит за следен висок претставник. Тој треба да ја преземе функцијата на 1 август по оставката на Валентин Инцко, кој ја извршуваше функцијата 12 години. Овластувањата на високиот претставник беа критикувани од српските претставници во БиХ, кои се тесно поврзани со Русија. АП наведува дека не е јасно дали Советот за безбедност на Обединетите нации, кој не беше вклучен во Дејтонскиот договор, ќе има моќ да го затвори ОХР. Русија и Кина најверојатно ќе се соочат со противење на Соединетите држави и членките на Европскиот совет.

види ги сите денешни вести

Украина тврди дека севернокорејски војници биле убиени и ранети во Курск

Истражувачката единица на украинскиот сервис на РСЕ добила фотографии од украински воени извори на кои се гледаат телата на убиените во Курск, меѓу кои, наводно, има и севернокорејски војници
Истражувачката единица на украинскиот сервис на РСЕ добила фотографии од украински воени извори на кои се гледаат телата на убиените во Курск, меѓу кои, наводно, има и севернокорејски војници

Најмалку 30 севернокорејски војници кои се бореле за Русија биле убиени или ранети во западниот руски регион Курск, соопшти украинското разузнавање.

Ова е првпат Киев да даде таков детален извештај за загубите на Северна Кореја откако Пјонгјанг испрати војници да и помогнат на Москва.

Главната управа за разузнавање на украинската војска (ГУР) во соопштение на 16 декември информираше дека севернокорејските единици претрпеле „значителни загуби“ во близина на селата Мартиновка, Плехово и Ворожба.

На 15 декември, Шеми (Schemes), истражувачка единица на украинскиот сервис на РСЕ, доби фотографии од украински воени извори на кои наводно се прикажани телата на загинатите војници во Курск, вклучително и, како што се вели, на севернокорејски борци.

РСЕ не можеше независно да го потврди тврдењето. Русија не го коментираше извештајот.

Украинските трупи го започнаа упадот во областа Курск во август и сè уште контролираат некои области.

Русија почна да распоредува илјадници севернокорејски војници во регионот во октомври.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 14 декември изјави дека Москва почнала да вклучува повеќе севернокорејски трупи во обид да ги потисне украинските сили во Курск.

Проценките на дел од аналитичарите говорат дека руските жртви надминуваат 600 000, а рускиот претседател Владимир Путин сака да избегне втора масовна мобилизација.

Во меѓувреме, информиран извор од Украинската Служба за безбедност (СБУ) за украинскиот сервис на РСЕ изјави дека Киев користел беспилотни летала минатата недела со цел уништување на руско складиште за муниција во селото Маркине во областа Доњецк, окупирана од Русија.

Инаку Киев соопшти дека Русија лансирала 49 дронови од типот Шахед против Украина во раните утрински часови на 16 декември. Се додава дека 27 биле соборени, на 19 им е изгубена трагата, а три останале во украинскиот воздушен простор.

Украинската војска соопшти дека ниту едно од беспилотните летала не предизвикале штета и евентуални жртви.

Норвешка ќе обезбеди 240 милиони долари за зајакнување на украинската морнарица

Знамето на Норвешка
Знамето на Норвешка

Норвешка ќе обезбеди 2,7 милијарди круни (240 милиони долари) за зајакнување на украинската морнарица за да и помогне да ги одврати руските сили во Црното Море, соопшти денеска норвешката Влада.

„На Украина и треба поголема поддршка за да ги одврати руските поморски сили во Црното Море во претстојното време. Неопходно е да се заштити украинското население и украинската инфраструктура од нападите на руската Црноморска флота. Исто така, важно е да се заштити извозот преку море на жито и други производи, кои генерираат клучни приходи за Украина“, се наведува во соопштението на премиерот Јонас Гар Сторе.

Според Владата, 100 милиони круни претходно биле наменети за поморска обука и други мерки во 2025 година и сега таа одобрила нов пакет.

Од Владата додаваат дека поддршката ќе вклучува донации од норвешките вооружени сили, како и воена опрема набавена од индустријата за донацијата.

Путин го обвини Западот дека ја турка Русија до нејзините „црвени линии“

Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин во понеделник (16 декември) го обвини Западот дека ја турка Русија до нејзините „црвени линии“, ситуации за кои јавно кажа дека нема да ги толерира и како што рече, Москва ќе биде принудена да одговори.

Путин на состанокот со претставници на одбраната изјави дека Русија со загриженост го следи развојот на настаните во Соединетите Држави и потенцијалното распоредување на ракети со краток и среден дострел во Украина.

Тој рече дека Русија ќе ги укине своите доброволни ограничувања за распоредување на сопствени ракети доколку САД отиде понапред и распореди такви проектили.

Рускиот претседател вели дека руските сили во Украина презеле контрола врз 189 населени места досега оваа година и додаде дека руското нуклеарно оружје е таму за одвраќање на нападите.

Во меѓувреме, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека Украина продолжува да ги одбива преговорите со Русија, додека Москва и натаму е подготвена да ги продолжи преговорите врз основа на договорот од Истанбул од 2022 година.

Тој потсети на предлогот на Унгарија за размена на затвореници и Божиќното примирје во Украина, што беше поддржано од Москва, но не и од Киев. Посочи дека рускиот претседател Путин разговарал со унгарскиот премиер Виктор Орбан и дека Путин ги поддржувал мировните напори на Унгарија, додека украинската страна одбила.

Онкологија ги доби биолошките лекови што недостигаа

Универзитетска клиника за онкологија
Универзитетска клиника за онкологија

Двата биолошки лека кои недостигаа на Клиниката за онкологија од денеска (16 декември) ги има за пациентите, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.

„Среќен сум да известам дека сите пациенти за кои недостигаше, од денеска ги имаат и овие два биолошки лека“, изјави Таравари на настан на кој беше најавен проект за унапредување на образованието за медицински сестри и акушерство.

Соопшти дека постојано е во комуникација со директорот на Онкологија и дека доцнењето се должело на тендерските процедури.

„Процедурите за набавка на одредени лекови траат и ако објавите пред три месеци тендер за тие лекови, мора да причекате и време на жалба и одредени процедури. Бидејќи се работи за меѓународни тендери потребно е време. Има прекин од само неколку дена, меѓутоа јас сум за тоа и тогаш да се алармира“, рече министерот за здравство.

Во ревизорскиот извештај на Клиниката за онкологија за 2023 година беше истакнато дека биолошка терапија нема за сите пациенти, туку само за 24 отсто од нив.

„Од добиените податоци пациенти кои терапијата ја примаат во дневна болница чиј број во 2023 година изнесува 54423, утврдивме дека само 24% се приклучени на биолошка терапија“, пишува во ревизорскиот извештај.

Минатата година новинарските истражувања открија дека на Клиниката за онкологија се крадела биолошката скапа терапија за болни од карцином, а отворија и сомнежи дека пациентите добивале физиолошки раствор, и терапијата завршувала на црниот пазар.

ЕУ засега нема да санкционира Грузијци поради насилно задушување на протестите

Каја Калас, еврокомесарка за надворешна политика
Каја Калас, еврокомесарка за надворешна политика

Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас денеска (16 декември) рече дека Брисел поднел листа на Грузијци за санкционирање поради задушувањето на прозападните протести, но Унгарија ги блокира мерките.

„Ние го предложивме списокот за санкции за овие луѓе кои користат навистина сила и насилство врз опозицијата, рече Калас пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Сепак таа додаде дека сите треба да се согласат со списокот, и дека се уште се далеку од консензус за ова прашање.

Грузиски новинари претепани од маскирани лица на тековните протести
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:26 0:00

Грузиските власти насилно ги задушија про-ЕУ демонстрантите кои излегоа на улиците во последните недели во знак на протест против одлуката на владата да се откаже од напорите за приклучување кон блокот.

Брисел вели дека има „сериозна загриженост“ за тортура и повика на итно ослободување на затворениците откако повеќе од 400 лица беа уапсени.

Официјални претставници на ЕУ рекоа дека Унијата исто така ја разгледува можноста за воведување ограничувања за имателите на грузиски дипломатски пасоши.

Амнести Интернешнал: Српските власти користат технологија за хакирање на новинари и активисти

Безбедносно-информативна агенција на Србија (БИА), во Белград, 17 октомври 2018
Безбедносно-информативна агенција на Србија (БИА), во Белград, 17 октомври 2018

Српските власти инсталирале шпионски софтвер на телефоните на десетици новинари и активисти, се наведува во извештајот на Амнести интернешнал објавен на 16 декември, повикувајќи се на дигитални форензички докази и сведоштва на активисти кои рекле дека биле хакирани во последните месеци.

„Во два случаи, софтверот обезбеден од израелската фирма за надзор Cellebrite DI Ltd бил користен за отклучување на телефонот. Српската шпионска програма, наречена „NoviSpy“, потоа направи тајни фотографии од мобилни уреди, копираше контакти и ги постави на сервер контролиран од владата“, се вели во извештајот.

„Во неколку случаи, активисти и новинари пријавиле знаци на сомнителна активност на нивните мобилни телефони набргу по разговорот со српската полиција и безбедносните власти“, се додава во соопштението на Амнести.

Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи и агенцијата за разузнавање, БИА, не одговорија на барањата на Амнести за коментар.

Производите на Cellebrite широко се користат од страна на агенциите за спроведување на законот, вклучително и ФБИ, за отклучување на паметни телефони и пребарување докази за нив.

Главниот маркетинг директор на Cellebrite, Дејвид Ги, изјави дека ги истражува наводите на Амнести.

„Ако тие тврдења се вистинити, тоа потенцијално може да биде прекршување на нашиот договор за лиценца за крајниот корисник“, изјави Ги за Ројтерс.

Ако тоа е случај, Cellebrite може да ги спречи српските власти да ја користат нејзината технологија, вели Ги.

Ставањето софтвер за надзор на уредите „апсолутно не е она што го правиме“, вели Ги.

Тој додаде дека Cellebrite почнала да контактира со српските официјални лица, но одби да даде дополнителни детали.

Според Амнести, Србија добила опрема за отклучување телефон од Cellebrite како дел од поширок пакет за да и помогне на Србија да ги исполни барањата за интеграција во Европската Унија.

„Овој пакет, финансиран од Владата на Норвешка и администриран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС), му беше понуден на српското Министерство за внатрешни работи од 2017 до 2021 година за да и помогне на Србија во борбата против организираниот криминал“, се вели во извештајот.

Норвешката влада привремено ја суспендираше испораката на опремата на Cellebrite во Србија во 2018 година, објави Амнести. Норвешката амбасада во Белград, исто така, изрази загриженост за програмата, се додава во извештајот, но УНОПС на крајот ја предаде опремата во јуни 2019 година.

„Тврдењата изнесени во извештајот се алармантни и, доколку се вистинити, тие се неприфатливи“, изјави за Ројтерс заменик-министерката за надворешни работи на Норвешка, Марија Вартересијан.

„Ќе се сретнеме со српските власти, како и со УНОПС подоцна овој месец за да добиеме дополнителни информации за ова прашање. Очекуваме УНОПС да ги истражи наводите“, додаде таа.

УНОПС во соопштението рече дека го поздравува извештајот на Амнести и наведува дека од 2017 година, агенцијата „дополнително ги зајакнала механизмите за проценка и ублажување на потенцијалните негативни ефекти“. Агенцијата не соопштува детали за овие мерки.

Премиерот на Киргистан, Јапаров поднесе оставка

Киргистанскиот премиер Акилбек Јапаров
Киргистанскиот премиер Акилбек Јапаров

Киргистанскиот премиер Акилбек Јапаров поднесе оставка на 16 декември без да даде какво било образложение.

Од кабинетот на киргистанскиот претседател потврдија дека Акилбек Јапаров поднел оставка и ќе биде преместен на друга функција.

Претседателот го назначи Адилбек Касималиев (64) за шеф на кабинетот на министри и вршител на должноста премиер.

Акилбек Јапаров беше под зголемен притисок да поднесе оставка по неодамнешното апсење на високи даночни службеници под обвинение за корупција.

Акилбек Јапаров (60) ја води владата од 2021 година, станувајќи премиер со најдолг стаж во Киргистан.

Централноазиската нација доживеа значителна политичка и социјална нестабилност од стекнувањето независност од Советскиот Сојуз во 1991 година.

Иран ги затвори училиштата поради ниските температури и недостиг на гас

илустрација
илустрација

Иран ги затвори владините канцеларии и ја префрли наставата преку Интернет поради ниските температури и големиот недостиг на гас.

Северните провинции забележаа пад на температурите до -20 °Целзиусови во последните денови, придружени со широко распространети прекини во снабдувањето со гас.

Претседателот Масуд Пезешкијан ги повика граѓаните минатата недела да ги намалат термостатите за 2 Целзиусови степени за да се заштеди енергија. Други владини претставници упатија слични молби на интернет.

И покрај тоа што се наоѓа на второ место од земјите кои имаат резерви на гас во светот, застарената инфраструктура на Иран подолго време се бори да ја задоволи зголемената побарувачка во текот на зимата.

Украинските разузнавачи тврдат дека руските војници во Сирија немаат храна и вода

Ракетен систем испорачан од Русија што се користи во Сирија, август 2013 година
Ракетен систем испорачан од Русија што се користи во Сирија, август 2013 година

Руските војници, кои се уште се во Сирија, немаат храна и вода додека се евакуираат, соопшти разузнавачкиот оддел на украинското Министерство за одбрана.

Рускиот персонал има проблеми во воените бази во Тартус и Хмеимим и на бродовите закотвени на брегот во Средоземното Море, објави Администрацијата на Телеграм на 15 декември.

Тој истакна и дека преостанатите руски војници чекаат воени транспортни авиони, вклучени во евакуацијата, кои треба да достават храна, пишува украинскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Се наведува и дека Русија продолжува да го повлекува својот контингент од оддалечена област во Сирија.

„Истовремено, на некои рути, на Русите им се придружува вооружена група која се спротивставува на режимот на Башар ал Асад“, наведува Администрацијата.

Во соопштението за печатот се додава дека меѓу руските војници има гласини дека Москва се согласила да го задржи своето присуство во втората база, каде има до 3000 војници.

Радио Слободна Европа (РСЕ) не можеше да добие потврда за оваа информација од други извори, а немаше коментар и од руските власти.

Руското Министерство за надворешни работи на Телеграм објави дека на 15 декември евакуирало дел од дипломатскиот персонал од Сирија.

Тоа тврди дека биле евакуирани со специјален лет на руските воздухопловни сили од воздухопловната база Хмејмим.

Руски транспортни авиони ја напуштаат таа воздухопловна база во последните денови, како дел од евакуацијата по падот на сирискиот лидер Башар ал Асад.

Долгогодишниот владетел беше соборен минатата недела во молскавична офанзива предводена од исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТШ).

Сирискиот лидер побегна во Русија, која беше главната поддршка на неговиот режим.

Во Дамаск, ХТШ назначи привремена влада, а нејзиниот водач Ријад ал-Асад, на 15 декември изјави за АФП дека е уверен дека фракциите што помогнаа да се собори Ал Асад ќе се обединат како една сила. ХТШ и преодната влада инсистираа на заштита на правата на сите Сиријци.

Германскиот Парламент треба да му изгласа недоверба на Шолц

Германскиот парламент во Берлин
Германскиот парламент во Берлин

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска (16 декември) ќе го повика германскиот Парламент да и изгласа недоверба на германската влада, што ќе биде првиот формален чекор да се овозможи одржување предвремени избори по распадот на владејачката коалиција.

Доколку парламентот не му изгласа недоверба на Шолц, се очекува тој да поднесе оставка за да се овозможи процедура за избори.

После тоа германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер треба да го распушти Парламентот.

Слободните демократи ја напуштија владејачката коалиција минатиот месец, а Социјалдемократите и Зелените на Шолц сега владејат без парламентарно мнозинство.

Предвремените парламентарни избори во Германија се закажани за 23 февруари. Шолц и министрите во владата ќе останат на функцијата до формирањето на новата влада, што може да потрае со месеци доколку има долги преговори за формирање на владејачка коалиција по парламентарните избори.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG