Платформата „МојГрад“ ја лансиравме пред петнаесетина дена. Во овој краток временски период успеа да собере над 6.000 посетители, да добие 1.300 регистрирани корисници, кои поднесоа 33 предлози што добија над 2.000 гласови.
Трите предлози кои ја добија најголемата поддршка од корисниците и кои ги обработив и ги поднесов на 71. седница на Советот на Град Скопје беа: субвенции за стерилизации и кастрации на миленици со сопственици и маалски миленици со 579 гласови; пристапна инфраструктура за лицата што се движат на тркала со 168 гласови и пренамена на комплексот фабрики „Купрум“ во студентски град и негово вклучување во апликацијата за Европска престолнина на културата за 2028 г. со 128 гласови. Комбинирано овие предлози добија речиси илјада гласови!
Но, тука благородната идеја на коалицијата ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД се судри со трулиот систем за да постигне една од своите цели - да го разобличи и така да ја започне неговата конечна демонтажа. Иако не добив никакво разумно образложение за en bloc одбивањето на сите три исклучително корисни предлози, кои беа изгласани на крајно транспарентен начин - искрена поддршка добив само од еден колега, Садат Рамадани, додека остатокот од опозицијата гласаше воздржано, а владејачкото мнозинство гласаше против. Јасно им е дека прифаќањето на предлози кои се демократски одобрени од граѓаните ќе покаже дека царот е гол, односно колку е суштински бескорисна партиско-политичката класа. Со одбивањето, тие грчевито се држат за каква-таква моќ што моментално ја поседуваат за да покажат дека сè уште се врховниот авторитет, финален арбитер кој треба да им покаже кај им е местото на оние кои се дрзнале да го доведат во прашање функционирањето на системот.
Основен постулат на демократски капацитет е да се слуша гласот особено на опозицијата, а најмногу на јавноста. Оттука, многу логично се наметнува прашањето - кого овие луѓе го претставуваат во Советот? Сите жители на овој град, само своите гласачи или само своите бизнис-партнери? Не можат истовремено да ги претставуваат сите три категории. Моето искуство кажува дека нивниот прв приоритет е да се задоволат потребите на капиталот. Ако олигархијата е среќна, тогаш дел од колачот ќе добијат пријателите во институциите, а ќе има доволно пари и за пропаганда наменета да ги убеди гласачите дека всушност работат чесно и за општото добро.
Во последно време, добивам впечаток дека кај сè поголем број на граѓани ова повеќе не поминува. Константниот пораст на процентот на неопределени гласачи е индикатор дека кризата на претставеност е во својот зенит. Овие, главно млади и образовани, луѓе со прогресивни вредности решението не го гледаат во партиската арена. Тие бараат алтернативна артикулација на политичките ставови, која би ги коригирала вродените недостатоци на партиите - коруптивноста, калкулантството, кариеризмот и бирократијата.
Сите овие феномени беа на увид при обидот да ги внесам предлозите од „МојГрад“ во Советот. Во параноја дека некој ќе му украде политички поени, партискиот естаблишмент експресно се мобилизираше да ја спречи таа можност, наместо едноставно да се оствари тоа што граѓаните го бараат. Затоа и власта се сврте кон стандардниот изговор - дека слични предлози се во институционална процедура. Само што испуштија да кажат дека поради нејзината комплексност, за да бидат остварени - се потребни години. Не кажаа зашто тоа за нив е имплицитно. Таман додека да дојдат избори и да можат нивните партии повторно да начкртаат програма со празни ветувања, за да се омрсат до наредните избори.
Алтернативната артикулација на политичкото организирање, која би го покажала излезот од овој круг, е платформата „МојГрад“. Таму гласот на секој корисник има иста вредност, а индивидуалните компетенции може да дојдат до израз низ дискусијата за предлозите. Транспарентноста е загарантирана, а преку ориентацијата кон конкретни решенија кои ја засегаат целокупната заедница, се неутрализира природниот порив за држење за етнички, идеолошки и други идентитети кои создаваат конфликт. Фактот што „МојГрад“ е основана и одржувана од докажани волонтери за еколошка и социјална правда, чиишто идеали не се за продажба, е најдобриот доказ дека ова е легитимна алатка на промената. За разлика од конвенционалните политичари, ние политиката ја гледаме како средство за подобрување на околината, а не како цел во кариерата.
Кој не се адаптира, нема да преживее. Нови, иновативни идеи во политиката никнуваат насекаде низ Европа, мотивирани од сознанието дека сегашниот систем е неправеден и неодржлив. Заслепени од алчност и суета, измеќарите на партискиот статус кво ќе се борат против промената, ќе одбиваат други модалитети на политичко изразување надвор од нивна контрола, во кое тие и нивните истрошени, авторитарни методи не се наоѓаат во центарот на вниманието, бидејќи од тоа што не можат да го контролираат - се плашат. Не се плашат од другите партии, затоа што знаат дека во партискиот натпревар, нивното време кога-тогаш ќе дојде. Се плашат од нивното целосно истребување како вид.
Тоа е конечната цел на „МојГрад“ - отфрлање на илузијата на партискиот избор преку хоризонталност, непосредност и доверба во сопствените сограѓани. Колку помасовна е нивната партиципација на платформата, толку побрзо ќе дојде промената. Советот може да си дозволи да им удри шлаканица на илјада граѓани. Нека се дрзне да им го направи тоа на десет или на сто илјади!
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.