Достапни линкови

Европските вредности и Генерацијата ЗЕТ


Никола Јовановски, волонтер во Младински сојуз-Крушево
Никола Јовановски, волонтер во Младински сојуз-Крушево

Генерација зет како едни од најкреативните генерации досега, секојдневно користат креативни, иновативни механизми и технологии за да ја подигнат свеста за глобалните закани стремејќи се кон европските вредности пишува за младинската колумна Никола Јовановски, волонтер во Младински сојуз.

Европска Унија. Европска иднина. Европски вредности. Ова се и секако треба да бидат едни од најактуелните теми во современото живеење, но клучно прашање е дали е тоа така во реалноста со акцентирање на состојбите поврзани со младите. Секојдневните наслови во средствата за јавно информирање и модерната интернет комуникација ги вклучуваат овие термини и поголемиот дел од младите во Европа и секако нашата држава се свесни за европската перспектива и иднина меѓутоа неминовно се поставува прашањето, што е со Европските вредности? Колку ние младите ги идентификуваме, препознаваме, знаеме кои се тие вредности, како се имплементираат и зошто се потребни?

Солидарност, демократија, еднаквост, владеење на правото се четири термини кои всушност според мене ги претставуваат најважните Европски вредности. Јас, како припадник на генерација зет, сум сведок како мојата генерација секојдневно го менува светот во секој поглед користејќи ги токму нив како појдовна основа или крајна цел. Но, повторно се поставува прашање колкумина од нив се свесни дека всушност на тој начин свесно или несвесно ги практикуваат споменатите европски вредности?

Би сакал да започнам со солидарноста како европска вредност чие значење вистински го согледавме за време на пандемијата. Економската криза, изгубените животи, крахираните здравствени системи, ограничувањето на правата за патување и огранизирање на јавни манифестации и слично, ни покажаа колку ни е всушност значајна и потребна солидарноста во современите демократски општества.

Ние научивме дека како поединци во сопствената држава или како засебна држава во европското семејство не можеме да направиме многу, меѓутоа доколку се здружиме и солидарно делуваме, можеме да ги направиме и најголемите промени и да ги постигнеме најнедостижните цели, а тоа е и треба да биде нашата клучна карактеристика по која можеби сме, но дефинитивно треба да бидеме препознатливи како генерација.

Продолжуваме со демократијата. Водејќи се од споменатата европска вредност, младите во своите држави иницираат, организираат и остваруваат една низа на активности кои не секогаш се совпаѓаат со политиките на владите во сопствените држави, но истите добиваат приврзаници, позитивни реакции и поддршка во другите европски држави со што според мое мислење се создава критичка мисла кај младите луѓе како спротивност на одредени ретроградни процеси во одредени општества.

Тие го искористуваат правото на слобода на изразување и на демократски начин, обединето и гласно го изразуваат генералното незадоволство кон менаџирањето на ситуацијата со глобалното затоплување, загадувањето, климатските промени, неправдите, расната и половата дискриминација и слично. Генерација зет како едни од најкреативните, најгласните, најупорните и најхрабрите генерации досега, секојдневно користат креативни, иновативни механизми и технологии за да ја подигнат свеста за глобалните закани стремејќи се кон европските вредности, но во поголем број случаеви воопшто и да не се свесни дека станува збор за нив.

Вредностите може да се менуваат, исто како и општествата. Затоа, истите мора да се обновуваат и дискутираат одново секој пат. Вредносните конфликти се нормални и понекогаш можат да бидат причина за општествени преговори. Ваквите конфликти се секогаш различни првенствено помеѓу различни вредности. Некои граѓани сметаат дека овие вредносни конфликти и дискусии се заканувачки, но тие сепак се потребни во демократијата. Демократијата опстојува со дискусии за Европски вредности, размена на различни мислења и општествен дијалог.

Поддржувањето, иницијативата и структурата на општествените дискусии за Европските вредности е важна задача во образованието на младите.
Eднаквост. Една од клучните европски вредности која наместо да биде двигател и сврзно ткиво за поврзување на младите во Европа, во реалноста се почесто станува фактор за поделба, разединување, и нетрпеливост помеѓу младите на повеќе основи (национална, расна, верска, политичка). Токму ние младите од Македонија најмногу го почуствувавме непочитувањето на оваа Европска вредност во изминатата година.

Завршно, сакам да зборувам за владеење на правото. Нашата генерација треба да биде предводник на прогресивните сили во општеството кои ќе иницираат прогрес, демократија, унапредување односно ќе делуваат против ретроградните процеси, водејќи се според европските вредности.

Нашата генерација треба да ги користи механизмите за информирање и вклучување на младите во разговорот за создавање на младинската визија за иднината на нашиот регион, како што е примерот на меѓународната младинска конференцијата ,,Европски вредности за иднината на земјите од Југоисточна Европа“ која веќе 18 години претставува платформа за соодветно вклучување на младите во ЕУ интегративните процеси, воспоставува цврста врска помеѓу младите и ЕУ и најважно од се ја истакнува важноста и потребата на европските вредности.

Младите сакаат да бидат активни, а тоа можеме да го заклучиме од студиите направени во рамките на Извршната агенција за образование и за култура на Европската комисија, кои ни покажуваат дека 53% од младите доброволно се вклучени во активностите на најмалку една организација. За таа цел, потребно е да направиме едно активно општество, исполнето со можности за практикување, имплементирање на европските вредности. Накратко, општество кое ќе живее во духот на европските вредности. По примерот на Европските земји, ние мораме да направиме клучни реформи кои ќе овозможат ангажирање, поврзување и доближување на европските вредности кон младите, како и нивно вклучување во евроинтеграциските процеси.

Часовникот одчукува, минутите минуваат, времето истекува. Затоа, ајде да делуваме сега и да веднаш да започнеме со градењето на општества во кои ќе живеат европските вредности.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG