Достапни линкови

Поголеми плати, но помала куповна моќ


Илустрација.
Илустрација.

Граѓаните се жалат дека платите се ниски, бидејќи има раст на цените, кои според нив некако треба да се регулираат. Упатените сметаат дека позитивен е трендот на покачување на платите во однос на потрошувачката кошница. Меѓутоа, додаваат дека кошницата не може да си ја дозволат сите семејства.

Секоја година се забележува раст на платите, но во истовреме се зголемуваат и трошоците за живот. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, просечната плата изнесува 27.948 денари и е зголемена за 742 денари во однос на истиот период претходната година. Додека пак минималната синдикална кошница која ја пресметува ССМ изнесува 33.772 денари и е за 831 денар повисока од 2020 година. Граѓаните кои ги анкетиравме се жалат дека платите во однос на нивните трошоци се ниски.

„Ни платите ни пензиите не се во сооднос на она што значи покачување на цени. Статистиките кои се направени велат дека околу 33.000 денари би била основна кошничка, меѓутоа јас би додала уште 20% на тоа, зошто статистиката за одредени величини го прави тоа, а реалноста е многу поинаква. Цените се многу повисоко отидени, а пензиите ни пола посто не се покачени во последниве 12 месеци. Цените многу одат нагоре него отколку што се примањата. Трошоците за живот се значитено зголемени, покачувањето на струјата, тивко и нечујно, одредени комуналии кои што не се афирмираат а прилично влијаат на семејниот буџет“, вели една повозрасна Скопјанка.

„Платите се многу се пониски од тоа што е потрошувачката кошничка. Повеќе од дупло“, се надоврзува нејзина помлада сограѓанка.

„Постои катастрофална разлика помеѓу растот на платите и моменталните цени на пазарот, помеѓу висината на платите и пензиите која што не е мрдната и порастот на цените. Цената на еден зејтин е порасната за пола евро во изминативе месеци. Едно литро зејтин. Што понатаму да кажеме за цената на нафтата, за цената на горивото, за цената на услугите, за прехранбени продукти. Секој ден пазарам и секој ден со истите пари влегувам, а со помала кесичка излегувам“ додава уште една млада жена.

Доколку се според растот на просечната плата во однос на потрошувачката кошница во изминатите 5 години ќе се забележи дека платите имале побрз раст, вели извршната директорка на Фајненс Тинк, Благица Петрески. Во 2016 година, како што наведува, просечната плата покривала 67 проценти од потрошувачката кошница, а минатата година 83 отсто, што е позитивен тренд.

„Меѓутоа оваа минимална кошничка не може да си ја дозволат сите семејства. Посебно е проблем кај повеќебројните семејства. и оние со минимални примања. Тие се погодени од два аспекти. Прво во структурата на кошницата потрошувачката на пијалоци и храна е доминантна со околу 80 проценти. Второ нивните примања се често под просечната нето плата. Кај најсиромашните домаќинства поради пониските примања овие издатоци имаат поголемо учество во расположливите средства, па така кај најсиромашните храната и пијалоците учествуваат над 70 проценти. Кај најбогатите учството е под 20 проценти. Оттука најсиромашните домаќинства ги трошат средствата за оваа намена“, вели Петрески.

Цените на мало според статистика, во изминатите 5 години имаат зголемување од 6,7 проценти. И постарите и помладите се согласни дека е потребно да се регулира растот на цените.

„Апсолутно треба да има некаква регулатива, но, за тоа треба стручна анализа, треба стручњаци кои ќе ја направат таа анализа, поготово во време на пандемија. Треба да постои некаков баланс помеѓу потрошувачката кошничка и примањата на месечно ниво. Да не одиме подалеку со муабетот за тоа колку луѓе останаа без работа и колку семејства се доведени до степен на преживување. Тоа е страшно. Ова кај нас е хибриден систем, освен да „ги натоварат своите магариња“ ништо друго не ги интересира, по цена да изгине народот макар и од глад. Апсолутно треба да има покачување на платите и пензиите дотолку повеќе што сега потрошувачката во време на пандемија е зголемена за работи за коишто воопшто не сме ги размислувале претходно“, додава младата жена која ја анкетиравме.

„95 денари за шише масло е многу. Маслото ми падна во очи, иако сè е поскапено, каде денар, два, десет, ама ова е премногу. Порано цените на маслото, брашното беа под надлежност на државата и не смееше да се зголемуваат нивните цени. Треба да се интервенира. Има и голема разлика во цените од продавница до продавница. Или ќе треба да се делиме, каде пазарат сиромашните, каде богатите. Не знам сега колку пари имаат властите, но би требало да има покачување на пензиите. Така беше најавено. Останав на истата пензија веќе петта година по ред“, вели пензионерката Марија Чаловска.

„Мора да има законска регулатива во однос на цените, зошто ако продолжи вака едноставно луѓето нема да можат да преживеат затоа што не сгитнува за ништо. Еве конкретно мајка ми е пензионер, жално е да ги гледаш како се мачат“, се надоврзува нејзина помлада сограѓанка.

Цената на маслото за јадење, според Фајненс Тинк во последите две години е покачена за 28,6 проценти. Половина до тој раст е во изминатите 6 месеци. Петрески смета дека маслото за јадење е еден од исклучоците коишто имаат значаен тренд на раст во последните шест месеци и тоа главно се должи на глобалниот недостиг на ваков тип на производи и производство од сончоглед.

„Сепак тоа не треба нас да не плаши дека во иднина ние би можеле да очекуваме некаков притисок врз инфлацијата. Сметам дека таквите притисоци во моментот не се сериозно нагласени, односно во најмала мера инфлацијата би се задржала во оние нормални рамки за кои што треба да сметаме дека се стабилни“, додава Петрески.

Благо покачуваше има и минималната плата на 15.194 денари. Две минимални плати всушност се помалку од потрошувачката кошница.

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во последните 5 години, како што наведуваат статистичките податоци се искачила за 5522 денари. Додека пак индексот на трошоците за живот за истиот период бележи зголемување за 5,4 проценти. Најголем раст на трошоците од 1,9 проценти има годинава.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG